Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали и ти го познаваш Јехова како Ное, Даниел и Јов?

Дали и ти го познаваш Јехова како Ное, Даниел и Јов?

Луѓето што се склони кон зло, не ја разбираат правдата, а оние што го бараат Јехова разбираат сѐ (ИЗР. 28:5)

ПЕСНИ: 126, 150

1-3. а) Што ќе ни помогне да му останеме верни на Бог во текот на овие последни денови? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

КАКО што се приближува крајот на овие последни денови, злобните сѐ повеќе „никнуваат како трева“ (Пс. 92:7). Затоа, воопшто не нѐ изненадува тоа што многу луѓе не ги почитуваат Божјите мерила. Апостол Павле им кажал на христијаните: „Бидете мали деца во поглед на злото, а во разборитоста бидете возрасни“ (1. Кор. 14:20). Како можеме да го послушаме овој совет?

2 Одговорот се наоѓа во Изреки 28:5, стихот на кој се темели оваа статија. Во него пишува: „Оние што го бараат Јехова разбираат сѐ“. Тоа значи дека тие го разбираат сето она што е потребно за да му угодат на Јехова. И од Изреки 2:7, 9 дознаваме дека Јехова им дава мудрост на оние што го прават она што е исправно. Затоа, тие можат да разберат „што значи праведност и исправно просудување и справедливост, сето она што е на патот на добротата“.

3 Ное, Даниел и Јов имале таква мудрост (Езек. 14:14). Истото е случај и со Божјиот народ денес. А како е со тебе лично? Дали ти ја имаш мудроста од Бог? Ако сакаш да го разбереш сето она што е потребно за да го радуваш Јехова, треба добро да го познаваш него. Затоа, во оваа статија ќе видиме 1) како Ное, Даниел и Јов го запознале Бог, 2) како им користело тоа што го познавале Јехова и 3) како ние можеме да стекнеме вера како нивната.

НОЕ ОДЕЛ СО БОГ ВО ЕДЕН ЗЛОБЕН СВЕТ

4. Како Ное го запознал Јехова, и како тоа што го познавал му користело?

4 Како Ное го запознал Јехова? Уште од почетокот на човечката историја, верните мажи и жени учеле за Бог главно на три начини: од творештвото, од други верни слуги на Бог и од благословите што ги имале кога му биле послушни (Иса. 48:18). Додека ги набљудувал созданијата, Ное имал можност да види изобилство докази дека Бог постои, а можел да научи многу и за Божјите особини. Така можел да разбере дека Јехова е моќен и дека тој е единствениот вистински Бог (Рим. 1:20). Поради тоа, Ное стекнал цврста вера во него.

5. Како Ное дознал која е Божјата намера со луѓето?

5 Во Библијата пишува дека „верата се стекнува од слушање на пораката“ (Рим. 10:17). Од каде Ное слушнал за Јехова? Веројатно од своите роднини. Татко му, Ламех, верувал во Бог и живеел во период додека Адам сѐ уште бил жив. (Види ја сликата на почетокот од статијата.) Метузалем му бил дедо на Ное, а Јаред му бил прапрадедо. Јаред умрел 366 години откако се родил Ное * (Лука 3:36, 37). Можеби од овие мажи и нивните жени Ное дознал дека Јехова ги создал луѓето, дека сакал тие да имаат деца, да ја наполнат Земјата и да му служат Нему. Тој сигурно слушнал и за побуната во рајската градина и за последиците од неа кои и тој самиот можел да ги види (1. Мој. 1:28; 3:16-19, 24). На Ное му се допаѓало она што го учел, и тоа го поттикнало да му служи на Бог (1. Мој. 6:9).

6, 7. Како надежта му ја зајакнала верата на Ное?

6 Надежта ја зајакнува верата. Замисли си колку била зајакната верата на Ное кога дознал дека неговото име, кое веројатно значи „починка; одмор; утеха“, ја пренесува идејата за надеж (1. Мој. 5:29, фус.). Затоа, под водство на светиот дух, Ламех го рекол следново за Ное: „Ќе ни донесе одмор од нашата работа и од маката на нашите раце што ни ја задава земјата, која ја проколна Јехова“. Ное имал надеж дека Бог ќе ги поправи работите. Исто како Авел и Енох, и тој верувал дека „потомството“ ќе ѝ ја смачка главата на змијата (1. Мој. 3:15).

7 Иако не го разбрал во потполност пророштвото од 1. Мојсеева 3:15, Ное без сомнение сфатил дека тоа дава надеж за иднината. Освен тоа, ова ветување било во склад со пораката што ја пренесувал Енох — дека Бог ќе ги уништи злобните (Јуда 14, 15). Очигледно, пораката на Енох, која потполно ќе се исполни во Армагедон, му ги зајакнала верата и надежта на Ное!

8. Како тоа што го познавал Јехова го заштитило Ное?

8 Како му користело на Ное тоа што го познавал Јехова? Бидејќи го познавал Бог, Ное стекнал вера и мудрост. Тоа му служело како заштита, особено во духовен поглед. На пример, бидејќи сакал да му биде пријател на Бог, Ное не се дружел со безбожните луѓе. За разлика од нив, не бил измамен од непослушните ангели кои дошле на Земјата. Луѓето им се восхитувале на нивната натприродна сила, па можеби дури и ги обожавале (1. Мој. 6:1-4, 9). Исто така, Ное знаел дека Јехова имал намера луѓето да имаат деца и да ја наполнат Земјата (1. Мој. 1:27, 28). Затоа, на Ное му било јасно дека сексуалните односи меѓу демоните и жените биле неприродни и погрешни. Со текот на времето, ова станало уште поочигледно бидејќи нивните деца биле многу поголеми и посилни од другите деца. По некое време, Јехова му рекол на Ное дека ќе донесе Потоп за да ги уништи сите злобни луѓе. Бидејќи верувал во ова, Ное изградил арка и така си го спасил семејството (Евр. 11:7).

9, 10. Како може да стекнеме вера како Ное?

9 Како може да стекнеме вера како Ное? Многу е важно внимателно да ја проучуваме Божјата Реч, да го земеме при срце она што го учиме и да го користиме за да се менуваме и за да носиме добри одлуки во животот (1. Пет. 1:13-15). Така верата и мудроста од Бог ќе нѐ заштитат од сплетките на Сатана и од влијанието на овој злобен свет (2. Кор. 2:11). Многумина во светот ги сакаат насилството и неморалот и им се препуштаат на своите телесни желби (1. Јов. 2:15, 16). Тие не обрнуваат внимание на доказите дека крајот на овој злобен свет е многу близу. Ако немаме цврста вера, и ние би можеле да почнеме да размислуваме на тој начин. Кога го споредил нашето време со времето на Ное, Исус не го спомнал насилството или неморалот, туку опасноста да станеме рамнодушни кон духовните работи. (Прочитај Матеј 24:36-39.)

10 Прашај се: „Дали од мојот начин на живот се гледа дека вистински го познавам Јехова? Дали верата ме поттикнува да живеам во склад со Божјите праведни мерила и да им кажувам за нив на другите?“ Твојот одговор на овие прашања ќе ти помогне да откриеш дали и ти, исто како Ное, одиш со вистинскиот Бог.

ДАНИЕЛ ПОСТАПУВАЛ МУДРО ВО ЕДЕН ПАГАНСКИ ГРАД

11. а) Што ни открива за родителите на Даниел тоа што тој уште како млад го сакал Бог? б) Кои особини на Даниел би сакал да ги имаш?

11 Како Даниел го запознал Јехова? Тој сигурно бил поучен од родителите да ги сака Јехова и Неговата Реч. Даниел ја зачувал таа љубов целиот живот. Дури и кога остарел, внимателно ги проучувал светите списи (Дан. 9:1, 2). Даниел многу добро го познавал Бог. Исто така, знаел што сѐ направил Јехова за Израелците. Ова се гледа од неговата понизна и искрена молитва запишана во Даниел 9:3-19. Прочитај ја оваа молитва и внимателно размисли за неа. Прашај се: „Што учам од оваа молитва за Даниел?“

12-14. а) Како Даниел покажал дека има мудрост од Бог? б) Како Јехова го благословил Даниел за неговата храброст и верност?

12 Како му користело на Даниел тоа што го познавал Јехова? За верните Евреи животот во паганскиот град Вавилон не бил лесен. На пример, Јехова им кажал: „Барајте мир за градот во кој ве испратив во изгнанство“ (Ерем. 29:7). Сепак, во исто време, тој очекувал од нив да му бидат оддадени со целото свое срце (2. Мој. 34:14). Што му помогнало на Даниел да ги држи и двете заповеди? Мудроста од Бог му помогнала на Даниел да сфати дека, иако е важно да им биде послушен на световните власти, најважно е да му биде послушен на Јехова. Со векови подоцна, Исус поучувал за истото начело (Лука 20:25).

13 Размисли за она што го направил Даниел кога била издадена наредба никој да не му се моли на ниту еден бог или човек освен на царот во период од 30 дена. (Прочитај Даниел 6:7-10.) Тој можел да си најде изговор и да рече: „Тоа се само 30 дена“. Наместо тоа, Даниел не дозволил царската заповед да му стане поважна од неговата служба за Бог. Се разбира, можел да му се моли на Јехова каде што никој не би го видел. Но, тој знаел дека дотогаш многу луѓе секој ден го гледале како се моли. Затоа, иако животот му бил во опасност, Даниел продолжил да се моли на место на кое луѓето можеле да го видат. Тој не сакал да остави впечаток дека престанал да му служи на Јехова.

14 Јехова го благословил Даниел затоа што со својата одлука покажал храброст и верност. Тој направил чудо и го избавил Даниел од лавовите. Поради тоа, луѓето низ целото Медо-персиско Царство дознале за Јехова (Дан. 6:25-27).

15. Како може да стекнеме вера како Даниел?

15 Како може да стекнеме вера како Даниел? За да имаме цврста вера, не е доволно само да ја читаме Божјата Реч. Треба и да ја разбереме (Мат. 13:23). Сакаме да знаеме како Јехова гледа на работите. Затоа треба длабоко да размислуваме за она што го читаме. Многу е важно и редовно да се молиме, особено кога се наоѓаме во тешки ситуации. Може да имаме доверба дека, ако се молиме за мудрост и сила, Јехова великодушно ќе ни ги даде (Јак. 1:5).

ЈОВ ГИ ПРИМЕНУВАЛ БОЖЈИТЕ НАЧЕЛА ВО СЕКАКВИ ОКОЛНОСТИ

16, 17. Како Јов го запознал Јехова?

16 Како Јов го запознал Јехова? Јов не бил Израелец. Но, тој бил далечен роднина на Авраам, Исак и Јаков, а Јехова ним им открил детали за себе и за својата намера со човештвото. На некој начин, Јов дознал голем број од тие скапоцени вистини (Јов 23:12). Во една прилика, тој му рекол на Јехова: „Досега те знаев од слушање“ (Јов 42:5). Освен тоа, самиот Јехова рекол дека Јов им ја кажувал на другите вистината за Него (Јов 42:7, 8).

Нашата вера станува поцврста кога ги гледаме особините на Јехова во неговите созданија (Види во пасус 17)

17 Јов ги запознал особините на Јехова и така што го набљудувал она што тој го создал (Јов 12:7-9, 13). Подоцна, и Елиу и Јехова го користеле творештвото за да го поучат Јов за тоа колку луѓето се мали во споредба со Бог (Јов 37:14; 38:1-4). Зборовите на Јехова влијаеле врз Јов, и тој понизно му кажал: „Знам дека ти можеш сѐ и дека нема замисла неостварлива за тебе... се каам во прав и пепел“ (Јов 42:2, 6).

18, 19. Како Јов покажал дека навистина го познава Јехова?

18 Како му користело на Јов тоа што го познавал Јехова? Тој многу добро ги разбирал Божјите начела. Јов навистина го познавал Јехова, и тоа го поттикнало да постапува исправно. На пример, знаел дека не можел да каже дека го сака Бог, а во исто време да постапува лошо со другите (Јов 6:14). Тој нѐ сметал дека е подобар од другите, туку гледал на нив како да му се семејство, без оглед дали биле богати или сиромашни. Јов рекол: „Оној што ме направи во утробата мене, не го направи ли и него?“ (Јов 31:13-22). Дури и кога бил богат и моќен, не се возгордеал и не сметал дека е подобар од другите. Колку поинаков став од ставот што го имаат многумина во светот кои се богати и моќни!

19 Јов не сакал ништо, вклучувајќи ги и материјалните работи, да му стане поважно од Јехова. Тој знаел дека, доколку дозволел вакво нешто, со тоа би се одрекол од вистинскиот Бог. (Прочитај Јов 31:24-28.) Исто така, Јов гледал на бракот како на света врска меѓу еден маж и една жена. Тој дури склучил сојуз со своите очи дека нема со непристојни мисли да гледа во жена (Јов 31:1). Ова е особено впечатливо затоа што Јов живеел во време кога Јехова ја дозволувал полигамијата. Значи, ако сакал, тој можел да си земе уште една жена. Но, Јов сигурно знаел дека првиот брак што го склучил Јехова бил меѓу еден маж и една жена, и веројатно затоа одлучил да живее така * (1. Мој. 2:18, 24). Всушност, околу 1.600 години подоцна, Исус ги поучувал луѓето да се држат за истите праведни начела во врска со бракот и сексуалните односи (Мат. 5:28; 19:4, 5).

20. Како тоа што добро го познаваме Јехова и неговите мерила влијае врз нашиот избор на пријатели и забава?

20 Како може да стекнеме вера како Јов? Како што веќе спомнавме, треба добро да го познаваме Јехова и да дозволиме тоа да влијае врз сѐ што правиме. На пример, во Библијата пишува дека Јехова „го мрази оној што го сака насилството“ и дека не треба да се дружиме „со луѓе што зборуваат невистина“. (Прочитај Псалм 11:5; 26:4.) Прашај се: „Што ми откриваат овие стихови за начинот на кој размислува Јехова? Како треба тоа да влијае врз мене кога одредувам што ќе ми биде најважно во животот, како ќе користам Интернет, со кого ќе се дружам и каква забава ќе изберам?“ Твојот одговор на овие прашања може да ти помогне да видиш колку добро го познаваш Јехова. За да останеме беспрекорни во овој злобен свет, мораме да ја вежбаме нашата „моќ на согледување“, односно да научиме да разликуваме исправно од погрешно, мудро од немудро (Евр. 5:14; Еф. 5:15).

21. Што ќе ни помогне да го разбереме сето она што е потребно за да го радуваме Јехова?

21 Бидејќи Ное, Даниел и Јов дале сѐ од себе за добро да го запознаат Бог, тој им помогнал да го разберат сето она што им било потребно за да му угодат. Нивниот пример докажува дека, ако ги правиме работите како што сака Јехова, ќе бидеме среќни и успешни (Пс. 1:1-3). Според тоа, добро е да се прашаме: „Дали го познавам Јехова како што го познавале Ное, Даниел и Јов?“ Всушност, ние можеме да го запознаеме Јехова дури подобро од овие верни мажи затоа што денес имаме многу повеќе информации за него (Изр. 4:18). Затоа, проучувај ја Божјата Реч, длабоко размислувај за неа и моли се за свет дух. Така ќе станеш поблизок со твојот небесен Татко и ќе постапуваш мудро во овој безбожен свет (Изр. 2:4-7).

^ пас. 5 Исто како Ное, неговиот прадедо, Енох, му бил верен на Јехова целиот свој живот. Сепак, тој умрел околу 70 години пред да се роди Ное (1. Мој. 5:23, 24).

^ пас. 19 Истото може да се каже за Ное. Тој имал само една жена иако полигамијата се појавила кратко по побуната во рајската градина (1. Мој. 4:19).