Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што значи да бидеш духовна личност?

Што значи да бидеш духовна личност?

Бог нека ви овозможи во однесувањето еден кон друг да размислувате како Христос Исус (РИМ. 15:5)

ПЕСНИ: 17, 13

1, 2. а) Како гледаат многу браќа и сестри на духовноста? б) Кои важни прашања во врска со духовноста ќе ги разгледаме?

„ТОА што се трудам да бидам блиска со Јехова ме прави среќна и ми помага успешно да се справувам со секојдневните проблеми“, вели една сестра од Канада. Еден брат од Бразил кажува: „Благодарение на тоа што се трудиме да бидеме духовни личности, веќе 23 години имаме среќен брак“. А еден брат од Филипините вели: „Тоа што сум близок со Јехова ми дава внатрешен мир и ми помага подобро да соработувам со браќа од различно потекло“.

2 Од овие изјави се гледа дека, кога некој е духовно зрела личност, тоа може да му користи во многу аспекти. Затоа, добро е секој од нас да се праша: „Како можам да станам уште позрел во духовен поглед и да ги почувствувам благословите од тоа?“ Најнапред, треба да разбереме што вели Библијата за духовно зрелите луѓе. Во оваа статија ќе добиеме одговор на три важни прашања. 1) Што значи да бидеш духовна личност? 2) Кои примери ќе ни помогнат да станеме духовно позрели личности? 3) Како тоа што ќе вложуваме труд да го стекнеме „Христовиот ум“ ќе ни помогне да бидеме духовни личности?

ШТО ЗНАЧИ ДА БИДЕШ ДУХОВНА ЛИЧНОСТ?

3. Како Библијата ја опишува разликата меѓу телесниот и духовниот човек?

3 Апостол Павле ни помага да ја разбереме разликата меѓу „духовниот човек“ и „телесниот човек“. (Прочитај 1. Коринќаните 2:14-16.) Телесниот човек „не го прифаќа она што е од духот Божји, зашто тоа за него е глупост, и не може да го спознае“. Од друга страна, духовниот човек „правилно проценува сѐ“ и го има „Христовиот ум“, односно се труди да размислува како Христос. Павле нѐ поттикнува да бидеме духовни личности. Во кој друг поглед телесниот човек се разликува од духовниот човек?

4, 5. Кои карактеристики ги има телесниот човек?

4 Како размислува телесниот човек? Тој го прифаќа ставот што го имаат луѓето од овој свет. Тие се преокупирани со своите себични желби. Павле го опишува тој став како „духот кој сега дејствува во непослушните синови“ (Еф. 2:2). Овој дух ги тера повеќето луѓе да се поведат по мнозинството. Тие го прават она што нив им се чини исправно и воопшто не ги земаат предвид Божјите мерила. Телесниот човек е преокупиран со телесни работи — со својата положба, со своите материјални поседи или со своите лични права.

5 Еден телесен човек обично ги прави оние работи кои Библијата ги нарекува „делата на телото“ (Гал. 5:19-21). Во своето прво писмо до христијаните во Коринт, Павле спомнал други карактеристики на телесните луѓе. Тие заземаат страни во несогласувањата, се обидуваат да ги разделат другите, поттикнуваат на бунтовност, се изведуваат еден со друг на суд, не почитуваат авторитет и јадењето и пиењето им се меѓу најважните работи во животот. Кога ќе се најде во искушение, телесниот човек нема сила да му се спротивстави (Изр. 7:21, 22). Јуда напишал дека некои луѓе ќе бидат телесни во толку голема мера што воопшто нема да имаат духовност (Јуда 18, 19, фус.).

6. По што се гледа дали некој е духовна личност?

6 За разлика од телесниот човек, на духовниот човек многу му е важен односот со Бог. Тој дозволува да го води Божјиот свет дух и се труди да го следи примерот на Јехова (Еф. 5:1). Тоа значи дека се труди да научи како размислува Јехова и да гледа на работите како него. На духовниот човек Бог му е многу реален. За разлика од телесниот човек, тој се држи за Јеховините мерила во секој аспект од животот (Пс. 119:33; 143:10). Тој не ги врши „делата на телото“, туку се труди да ги покажува „плодовите на духот“ (Гал. 5:22, 23). За подобро да разбереме што значи некој да биде духовна личност, да наведеме една споредба: За некој што ја сака и цени уметноста, се вели дека е уметничка душа. Слично на тоа, за некој што го сака Бог и ги цени духовните работи се вели дека е духовна личност.

7. Што вели Библијата за духовно зрелите личности?

7 Библијата зборува пофално за луѓето кои се духовно зрели. Во Матеј 5:3 пишува: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби, зашто нивно е царството небесно“. Од Римјаните 8:6 дознаваме дека нашиот живот зависи од тоа дали размислуваме како Јехова. Таму стои: „Размислувањето својствено за телото донесува смрт, а размислувањето својствено за духот донесува живот и мир“. Значи, ако се трудиме да бидеме духовни личности, уште сега можеме да бидеме во мир со Бог и со себеси, а можеме и да имаме надеж за вечен живот.

8. Зошто не е лесно да станеме духовни личности и да ја зачуваме нашата духовност?

8 Сепак, живееме во еден опасен свет. Бидејќи сме опкружени со луѓе кои не размислуваат како Бог, треба да вложиме голем труд за да го заштитиме нашиот ум. Ако не го полниме со Јеховините мисли, светот ќе ни го полни со телесни ставови и размислувања. Што да направиме за да не ни се случи тоа? Како можеме да станеме духовно позрели личности?

ПРИМЕРИ ОД КОИ МОЖЕМЕ ДА УЧИМЕ

9. а) Што може да ни помогне да станеме духовно позрели личности? б) Кои добри примери ќе ги разгледаме?

9 Исто како што едно дете треба да учи од своите родители и да го следи нивниот добар пример, и ние треба да учиме од оние што се блиски со Јехова и да го следиме нивниот пример. Тоа ќе ни помогне да станеме духовно зрели личности. Од друга страна, од примерот на телесните луѓе учиме што не треба да правиме (1. Кор. 3:1-4). Во Библијата се запишани и добри и лоши примери. Да видиме што можеме да научиме од добриот пример на Јаков, Марија и Исус.

Што можеме да научиме од примерот на Јаков? (Види во пасус 10)

10. Како Јаков покажал дека е духовна личност?

10 Прво да го разгледаме примерот на Јаков. Како што е случај со многу од нас денес, животот на Јаков не му бил лесен. Неговиот роден брат, Исав, сакал да го убие. А дедо му, Лаван, постојано се обидувал да го искористи. Сепак, и покрај тоа што бил опкружен со телесни луѓе, Јаков бил духовен човек. Тој имал цврста вера во ветувањето што Јехова му го дал на Авраам. Знаел дека неговото семејство треба да има посебна улога во исполнувањето на Јеховината намера, и затоа добро се грижел за него (1. Мој. 28:10-15). Од зборовите и постапките на Јаков се гледа дека тој не ги заборавил мерилата на Бог и неговата намера. На пример, кога мислел дека е во опасност од неговиот брат Исав, Јаков му рекол на Бог: „Те молам, избави ме... Ти самиот ми рече: ’Навистина ќе бидам добар кон тебе и ќе направам твоето потомство да биде како зрната морски песок‘“ (1. Мој. 32:6-12). Очигледно, Јаков имал силна вера во ветувањата кои Јехова им ги дал нему и на неговите прататковци и сакал да постапува во склад со Божјата волја и намера.

Што можеме да научиме од примерот на Марија? (Види во пасус 11)

11. По што се гледа дека Марија била духовна личност?

11 Сега да го разгледаме примерот на Марија. Јехова ја избрал неа да му биде мајка на Исус затоа што била духовна личност. Тоа се гледа од прекрасните зборови со кои го фалела Јехова кога ги посетила своите роднини Захарија и Елисавета. (Прочитај Лука 1:46-55.) Можеме да видиме дека Марија ја сакала Божјата Реч и дека добро ги познавала Хебрејските списи (1. Мој. 30:13; 1. Сам. 2:1-10; Мал. 3:12). Дури и откако стапиле во брак, Марија и Јосиф немале сексуални односи сѐ додека не се родил Исус. Што ни покажува тоа? Гледаме дека на двајцата им била поважна Јеховината волја отколку да ги задоволат своите желби (Мат. 1:25). Како што Исус растел, Марија внимателно забележувала сѐ што му се случувало и обрнувала внимание на неговите мудри зборови. Освен тоа, внимателно размислувала за нив (Лука 2:51). Нејзе очигледно ѝ била многу важна Божјата намера во врска со Месијата. Можеме ли и ние да го следиме примерот на Марија така што Јеховината волја секогаш ќе ни биде на прво место во животот?

12. а) Како Исус го следел примерот на својот татко? б) Како можеме ние да постапуваме како Исус? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

12 Од сите луѓе што некогаш живееле, Исус е најдобар пример за тоа што значи да се биде духовна личност. Во текот на неговиот живот и служба на Земјата, тој покажал дека сака да го следи примерот на својот Татко, Јехова. Исус размислувал како Јехова, имал исти чувства како него и постапувал како него. Ја вршел Јеховината волја и ги почитувал Божјите мерила (Јован 8:29; 14:9; 15:10). На пример, спореди го начинот на кој Исаија го опишал сочувството на Јехова со начинот на кој Марко ги опишал чувствата на Исус. (Прочитај Исаија 63:9; Марко 6:34.) Дали го следиме примерот на Исус така што секогаш покажуваме сочувство кон оние на кои им е потребна помош? Дали и нам, исто како на Исус, ни е важно да ја проповедаме добрата вест и да ги поучуваме луѓето? (Лука 4:43). Оној што е духовно зрел е сочувствителен и се труди да им помага на другите.

13, 14. а) Што можеме да научиме од духовно зрелите личности денес? б) Наведи пример.

13 И денес има многу духовно зрели браќа и сестри кои се трудат да го следат примерот на Исус. Можеби си забележал дека се ревносни во службата, гостољубиви и сочувствителни. Иако не се совршени, даваат сѐ од себе за да стекнат добри особини и да го прават она што Јехова го бара од нив. Една сестра од Бразил, по име Рејчел, вели: „Многу сакав да ги следам модните трендови. Поради тоа, не се облекував баш скромно. Но, тоа што ја дознав вистината ме поттикна да ги направам потребните промени за да станам духовно зрела личност. Тоа не беше лесно, но сега сум посреќна и имам вистинска смисла во животот“.

14 Рејлин, сестра од Филипините, имала друг проблем. Иако била во вистината, најважно ѝ било да стекне високо образование и да има добро платена работа. Со текот на времето, нејзините духовни цели веќе не ѝ биле толку важни. Таа вели: „Почнав да станувам свесна дека нешто ми недостасува во животот, нешто многу поважно од мојата работа“. Рејлин го сменила начинот на размислување ѝ ја ставила службата за Јехова на прво место во својот живот. Оттогаш, таа има доверба дека Јехова ќе се грижи за неа во склад со ветувањето запишано во Матеј 6:33, 34. Рејлин вели: „Уверена сум дека Јехова ќе се грижи за мене!“ Веројатно и во твоето собрание има такви верни браќа и сестри. Кога гледаме како го следат примерот на Исус, и ние сакаме да го следиме нивниот пример (1. Кор. 11:1; 2. Сол. 3:7).

СТЕКНИ ГО „ХРИСТОВИОТ УМ“

15, 16. а) Што треба да правиме за да бидеме како Исус? б) Како може да дозволиме начинот на кој што размислувал Исус да влијае врз нас?

15 Како можеме да го следиме примерот на Исус? Во 1. Коринќаните 2:16 пишува дека треба да го стекнеме „Христовиот ум“. А во Римјаните 15:5 сме поттикнати да размислуваме како Исус. Според тоа, за да бидеме како него, треба да дознаеме како размислувал, какви чувства имал и како постапувал. Потоа, треба да го следиме неговиот пример. На Исус му бил најважен неговиот однос со Бог. Значи, тоа што ќе го следиме примерот на Исус ќе нѐ зближи со Јехова. Од сето ова можеме да заклучиме дека е многу важно да научиме да размислуваме како Исус.

16 Како да го постигнеме тоа? Учениците на Исус гледале како тој прави чуда, ги слушале неговите проповеди, гледале како постапувал со различни луѓе и можеле да видат како ги применува Божјите начела. Тие рекле: „Ние сме сведоци на сето она што го правеше“ (Дела 10:39). Денес, не можеме да го видиме Исус. Сепак, ги имаме извештаите запишани во евангелијата кои ни помагаат добро да го запознаеме. Кога ги читаме извештаите од Матеј, Марко, Лука и Јован и кога длабоко размислуваме за нив, учиме како размислувал Исус. Тоа ни помага во сѐ да одиме по неговите стапки и да бидеме послични на него (1. Пет. 2:21; 4:1).

17. Како ќе ни користи тоа што ќе научиме да размислуваме како Исус?

17 Како ќе ни користи тоа што ќе научиме да размислуваме како Исус? Исто како што здравата храна може да нѐ зајакне во физички поглед, тоа што ќе дозволиме начинот на кој размислувал Исус да влијае врз нас ќе нѐ зајакне во духовен поглед. Постепено ќе научиме како тој би постапил во секоја ситуација. Така ќе можеме да донесуваме одлуки со кои ќе го радуваме Бог и ќе имаме чиста совест. Зарем не се согласуваш дека вреди да го послушаме библискиот совет: „Облечете се во Господарот Исус Христос“? (Рим. 13:14).

18. Што научи од оваа статија?

18 Оваа статија ни помогна да сфатиме што значи да се биде духовна личност. Исто така, видовме дека можеме многу да научиме од примерот на други духовно зрели личности. Видовме и дека тоа што ќе го имаме „Христовиот ум“ ќе ни помогне да размислуваме како Јехова и да бидеме блиски со него. А што ќе разгледаме во следната статија? Во неа ќе добиеме одговор на следниве прашања: „Како може секој од нас да се преиспита дали е духовна личност? Како можеме уште повеќе да напредуваме во духовен поглед? И, како нашата духовност ќе влијае врз нашиот живот?“