Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Зошто не е дозволено да се објавуваат публикации од Јеховините сведоци на приватни интернет-страници и социјални мрежи?

Бидејќи нашите библиски публикации ги даваме бесплатно, некои сметале дека слободно можат да ги копираат и да ги објавуваат на други интернет-страници или на социјални мрежи. Меѓутоа, со тоа ги прекршиле Условите за користење * на нашите интернет-страници и предизвикале сериозни проблеми. Како што е јасно наведено во тие Услови, не е дозволено „да се објавуваат слики, електронски публикации, заштитни имиња и знаци, музика, фотографии, видеоматеријали или статии од оваа страница на Интернет (на која и да било интернет-страница, страница за разменување на фајлови, страница за разменување на видеоматеријали или социјална мрежа)“. Зошто е потребно ова ограничување?

Нашите публикации се заштитени со авторски права и затоа никој не смее да ги објавува на други интернет-страници

Целиот материјал на нашите интернет-страници е заштитен со авторски права. Некои отпадници и други противници ставаат наши публикации на нивните интернет-страници за да ги привлечат Јеховините сведоци и други луѓе. Тие страници содржат и материјал кој е наменет да посее сомнеж во умот на читателите (Пс. 26:4; Изр. 22:5). Други го користеле логото jw.org или материјал од нашите публикации во реклами, на производи за продажба и во апликации за мобилни телефони. Со тоа што имаме обезбедено авторски права и заштитно име и знак, имаме законско право да се штитиме од таква злоупотреба (Изр. 27:12). Но ако свесно им дозволуваме на луѓето, дури и на нашите браќа, да објавуваат наши електронски содржини на други интернет-страници или да го користат заштитниот знак jw.org за да продаваат некои производи, судовите нема да ги поддржат нашите напори да ги спречиме противниците и компаниите да го прават истото.

Ризично е да преземаме наши публикации од други места освен од jw.org. Одговорноста да обезбедува духовна храна Јехова му ја доверил само на „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45). Тој „роб“ објавува духовна храна само преку нашите официјални интернет-страници — www.pr418.com, tv.pr418.com и wol.pr418.com. Освен тоа, имаме само три официјални апликации за мобилни уреди — JW Language®, JW Library® и JW Library Sign Language®. Може да имаме доверба дека во нив нема реклами и дека не се затруени од светот на Сатана. Ако духовната храна ја земаме од друго место, немаме гаранција дека нема да биде изменета или затруена (Пс. 18:26; 19:8).

Освен тоа, ако ставаме наши публикации на интернет-страници на кои може да се коментира, им овозможуваме на отпадниците и на други противници да посеат недоверба кон Јеховината организација. Некои браќа биле вовлечени во дебати на Интернет, со што уште повеќе му нанеле срам на Јеховиното име. Форумите на Интернет не се соодветно место каде што треба да ги поучуваме оние што се бунтовни (1. Тим. 6:3-5; 2. Тим. 2:23-25). Забележано е и дека биле направени лажни профили на социјалните мрежи и лажни интернет-страници во име на организацијата, и во име на Водечкото тело и неговите членови. Но, ниту еден член на Водечкото тело нема своја интернет-страница, ниту профил на некоја социјална мрежа.

Со тоа што ги насочуваме луѓето кон jw.org, помагаме да се шири „добрата вест“ (Мат. 24:14). Нашите интернет-страници и апликации наменети за служба постојано се подобруваат. Би сакале сите да извлечат корист од нив. Затоа, како што е наведено во Условите за користење, можеш преку мејл да испратиш публикација во електронски формат или линк до материјал кој се наоѓа на jw.org. Со тоа што ги насочуваме заинтересираните лица кон нашите официјални интернет-страници, ние ги поврзуваме со единствениот вистински извор на духовна храна — „верниот и разборит роб“.

^ пас. 1 Линкот од Условите за користење се наоѓа на дното од почетната страница на jw.org, а ограничувањата важат за целата содржина на нашите интернет-страници.