Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Сиромашен почеток — богат завршеток

Сиромашен почеток — богат завршеток

Роден сум во еднособна дрвена колиба во Либерти, мало гратче во Индијана (САД). Моите родители веќе имале три деца пред да се родам — син и две ќерки. Подоцна се родија моите двајца помали браќа и мојата помала сестра.

Дрвената колиба во која се родив

ВО ТЕКОТ на моите школски години, немаше големи промени во нашиот град. Со истите соученици бев од прво одделение до крајот на школувањето. Во тоа мало место, повеќето жители се знаеја меѓу себе.

Бевме вкупно седум деца, и како мал научив да работам на нива

Околу гратчето Либерти имаше многу фарми на кои главно се одгледуваше пченка. Кога сум се родил, татко ми работел на една фарма. Како тинејџер научив да возам трактор, а стекнав и други вештини како земјоделец.

Не знам како е да имаш млад татко. Татко ми имал 56 години кога сум се родил, а мајка ми 35. Тој беше здрав и силен човек кој ја сакаше работата, а ни помогна и нам да бидеме трудољубиви. Не заработуваше многу, но секогаш имавме храна, облека и покрив над главата. Тој секогаш беше тука за нас. Почина на 93, а мајка ми на 86 години. Никој од нив не му служеше на Јехова. Од сите мои браќа и сестри, само еден брат е Јеховин сведок. Тој служи како старешина од 1972 год.

МОЕТО ДЕТСТВО

Мајка ми беше многу побожна жена. Секоја недела нѐ носеше во баптистичка црква. На 12 години првпат чув за тројството, и ја прашав мајка ми: „Како може Исус да биде и Синот и Таткото во исто време?“ А таа ми одговори: „Сине, тоа е света тајна. Не ни е дадено да ја разбереме“. Мене дефинитивно не ми беше дадено да ја разберам. Сепак, на околу 14 години ме крстија во еден поток. Трипати ме потопија во вода — еднаш за Отецот, еднаш за Синот и еднаш за светиот дух!

На 17 години, пред да одам во војска (1952)

Во средно училиште имав другар што беше боксер. Тој ме убеди да почнам да тренирам бокс. Така се зачленив во боксерската организација „Златни ракавици“. Бидејќи не бев многу талентиран, по неколку борби се откажав од боксот. Подоцна ме регрутираа во американската војска и ме испратија во Германија. Додека служев таму, моите претпоставени ме испратија на Воена академија бидејќи сметаа дека имам добри лидерски вештини. Сакаа војската да стане моја животна определба. Бидејќи не сакав цел живот да го поминам во војска, во 1956 год., откако го завршив воениот рок од две години, бев ослободен од должност. Но, за кратко време, се приклучив на една многу поинаква „војска“.

Во американската војска служев две години (1954-1956)

ПОЧНУВАМ НОВ ЖИВОТ

Пред да ја дознаам вистината, имав погрешна претстава за тоа што е вистински маж бидејќи бев под влијание на филмовите и на другарите. Според мене, луѓето кои зборуваа за Библијата не беа вистински мажи. Еден ден, додека се возев во мојот црвен кабриолет, две девојки ми мавнаа со раката. Тоа беа помладите сестри на зет ми. Овие девојки беа Јеховини сведоци. Претходно од нив земав Стражарска кула и Разбудете се!, ама Стражарска кула ми беше претешка за разбирање. Овојпат ме поканија кај нив дома на Собраниско проучување на книга. Тоа беше мал состанок на кој се проучуваше Библијата. Им реков дека ќе размислам. А тие со насмевка ме прашаа: „Ветуваш?“ Им одговорив: „Ветувам“.

Малку се покајав што им ветив, ама сакав да си стојам на зборот. Истата вечер дојдов на состанокот. Децата ми оставија најголем впечаток. Не ми се веруваше колку ја знаеја Библијата! Иако мајка ми толку пати ме носеше во црква, јас сѐ уште многу малку знаев за Библијата. Затоа решив да научам нешто повеќе и се согласив да проучувам. Една од првите работи што ги дознав беше дека Семоќниот Бог се вика Јехова. Неколку години претходно, ја прашав мајка ми кои се Јеховините сведоци, а таа ми рече: „Обожаваат таму некој стар човек Јехова“. Но она што го дознав од проучувањето ми ги отвори очите!

Брзо напредував зашто сфатив дека тоа е вистината. Се крстив во март 1957 год., девет месеци по тој прв состанок. Почнав сосема поинаку да гледам на работите. Кога ќе се сетам колку се правев мачо тип, многу ми е мило што го дознав библиското гледиште за машкоста. Исус бил совршен маж. Толку бил силен и моќен што секој мачо тип би му завидувал. Сепак, не се тепал со другите, туку дозволувал „да му нанесуваат болка“, токму како што било проречено (Иса. 53:2, 7). Научив дека еден вистински следбеник на Исус „треба да биде благ кон сите“ (2. Тим. 2:24).

Почнав да служам како пионер во 1958 год. Но, набрзо морав да прекинам за некое време. Зошто? Решив да се оженам со Глорија, една од девојките што ме поканија на Собраниско проучување на книга! Никогаш не зажалив за таа одлука. Глорија беше бисер кога се зедовме, а бисер е и денес. Таа ми е повредна од најскапоцениот дијамант и многу сум среќен што се оженив со неа! Таа ќе ви каже нешто повеќе за себе:

„Бевме 17 деца. Мајка ми верно му служеше на Јехова. Таа умре кога имав 14 години. Потоа татко ми почна да ја проучува Библијата. Бидејќи останавме без мама, тато го замоли директорот на училиштето да направи една отстапка. Мојата постара сестра тогаш требаше да заврши средно, и тато праша дали може таа и јас да одиме на училиште наизменично — еден ден јас, еден таа. Така една од нас секогаш ќе можеше да остане дома за да ги чува помалите деца. Исто така, кога тато ќе се вратеше од работа, ручекот веќе ќе беше готов. Директорот се согласи и така правевме додека сестра ми не матурираше. Со нас проучуваа две семејства Јеховини сведоци. Со текот на времето, од нашето семејство се крстија 11 деца. Многу сакав да одам во служба, иако бев срамежлива. Низ годините, Сем многу ми помогна во тој поглед“.

Јас и Глорија се зедовме во февруари 1959 год. Заедно служевме како пионери. Во јули истата година поднесовме молба за бетелска служба бидејќи многу сакавме да служиме во светското седиште. Сајмон Крејкер, еден многу мил брат, нѐ интервјуираше откако ја разгледа нашата молба. Ни кажа дека моментално во Бетел нема потреба од брачни парови. Никогаш не изгубивме желба да служиме во Бетел, ама мораше многу да чекаме.

Во писмо до главното седиште замоливме да бидеме испратени онаму каде што има поголема потреба од објавители. Ни беше даден само еден избор: Пајн Блаф (Арканзас). Во тоа време, таму имаше две собранија — едно за белци, а друго за црнци. Бевме испратени во собранието за црнци, во кое имаше 14 објавители.

ПРОБЛЕМИ ПОРАДИ РАСИЗМОТ

Можеби се прашувате зошто Јеховините сведоци би се делеле на црнци и белци. Едноставно кажано, во тоа време немавме друг избор. Тогашните закони забрануваа луѓе од различни раси да се собираат заедно на јавни места како, на пример, во верски објекти, а постоеше и сериозна закана од насилство. Во многу места, браќата со право се плашеа дека ќе им ја демолираат салата ако во неа се собираат објавители од двете раси. Такви работи навистина се случуваа. Ако Сведоци од црна раса одеа од врата до врата во населба со белци, полицијата можеше да ги уапси, па дури и да ги претепа. Затоа, за да можеме да проповедаме, ги почитувавме законите и се надевавме дека работите ќе се сменат на подобро.

Службата на проповедање си имаше свои предизвици. Кога проповедавме на подрачје на кое имаше црнци, понекогаш несакајќи ќе наидевме на куќа во која живееја белци. Моравме брзо да одлучиме дали да кажеме нешто кратко за Библијата или само да се извиниме и да продолжиме понатаму. Такви беа тие времиња.

Се разбира, моравме напорно да работиме за да се издржуваме како пионери. Дневницата најчесто ни беше само околу три долари. Глорија работеше како куќна помошничка кај неколку семејства. Кај едно од нив ми дозволуваа да ѝ помагам, и така успеваше да заврши двапати побрзо. Таму добивавме ручек — готова одмрзната храна што си ја делевме пред да си заминеме. Секоја седмица, Глорија пеглаше кај едно семејство. Јас го средував дворот, чистев прозорци, а вршев и други работи низ куќата. Кај едно семејство белци ги чистевме прозорците — Глорија однатре, а јас однадвор. Бидејќи таму останувавме цел ден, ни даваа и ручек. Глорија јадеше во куќата, но мораше да седи одделно од семејството, а јас јадев во гаражата. Воопшто не ми пречеше бидејќи јадењето беше многу вкусно. Членовите на тоа семејство беа многу добри луѓе, но беа под влијание на околината. Еднаш застанавме на една бензинска пумпа. Откако ставив гориво, го прашав вработениот дали ќе може Глорија да оди во тоалет, а тој само луто ме погледна и процеди низ заби: „Заклучен е“.

ДОБРИНА ШТО НЕ СЕ ЗАБОРАВА

Од друга страна, со браќата ни беше многу убаво и уживавме во службата! Кога првпат дојдовме во Пајн Блаф, живеевме кај братот што во тоа време служеше како слуга на собранието. * Жена му тогаш не беше во вистината, па Глорија започна да ја проучува Библијата со неа. Во меѓувреме, јас почнав да проучувам со нивната ќерка и со зетот. И мајката и ќерката решија да му служат на Јехова, и се крстија.

Во собранието со белци имавме многу блиски пријатели. Тие нѐ канеа на ручек кај нив дома, но можевме да одиме само навечер, за никој да не нѐ види. Во тоа време беше многу активна организацијата Кју-клукс-клан, која ширеше расизам и насилство. Еднаш, за време на празникот Ноќ на вештерките, еден човек гордо седеше на тремот од својата куќа облечен во бела мантија и качулка, како што се облекуваа членовите на таа расистичка организација. Но таквата атмосфера не ги спречи браќата да покажуваат љубов едни кон други. Едно лето ни требаа пари за да можеме да одиме на конгрес. За да ни помогне во тоа, еден брат белец се согласи да ја купи нашата кола. Еден месец подоцна, откако цел ден одевме во служба од врата до врата и водевме многу библиски курсеви, се вративме дома исцрпени од топлото сонце. Нѐ чекаше убаво изненадување — пред куќата беше паркирана нашата кола! На стаклото беше ставено писменце со порака: „Ви ја враќам колата како подарок. Вашиот брат“.

Друг љубезен гест што никогаш нема да го заборавам беше кога ме поканија на Школата за именувани браќа во Саут Ленсинг (Њујорк) во 1962 год. На оваа школа, која траеше цел месец, обука добиваа браќата кои ги надгледуваат собранијата, како и на покраинските и обласните надгледници. Во времето кога ја добивме поканата, јас немав работа и едвај успевавме да врземе крај со крај. Токму тогаш ме викнаа на интервју за работа во една телефонска компанија во Пајн Блаф. Ако ме примеа, ќе бев првиот црнец во таа фирма. Најпосле ми кажаа дека ќе ме вработат. Не знаев што да правам. Немав пари за пат до Њујорк. Се мислев дали да ја прифатам работата и да ја одбијам поканата за школата. Додека размислував како да го составам писмото со кое ја одбивам поканата, се случи нешто што ќе го памтам цел живот.

Една сестра од нашето собрание, чиј сопруг не беше во вистината, тропна на нашата врата рано наутро и ни даде плик полн со пари. За да соберат пари за мојот пат до Њујорк, таа и неколку од нејзините дечиња станувале многу рано и оделе да чистат плевел на една нива со памук. Тоа го правеле неколку седмици. Таа ми рече: „Оди на школата и научи колку што можеш повеќе, за после да нѐ учиш нас!“ Подоцна прашав во телефонската компанија дали ќе може да почнам со работа по пет седмици. Тие одлучно ми одговорија: „Не!“ Ама мене ми беше сеедно. Јас веќе си донесов одлука. Сега сум среќен што не ја прифатив таа работа!

Еве како Глорија се сеќава на Пајн Блаф: „Се вљубив во тоа подрачје! Секој месец водев повеќе од 15 библиски курсеви. Претпладне проповедавме од врата до врата, а попладне одевме на библиски курсеви. Понекогаш се задржувавме и до 11 часот навечер. Службата беше за мерак! Немаше воопшто да жалам ако можев да останам во тој вид служба. Мора да признаам дека не сакав да ја сменам задачата и да почнам со патувачкото дело, но Јехова имаше поинаква намера“. И навистина беше така.

ВО ПАТУВАЧКОТО ДЕЛО

Додека служевме како пионери во Пајн Блаф, поднесовме молби за специјални пионери. Многу се надевавме дека ќе нѐ именуваат за таа служба бидејќи нашиот областен надгледник сакаше да служиме како специјални пионери во едно собрание во Тексас. Таа идеја ни се допадна. И така чекавме и чекавме, надевајќи се дека ќе добиеме одговор, ама поштенското сандаче постојано беше празно. Конечно, еден ден добивме писмо во кое бевме известени дека ќе служиме во патувачкото дело! Тоа беше во јануари 1965 год. Брат Леон Вивер, кој сега е координатор на Одборот на подружницата во САД, беше именуван да служи како покраински надгледник во исто време со мене.

Бев несигурен како ќе ја извршувам новата задача како покраински надгледник. Околу една година претходно, обласниот надгледник Џејмс Томпсон требаше да процени дали ги исполнувам условите. Тој љубезно ми објасни каде треба да се подобрам и, меѓу другото, спомна некои вештини што треба да ги има еден покраински надгледник. Кратко откако почнав со таа служба, сфатив колку бил во право. Брат Томпсон беше првиот областен надгледник со кого соработував. Многу научив од тој верен духовен брат.

Многу ја ценам помошта што ја добив од искусни браќа

Во тоа време, обласните надгледници не добиваа многу обука. Со еден покраински надгледник минав цела седмица во посета на едно собрание, а следната седмица тој ме набљудуваше додека јас ја вршев посетата на друго собрание. Тој ми даде некои предлози и совети, а потоа си отиде и требаше сам да продолжам со таа служба. Еднаш на Глорија ѝ реков: „Кај најде баш сега да си оди!“ Ама по некое време, сфатив една многу важна работа — секогаш ќе има добри браќа кои ќе ти помагаат, само ако им дозволиш. Сѐ уште памтам колку многу ми помогнаа браќата Џејмс Р. Браун, кој тогаш беше патувачки надгледник, и Фред Раск, кој тогаш служеше во Бетел.

Во тоа време расизмот беше многу раширен. Еднаш, Кју-клукс-кланот имаше парада за време на нашата посета во еден град во Тенеси. Во друга прилика, додека бевме во служба, влеговме во еден ресторан за да направиме пауза. Појдов во тоалет, а еден човек што изгледаше многу гневно и имаше расистички тетоважи тргна по мене. Но тогаш, еден брат белец, кој беше покрупен и од мене и од гневниот човек, влезе по нас. „Брат Херд, сѐ е во ред?“, праша братот. Другиот човек веднаш си замина без да го користи тоалетот. Низ годините сфатив дека вистинската причина за расизмот не е бојата на кожата, туку гревот што сите ние сме го наследиле од Адам. А научив и дека брат си е брат без разлика каква боја на кожа има, па и ќе умре за тебе ако треба.

БОГАТ ЗАВРШЕТОК

Како покраински надгледник служев 12 години, а како областен надгледник 21. Тоа беа години полни со благослови и со многу охрабрувачки искуства. Но пред нас стоеше уште еден благослов. Во август 1997 год., по долго време се оствари нашата животна желба — бевме поканети во Бетелот во САД. Поминаа 38 години откако ја поднесовме првата молба за оваа служба. Следниот месец почнавме да служиме во Бетел. Си помислив дека одговорните браќа сакаа да помагам таму само кратко време, но не испадна баш така.

Глорија беше бисер кога се зедовме, а бисер е и денес

Мојата прва задача беше да помагам во Одделението за служба. Многу научив таму! Браќата во ова одделение добиваат прилично тешки прашања од старешинствата и од покраинските надгледници низ целата земја. Многу сум благодарен што браќата стрпливо и љубезно ме обучуваа. Ако сега ме вратат таму, пак ќе треба многу да учам.

Јас и Глорија уживаме во Бетел. Отсекогаш сме си станувале рано, а таа навика многу ни се најде овде. По отприлика една година почнав да служам како помошник на Одборот за служба при Водечкото тело на Јеховините сведоци. Потоа, во 1999 год., бев именуван како член на Водечкото тело. На оваа задача научив многу. Но, најважното нешто што го научив е дека глава на христијанското собрание е Исус Христос, а не некој човек.

Од 1999 год. имам чест да служам во Водечкото тело

Кога размислувам за мојот живот, понекогаш се чувствувам како пророкот Амос. Јехова му обрнал внимание на овој понизен пастир кој имал едноставна задача да засекува диви смокви, кои ги јаделе само сиромашните. Меѓутоа, Бог го поставил Амос за пророк и богато го благословил во неговата задача (Амос 7:14, 15). Слично како него, Јехова ме забележа и мене, син на сиромашен земјоделец од Либерти, и ми даде толку многу благослови што не можам ни да ги набројам! (Изр. 10:22). Мојот живот започна сиромашно во материјален поглед, но во духовен поглед водев многу побогат живот отколку што воопшто можев да си замислам!

^ пас. 24 Сега се нарекува координатор на старешинството.