Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Запознај го својот непријател

Запознај го својот непријател

Намерите на Сатана не ни се непознати (2. КОР. 2:11)

ПЕСНИ: 150, 32

1. Што открил Јехова за нашиот непријател откако Адам и Ева згрешиле?

АДАМ знаел дека змиите не можат да зборуваат. Според тоа, кога дознал дека една змија зборувала со Ева, можеби сфатил дека тоа, всушност, било некое духовно суштество (1. Мој. 3:1-6). Адам и Ева не знаеле речиси ништо за ова духовно суштество. Сепак, Адам свесно одлучил да му се придружи на тој туѓинец во побуната против својот грижлив небесен Татко (1. Тим. 2:14). Јехова веднаш почнал да открива информации за овој злобен непријател и ветил дека тој на крајот ќе биде уништен. Но Јехова дал и предупредување дека, во меѓувреме, духовното суштество кое зборувало преку змијата ќе им се противи на сите што го сакаат Бог (1. Мој. 3:15).

2, 3. Зошто можеби Јехова открил малку работи за Сатана пред да дојде Месијата?

2 Јехова никогаш не ни го кажал името на ангелот кој се побунил против него. * Тој открил кој е овој непријател дури околу 2.500 години по побуната во рајската градина (Јов 1:6). Всушност, називот „Сатана“, што значи „противник“, се спомнува само во три книги од Хебрејските списи — 1. Летописи, Јов и Захарија. Зошто за овој непријател е кажано толку малку пред да дојде Месијата?

3 Во Хебрејските списи Јехова не дал многу информации за Сатана и за неговите активности, можеби затоа што не сакал да му даде преголема важност. Главна цел на овој дел од Светото писмо била да им помогне на луѓето да го препознаат и да го следат Месијата (Лука 24:44; Гал. 3:24). Откако дошол Месијата, Јехова ни открил нешто повеќе за Сатана и ангелите кои застанале на негова страна. Всушност, голем дел од она што го знаеме за овие Божји непријатели сме го дознале од Исус и од неговите ученици. * Ова е соодветно бидејќи Јехова ќе ги употреби Исус и помазаниците за да ги уништи Сатана и неговите следбеници (Рим. 16:20; Отк. 17:14; 20:10).

4. Зошто не треба премногу да се плашиме од Ѓаволот?

4 Апостол Петар го опишал Сатана Ѓаволот како „разрикан лав“, а Јован за него напишал дека е „празмија“ и „змеј“ (1. Пет. 5:8; Отк. 12:9). Но не треба претерано да се плашиме од Ѓаволот. Неговата моќ е ограничена. (Прочитај Јаков 4:7.) Имаме заштита од Јехова, од Исус и од верните ангели. Со нивна помош, можеме да му се спротивставиме на нашиот непријател. Сепак, треба да го дознаеме одговорот на три важни прашања: Колкава моќ има Сатана? Како Сатана се обидува да влијае врз другите? И кои работи не може да ги направи? Да одговориме на овие прашања и да видиме што можеме да научиме.

КОЛКАВА МОЌ ИМА САТАНА?

5, 6. Зошто човечките влади не можат да ги направат промените кои најмногу им требаат на луѓето?

5 Сатана има власт над бунтовните ангели. Пред Потопот, тој навел барем некои од нив да имаат сексуални односи со жени. Библијата вели дека змејот повлекол со себе третина од небесните ѕвезди. Со ова, на симболичен начин се опишува фактот дека Сатана успеал да заведе прилично голем број ангели (1. Мој. 6:1-4; Јуда 6; Отк. 12:3, 4). Со тоа што го напуштиле Божјето семејство, тие ангели застанале на страната на Сатана. Не треба да си мислиме дека овие бунтовници се некоја неорганизирана група насилници. Во невидливиот духовен свет, Сатана формирал своја влада која е еден вид имитација на Божјето Царство. Себеси се поставил за цар, а демоните ги организирал, им дал власт и моќ, и ги направил светски владетели (Еф. 6:12).

6 Преку оваа невидлива организација, Сатана ги држи под своја власт сите човечки влади. Овој факт станал очигледен кога Сатана му ги покажал на Исус „сите царства на светот“ и рекол: „Ќе ти ја дадам власта над сите нив и нивната слава, бидејќи мене ми е предадена, и јас ја давам кому што сакам“ (Лука 4:5, 6). Сепак, многу влади прават добри работи за своите граѓани, а некои владетели искрено сакаат да му помогнат на народот. Но ниту еден човечки владетел не може да ги направи промените кои најмногу им требаат на луѓето (Пс. 146:3, 4; Отк. 12:12).

7. Освен човечките власти, како Сатана ги користи лажната религија и трговскиот систем? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

7 Освен човечките власти, Сатана и демоните ги користат и лажната религија и трговскиот систем за да го заведат „целиот свет“ (Отк. 12:9). Преку лажната религија, Сатана шири лаги за Јехова, а се обидел дури и да го скрие Божјето име (Ерем. 23:26, 27). Како резултат на тоа, некои искрени луѓе кои мислат дека му служат на Бог, всушност, им служат на демоните (1. Кор. 10:20; 2. Кор. 11:13-15). Сатана шири лаги и преку трговскиот систем. Една таква лага е дека парите и материјалните работи ги прават луѓето среќни (Изр. 18:11). Оние што веруваат во оваа лага, цел живот му робуваат на богатството наместо да му служат на Бог (Мат. 6:24). Дури и ако некогаш го сакале Бог, нивната љубов кон материјалните работи станала толку силна што нивната љубов кон Бог исчезнала (Мат. 13:22; 1. Јов. 2:15, 16).

8, 9. а) Кои две поуки можеме да ги извлечеме од постапките на Адам, Ева и бунтовните ангели? б) Како ни користи тоа што знаеме дека Сатана владее со светот?

8 Од постапките на Адам, Ева и бунтовните ангели можеме да извлечеме две важни поуки. Како прво, учиме дека има само две страни и дека мора да избереме една. Или ќе му останеме верни на Јехова или ќе застанеме на страната на Сатана (Мат. 7:13). Второ, учиме дека оние што му се придружуваат на Сатана добиваат само привидна корист. На пример, Адам и Ева добиле можност самите да одлучат што е исправно, а што погрешно. Демоните добиле одредена моќ над човечките влади (1. Мој. 3:22). Но, кога некој ќе застане на страната на Сатана, секогаш има лоши последици. Затоа, последиците од изборот на Адам, Ева и демоните биле многу поголеми од користа што навидум ја имале (Јов 21:7-17; Гал. 6:7, 8).

9 Како ни користи тоа што знаеме дека Сатана владее со светот? Тоа ни помага да имаме исправно гледиште за светските власти и нѐ мотивира да ја проповедаме добрата вест. Знаеме дека Јехова сака да ги почитуваме властите (1. Пет. 2:17). Тој очекува да сме послушни на нивните закони сѐ додека не се косат со неговите мерила (Рим. 13:1-4). Но исто така знаеме дека мора да останеме неутрални и дека никогаш не треба да поддржуваме некоја политичка партија или некој човечки владетел (Јован 17:15, 16; 18:36). Бидејќи сфаќаме дека Сатана се обидува да го скрие името на Бог и да му го наруши угледот, правиме сѐ што можеме за да им помогнеме на луѓето да ја дознаат вистината за Јехова. Ние сме горди што го носиме Божјето име и што го користиме. Свесни сме дека многу повеќе вреди да го сакаме Бог отколку да ги сакаме парите или материјалните работи (Иса. 43:10; 1. Тим. 6:6-10).

КАКО САТАНА СЕ ОБИДУВА ДА ВЛИЈАЕ ВРЗ ПОЕДИНЦИ?

10-12. а) Какви мамки можеби користел Сатана за да искуша некои од ангелите? б) Што учиме од лошиот пример на бунтовните ангели?

10 Сатана користи делотворни методи за да влијае врз поединци. Со цел да го постигне она што го сака, понекогаш користи мамки за да ги искуша, а понекогаш се обидува да ги заплаши.

11 Да разгледаме колку делотворно Сатана користел мамки за да заведе голем број ангели. Тој веројатно долго ги набљудувал за да открие што би можело да им биде искушение. Некои ангели се фатиле на мамката и имале сексуални односи со жени. Нивните деца биле насилни џинови кои постапувале сурово со луѓето (1. Мој. 6:1-4). Освен со неморал, Сатана можеби се обидел да ги искуша тие ангели и со тоа што им ветил дека ќе им даде власт над луѓето. На овој начин Сатана можеби сакал да го спречи доаѓањето на потомството на жената (1. Мој. 3:15). Но Јехова предизвикал Потоп, и со тоа ги расипал плановите на Сатана и на демоните.

Сатана се обидува да нѐ искуша со неморал, со гордост и со натприродното (Види во пасуси 12-13)

12 Што можеме да научиме од ова? Неморалот и гордоста се многу делотворни мамки. Ангелите кои му се придружиле на Сатана, претходно многу години служеле во присуство на Бог. И покрај тоа што биле во толку добра средина, голем број од ангелите дозволиле да им се развијат погрешни желби. Слично на тоа, и ние мора да имаме на ум дека, без оглед колку долго му служиме на Јехова, погрешните желби можат да пуштат корен во нашето срце (1. Кор. 10:12). Токму затоа мора постојано да проверуваме што имаме во срцето и да ги отфрлиме неморалните мисли и гордоста! (Гал. 5:26; прочитај Колошаните 3:5.)

13. Која друга мамка ја користи Сатана, и како можеме да ја избегнеме?

13 Уште една мамка што ја користи Сатана е љубопитноста за натприродното. Денес тој се обидува да ги заинтересира луѓето за демоните преку лажната религија и преку светот на забавата. Филмовите, електронските игри и други видови забава го прикажуваат спиритизмот како нешто привлечно. Како може да ја избегнеме оваа мамка? Не треба да очекуваме Божјата организација да ни даде список со добри и лоши видови забава. Мора да си ја вежбаме совеста за да можеме да донесуваме добри одлуки на темел на Јеховините начела (Евр. 5:14). А доколку нашата љубов кон Бог не е лицемерна, ќе донесуваме мудри одлуки (Рим. 12:9). Лицемерниот човек кажува едно, а прави друго. Затоа, кога избираме забава, би можеле да се прашаме: „Дали се држам за начелата за кои ги поучувам другите? Што би помислиле лицата со кои проучувам или оние што ги посетувам во служба кога би виделе каква забава избирам?“ Ако се држиме за истите начела за кои ги поучуваме другите, полесно ќе ги отфрлиме мамките на Сатана (1. Јов. 3:18).

Сатана се обидува да нѐ заплаши преку забрана од властите, притисок од соучениците и противење од семејството (Види во пасус 14)

14. Како би можел Сатана да се обиде да нѐ заплаши, и што ќе ни помогне да се справиме со неговото противење?

14 Освен што поставува мамки, Сатана се обидува и да нѐ заплаши со цел да ја скрши нашата беспрекорност. На пример, можеби ќе влијае врз властите за да го забрани нашето проповедничко дело. Може да ги поттикне нашите колеги или соученици да ни се потсмеваат затоа што се држиме за библиските мерила (1. Пет. 4:4). Сатана може да влијае дури и врз роднините кои не се Сведоци. Тие можеби со добри намери ќе се обидуваат да нѐ спречат да одиме на нашите состаноци (Мат. 10:36). Како да се справиме со таквото противење од Сатана? Како прво, не треба да се изненадиме од тие напади бидејќи тој води војна со нас (Отк. 2:10; 12:17). Второ, не смееме да заборавиме кое спорно прашање стои зад таквите напади: Сатана тврди дека му служиме на Јехова само кога ни е лесно и дека ќе му свртиме грб кога ќе наидеме на тешкотии (Јов 1:9-11; 2:4, 5). И трето, секогаш мора да го молиме Јехова да ни дава сила да истраеме. Не заборавај дека тој никогаш нема да нѐ остави (Евр. 13:5).

КОИ РАБОТИ НЕ МОЖЕ ДА ГИ НАПРАВИ САТАНА?

15. Дали Сатана може да нѐ натера да направиме нешто што не сакаме? Објасни.

15 Сатана не може да ги натера луѓето да направат нешто што тие не сакаат (Јак. 1:14). Многумина во светот не се ни свесни дека се на страната на Сатана. Но кога некој ќе ја дознае вистината, мора да избере кому ќе му служи (Дела 3:17; 17:30). Ако сме решени да му останеме послушни на Бог, Сатана не може да ја скрши нашата верност (Јов 2:3; 27:5).

16, 17. а) Што друго не можат да направат Сатана и демоните? б) Зошто не треба да се плашиме да му се молиме на Јехова наглас?

16 Има и други работи кои Сатана и демоните не можат да ги направат. На пример, Библијата никогаш не вели дека тие можат да ги читаат мислите и срцата на луѓето. Тоа го можат само Јехова и Исус (1. Сам. 16:7; Мар. 2:8). Според тоа, треба ли да се плашиме дека, ако зборуваме или се молиме наглас, Ѓаволот и демоните ќе нѐ чујат и ќе ја искористат информацијата против нас? Не. Зошто велиме така? Размисли за следнава споредба. Ние не се плашиме да правиме добри работи во службата за Јехова само затоа што Ѓаволот би можел да нѐ види. Слично на тоа, не треба да се плашиме да се молиме наглас само затоа што Ѓаволот би можел да нѐ чуе. Исто така, Библијата содржи многу примери на Божји слуги кои се молеле наглас, а никаде не пишува дека се плашеле дека Ѓаволот би можел да ги чуе (1. Цар. 8:22, 23; Јован 11:41, 42; Дела 4:23, 24). Ако даваме сѐ од себе да зборуваме и да постапуваме во склад со Божјата волја, можеме да бидеме сигурни дека Јехова нема да му дозволи на Ѓаволот да ни нанесе трајна штета. (Прочитај Псалм 34:7.)

17 Мора да го познаваме нашиот непријател, но не треба премногу да се плашиме од него. Иако сме несовршени, со помош од Јехова можеме да го победиме Сатана! (1. Јов. 2:14). Ако му се спротивставиме, тој ќе побегне од нас (Јак. 4:7; 1. Пет. 5:9). Се чини дека денес особено младите се мета на Сатана. Како можат да му се спротивстават? Ова прашање ќе го разгледаме во следната статија.

^ пас. 2 Библијата ги открива имињата само на некои ангели (Суд. 13:18; Дан. 8:16; Лука 1:19; Отк. 12:7). Од неа дознаваме и дека Јехова им дал име на сите ѕвезди (Пс. 147:4). Затоа е разумно да заклучиме дека Јехова им дал имиња и на сите ангели, вклучувајќи го и оној што подоцна станал Сатана.

^ пас. 3 На изворните јазици, изразот „Сатана“ се спомнува само 18 пати во Хебрејските списи, а повеќе од 30 пати во Христијанските грчки списи.