Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да бидеме обединети како што се обединети Јехова и Исус

Да бидеме обединети како што се обединети Јехова и Исус

Те молам да бидат сите едно, како што ти си, Татко, во единство со мене (ЈОВАН 17:20, 21)

ПЕСНИ: 24, 99

1, 2. а) Што побарал Исус кога за последен пат се молел со своите апостоли? б) Зошто Исус можеби бил загрижен за единството?

ВО ТЕКОТ на последната вечера со своите апостоли, Исус бил загрижен за нивното единство. Додека се молел со нив, тој рекол дека сака сите негови ученици да бидат обединети, исто како што се обединети тој и неговиот Татко. (Прочитај Јован 17:20, 21.) Нивното единство ќе им помогнело на другите да сфатат дека Јехова го испратил Исус на Земјата. Вистинските ученици на Исус ќе можеле да се препознаат по нивната меѓусебна љубов, а благодарение на тоа ќе биле уште пообединети (Јован 13:34, 35).

2 Сосема е разбирливо зошто Исус го нагласил единството таа ноќ. Тој забележал дека неговите апостоли не биле потполно обединети. Тие повторно се расправале „кој од нив би можел да биде најголем“ (Лука 22:24-27; Мар. 9:33, 34). Во една претходна прилика, Јаков и Јован го замолиле Исус да им даде висока положба во небесното Царство, да бидат веднаш до него (Мар. 10:35-40).

3. а) Што можеби предизвикало неединство меѓу Христовите ученици? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

3 Освен желбата за повеќе моќ и углед, можеби имало и други причини за неединство меѓу Христовите ученици. Луѓето во тоа време биле поделени поради омраза и предрасуди. Учениците на Исус морале да ги надминат таквите негативни чувства. Во оваа статија ќе ги разгледаме следниве прашања: Како Исус се справил со предрасудите? Како им помогнал на своите следбеници да научат да бидат непристрасни и обединети? И како примерот на Исус и неговите поуки ни помагаат да го зачуваме единството?

ПРЕДРАСУДИ КОН ИСУС И НЕГОВИТЕ СЛЕДБЕНИЦИ

4. Со какви предрасуди се соочил Исус?

4 Самиот Исус се соочил со предрасуди. Кога Филип му кажал на Натанаел дека го нашол Месијата, Натанаел рекол: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“ (Јован 1:46). Натанаел веројатно знаел дека Месијата ќе се роди во Витлеем, како што било проречено во Михеј 5:2. Можеби сметал дека Назарет е премногу безначаен за Месијата да дојде од таму. Слично на тоа, угледните Јудејци го презирале Исус бидејќи бил од Галилеја (Јован 7:52). Многу Јудејци ги презирале Галилејците. Други Евреи сакале да го навредат Исус така што го нарекле Самарјанин (Јован 8:48). Самарјаните и Евреите се разликувале по национална и религиозна основа. И Јудејците и Галилејците немале речиси никаква почит кон Самарјаните и ги избегнувале (Јован 4:9).

5. Со какви предрасуди се соочувале учениците на Исус?

5 Еврејските верски водачи ги презирале и следбениците на Исус. Фарисеите ги нарекле проклет народ (Јован 7:47-49). Тие ги сметале за неуки и обични сите што не учеле на рабинските школи и не ги држеле нивните традиции (Дела 4:13). Исус и неговите ученици биле жртви на предрасуди бидејќи луѓето во тоа време се гордееле со својата религија, со положбата во општеството и со своето етничко потекло. Но и учениците на Исус имале предрасуди. За да останат обединети, морале да го сменат начинот на размислување.

6. Наведи примери кои покажуваат како може предрасудите да влијаат врз нас.

6 Денес живееме во свет полн со предрасуди. Можеби другите имаат предрасуди кон нас, а можеби и ние имаме предрасуди кон другите. Една сестра од Австралија која служи како пионер вели: „Колку повеќе размислував за неправдите што Абориџините ги доживеале во минатото и во наше време, толку повеќе ги мразев белците. Мојата омраза стануваше сѐ посилна и поради неправдите кои ги доживеав на своја кожа“. Еден брат од Канада признава каков став имал порано: „Мислев дека луѓето што зборуваат француски се подобри од другите. Поради тоа ги замразив оние што зборуваат англиски“.

7. Како Исус се справил со предрасудите?

7 Денес, исто како во времето на Исус, луѓето имаат длабоко вкоренети предрасуди. Како Исус се справил со предрасудите? Прво, тој секогаш бил непристрасен. Им проповедал и на богати и на сиромашни, и на фарисеи и на Самарјани, па дури и на даночници и на грешници. Второ, со своите поуки и со својот пример, Исус им покажал на учениците дека не треба да гледаат на другите со недоверба, ниту да имаат предрасуди кон нив.

ЉУБОВТА И ПОНИЗНОСТА ГИ ПОБЕДУВААТ ПРЕДРАСУДИТЕ

8. Кое важно начело е темел за нашето единство? Објасни.

8 Исус ги поучил своите следбеници за едно важно начело кое е темел за нашето единство. Тој им рекол: „Сите вие сте браќа“. (Прочитај Матеј 23:8, 9.) Една причина зошто може да се каже дека сме браќа е тоа што сите сме потомци на Адам (Дела 17:26). Но има уште една причина. Исус објаснил дека неговите ученици се браќа и сестри затоа што сите тие го сметаат Јехова за свој небесен Татко (Мат. 12:50). Освен тоа, тие станале дел од Божјето семејство и се обединети со љубов и со вера. Затоа, во своите писма, апостолите честопати ги нарекувале другите соверници браќа и сестри (Рим. 1:13; 1. Пет. 2:17; 1. Јов. 3:13). *

9, 10. а) Зошто Евреите немале причина да се гордеат со своето етничко потекло? б) Како Исус покажал дека е погрешно да се потценуваат луѓето од различна националност? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

9 Откако им кажал на учениците дека на своите соверници треба да гледаат како на браќа и сестри, Исус нагласил и дека треба да бидат понизни. (Прочитај Матеј 23:11, 12.) Како што веќе спомнавме, гордоста понекогаш била причина за поделби меѓу апостолите. Луѓето во времето на Исус биле многу горди на својата етничка припадност. Многу Евреи верувале дека се подобри од другите затоа што биле потомци на Авраам. Но Јован Крстител им кажал: „Бог може од овие камења да му подигне деца на Авраам“ (Лука 3:8).

10 Исус поучувал дека е погрешно луѓето да се гордеат со своето етничко потекло. Тој го истакнал тоа кога еден законик го прашал: „Кој е мојот ближен?“ Во својот одговор, Исус раскажал една споредба. Еден Евреин бил претепан од крадци и оставен да лежи на патот. Иако некои Евреи поминале покрај овој човек, не му помогнале. Но еден Самарјанин се сожалил на Евреинот и се погрижил за него. Кога ја завршил споредбата, Исус му кажал на законикот да се угледа на Самарјанинот (Лука 10:25-37). Исус покажал дека еден Самарјанин може да ги поучи Евреите што значи да имаат љубов кон сите луѓе.

11. Зошто учениците на Исус требало да бидат непристрасни, и како тој им помогнал да го разберат тоа?

11 Пред да отиде на небото, Исус им рекол на учениците да проповедаат „во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). За да успеат во тоа, учениците на Исус требало да ги искоренат од своето срце предрасудите и гордоста. Исус честопати зборувал за добрите особини на туѓинците, и така ги подготвил учениците да им проповедаат на сите народи. На пример, тој пофалил еден воен заповедник за неговата извонредна вера (Мат. 8:5-10). Во својот град Назарет, Исус објаснил како Јехова им помогнал на некои туѓинци, како што биле вдовицата од феникискиот град Сарепта и Сириецот Нааман кој бил болен од лепра (Лука 4:25-27). Исус ѝ проповедал и на една Самарјанка, а дури и останал два дена во еден самариски град бидејќи луѓето таму биле заинтересирани за неговата порака (Јован 4:21-24, 40).

ПРВИТЕ ХРИСТИЈАНИ МОРАЛЕ ДА СЕ БОРАТ СО СВОИТЕ ПРЕДРАСУДИ

12, 13. а) Како реагирале апостолите кога Исус поучувал една Самарјанка? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Што покажува дека Јаков и Јован не ја сфатиле потполно поуката што им ја дал Исус?

12 На апостолите не им било лесно да ги искоренат своите предрасуди. Тие биле изненадени кога виделе дека Исус поучувал една Самарјанка (Јован 4:9, 27). Зошто? Можеби затоа што еврејските верски водачи не зборувале со жена на јавно место, а уште помалку би зборувале со Самарјанка која била на лош глас. Апостолите му рекле на Исус да јаде, но тој толку уживал во овој разговор што воопшто не мислел на храна. Проповедањето — дури и на една Самарјанка — било во склад со волјата на неговиот Татко, а тоа било како храна за Исус (Јован 4:31-34).

13 Јаков и Јован не ја сфатиле оваа поука. Кога учениците оделе со Исус низ Самарија, тие сакале да преноќеваат во едно самариско село. Но Самарјаните не ги примиле. Јаков и Јован толку се разгневиле што посакале да слезе оган од небото за да го уништи целото село. Исус строго ги прекорил (Лука 9:51-56). Можеби Јаков и Јован не би реагирале вака доколку ова се случело кај нив во Галилеја. Тие веројатно биле гневни бидејќи имале предрасуди. Подоцна, кога Јован им проповедал на Самарјаните и многумина ја прифатиле добрата вест, можеби му било срам поради начинот на кој претходно реагирал (Дела 8:14, 25).

14. Како бил решен еден проблем кој се појавил поради предрасуди?

14 Кратко по Педесетница во 33 год. од н.е. се појавил проблем во собранието. Кога им делеле храна на сиромашните вдовици, браќата ги запоставиле вдовиците што зборувале грчки (Дела 6:1). Причина за тоа можеби била предрасуда поради јазикот. Апостолите брзо го решиле проблемот. Тие избрале седум зрели браќа кои требало праведно да ја поделат храната. Сите тие браќа имале грчки имиња, и тоа можеби ги утешило навредените вдовици.

15. Како Петар научил да биде непристрасен? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

15 Во 36 год. од н.е., учениците на Исус почнале да им проповедаат на луѓето од сите народи. Апостол Петар обично се дружел само со Евреи. Но, откако Бог јасно покажал дека христијаните не треба да се пристрасни, Петар му проповедал на Корнелиј, еден римски војник. (Прочитај Дела 10:28, 34, 35.) Оттогаш, Петар се дружел и јадел со христијаните кои не биле Евреи. Сепак, со години подоцна, во градот Антиохија, тој престанал да јаде со христијаните кои не биле Евреи (Гал. 2:11-14). Поради тоа, Павле со право го укорил Петар, а тој очигледно го прифатил укорот. Од каде го знаеме тоа? Кога го напишал своето прво писмо до христијаните со еврејско и нееврејско потекло во Мала Азија, Петар нагласил колку е важно да ги сакаме сите браќа (1. Пет. 1:1; 2:17).

16. По што станале познати раните христијани?

16 Јасно е дека од примерот на Исус апостолите научиле да сакаат „најразлични луѓе“ (Јован 12:32; 1. Тим. 4:10). Тие го смениле начинот на размислување, иако за тоа им било потребно време. Всушност, христијаните станале познати по тоа што се сакале меѓу себе. Тертулијан, писател од вториот век, цитирал што рекле други луѓе за христијаните: „Тие се сакаат меѓу себе... Спремни се дури и да умрат еден за друг“. Бидејќи ја облекле „новата личност“, тие христијани научиле да ги гледаат сите луѓе како еднакви, онака како што ги гледа Бог (Кол. 3:10, 11).

17. Наведи пример како можеме да ги искорениме предрасудите од нашето срце.

17 Денес можеби и нам ќе ни биде потребно време за да ги искорениме предрасудите од нашето срце. Една сестра во Франција кажува колку ѝ е тешко тоа: „Јехова ме поучи што значи да ги сакаш другите, да делиш со нив и да сакаш најразлични луѓе. Но, сѐ уште учам како да ги совладам моите предрасуди, а тоа не ми е секогаш лесно. Токму затоа и понатаму се молам за ова“. Една сестра од Шпанија води слична борба со себе: „Понекогаш ми се јавуваат негативни чувства кон една етничка група, и најчесто успевам да ги победам. Но знам дека мора и понатаму да се борам. Среќна сум што, благодарение на Јехова, припаѓам на едно обединето братство“. Секој од нас мора искрено да се преиспита во овој поглед. Дали и ние треба да искорениме некои предрасуди од нашето срце?

КОГА ЉУБОВТА ЦВЕТА, ПРЕДРАСУДИТЕ ВЕНЕАТ

18, 19. а) Од кои причини треба да бидеме непристрасни? б) Како можеме да го покажеме тоа?

18 Добро е да имаме на ум дека сите сме биле „туѓинци“, односно сме биле оддалечени од Бог (Еф. 2:12). Но Јехова нѐ привлекол кон себе со својата љубов (Оси. 11:4; Јован 6:44). А Христос нѐ примил и ни овозможил да станеме дел од Божјето семејство. (Прочитај Римјаните 15:7.) Бидејќи Исус со љубов нѐ прифатил иако сме несовршени, не треба ни да помислиме ние да отфрлиме некого!

Ние сме обединети и се сакаме едни со други бидејќи се трудиме да ја стекнеме „мудроста одозгора“ (Види во пасус 19)

19 Како што се приближуваме кон крајот на овој злобен свет, меѓу луѓето ќе има сѐ повеќе разединетост, предрасуди и омраза (Гал. 5:19-21; 2. Тим. 3:13). Но како слуги на Јехова, ние се трудиме да ја стекнеме „мудроста одозгора“, која ни помага да бидеме непристрасни и која води до мир (Јак. 3:17, 18). Затоа ни причинува голема радост тоа што стануваме пријатели со луѓе од други земји, ги прифаќаме културните разлики и можеби го учиме нивниот јазик. Кога го правиме тоа, нашиот мир е „како река“ и нашата праведност „како морски бранови“ (Иса. 48:17, 18).

20. Што се случува кога љубовта влијае врз нашето срце и врз нашиот ум?

20 Додека ја проучувала Библијата, сестрата од Австралија постепено ги победила омразата и сите предрасуди што биле длабоко вкоренети во неа. Љубовта извршила промена врз нејзиниот ум и врз нејзиното срце. Братот од Канада вели дека сега сфаќа зошто луѓето честопати мразат други — бидејќи не ги познаваат доволно. Сфатил и дека „особините на луѓето не зависат од потеклото“. Тој дури и се оженил со сестра што зборува англиски! Овие примери докажуваат дека христијанската љубов ги победува предрасудите. Таквата љубов совршено нѐ поврзува (Кол. 3:14).

^ пас. 8 Зборот „браќа“ може да ги вклучува и сестрите во собранието. Павле им пишал писмо на браќата во Рим, но јасно е дека притоа мислел и на сестрите, бидејќи спомнал некои од нив по име (Рим. 16:3, 6, 12). Списанието Стражарска кула со години ги нарекува вистинските христијани браќа и сестри.