Дали си на Јеховина страна?
Бој се од Јехова, својот Бог. Нему служи му, за него држи се (5. МОЈ. 10:20)
1, 2. а) Зошто е мудро да бидеме на Јеховина страна? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
НАВИСТИНА е мудро да останеме блиски со Јехова. Никој не е толку моќен, мудар и полн со љубов како нашиот Бог. Кој од нас не би сакал да биде на негова страна? (Пс. 96:4-6). Сепак, некои слуги на Бог не успеале да му останат верни кога се нашле во ситуација која барала од нив да покажат на чија страна се.
2 Во оваа статија ќе го разгледаме примерот на некои луѓе кои тврделе дека се на страната на Јехова, но во исто време правеле работи што тој ги мрази. Поуките што можеме да ги извлечеме од нивниот пример можат да ни помогнат да му останеме верни на Бог.
ЈЕХОВА ГИ ИСПИТУВА НАШИТЕ СРЦА
3. Зошто Јехова се обидел да му помогне на Каин, и што му кажал?
3 Размисли за примерот на Каин. Тој не обожавал лажни богови, но Јехова не ја прифатил неговата жртва. Зошто? Бидејќи Јехова видел дека злобата почнала да пушта корени во неговото срце (1. Јов. 3:12). Јехова го предупредил Каин: „Ако почнеш да правиш добро, зарем нема да ми бидеш мил? Но ако не правиш добро, гревот демне на вратата и копнее по тебе. А ти, ќе го надвладееш ли?“ (1. Мој. 4:6, 7). Со други зборови, Јехова му рекол на Каин: „Ако се покаеш и застанеш на моја страна, тогаш и јас ќе бидам на твоја страна“.
4. Што направил Каин кога Јехова му дал можност да застане на негова страна?
4 Ако Каин го сменел начинот на кој размислувал, повторно ќе му станел мил на Јехова. Но, Каин не го послушал Бог. Погрешниот начин на размислување и неговата себична желба го навеле на погрешни постапки (Јак. 1:14, 15). Кога бил помлад, Каин можеби не ни помислувал дека еден ден ќе му се спротивстави на Јехова. За жал, тој не го послушал предупредувањето од Бог, се побунил против него и го убил својот брат!
5. Поради што може да ја изгубиме Јеховината наклоност?
5 Слично на Каин, и денес може да се случи некој христијанин да тврди дека му служи на Јехова, но да прави работи што тој ги мрази (Јуда 11). Можеби редовно оди во служба и на состаноци. Но, во исто време дозволува во неговото срце да се развијат неморални желби, алчност или омраза кон некој соверник (1. Јов. 2:15-17; 3:15). Ова може да води до грев. Другите можеби не знаат за што размислуваме или што правиме, но Јехова знае. Тој гледа дали му служиме со цело срце. (Прочитај Еремија 17:9, 10.)
6. Како Јехова ни помага да ги надвладееме грешните желби?
6 Сепак, Јехова не се откажува брзо од нас. Ако сме тргнале во опасен правец, Јехова нѐ повикува: „Вратете се кај мене, и јас ќе се вратам кај вас“ (Мал. 3:7). Јехова е свесен дека имаме слабости со кои мора да се бориме. Но, тој сака да бидеме цврсти и да се спротивставуваме на она што е зло (Иса. 55:7). Ако го правиме тоа, тој ќе биде на наша страна и ќе ни дава емоционална, физичка и духовна сила за да ги надвладееме грешните желби (1. Мој. 4:7).
„НЕ ЗАЛАЖУВАЈТЕ СЕ!“
7. Како Соломон си го расипал пријателството со Јехова?
7 Примерот на Соломон е уште едно предупредување за нас. Кога бил млад, тој имал добар однос со Јехова. Бог му дал голема мудрост и една посебна задача — да изгради величествен храм во Ерусалим. Но Соломон го расипал своето пријателство со Јехова (1. Цар. 3:12; 11:1, 2). Според Божјиот закон, царот не требало да има „многу жени за да не му тргне срцето по крив пат“ (5. Мој. 17:17). Соломон не бил послушен на овој закон — се оженил со 700 жени и си зел 300 наложници (1. Цар. 11:3). Повеќето од нив не биле Израелки и обожавале лажни богови, што значи дека Соломон го прекршил и законот кој им забранувал на Израелците да земаат жени од другите народи (5. Мој. 7:3, 4).
8. До која мера Соломон го навредувал Јехова?
8 Со текот на времето, Соломон престанал да го сака Јеховиниот закон. Како резултат на тоа, почнал да прави тешки гревови. Изградил жртвеници за лажната божица Астарта и за лажниот бог Хемос, и им принесувал жртви заедно со своите жени. Овие жртвеници се наоѓале на една планина токму спроти Ерусалим, градот каде што претходно го изградил 1. Цар. 11:5-8; 2. Цар. 23:13). Можеби Соломон се залажувал себеси дека Јехова ќе замижи пред лошите работи што ги прави ако принесува жртви во храмот.
храмот за Јехова (9. Кои биле последиците од непослушноста на Соломон?
9 Но Јехова никогаш не замижува пред гревот. Библијата вели: „И Јехова се разгневи на Соломон затоа што го одврати своето срце од Јехова... кој му се покажа двапати, му заповеда да не оди по други богови, но тој не се држеше за тоа што му го заповеда Јехова“. Како последица на тоа, Јехова престанал да му помага и да го поддржува. Тој не дозволил потомците на Соломон да владеат над целиот израелски народ, и тие со генерации трпеле многу неволји (1. Цар. 11:9-13).
10. Што може да претставува закана за нашето пријателство со Јехова?
10 Од примерот на Соломон учиме дека, ако сме блиски пријатели со оние што не ги разбираат или не ги почитуваат Јеховините мерила, може да си го расипеме пријателството со Јехова. Некои од нив можеби се дел од собранието, но се духовно слаби. Или, пак, можеби тоа се нашите роднини, соседи, колеги и соученици кои не му служат на Бог. Ако нашите блиски пријатели не живеат според Јеховините мерила, со текот на времето може да го изгубиме Јехова како пријател.
11. Што ќе ни помогне да избереме добро друштво?
11 Прочитај 1. Коринќаните 15:33. Повеќето луѓе имаат некои добри особини. Има и луѓе што не му служат на Јехова, но не прават лоши работи. Дали тоа значи дека, ако една личност има по некоја убава особина и не прави многу лоши работи, автоматски е добро друштво? Размисли: Како таа личност влијае врз твојот однос со Јехова? Дали ти помага да стануваш поблизок со Бог? Што ѝ е важно во животот? За што зборува? Дали разговорите ѝ се вртат само околу модата, парите, електронските уреди, забавата и сл.? Дали често ги критикува другите? Дали кажува безобразни шеги? Исус рекол: „Устата го зборува она со кое е полно срцето“ (Мат. 12:34). Ако забележуваш дека луѓето со кои се дружиш му штетат на твојот однос со Јехова, преземи одлучни чекори! Не поминувај премногу време со нив и, ако е неопходно, престани да се дружиш со таквите пријатели (Изр. 13:20).
ЈЕХОВА ОЧЕКУВА ДА МУ БИДЕМЕ ВЕРНИ
12. а) Што им кажал Јехова на Израелците кратко откако излегле од Египет? б) Што кажале Израелците кога Јехова побарал од нив да му бидат верни?
12 Можеме да извлечеме поука и од она што се случило откако Јехова ги ослободил Израелците од Египет. Тие се собрале пред планината Синај. Таму Јехова им ја покажал својата моќ на величествен начин. Над планината се надвил густ облак, блеснале молњи, се кренал чад и се чул силен звук како од рог (2. Мој. 19:16-19). Потоа Јехова објавил дека тој е „Бог кој бара да му се покажува оддаденост само нему“. Тој ветил дека ќе биде верен кон оние што покажуваат љубов кон него и се послушни на неговите заповеди. (Прочитај 2. Мојсеева 20:1-6.) Со други зборови, Јехова им рекол: „Ако бидете на моја страна, и јас ќе бидам на ваша страна“. Да беше ти меѓу мноштвото Израелци, како ќе реагираше на Јеховините зборови? Најверојатно ќе го кажеше она што го кажале и Израелците: „Ќе ги вршиме сите заповеди што ги даде Јехова“ (2. Мој. 24:3). Но кратко потоа верноста на Израелците била ставена на испит. Што се случило?
13. Што ја ставило на испит верноста на Израелците?
13 Израелците се исплашиле кога ја виделе Јеховината огромна моќ. Затоа, на нивно барање, Мојсеј се качил на планината Синај за да зборува со Јехова во нивно име (2. Мој. 20:18-21). Мојсеј бил на планината долго време. Без својот водач, изгледало како Израелците да се оставени сами на себе во пустината. Како ќе продолжеле понатаму? Очигледно верата на Израелците премногу зависела од нивниот водач, Мојсеј. Ги фатило паника и му рекле на Арон: „Направи ни бог кој ќе оди пред нас, зашто не знаеме што се случи со оној Мојсеј, човекот што нѐ изведе од египетската земја!“ (2. Мој. 32:1, 2).
14. Како Израелците се залажувале себеси, и како реагирал Јехова?
14 На Израелците им било јасно дека е погрешно да обожаваат идоли (2. Мој. 20:3-5). Но брзо заборавиле на тоа и си направиле златно теле за обожавање. Иако било очигледно дека ја прекршиле Јеховината заповед, тие на некој начин се залажувале себеси дека сѐ уште се на Јеховина страна. Овој чин на обожавање на телето, Арон дури го нарекол „свеченост во чест на Јехова“. Како реагирал Јехова? Тој се чувствувал изневерено и му рекол на Мојсеј дека Израелците се расипале и скршнале од патот што им го одредил. Јехова толку се разгневил што дури сакал да го уништи целиот народ (2. Мој. 32:5-10).
15, 16. Како Мојсеј и Арон покажале дека се на Јеховина страна? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)
15 Но Јехова е милостив Бог. Тој одлучил да не ги уништи Израелците. Наместо тоа, им дал шанса да покажат дека сакаат да бидат на негова страна (2. Мој. 32:14). Кога видел како Израелците викаат, пеат и играат пред телето, Мојсеј го зел и го столчил во прав. Потоа извикал: „Кој е на Јеховина страна, кај мене!“, и сите синови на Леви се собрале околу него (2. Мој. 32:17-20, 26).
16 Иако Арон го направил златното теле, тој и левитите се покајале и избрале да бидат на Јеховина страна. На тој начин покажале дека не се на страната на непокајничките грешници. Ова било мудар избор, бидејќи 2. Мој. 32:27-29).
истиот ден илјадници од оние што го обожавале телето биле уништени. Но оние што избрале да бидат на Јеховина страна преживеале, и Јехова ветил дека ќе ги благослови (17. Што учиме од она што Павле го напишал за идолопоклонството на Израелците?
17 Што учиме од ова? Апостол Павле рекол дека сето тоа се случило за да ни послужи како пример за никогаш да не станеме идолопоклоници. Исто така, кажал дека тие извештаи биле напишани „како предупредување за нас што живееме на крајот од овој поредок“. Понатаму рекол: „Значи, кој мисли дека стои, нека внимава да не падне!“ (1. Кор. 10:6, 7, 11, 12). Од она што го кажал Павле гледаме дека дури и оние што му служат на Јехова може да почнат да прават сериозни гревови. Тие можеби се залажуваат дека сѐ уште имаат добар однос со Јехова. Но, самото тоа што една личност сака да биде блиска со Јехова или тврди дека му е верна не значи дека ја има Јеховината наклоност (1. Кор. 10:1-5).
18. Што може да нѐ оддалечи од Јехова, и кои можат да бидат последиците?
18 Бидејќи Мојсеј не се симнал од планината Синај тогаш кога Израелците го очекувале, тие се загрижиле. И ние можеби ќе почнеме да се грижиме ако крајот не дојде тогаш кога го очекуваме. Може да почнеме да мислиме дека прекрасната иднина што ни ја ветил Јехова ќе дојде во некое далечно време или дека е премногу добра за да биде вистинита. Ваквото размислување може да нѐ наведе да ги ставиме нашите желби пред Јеховината волја. Ако не сме внимателни, може да се оддалечиме од Јехова до таа мера што ќе почнеме да правиме работи кои никогаш не би помислиле да ги направиме.
19. Што треба секогаш да имаме на ум, и зошто?
19 Јехова очекува да му бидеме послушни и да му служиме само нему (2. Мој. 20:5). Зошто го бара ова од нас? Бидејќи нѐ сака. Ако не ја вршиме Јеховината волја, тоа значи дека ја вршиме волјата на Сатана, а тоа ќе биде на наша штета. Павле рекол: „Не можете да ја пиете чашата на Јехова и чашата на демоните. Не можете да јадете од ’трпезата на Јехова‘ и од трпезата на демоните“ (1. Кор. 10:21).
ОСТАНИ БЛИЗОК СО ЈЕХОВА!
20. Како Јехова може да ни помогне ако тргнеме во погрешен правец?
20 Каин, Соломон и Израелците имале можност да се покаат и да се променат (Дела 3:19). Од ова јасно се гледа дека Јехова не се откажува лесно од своите слуги кога ќе згрешат. На пример, тој милостиво му простил на Арон. Денес, Јехова ни дава предупредувања за да не почнеме да постапуваме неисправно. Тоа го прави преку Библијата, преку публикациите и преку нашите соверници. Ако ги земеме присрце Јеховините предупредувања, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе ни покаже милост.
21. Што треба да правиме кога нашата верност кон Јехова е ставена на испит?
21 Јеховината незаслужена доброта има цел (2. Кор. 6:1). Таа ни дава можност „да се откажеме од безбожноста и од световните желби“. (Прочитај Тит 2:11-14.) Додека не дојде крајот на овој свет, секогаш ќе има ситуации кои ќе ја стават на испит нашата верност кон Јехова. Затоа, биди решен да останеш на Јеховина страна! „Бој се од Јехова, својот Бог. Нему служи му, за него држи се“ (5. Мој. 10:20).