Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Биди сочувствителен кон „најразлични луѓе“

Биди сочувствителен кон „најразлични луѓе“

КОГА ги поучувал своите ученици како да ја проповедаат добрата вест, Исус им рекол дека луѓето нема секогаш да сакаат да ги слушаат (Лука 10:3, 5, 6). Нешто слично е и во наше време. Некои луѓе што ги среќаваме во службата се груби, па дури и агресивни. Кога наидуваме на вакви реакции, може да ни биде тешко да бидеме сочувствителни кон луѓето на кои им проповедаме.

Оној што е сочувствителен ги забележува потребите и проблемите на другите, жал му е за нив и сака да им помогне. Но што ќе се случи ако изгубиме сочувство кон луѓето кои ги среќаваме во службата? Ќе ја изгубиме нашата ревност и нема да можеме да им помогнеме. Ревноста може да ја споредиме со оган. Без кислород, огнот не може да гори. Слично на тоа, не можеме да бидеме ревносни ако не сме сочувствителни (1. Сол. 5:19).

Како можеме да бидеме сочувствителни дури и кога тоа не е лесно? Да разгледаме три примери на кои можеме да се угледаме во овој поглед: Јехова, Исус и апостол Павле.

БИДИ СОЧУВСТВИТЕЛЕН КАКО ЈЕХОВА

Илјадници години луѓето кажуваат лаги за Јехова. Но тој и понатаму е „милостив кон неблагодарните и кон злите“ (Лука 6:35). Како Јехова покажува милост? Тој е стрплив со сите и сака да се спасат „најразлични луѓе“ (1. Тим. 2:3, 4). Иако Бог ја мрази злобата, за него луѓето се скапоцени и тој не сака ниту еден од нив да го изгуби животот (2. Пет. 3:9).

Јехова добро знае дека Сатана може лесно да ги прелаже луѓето (2. Кор. 4:3, 4). Многумина уште како деца слушале лаги за Бог и развиле лоши ставови. Затоа може да им биде тешко да ја прифатат вистината. Но, Јехова сака да им помогне. Од каде го знаеме тоа?

Размисли како гледал Јехова на Ниневијците. Тие биле насилни и сурови. Сепак, Јехова му рекол на Јона: „А мене да не ми биде жал за Ниневија, голем град, во кој има повеќе од сто и дваесет илјади луѓе, кои не знаат што е десно, а што лево?“ (Јона 4:11). На Јехова му било жал за овие луѓе, кои не знаеле речиси ништо за него. Затоа, тој го испратил Јона да ги предупреди.

Исто како Јехова, ние ги сметаме луѓето за скапоцени и сакаме да им помогнеме да дознаат нешто повеќе за него, дури и ако ни изгледа дека нема да ја прифатат вистината.

БИДИ СОЧУВСТВИТЕЛЕН КАКО ИСУС

Слично на неговиот Татко, Исус сочувствувал со луѓето бидејќи биле „измачени и расеани како овци без пастир“ (Мат. 9:36). Исус имал разбирање за овие луѓе. Знаел дека биле доведени до таква состојба поради тоа што религиозните водачи се однесувале лошо кон нив и ги поучувале за лаги. Иако знаел дека многумина од оние што го слушале нема да станат ученици, Исус продолжил да ги поучува за многу работи (Мар. 4:1-9).

Немој да се обесхрабриш ако станарот на почеток не е заинтересиран

Кога животните околности на едно лице ќе се сменат, можеби ќе се смени и неговиот став кон вистината

Кога луѓето реагираат лошо на нашата порака, треба да се обидеме да разбереме зошто реагираат на таков начин. Некои можеби имаат погрешна слика за Библијата или за христијанството поради оние што тврдат дека се христијани, а прават лоши работи. Други можеби слушнале некои лаги во врска со нашите верувања. Трети, пак, не сакаат да зборуваат со нас бидејќи се плашат дека нивните роднини и соседи ќе ги исмеваат.

Некои луѓе кои ги среќаваме во служба доживеале ужасни работи во животот што им оставиле длабоки емоционални лузни. Ким, која служи како мисионер, вели: „На еден дел од нашето подрачје има доста луѓе кои преживеале војна и изгубиле сѐ што имале. Тие немаат никаква надеж за иднината. Разочарани се и немаат доверба во никого. На ова подрачје честопати се случува да наидеме на противење. Во една прилика бев нападната додека проповедав“.

Како Ким успева да биде сочувствителна и покрај овие тешкотии? Таа вели: „Кога ќе се соочам со противење, се трудам да размислувам за Изреки 19:11, каде што стои: ’Разбирањето го спречува човекот да се гневи‘. Кога ќе помислам низ што сѐ поминале луѓето на нашето подрачје, полесно ми е да бидам сочувствителна кон нив. Сепак, не се сите непријателски настроени. Всушност, таму имаме неколку добри повторни посети“.

Би можеле да се прашаме: „Да не ја знаев вистината, како ќе реагирав ако ми дојдеа на врата Јеховини сведоци?“ На пример, што ако постојано сме слушале лаги во врска со Сведоците? Можеби и ние ќе сме реагирале лошо и Сведоците ќе морале да бидат сочувствителни кон нас. Исус рекол дека треба да постапуваме со другите онака како што сакаме тие да постапуваат со нас. Затоа, треба да се потрудиме да разбереме зошто некои реагираат на одреден начин и да бидеме стрпливи со нив, дури и ако тоа не е лесно (Мат. 7:12).

БИДИ СОЧУВСТВИТЕЛЕН КАКО ПАВЛЕ

Павле бил сочувствителен кон другите, дури и кон оние што биле насилни со него. Зошто? Бидејќи не заборавил каков човек бил порано. Тој рекол: „Порано бев хулител, прогонител и дрзок човек. Но ми беше покажано милосрдие, зашто бев во незнаење и го правев тоа додека немав вера“ (1. Тим. 1:13). Павле бил свесен дека Јехова и Исус покажале огромна милост кон него. Тој можел да ги разбере луѓето кои сакале да го спречат да проповеда бидејќи и тој порано бил како нив.

Понекогаш, Павле среќавал луѓе кои цврсто верувале во некои лажни учења. Како се чувствувал во тие ситуации? Од Дела 17:16 дознаваме дека, додека бил во Атина, Павле се вознемирил кога видел дека градот е полн со идоли. Сепак, тој го искористил токму она што го вознемирило за да им даде убаво сведоштво на луѓето (Дела 17:22, 23). Павле бил приспособлив во службата — користел различен пристап за различни луѓе, со цел на секој можен начин да спаси некого (1. Кор. 9:20-23).

Можеме да се угледаме на Павле така што ќе ги земеме предвид ставовите и верувањата на луѓето од нашето подрачје и ќе се обидеме тактично да им ја пренесеме добрата вест (Иса. 52:7). Една сестра по име Дороти вели: „Многумина од нашето подрачје се поучени дека Бог е суров и дека сака да ги казнува луѓето. Обично, ги пофалувам овие луѓе за тоа што имаат цврста вера во Бог, а потоа се обидувам да им покажам што ни открива Библијата за особините на Јехова и за неговите ветувања за иднината“.

„НАДВЛАДЕЈ ГО ЗЛОТО СО ДОБРО“

Како што се приближуваме кон крајот на овој свет, можеме да очекуваме дека ставовите на некои луѓе ќе стануваат сѐ полоши (2. Тим. 3:1, 13). Но не треба да дозволиме да ги изгубиме радоста и сочувството поради начинот на кој тие реагираат. Јехова може да ни даде сила да го надвладееме злото со добро (Рим. 12:21). Џесика, која служи како пионер, вели: „Често среќавам луѓе кои се горди и нѐ исмеваат нас и нашата порака. Понекогаш ова ме нервира. Кога ќе почнам некој разговор, во себе му се молам на Јехова да ми помогне да гледам на личноста како што гледа тој. Така не се концентрирам на своите чувства, туку на тоа како да ѝ помогнам на таа личност“.

Продолжуваме да ги бараме оние што сакаат да ја најдат вистината

Со текот на времето, некои луѓе ќе ја прифатат нашата помош и ќе ја дознаат вистината

Исто така, треба да ги охрабруваме браќата и сестрите додека сме во служба со нив. Џесика вели: „Ако некој од нас доживее непријатно искуство додека проповедаме, се трудам да не зборувам за тоа. Наместо тоа, почнувам да зборувам за нешто позитивно. На пример, колку многу постигнуваме со нашата служба и покрај тоа што некои не реагираат добро“.

Јехова многу добро знае со какви тешкотии се соочуваме во службата. Но, тој е многу радосен кога сме милосрдни како него (Лука 6:36). Сепак, стрпливоста и сочувството на Јехова имаат граници. Можеме да бидеме уверени дека тој најдобро знае кога треба да му стави крај на овој свет. До тогаш, проповедањето е многу итно (2. Тим. 4:2). Затоа, да продолжиме ревносно да проповедаме и да покажуваме сочувство кон „најразлични луѓе“.