Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали ги имаш сите факти?

Дали ги имаш сите факти?

Кој одговара пред да сослуша, тоа е за него глупост и срам (ИЗР. 18:13)

ПЕСНИ: 126, 95

1, 2. а) Што треба да научи секој од нас, и зошто? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

СИТЕ ние треба да научиме добро да ги проценуваме информациите што ги добиваме и да доаѓаме до исправни заклучоци (Изр. 3:21-23; 8:4, 5). Во спротивно, Сатана и неговиот свет можат да го расипат нашето размислување (Еф. 5:6; Кол. 2:8). Се разбира, за да дојдеме до исправен заклучок за одредена работа, мора да имаме целосни и веродостојни информации. Изреки 18:13 вели: „Кој одговара пред да сослуша, тоа е за него глупост и срам“.

2 Во оваа статија ќе видиме зошто е тешко да дојдеме до целосни и веродостојни информации, а со тоа и до исправни заклучоци. Ќе разгледаме и некои библиски начела и примери кои ќе ни помогнат добро да ги проценуваме информациите.

НЕ ВЕРУВАЈ „НА СЕКОЈ ЗБОР“

3. Зошто треба да го примениме библиското начело од Изреки 14:15? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

3 Денес сме бомбардирани со информации од сите страни — преку Интернет, телевизија и други медиуми. Можеби и нашите пријатели нѐ преплавуваат со електронски пораки и разни новости. Понекогаш се чини дека на таквите информации им нема крај. Затоа треба да бидеме внимателни. Можеби нашите пријатели имаат добра намера, но има луѓе кои намерно шират лажни информации или ги извртуваат фактите. Кои библиски начела можат да ни помогнат внимателно да ги проценуваме информациите? Изреки 14:15 вели: „Лековерниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори“.

4. Како зборовите од Филипјаните 4:8, 9 можат да ни помогнат внимателно да избираме што ќе читаме, и зошто е многу важно да имаме точни информации? (Види ја и рамката „ Каде може да најдеме проверени информации“.)

4 За да носиме добри одлуки, ни требаат веродостојни информации. Затоа, мора внимателно да избираме што читаме. (Прочитај Филипјаните 4:8, 9.) Не треба да си го губиме времето така што ќе читаме вести од сомнителни интернет-страници или непотврдени информации кои сме ги добиле преку имејл. Особено е важно да не отвораме интернет-страници на кои отпадниците ги шират своите идеи. Нивна цел е да ја ослабнат верата на Божјите слуги и да ја извртат вистината. Погрешните информации водат до погрешни одлуки. Никогаш немој да мислиш дека лажните информации тебе не можат да ти наштетат (1. Тим. 6:20, 21).

5. Кои лажни информации ги чуле Израелците, и како влијаело тоа врз нив?

5 Лажните информации можат да водат до страшни последици. Во времето на Мојсеј, 12 Израелци отишле да ја извидат Ветената земја. Десетмина од нив се вратиле со неповолен извештај (4. Мој. 13:25-33). Тие ги преувеличиле работите и поради тоа Јеховиниот народ се уплашил и се обесхрабрил (4. Мој. 14:1-4). Зошто Израелците реагирале на ваков начин? Можеби си мислеле дека таквиот извештај е точен затоа што повеќето извидувачи го кажале истото. Тие одбиле да веруваат во добриот извештај што го дале Исус Навин и Халев (4. Мој. 14:6-10). Наместо да ги земат предвид сите факти и да покажат доверба во Јехова, Израелците поверувале во неповолниот извештај. Колку немудро!

6. Зошто не треба да бидеме изненадени ако чуеме шокантни информации за Јеховиниот народ?

6 Треба да бидеме особено внимателни кога ќе чуеме било какви информации во врска со Јеховиниот народ. Не заборавај дека нашиот непријател Сатана е наречен „обвинителот на нашите браќа“ (Отк. 12:10). Исус нѐ предупредил дека непријателите лажно ќе ни „припишуваат секакви зла“ (Мат. 5:11). Ако сериозно го сфатиме ова предупредување, нема да бидеме запрепастени ако чуеме шокантни информации за Јеховиниот народ.

7. Кои прашања треба да си ги поставиме пред да испратиме некоја порака?

7 Дали сакаш да им испраќаш електронски пораки на твоите пријатели? Кога ќе видиш некоја интересна вест или ќе чуеш некое интересно искуство, дали се чувствуваш како репортер кој сака прв да сподели некоја возбудлива вест? Пред да им препратиш некоја порака на пријателите, прашај се: „Дали сум сигурен дека оваа информација е точна? Дали навистина ги имам сите факти во врска со ова?“ Ако не си сигурен, можеби ќе рашириш лаги. Значи, ако не знаеш дали некоја вест е вистинита, не ја препраќај, туку избриши ја!

8. Што прават противниците во некои земји, и како може да се случи несвесно да соработуваме со нив?

8 Има уште една причина зошто е опасно без размислување да препраќаме електронски пораки. Во некои земји нашето дело е законски ограничено, па дури и забрането. Нашите противници во овие земји може намерно да шират лаги за нас со цел да нѐ заплашат или да нѐ наведат да се сомневаме еден во друг. Во поранешниот Советски Сојуз се случило токму тоа. Тајната полиција, позната како КГБ, ширела гласини дека некои од браќата што предводеле во делото го предале Јеховиниот народ. * За жал, многумина поверувале на овие лаги и поради тоа се одвоиле од Јеховината организација. Голем број од нив подоцна се вратиле, но некои никогаш не го направиле тоа. Тие дозволиле лажните информации да им ја уништат верата (1. Тим. 1:19). Како можеме да спречиме да се случи таква катастрофа? Немој да шириш негативни или непотврдени информации. Не верувај во сѐ што ќе чуеш. Наместо тоа, обиди се да ги дознаеш фактите.

НЕЦЕЛОСНИ ИНФОРМАЦИИ

9. Што друго може да ни отежне да дојдеме до точен заклучок?

9 Можеби некои информации што ќе ги слушнеме се нецелосни или, пак, се само делумно вистинити. Ова може да ни отежне да дојдеме до точен заклучок. Информацијата што е само 10 посто вистинита, 100 посто ќе нѐ одведе во погрешен правец. Што можеме да направиме за да не бидеме измамени од ваквите информации? (Еф. 4:14).

10. Од која причина Израелците за малку ќе повеле војна против своите браќа, и како било избегнато тоа?

10 Можеме да извлечеме поука од она што им се случило на Израелците кои живееле на западната страна од реката Јордан во времето на Исус Навин (Ис. Нав. 22:9-34). Тие слушнале дека Израелците од источната страна на Јордан изградиле голем жртвеник близу реката. Иако ова било вистина, Израелците од западната страна на Јордан ја немале целата слика. Тие мислеле дека нивните браќа од источната страна се побуниле против Јехова, и затоа се собрале да поведат војна против нив. (Прочитај Исус Навин 22:9-12.) Но пред да тргнат, испратиле некои луѓе за да ја испитаат ситуацијата. Што дознале овие луѓе? Израелците од источната страна не го изградиле жртвеникот за да принесуваат жртви на лажни богови, туку за да биде доказ дека и тие му служат на Јехова. Израелците сигурно биле многу среќни што одвоиле време за да добијат целосна слика за ситуацијата, и не отишле во војна против своите браќа.

11. а) Каква неправда му била нанесена на Мефивостеј? б) Што можел да стори Давид за да не се случи оваа неправда?

11 И ние лично може да бидеме повредени затоа што некој раширил за нас информации кои не се целосно точни. Ова му се случило на Мефивостеј. Цар Давид великодушно му ја дал целата земја што му припаѓала на дедо му Саул (2. Сам. 9:6, 7). Но по некое време, Давид чул некои лоши работи за Мефивостеј. Без да провери дали тоа е вистина, му го одзел целиот имот (2. Сам. 16:1-4). Кога подоцна зборувал со него, Давид сфатил дека направил грешка и му вратил дел од имотот (2. Сам. 19:24-29). Но, ако Давид одвоел време да ги провери фактите наместо слепо да верува на нецелосни информации, не би му нанел таква неправда на Мефивостеј.

12, 13. а) Што направил Исус кога другите кажувале лаги за него? б) Што можеме да направиме ако некој кажува лаги за нас?

12 Што можеш да направиш ако некој шири лаги за тебе? Ова го доживеале и Исус и Јован Крстител. (Прочитај Матеј 11:18, 19.) Што направил Исус во врска со тие лажни информации? Не си ги трошел времето и силата за да докажува дека таквите информации не се точни. Наместо тоа, ги поттикнал луѓето да ги испитаат фактите. Тој сакал другите да се концентрираат на неговите постапки и на неговите учења. Затоа рекол: „Мудроста ја оправдуваат нејзините дела“.

13 Можеме да извлечеме силна поука од она што го кажал Исус. Понекогаш некој можеби ќе каже невистини за нас или ќе нѐ критикува пред другите. Можеби сме загрижени дека ова ќе му наштети на нашиот углед. Но, со својот начин на живот имаме прилика да покажеме какви сме навистина. Од примерот на Исус учиме дека со нашето добро однесување можеме да ги побиеме лажните обвиненија или полувистини во врска со нас.

ДАЛИ СЕ ПОТПИРАШ НА СЕБЕ?

14, 15. Зошто не треба да се потпираме на сопствената проценка?

14 Досега видовме дека може да биде тешко да дојдеме до веродостојни информации. Друг проблем е и нашата несовршеност. Ако со години му служиме на Јехова, можеби сме стекнале мудрост и способност за расудување. Можеби другите сметаат дека добро ги проценуваме работите. Дали ова може да ни биде замка?

15 Да. Би можеле да почнеме премногу да се потпираме на сопствената проценка и да дозволиме со нашето размислување да управуваат нашите чувства и лични ставови. Можеби ќе почнеме да мислиме дека разбираме некоја ситуација иако ги немаме сите факти. Ова е многу опасно! Библијата јасно нѐ предупредува да не се потпираме на сопствената проценка (Изр. 3:5, 6; 28:26).

16. Што се случило во оваа замислена ситуација, и до каков заклучок дошол Томе?

16 Замисли си ја следнава ситуација: Една вечер, Томе, еден искусен старешина, оди во ресторан и таму го забележува Јован, старешина од истото собрание, како седи на маса со некоја жена. Томе е запрепастен бидејќи тоа не е сопругата на Јован. Тие уживаат во разговорот, се смеат, па дури и се прегрнуваат. Томе е многу загрижен и си вели: „Дали Јован ќе се разведе? Што ќе биде со жена му и со децата?“ Томе веќе видел слични ситуации во животот. Како ќе се чувствуваше ти да беше на местото на Томе?

17. Што дознал Томе подоцна, и што можеме да научиме од оваа замислена ситуација?

17 Но, чекај малку. Иако Томе брзо заклучи дека Јован ѝ е неверен на својата сопруга, дали ги има сите факти? Подоцна истата вечер, Томе му се јавува на Јован и дознава дека жената во ресторанот му е всушност сестра, која штотуку пристигнала во градот. Јован и сестра му со години се немале видено. И бидејќи таа ќе останела само неколку часа, со Јован можела да се види само накратко во ресторанот. Жена му на Јован не можела да им се придружи. За среќа, Томе никому не кажал што помислил. Што учиме од ова? Без разлика колку долго му служиме на Јехова, за да донесеме исправен заклучок, треба да ги дознаеме сите факти.

18. Што може да се случи ако не се сложуваме баш најдобро со некој брат?

18 Исто така, може да биде тешко да дојдеме до исправен заклучок за некоја ситуација ако во неа е вклучен брат со кого не се сложуваме баш најдобро. Ако постојано мислиме на несогласувањата што ги имаме со тој брат, може да почнеме да се сомневаме во него. Поради тоа, кога ќе чуеме нешто негативно за овој брат, можеби сме склони веднаш да поверуваме, дури и да нема никакви докази дека тоа е вистина. Што учиме од ова? Ако дозволиме во нас да се развиваат негативни чувства кон нашите соверници, може да донесуваме погрешни заклучоци кои не се темелат на факти (1. Тим. 6:4, 5). Не смееме да дозволиме лошите чувства, како зависта и љубомората, да фатат корен во нашето срце. Никогаш да не заборавиме дека Јехова очекува да ги сакаме браќата и спремно да им простуваме. (Прочитај Колошаните 3:12-14.)

БИБЛИСКИТЕ НАЧЕЛА ЌЕ НЀ ЗАШТИТАТ

19, 20. а) Кои библиски начела ќе ни помогнат исправно да ги проценуваме информациите? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

19 Денес не е лесно да дојдеме до веродостојни информации и исправно да ги процениме. Зошто? Поради нашата несовршеност и поради тоа што повеќето од информациите кои ни се достапни се нецелосни или се само делумно вистинити. Што може да ни помогне да дојдеме до точни информации и исправно да ги процениме? Библиските начела. На пример, начелото во Изреки 18:13 покажува дека не е мудро да донесуваме заклучоци ако не сме ги сослушале фактите. Начелото во Изреки 14:15 нѐ поттикнува да не веруваме слепо на секој збор. А од Изреки 3:5, 6 учиме дека не треба да се потпираме на сопствената проценка, без оглед на тоа колку долго му служиме на Јехова. Библиските начела ќе нѐ заштитат така што ќе ни помогнат исправно да ги проценуваме информациите, да донесуваме исправни заклучоци и да носиме мудри одлуки.

20 Но, има уште една замка. Тоа е нашата склоност да судиме на темел на надворешноста. Во следната статија ќе разгледаме неколку работи кои можат да нѐ наведат да ја направиме оваа грешка и ќе видиме како да ги избегнеме.

^ пас. 8 Види во Годишникот на Јеховините сведоци за 2004, страници 111-112 (срп.), и Годишникот за 2008, страници 133-135 (срп.).

^ пас. 55 Овој дел е достапен на српски јазик.