Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Не судете според надворешноста

Не судете според надворешноста

Немојте да судите според надворешноста, туку судете со праведен суд! (ЈОВАН 7:24)

ПЕСНИ: 142, 123

1. Што прорекол Исаија за Исус, и зошто ова е охрабрувачки?

ПРОРОШТВОТО на Исаија во врска со Исус Христос нѐ охрабрува и ни влева надеж. Исаија прорекол дека Исус „нема да суди според она што го гледа, ниту ќе укорува според она што го слуша“ и дека „по правда ќе им суди на сиромасите“ (Иса. 11:3, 4). Зошто ова е охрабрувачки за нас? Бидејќи живееме во свет полн со предрасуди. Навистина, очајно ни треба совршениот Судија, Исус, кој никогаш не суди според надворешноста!

2. Што ни заповедал Исус, и што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Секој ден формираме мислење за другите. Но бидејќи сме несовршени, не можеме да ги проценуваме луѓето како Исус, кој бил совршен. Честопати врз нас влијае само она што можеме да го видиме. Сепак, Исус заповедал: „Немојте да судите според надворешноста, туку судете со праведен суд!“ (Јован 7:24). Според тоа, Исус сака да бидеме како него и да не ги судиме другите според надворешноста. Во оваа статија ќе разгледаме три работи што можат да влијаат врз нашето мислење за другите: расата или националноста, материјалната состојба и возраста. За секоја од овие работи ќе видиме како можеме да ја послушаме Исусовата заповед да не судиме според надворешноста.

НЕ СУДЕТЕ СПОРЕД РАСАТА ИЛИ НАЦИОНАЛНОСТА

3, 4. а) Зошто Петар го сменил своето гледиште за не-Евреите? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Која нова вистина му ја открил Јехова на Петар?

3 Замисли како се чувствувал Петар кога добил упатство да оди во Цезареја, во домот на еден не-Евреин по име Корнелиј (Дела 10:17-29). Како и другите Евреи од негово време, Петар пораснал со ставот дека не-Евреите се нечисти во Божји очи. Но, во животот му се случиле некои работи што го поттикнале да го смени тој став. На пример, добил видение од Бог (Дела 10:9-16). Во тоа видение, Петар видел дека од небото се спушта нешто како големо платно во кое имало многу животни кои биле сметани за нечисти. Тогаш еден глас му кажал: „Петре, стани! Коли и јади!“ Петар решително го одбил тоа. Потоа гласот му кажал: „Не викај го валкано она што Бог го очистил!“ Кога видението завршило, Петар збунето се прашувал што сака гласот да му каже со тоа. Во тој момент пристигнале гласниците на Корнелиј. Петар добил упатство од светиот дух да оди во домот на Корнелиј, и тој заминал со гласниците.

4 Доколку Петар судел само според надворешноста, никогаш немало да влезе во домот на Корнелиј. За Евреите било незамисливо да одат дома кај не-Евреи. Тогаш зошто Петар го направил тоа и покрај длабоко вкоренетите предрасуди? Врз него силно влијаело видението, како и водството што го добил од светиот дух. Откако го ислушал Корнелиј, Петар восхитено рекол: „Сега навистина сфаќам дека Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35). Ова ново разбирање го воодушевило Петар, а влијаело и врз сите христијани. Како?

5. а) Што сака Јехова да сфатат сите христијани? б) Иако ја знаеме вистината, што можеби се крие длабоко во нас?

5 Преку Петар, Јехова им помогнал на сите христијани да сфатат дека Тој не е пристрасен. На Јехова не му се важни расните, националните, племенските или јазичните разлики. Бог го прифаќа секој човек што се бои од него и го прави она што е праведно (Гал. 3:26-28; Отк. 7:9, 10). Без сомнение и ти си се уверил во тоа. Но што ако си пораснал во земја или во семејство каде што предрасудите се вообичаени? Можно ли е длабоко во себе да имаш некакви предрасуди, иако можеби сметаш дека си непристрасен? Дури и Петар, кој им помогнал на другите да сфатат дека Бог е непристрасен, сѐ уште имал предрасуди (Гал. 2:11-14). Затоа, како можеме да го послушаме Исус и да престанеме да ги судиме другите според надворешноста?

6. а) Што може да ни помогне да ги искорениме предрасудите од нашето срце? б) Што открил извештајот на еден старешина?

6 За да откриеме дали имаме некакви предрасуди, треба внимателно да се преиспитаме со помош на Божјата Реч (Пс. 119:105). Исто така, дури и ако мислиме дека немаме никакви предрасуди, можеби ќе треба да замолиме некој пријател да ни каже дали забележал предрасуди кај нас (Гал. 2:11, 14). Можеби таквите ставови се толку длабоко вкоренети во нас што не сме свесни за нив. Тоа му се случило на еден старешина. Тој напишал извештај за еден ревносен брачен пар кој бил во полновремена служба. Сопругот припаѓал на етничко малцинство кое другите честопати го потценувале. Се чини дека старешината не бил свесен дека длабоко во себе има предрасуди кон ова малцинство. Тој навел многу добри работи за сопругот, но во заклучокот напишал: „Иако е [од таа националност], тој со своето однесување и начин на живот им помага на другите да сфатат дека, дури и ако некој е [од таа националност], тоа не мора да значи дека е валкан и нецивилизиран, што е типично за многумина со [такво] потекло“. Што учиме од ова? Без оглед на тоа какви одговорности имаме во Јеховината организација, мора да се преиспитуваме и да бидеме спремни да прифатиме помош за да ја препознаеме и најмалата трага на предрасуди во нашето срце. Што друго можеме да направиме?

7. Како можеме да покажеме дека широко сме го отвориле нашето срце?

7 Ако широко ги отвориме нашите срца, ќе ги замениме предрасудите со љубов (2. Кор. 6:11-13). Дали сакаш да се дружиш само со луѓе од твојата раса, националност, племе или јазик? Ако е така, рашири го својот круг на пријатели. Би можел да одиш во служба со објавители од различно потекло. Или би можел да ги поканиш на ручек или на дружење (Дела 16:14, 15). Со текот на времето, како што ќе расте твојата љубов, во твоето срце ќе има сѐ помалку место за предрасуди. А сега да разгледаме уште една работа на темел на која честопати формираме мислење за другите.

НЕ СУДЕТЕ СПОРЕД МАТЕРИЈАЛНАТА СОСТОЈБА

8. Според 3. Мојсеева 19:15, каква опасност постои?

8 Врз нашето гледиште за другите може да влијае и нивната материјална состојба. Во 3. Мојсеева 19:15 пишува: „Не биди пристрасен кон сиромавиот и не давај му предност на големецот. Суди му по правда на својот ближен“.

9. Која тажна вистина ја запишал Соломон, и што учиме од тоа?

9 Како би можела нечија материјална состојба да влијае врз нашето гледиште за него? Светиот дух го поттикнал Соломон да запише една тажна вистина за нас луѓето: „Сиромавиот го мразат и неговите блиски, а богаташот има многу пријатели“ (Изр. 14:20). Што учиме од оваа изрека? Ако не внимаваме, во нас би можело да се роди желба повеќе да се дружиме со богати браќа, а да почнеме да ги избегнуваме сиромашните. Зошто е толку опасно да ги проценуваме луѓето на темел на нивната материјална состојба?

10. На каков проблем укажал Јаков?

10 Ако формираме мислење за другите на темел на нивната материјална состојба, би можеле да создадеме поделби во собранието. Ученикот Јаков укажал на овој проблем кој се појавил во некои собранија во првиот век. (Прочитај Јаков 2:1-4.) Не смееме да дозволиме да постојат поделби во нашето собрание. Тогаш, како можеме да се бориме против склоноста да ги проценуваме луѓето според тоа колку имаат во материјален поглед?

11. Дали нашиот однос со Јехова зависи од тоа дали сме богати или сиромашни? Објасни.

11 На нашите браќа треба да гледаме онака како што гледа Јехова. Тој не ја мери вредноста на луѓето според тоа дали се богати или сиромашни. Нашиот однос со Јехова нема никогаш да зависи од нашата материјална состојба. Иако рекол дека „на богатиот ќе му биде тешко да влезе во царството небесно“, Исус не рекол дека тоа ќе биде невозможно (Мат. 19:23). Од друга страна, тој го рекол и следново: „Среќни сте вие сиромашните, зашто ваше е царството Божје!“ (Лука 6:20). Сепак, Исус не сакал да каже дека сите сиромашни луѓе ќе го слушаат и ќе добијат посебни благослови. Голем број сиромашни луѓе не станале негови ученици. Ова покажува дека не можеме да го процениме односот на некое лице со Јехова според тоа колку има во материјален поглед.

12. Какви совети има во Божјата Реч и за богатите и за сиромашните?

12 Среќни сме што меѓу нас има многу браќа и сестри, и богати и сиромашни, кои го сакаат Јехова и му служат со цело срце. Библијата ги предупредува богатите „да не се потпираат на несигурното богатство, туку на Бог“. (Прочитај 1. Тимотеј 6:17-19.) Во исто време, Божјата Реч ги предупредува сите слуги на Јехова, и богатите и сиромашните, дека е опасно да ги сакаат парите (1. Тим. 6:9, 10). Кога на нашите браќа гледаме онака како што гледа Јехова, нашето мислење за нив нема да го градиме на темел на нивната материјална состојба. Но дали треба да ги судиме другите според нивната возраст? Да видиме.

НЕ СУДЕТЕ СПОРЕД ВОЗРАСТА

13. Што учиме од Библијата во врска со почитта кон постарите?

13 Во Библијата, на повеќе места се спомнува дека мора да ги почитуваме постарите. Во 3. Мојсеева 19:32 пишува: „Пред седа глава стани, почитувај го лицето на стар човек и бој се од својот Бог“. Во Изреки 16:31 читаме дека „седата коса е прекрасна круна кога се наоѓа на патот на праведноста“. Освен тоа, Павле му кажал на Тимотеј да не ги прекорува постарите браќа, туку да гледа на нив како на татковци (1. Тим. 5:1, 2). Иако Тимотеј имал одредена мера авторитет да им дава упатства на постарите браќа, со нив требало да постапува сочувствително и со почит.

14. Во која ситуација можеби ќе биде потребно да исправиме некое лице кое е постаро од нас?

14 Што ако некој постар брат или сестра намерно прави грев или застапува нешто што Јехова не го сака? Јехова нема да му прогледа низ прсти на некој што намерно греши само затоа што е постар. Размисли за начелото во Исаија 65:20: „Грешникот ќе биде проколнуван, дури и да има сто години“. Слично начело содржи и видението на Езекиел (Езек. 9:5-7). Според тоа, најважно треба да ни биде да покажеме почит кон Јехова Бог — Прадревниот (Дан. 7:9, 10, 13, 14). Таквата почит ќе ни ја даде потребната храброст да исправиме некого на кого му треба совет, без оглед на неговата возраст (Гал. 6:1).

Дали ги почитуваш помладите браќа? (Види во пасус 15)

15. Што учиме од апостол Павле за тоа дали треба да ги почитуваме младите браќа?

15 А како треба да гледаме на помладите браќа во собранието? Дали поради нивната возраст не заслужуваат да ги почитуваме? Апостол Павле му пишал на младиот Тимотеј: „Никој нека не те потценува поради твојата младост, туку биди им пример на верните во говорот, во постапките, во љубовта, во верата, во чистотата“ (1. Тим. 4:12). Кога Павле ги напишал овие зборови, Тимотеј веројатно имал околу 30 години. Сепак, Павле му доверил многу важни одговорности. Што учиме од ова? Врз нашето мислење за младите браќа не треба да влијае нивната возраст. Добро е да имаме на ум дека дури и Исус имал само 33 години кога успешно ја завршил својата служба на Земјата.

16, 17. а) Како старешините утврдуваат дали некој брат ги исполнува условите да служи како слуга-помошник или старешина? б) Што може да се случи ако некој се потпира на личното мислење или на ставовите во средината во која живее наместо на Библијата?

16 Можеби потекнуваме од култура во која младите обично се потценувани. Поради тоа, старешините можеби не ги препорачуваат младите браќа за да служат како слуга-помошници или како старешини, иако ги исполнуваат условите за тоа. Но никаде во Библијата не пишува на која возраст може некој да биде именуван како слуга-помошник или старешина (1. Тим. 3:1-10, 12, 13; Тит 1:5-9). Ако некој старешина поставува правило во врска со ова на темел на својата култура, тогаш не постапува во склад со Божјата Реч. Старешините не треба да ги проценуваат младите на темел на своите ставови или ставовите на средината во која живеат, туку на темел на библиските мерила (2. Тим. 3:16, 17).

17 Ако старешините не ги следат библиските мерила за именување слуга-помошници и старешини, би можеле да ги спречат браќата кои ги исполнуваат условите да бидат именувани. Во една земја, еден слуга-помошник добро ги извршувал одговорните задачи што му биле доверени. Старешините од неговото собрание биле согласни дека овој млад брат ги исполнува библиските услови за да биде именуван како старешина. Сепак, неколку постари старешини сметале дека тој изгледа премногу млад за другите да гледаат на него како на старешина, и затоа не го препорачале. За жал, овој брат не бил именуван само поради својот изглед. Иако ова е само едно искуство, извештаите покажуваат дека ваквиот начин на размислување е вообичаен во многу делови од светот. Многу е важно да се потпираме на Библијата, а не на нашето лично мислење или на ставовите во средината во која живееме. Само тогаш може да кажеме дека сме му послушни на Исус и дека не судиме според надворешноста.

СУДЕТЕ СО ПРАВЕДЕН СУД

18, 19. Што ќе ни помогне да гледаме на нашите браќа онака како што гледа Јехова?

18 И покрај нашата несовршеност, можеме да научиме да гледаме на другите како Јехова, без предрасуди (Дела 10:34, 35). Но, за да успееме во тоа, мора постојано да вложуваме труд и да ги земаме присрце потсетувањата од Божјата Реч. На тој начин ќе постапуваме во склад со заповедта на Исус да не судиме според надворешноста (Јован 7:24).

19 Наскоро нашиот Цар, Исус Христос, ќе им суди на сите луѓе, но не според она што го гледа или слуша, туку според Божјите праведни мерила (Иса. 11:3, 4). Едвај чекаме да дојде тоа прекрасно време!