Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Долготрпеливост — истрајност со цел

Долготрпеливост — истрајност со цел

ЖИВОТОТ во овие „последни денови“ е сѐ потежок (2. Тим. 3:1-5). Затоа на Божјите слуги им треба долготрпеливост повеќе од кога и да било порано. Насекаде околу нас има луѓе кои се себични, кои постојано се расправаат и немаат самоконтрола. На таквите луѓе им недостига долготрпеливост, односно стрпливост. Затоа, секој Божји слуга треба да се праша: „Дали и јас сум станал нестрплив како луѓето околу мене? Што значи да бидам долготрпелив? Што можам да направам за оваа убава христијанска особина да стане дел од мојата личност?“

ШТО Е ДОЛГОТРПЕЛИВОСТ?

Да се биде долготрпелив во библиска смисла на зборот не значи само да се трпи некоја тешка ситуација туку и да се истрае со надеж дека ситуацијата ќе се подобри. Оној што е стрплив не мисли само на себеси, туку се грижи за чувствата на другите, дури и во ситуации кога му се нарушени односите со некого. Затоа, кога некој ќе го изнервира или повреди, стрпливиот човек не губи надеж дека неговиот однос со тоа лице ќе се подобри. Не е чудно што Библијата вели дека стрпливоста произлегува од љубовта * (1. Кор. 13:4). Исто така, долготрпеливоста е дел од „плодовите на духот“ (Гал. 5:22, 23). Што треба да правиме за да ја стекнеме оваа убава христијанска особина?

КАКО ДА СТЕКНЕМЕ ДОЛГОТРПЕЛИВОСТ

За да ја стекнеме оваа особина треба да се молиме за свет дух, што Јехова им го дава на оние кои имаат доверба во него (Лука 11:13). Иако светиот дух е многу моќен, ние треба да го направиме нашиот дел така што ќе живееме во склад со нашите молитви (Пс. 86:10, 11). Ова значи дека, ако сакаме стрпливоста да пушти корен во нашето срце, мора да се трудиме секој ден да ја покажуваме таа особина. Но понекогаш можеби ќе потфрлиме. Тогаш, што друго може да ни помогне стрпливоста да стане дел од нашата личност?

Можеме да ја стекнеме оваа особина ако го проучуваме животот на Исус и се трудиме да го следиме неговиот совршен пример. Кога зборувал за „новата личност“, во која спаѓа и стрпливоста, апостол Павле нѐ поттикнал да дозволиме „мирот Христов“ да владее во нашите срца (Кол. 3:10, 12, 15). За да дозволиме таквиот мир да владее во нашите срца, треба да го следиме примерот на Исус и да имаме целосна доверба дека Јехова ќе ги исправи работите во свое време. Ако имаме ваква доверба, ќе останеме стрпливи без разлика што сѐ се случува околу нас (Јован 14:27; 16:33).

Сите ние едвај чекаме да дојде новиот свет. Но, кога размислуваме за тоа колку голема стрпливост Јехова покажал кон нас, се учиме да бидеме уште пострпливи. Библијата нѐ уверува: „Јехова не доцни со исполнувањето на своето ветување, како што некои мислат дека доцни, туку е стрплив со вас бидејќи не сака никој да биде уништен, туку сите да дојдат до покајание“ (2. Пет. 3:9). Значи, кога размислуваме за тоа колку е стрплив Јехова со нас, поттикнати сме да бидеме уште пострпливи со другите (Рим. 2:4). Во кои ситуации ни е потребна стрпливост?

СИТУАЦИИ ВО КОИ НИ Е ПОТРЕБНА СТРПЛИВОСТ

Во многу ситуации во животот ни треба стрпливост. На пример, кога разговараме со некого, можеби ќе ни текне нешто што сметаме дека е важно да го кажеме. Во такви прилики стрпливоста ни помага да не го прекинеме другиот додека зборува (Јак. 1:19). Стрпливост ни треба и кога нѐ нервираат навиките на некој соверник. Наместо да реагираме избрзано во таква ситуација, мудро е да размислиме како Јехова и Исус реагираат на нашите слабости. Тие не се концентрираат на нашите мали пропусти, туку на нашите добри особини, и стрпливо ни даваат време да се подобриме (1. Тим. 1:16; 1. Пет. 3:12).

Стрпливост ни треба и кога некој ќе ни каже дека нешто сме згрешиле. Во таква ситуација можеби веднаш ќе се навредиме и ќе почнеме да се правдаме. Но Божјата Реч нѐ поттикнува да реагираме на поинаков начин. Во неа пишува: „Подобар е оној што е стрплив отколку оној што е вообразен. Немој брзо да се навредуваш, зашто навредливоста почива во пазувите на безумните“ (Проп. 7:8, 9). Значи, дури и ако сосема неправедно сме обвинети за нешто, треба да бидеме стрпливи и внимателно да размислиме пред да реагираме. Така постапувал Исус кога другите неправедно го обвинувале (Мат. 11:19).

На родителите особено им треба стрпливост кога мора да им помогнат на своите деца да исправат некои ставови или да се чуваат од погрешни желби. Размисли за примерот на Матијас, кој служи во Бетелот во Скандинавија. Кога бил тинејџер, соучениците постојано го исмејувале поради неговите верувања. Во почетокот, неговите родители не биле свесни за ова, но забележале дека почнува да се сомнева во своите верувања. Јилис, татко му на Матијас, вели дека нему и на жена му им требало многу стрпливост во оваа ситуација. Матијас им поставувал прашања како, на пример: „Кој е Бог? Што ако Библијата не е Божја Реч? Од каде знаеме дека Бог го бара ова од нас?“ Исто така, го прашувал татко му: „Зошто некој да ме осудува ако немам исти ставови и верувања како вас?“

Јилис објаснува: „Понекогаш, кога ги поставуваше прашањата беше гневен, но не кон мене или кон мајка му, туку кон библиската вистина бидејќи сметаше дека му го загорчува животот“. Како Јилис му помогнал на својот син? „Разговорите со син ми траеја со часови. Најчесто само слушав и одвреме-навреме му поставував прашања за да добијам целосна слика за неговите чувства и ставови. Понекогаш ќе му дадев некое објаснување и ќе му кажев да размисли за тоа ден-два пред да продолжиме со разговорот. А некогаш ќе му кажев дека мене ми се потребни неколку денови да размислам за некое гледиште што ми го кажал.“ Благодарение на овие редовни разговори, Матијас постепено почнал да го разбира значењето на откупнината и да сфаќа дека Јехова има право да владее и дека многу нѐ сака. Јилис вели: „Беше потребно време и честопати не беше лесно, но постепено во неговото срце почна да расте љубов кон Јехова. Јас и жена ми сме многу среќни што со нашата стрпливост успеавме да му помогнеме на нашиот син да ги преброди тинејџерските години и вистината да допре до неговото срце“.

Јилис и жена му имале доверба дека Јехова ќе ги поддржува додека тие стрпливо му помагаат на нивниот син. Јилис вели: „Честопати му велев на Матијас дека нашата голема љубов кон него нѐ поттикна мене и мајка му уште посесрдно да го молиме Јехова да му помогне да ја разбере вистината“. Овие родители се пресреќни што биле стрпливи и што не се откажале!

Стрпливост ни треба и доколку се грижиме за некој член од семејството или за некој пријател кој долго време е тешко болен. Да го разгледаме примерот на Елен, * која исто така живее во Скандинавија.

Пред околу осум години, сопругот на Елен имал два мозочни удара. Поради тоа, повеќе не е во состојба да чувствува радост, тага или жал. Оваа ситуација е многу тешка за Елен. Таа вели: „Треба да покажувам голема стрпливост и многу да се молам“. Елен додава: „Омилен стих кој ми дава утеха е Филипјаните 4:13 во кој пишува: ’Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила‘“. Со силата и поддршката што ги добива од Јехова, Елен стрпливо истрајува во својата тешка ситуација (Пс. 62:5, 6).

БИДИ СТРПЛИВ КАКО ЈЕХОВА

Се разбира, најдобар пример за стрпливост е самиот Јехова (2. Пет. 3:15). Во Библијата читаме за многу ситуации во кои Јехова покажал голема стрпливост (Неем. 9:30; Иса. 30:18). На пример, како реагирал Јехова кога Авраам му поставил неколку прашања со кои покажал загриженост во врска со Неговата одлука да го уништи Содом? Јехова не го прекинувал Авраам. Тој стрпливо ги слушал сите негови прашања и грижите што ги имал. По секое прашање од Авраам, Јехова покажал дека внимателно слушал со тоа што ги повторил неговите зборови. На крајот, го уверил дека нема да го уништи Содом дури и ако има само десет праведни луѓе во тој град (1. Мој. 18:22-33). Колку убав пример ни оставил Јехова — тој секогаш слуша внимателно и никогаш не реагира избрзано!

Стрпливоста е многу важен дел од новата личност што мора да ја имаат сите Божји слуги. Ако даваме сѐ од себе за да ја стекнеме оваа скапоцена особина, ќе му носиме слава на нашиот грижлив и стрплив небесен Татко, Јехова, и ќе бидеме меѓу „оние што поради својата вера и стрпливост го наследуваат она што е ветено“ (Евр. 6:10-12).

^ пас. 4 Особината љубов беше разгледана во првата од овие статии во кои се обработуваат плодовите на Божјиот свет дух.

^ пас. 15 Името е сменето.