Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Како можел ученикот Стефан да остане толку смирен кога бил прогонуван?

СТЕФАН се соочил со своите непријатели од Судскиот совет — највисокиот суд во Израел кој броел 71 член. Тие судии биле едни од највлијателните луѓе во тоа време. Сега биле собрани од првосвештеникот Кајафа, кој неколку месеци пред тоа претседавал со судењето на кое Исус бил осуден на смрт (Мат. 26:57, 59; Дела 6:8-12). Додека лажните сведоци истапувале еден по еден со своите обвиненија, нешто чудно се случило со Стефан — оние што биле таму забележале дека лицето му станало „како лице на ангел“ (Дела 6:13-15).

Како Стефан успеал да остане смирен и спокоен во таа застрашувачка ситуација? Пред да биде одвлечкан пред Судскиот совет, тој бил целосно посветен на службата која ја вршел под моќното влијание на Божјиот дух (Дела 6:3-7). На неговото судење, истиот тој дух дејствувал врз него со цел да го утеши и да го потсети на важни работи (Јован 14:16, фус.). Додека смело ја изнесувал својата одбрана, која е запишана во Дела поглавје 7, светиот дух го потсетил на повеќе од 20 стихови од Хебрејските списи (Јован 14:26). Но, верата на Стефан уште повеќе се зајакнала кога добил видение во кое го здогледал Исус како стои од десната страна на Бог (Дела 7:54-56, 59, 60).

Можеби и ние еден ден ќе се соочиме со закани и прогонство (Јован 15:20). Ако уште денес редовно ја проучуваме Божјата Реч и учествуваме во службата, му дозволуваме на Јеховиниот дух да дејствува врз нас. Тоа ќе ни даде сила да останеме цврсти и кога ќе се соочиме со противење, а ќе ни помогне и да го зачуваме нашиот душевен мир (1. Пет. 4:12-14).