Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Јехова беше добар кон нас

Јехова беше добар кон нас

КОГА јас и жена ми Даниела стигнавме во хотелот, рецепционерката веднаш ми рече: „Господине, ве молам јавете се на граничната полиција“. Неколку часа пред тоа пристигнавме во Габон, западноафриканска земја во која нашето дело во 1970-ите беше под забрана.

Бидејќи секогаш беше на штрек, Даниела ми шепна: „Не мачи се да викаш полиција, веќе се тука!“ Се свртев и видов како пред хотелот се паркира едно возило. По неколку минути, војниците нѐ уапсија. Но, бидејќи Даниела навреме ме предупреди, успеав да му предадам некои документи на еден брат што беше таму.

Додека нѐ водеа кон полициската станица, размислував колку сум среќен што имам толку храбра и духовна жена. Ова беше само една од многуте прилики во кои јас и Даниела соработувавме како тим. Да ви раскажам како дојде до тоа да посетуваме земји во кои нашето проповедничко дело имаше законски ограничувања.

ЈЕХОВА МИ ПОМОГНА ДА ЈА ЗАПОЗНААМ ВИСТИНАТА

Роден сум во 1930 год. во гратчето Кроа, кое се наоѓа во северниот дел на Франција. Моите родители беа многу побожни католици. Како семејство, одевме на миса секоја недела, а татко ми беше вклучен во многу активности во парохијата. Сепак, кога имав скоро 14 години, се случи нешто што ми ги отвори очите и ми помогна да го видам лицемерството на Црквата.

За време на Втората светска војна, Франција беше окупирана од германската војска. Во текот на богослужбите, нашиот свештеник редовно нѐ поттикнуваше да ја поддржуваме Француската Држава, чија влада беше пронацистички ориентирана. Бевме згрозени од тоа што го кажуваше. Како и многу други во Франција, скришно го слушавме радиото Би-би-си, кое емитуваше вести од сојузничките сили. Потоа свештеникот нагло го смени својот став и одржа благодарствена богослужба за да го прослави напредувањето на сојузничките сили во септември 1944 год. Бев запрепастен од таквото лицемерство. Тоа ми ја разниша довербата во свештенството.

Кратко по војната, татко ми почина. Мојата постара сестра веќе беше мажена и живееше во Белгија, па затоа чувствував одговорност да се грижам за мајка ми. Се вработив во текстилната индустрија. Газдата и неговите синови беа посветени католици. Иако можев многу да напредувам во нивната фирма, наскоро се соочив со испит.

Во 1953 год. нѐ посети сестра ми Симона, која во меѓувреме станала Јеховин сведок. Со својата Библија, таа на многу уверлив начин ги поби лажните учења на католичката црква за пекол, тројство и бесмртност на душата. Отпрвин имав приговор бидејќи не ја користеше католичката Библија, но за кратко време ми стана јасно дека она што го кажува е вистина. Подоцна таа ми донесе стари броеви од Стражарска кула, кои ги читав ноќе во мојата соба. Го голтав секој збор! Брзо сфатив дека ја пронајдов вистината. Сепак, се плашев дека ќе ја изгубам работата ако станам Јеховин сведок.

Неколку месеци самиот ја проучував Библијата, како и статии од Стражарска кула. На крајот решив да појдам во некоја Сала на Јеховините сведоци. Срдечната атмосфера што владееше во собранието ме допре до срце. Откако шест месеци ја проучував Библијата со еден поискусен брат, се крстив во септември 1954 год. Бев пресреќен кога по кратко време се крстија и мајка ми и помалата сестра.

СЕ ПОТПИРАВМЕ НА ЈЕХОВА ВО ПОЛНОВРЕМЕНАТА СЛУЖБА

Во 1958 год., неколку седмици пред да се одржи меѓународниот конгрес во Њујорк, почина мајка ми. Кога се вратив од конгресот, дадов отказ од работа и почнав со пионерска служба бидејќи повеќе немав одговорности кон семејството. Во меѓувреме се верив со една мила ревносна пионерка, Даниела Дели, со која стапив во брак во мај 1959 год.

Даниела почнала со полновремена служба во селата во Бретања, далеку од својот дом. Ѝ требало многу храброст за да им проповеда на католиците во тој крај и да патува од едно до друго село со својот велосипед. И кај неа, исто како и кај мене, преовладуваше силно чувство на итност — знаевме дека крајот може да дојде во секое време (Мат. 25:13). Нејзината самопожртвуваност ни помогна да истраеме во полновремената служба.

Само неколку дена откако се зедовме, добивме задача да служиме во покраинското дело. Требаше да се приспособиме на прилично скромни услови за живеење. Првото собрание што го посетивме имаше 14 објавители, кои немаа можност да ни понудат сместување. Затоа спиевме на душеци на бината во салата. Душеците беа далеку од удобни, но беа одлични за ’рбетот!

Ги посетувавме собранијата со нашата мала кола

Иако имавме исполнет распоред, Даниела добро се снаоѓаше во патувачката служба. Честопати имав непланирани состаноци со старешините, и таа мораше да ме чека во нашата мала кола. Сепак, никогаш не се жалеше поради тоа. Поминавме само две години во покраинското дело, во кои научивме колку е важно да комуницираме отворено и искрено како брачен пар и да соработуваме како тим (Проп. 4:9).

ДОБИВМЕ НОВИ ЗАДАЧИ ВО СЛУЖБАТА

Во 1962 год., бевме поканети да присуствуваме на 37-от клас на школата Гилеад, која траеше 10 месеци. Меѓу 100-те учесници имаше само 13 брачни пара. Бевме среќни што јас и жена ми можевме да присуствуваме заедно. Сѐ уште имам пријатни спомени од дружењето со некои браќа кои беа вистински духовни столбови, како Фредерик Франц, Јулисис Глас и Александар Мекмилан.

Бевме пресреќни што присуствувавме заедно на школата Гилеад!

За време на обуката, бевме поттикнати да ја развиваме нашата способност за забележување. Од таа причина, во сабота попладне после часовите, понекогаш требаше да разгледуваме некои познати места во Њујорк. Знаевме дека во понеделник ќе имаме тест за она што сме го виделе. Во сабота навечер честопати се враќавме мртви уморни. Но нашиот водич, кој служеше во Бетел, ни поставуваше прашања за повторување за да ни помогне да ги запамтиме главните работи за тестот. Една сабота пешачевме цело попладне низ градот. Посетивме една опсерваторија во која научивме нешто за метеорите и метеоритите. А во Американскиот природонаучен музеј дознавме која е разликата меѓу алигатор и крокодил. Кога стигнавме во Бетел, нашиот водич нѐ праша: „И, која е разликата меѓу метеор и метеорит?“ Даниела, која беше многу уморна, одговори: „Метеоритите имаат подолги заби!“

Со радост ги посетувавме нашите верни браќа и сестри во Африка

Многу се изненадивме кога бевме испратени во подружницата во Франција, каде што заедно служевме 53 години. Во 1976 год., бев назначен за координатор на Одборот на подружницата, а добив задача и да посетувам разни земји во Африка и на Блискиот Исток, во кои нашето проповедничко дело беше забрането или имаше законски ограничувања. Така отидовме во Габон, каде што се случи она што го раскажав во почетокот. Да бидам искрен, не се чувствував секогаш способен да се носам со тие неочекувани одговорности. Но, благодарение на Даниела, можев да се справам со речиси секоја задача.

Преведувам говор на брат Теодор Џерес на конгресот „Божествена правда“, кој се одржа во Париз во 1988 год.

СЕ СООЧИВМЕ СО ТЕЖОК ИСПИТ

Уште од самиот почеток, многу го засакавме животот во Бетел. Даниела, која научи англиски во петте месеци пред да одиме на Гилеад, стана добар преведувач на нашите публикации. Уживавме во бетелската служба, а можноста да соработуваме со браќата во собранието уште повеќе ни ја зголемуваше радоста. Се сеќавам како со Даниела се враќавме со париското метро доцна во ноќта. Иако бевме уморни, чувствувавме голема радост што можевме заедно да ја проучуваме Библијата со луѓе што добро напредуваа. За жал, на Даниела ненадејно ѝ се влоши здравјето и повеќе не можеше да го прави сето она што го правеше дотогаш.

Во 1993 год. лекарите ѝ открија рак на градата. Лекувањето беше многу тешко — вклучуваше операција и агресивна хемотерапија. Петнаесет години подоцна, повторно ѝ дијагностицираа рак, и тоа уште поинвазивен облик. И покрај тоа, Даниела толку ја ценеше својата задача како преведувач што успеа да продолжи со работата кога состојбата ѝ се подобри.

Иако таа доби толку тешка болест, никогаш не помисливме да си заминеме од Бетел. Сепак, не е лесно да служиш во Бетел кога си болен, особено ако другите не се свесни колку е сериозна твојата состојба (Изр. 14:13). Дури и кога Даниела имаше речиси 80 години, од нејзиното држење и од нејзиниот мил израз на лицето не можеше да се забележи во каква состојба се наоѓа. Таа не се сожалуваше. Наместо тоа, се трудеше да им помага на другите. Знаеше дека со својата спремност да сослуша може многу да им помогне на оние што страдаат (Изр. 17:17). Со своето искуство, Даниела им помогна на многу сестри да не се плашат од ракот.

Освен тоа, се соочивме со нови ограничувања и предизвици. Кога повеќе не можеше да служи во Бетел со полно работно време, Даниела си постави за цел да направи сѐ што може за да ми олесни мене. Поради тоа можев да служам како координатор на Одборот на подружницата 37 години. На пример, таа подготвуваше сѐ што беше потребно за да можеме секој ден заедно да ручаме во нашата соба и малку да се одмориме (Изр. 18:22).

СЕ СПРАВУВАВМЕ СО ГРИЖИТЕ ОД ДЕН ВО ДЕН

Даниела секогаш беше многу позитивна и имаше силна желба за живот. Но, доби рак и по трет пат. Се чувствувавме беспомошни. Зрачењата и хемотерапиите толку ја исцрпуваа што на моменти едвај одеше. Не можам да опишам колку ми беше тешко да гледам како мојата мила жена, која беше искусен преведувач, се мачи да најде зборови да се изрази.

Дури и кога ни беше најтешко, постојано се молевме, уверени дека Јехова нема да дозволи да страдаме повеќе отколку што можеме да издржиме (1. Кор. 10:13). Секогаш се трудевме да ја цениме помошта што Јехова ни ја даваше преку својата Реч, преку медицинскиот персонал во Бетел и преку грижливата поддршка на нашите духовни браќа и сестри.

Кога размислувавме какво лекување да избереме, честопати го молевме Јехова да ни помогне. Едно време, Даниела не примаше никаква терапија. Лекарот кај кого се лекуваше 23 години не можеше да објасни зошто таа губи свест после секоја хемотерапија, а не можеше ни да понуди поинакво лекување. Ни се чинеше дека сме оставени сами на себе и се прашувавме како ќе се одвиваат работите понатаму. Тогаш еден друг онколог прифати да се грижи за Даниела. Имавме чувство како Јехова да ги водеше работите за да ни помогне да не се грижиме претерано.

Научивме да се справуваме со грижите од ден во ден. Како што рекол Исус, „на секој ден му е доволно неговото зло“ (Мат. 6:34). Исто така, многу ни помагаше тоа што задржавме позитивен став и смисла за хумор. На пример, кога Даниела не примаше хемотерапија два месеца, се пошегува: „Да ти кажам право, никогаш не ми било подобро!“ (Изр. 17:22). И покрај сите маки, уживаше да ги пее новите теократски песни, и тоа со полн глас.

Нејзиниот позитивен став ми помогна и мене да се носам со своите ограничувања. Мора да кажам дека, во текот на нашите заеднички 57 години, таа се грижеше за многу мои потреби. Не сакаше дури ни да ми покаже како се пржат јајца! Затоа, кога здравјето значително ѝ се влоши, морав да научам да мијам садови и да користам машина за перење алишта, како и да подготвувам едноставни оброци. Точно е дека скршив неколку чаши, но многу се радував што можев да направам некои работи за неа. *

БЛАГОДАРЕН СУМ МУ НА ЈЕХОВА ЗА НЕГОВАТА ЉУБОВ

Кога ќе помислам на годините што поминаа, сфаќам дека научив важни лекции од ограничувањата што ни ги наметнаа здравствените проблеми и староста. Како прво, никогаш не треба да си презафатен за да му покажеш на својот брачен другар дека го сакаш и цениш. Мора да ги искористиме годините кога здравјето нѐ служи за да им правиме добро на оние што ги сакаме (Проп. 9:9). И второ, не треба премногу да се грижиме за мали работи. Во спротивно, ќе пропуштиме да ги видиме многуте благослови што ги добиваме секој ден (Изр. 15:15).

Кога размислувам за нашиот живот што го поминавме во полновремена служба, слободно можам да кажам дека Јехова нѐ благослови многу повеќе отколку што можевме да си замислиме. Се чувствувам исто како псалмистот, кој рекол: „Јехова беше добар кон мене“ (Пс. 116:7; Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013).

^ пас. 32 Сестра Даниела Бокарт почина на 78 години, додека се подготвуваше оваа статија.