Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што направил Бог?

Што направил Бог?

Ако сакаш некого добро да го запознаеш, треба да знаеш што постигнал во животот и кои тешкотии морал да ги надмине. Слично, ако сакаш добро да го запознаеш Бог, треба да дознаеш што направил. Можеби ќе се изненадиш кога ќе дознаеш како сето она што го направил во минатото ни користи денес и како ќе ни користи во иднина.

СЀ ШТО СОЗДАЛ БОГ Е ЗА НАШЕ ДОБРО

Јехова Бог е величествен Творец, и неговите „невидливи својства... јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено“ (Римјаните 1:20). Исто така, во Библијата пишува: „Тој ја направи земјата со својата сила, ја зацврсти плодната почва со својата мудрост и ги распна небесата со својата разборитост“ (Еремија 10:12). Освен тоа, прекрасните созданија ни откриваат дека Бог е заинтересиран за нас.

Размисли како Јехова ни го збогатил животот со тоа што нѐ создал според својот лик (1. Мојсеева 1:27). Поради тоа, можеме до одредена мера да ги одразуваме неговите величествени особини. Бог нѐ создал со духовни потреби и ни дал способност да ги разбереме неговите гледишта и вредности. Кога се трудиме да живееме во склад со нив, посреќни сме и имаме поголема смисла во животот. Што е уште поважно, Бог ни дал можност да се зближиме со него.

Нашата планета е уште еден доказ за тоа колку многу Бог нѐ сака. Апостол Павле напишал: „[Бог] не ве остави без сведоштво за себе: правеше добро, ви даваше дожд од небото и плодоносни времиња и ги полнеше вашите срца со храна и веселост“ (Дела 14:17). Бог ни дал и повеќе од она што ни е неопходно за да преживееме. Создал многу разновидни работи кои ни овозможуваат да уживаме во животот. Сето тоа е само делче од она што има намера да го направи за нас.

Јехова ја создал Земјата за да можат луѓето да живеат вечно на неа. Во Псалм 115:16 пишува: „Земјата им ја дал на синовите човечки“. А во Исаија 45:18 стои: „Не ја создаде залудно, туку ја обликува за да биде населена“. Кој требало да ја насели Земјата и колку долго тие требало да живеат на неа? Во Псалм 37:29 пишува: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“.

Јехова ги создал првите маж и жена, Адам и Ева, и ги сместил во рајската градина за да ја обработуваат и да се грижат за неа (1. Мојсеева 2:8, 15). Бог им дал две убави задачи — да ја наполнат Земјата со свои потомци и да се грижат за неа (1. Мојсеева 1:28). Според тоа, Адам и Ева имале прекрасна надеж за вечен живот на Земјата. За жал, тие решиле да му бидат непослушни на Бог, и поради тоа ја изгубиле можноста да бидат меѓу праведните кои „ќе ја поседуваат земјата“. Сепак, како што ќе видиме, Бог не ја сменил својата намера за луѓето и за Земјата поради она што го сториле Адам и Ева. Но, прво да видиме што друго направил Бог.

БОГ НИ ЈА ДАЛ СВОЈАТА ПИШАНА РЕЧ

Библијата е позната и како Божја Реч. Зошто Јехова ни ја дал Библијата? Главна причина е за да можеме добро да го запознаеме (Изреки 2:1-5). Точно е дека Библијата не ни дава одговор на секое прашање што го имаме за Бог. Ниту една книга не може да го стори тоа (Проповедник 3:11). Сепак, сето она што е запишано во Библијата ни помага да го запознаеме Бог. Дознаваме каков е тој од начинот на кој постапува со луѓето. Учиме какви личности треба да бидеме за да нѐ сака (Псалм 15:1-5). Дознаваме на кој начин сака да му служиме, за кои морални мерила сака да се држиме и каков став сака да имаме кон материјалните работи. Освен тоа, Библијата ни дава многу детален опис на Јеховината личност преку зборовите и постапките на неговиот Син, Исус Христос (Јован 14:9).

Друга причина зошто Јехова ни ја дал својата Реч, Библијата, е за да знаеме како можеме да имаме среќен и исполнет живот. Преку Библијата, Јехова ни кажува како може нашето семејство да биде среќно, како да бидеме задоволни со она што го имаме и како да се справиме со грижите. И, како што ќе видиме понатаму во ова списание, во Библијата можеме да ги најдеме одговорите на некои од најважните прашања, како што се: Зошто има толку многу страдања? Што ни носи иднината? Таа ни кажува и што направил Бог за да може неговата намера да се оствари.

И многу други работи покажуваат дека Библијата е навистина извонредна книга чиј автор е Бог. Таа била пишувана во период од околу 1.600 години од 40-ина мажи. Сепак, низ целата Библија се провлекува истата тема. Тоа е можно само затоа што нејзиниот Автор, всушност, е Бог (2. Тимотеј 3:16). За разлика од други древни книги, нејзиниот текст останал непроменет низ вековите, за што сведочат илјадниците древни библиски ракописи. Освен тоа, Библијата опстанала и покрај тоа што низ вековите многумина правеле сѐ за таа да не се преведува, да не се чита и да не им се раздава на луѓето. Сега таа е најраспространетата и најпреведуваната книга. Тоа што постои до ден-денес е доказ дека „речта на нашиот Бог останува довека“ (Исаија 40:8).

БОГ ДАЛ ГАРАНЦИЈА ДЕКА НЕГОВАТА НАМЕРА ЌЕ СЕ ИСПОЛНИ

Бог направил нешто посебно за да загарантира дека неговата намера ќе се исполни. Како што спомнавме претходно, Бог имал намера луѓето да живеат на Земјата засекогаш. Сепак, кога Адам решил да му биде непослушен на Бог и направил грев, не само што самиот ја изгубил можноста да живее вечно, туку им ја скратил таа можност и на своите потомци. Во Римјаните 5:12 пишува: „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“. Бидејќи Адам му бил непослушен на Бог, изгледало дека Божјата намера во врска со Земјата нема да се исполни. Што направил Јехова?

Она што го направил Јехова е во склад со неговите особини. Тој со право ги повикал на одговорност Адам и Ева, и ги казнил за нивните постапки. Сепак, љубовта го поттикнала да направи нешто за нивните потомци. Јехова мудро одлучил како да се справи со оваа ситуација и веднаш го кажал решението (1. Мојсеева 3:15). Луѓето требало да бидат ослободени од гревот и смртта преку неговиот Син, Исус Христос. Што вклучувало тоа?

За да го ослободи човештвото од последиците од побуната на Адам, Јехова го испратил Исус на Земјата да ги поучи луѓето како можат да живеат вечно и „да го даде својот живот како откупнина за мнозина“ a (Матеј 20:28; Јован 14:6). Исус можел да го даде својот живот како откупнина затоа што бил совршен човек исто како Адам. Но, за разлика од Адам, Исус останал потполно послушен, дури до смрт. Бидејќи Исус бил безгрешен и не заслужил да умре, Јехова го воскреснал како духовно суштество за повторно да живее на небото. Така Исус можел да го направи она што Адам пропуштил да го направи — да им даде на послушните луѓе можност да живеат вечно. Во Римјаните 5:19 пишува: „Како што преку непослушноста на еден човек мнозина станаа грешници, така и преку послушноста на еден мнозина ќе станат праведни“. Преку откупната жртва на Исус, Бог ќе го исполни своето ветување — луѓето ќе живеат вечно на Земјата.

Начинот на кој Јехова се справил со ситуацијата која се појавила поради непослушноста на Адам ни открива многу за него. Ништо не може да го спречи Јехова да го заврши она што го започнал. Неговите зборови сигурно ќе се исполнат (Исаија 55:11). Исто така, дознаваме колку многу Јехова нѐ сака. Во 1. Јованово 4:9, 10 пишува: „Божјата љубов се покажа на нас во ова: Бог го испрати својот единороден Син во светот, за да добиеме живот преку него. Љубовта се состои во ова: не го сакавме ние Бог, туку тој нѐ сакаше нас и го испрати својот Син како жртва помирница за нашите гревови“.

Во Библијата стои: „[Бог] не го поштеди ни сопствениот Син, туку го предаде за сите нас“. Ова нѐ уверува дека Бог ќе ни даде и сѐ друго што ни ветил (Римјаните 8:32). Што ветил Бог дека ќе направи за нас? Одговорот на ова прашање се наоѓа во следната статија.

ШТО НАПРАВИЛ БОГ? Јехова ги создал луѓето за да живеат засекогаш на Земјата. Ни ја дал Библијата за да можеме да го запознаеме. Преку Исус Христос, Јехова обезбедил откупнина, и со тоа дал гаранција дека неговата намера ќе се исполни

a Нешто повеќе за откупнината можеш да дознаеш од лекција 27 од книгата Радувај му се на животот засекогаш, која е издадена од Јеховините сведоци. Достапна е и на www.pr418.com.