Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што ќе направи Бог?

Што ќе направи Бог?

Ако се соочуваш со некоја тешкотија, сигурно би очекувал некој добар пријател да направи нешто за да ти помогне. Некои не го сметаат Бог за пријател затоа што мислат дека тој не прави ништо за да им помогне. Но, всушност, тој веќе направил многу работи за нас и наскоро ќе преземе нешто во врска со сите проблеми и страдања со кои се соочуваме денес. Што ќе направи Бог?

ЌЕ МУ СТАВИ КРАЈ НА СЕТО ЗЛО

Бог ќе му стави крај на сето зло така што ќе го уништи оној што го предизвикува злото. Библијата ни открива кој е тој. Во 1. Јованово 5:19 пишува: „Целиот свет е под власта на Злобниот“. „Злобниот“ е оној за кој Исус рекол дека е „владетелот на овој свет“, Сатана Ѓаволот (Јован 12:31). Влијанието на Сатана врз човештвото е главна причина за лошите услови на Земјата. Што ќе направи Бог?

Наскоро, преку својот Син, Исус Христос, Јехова ќе го уништи Ѓаволот (Евреите 2:14; 1. Јованово 3:8). Всушност, Библијата покажува дека Ѓаволот знае дека „има кратко време“ пред да биде уништен (Откровение 12:12). Исто така, Бог ќе ги уништи сите оние кои прават зло (Псалм 37:9; Изреки 2:22).

ЌЕ ЈА ПРЕТВОРИ ЗЕМЈАТА ВО РАЈ

Откако ќе го отстрани сето зло, нашиот Творец ќе направи сѐ што е потребно за да ја исполни својата намера во врска со луѓето и со Земјата. Што можеме да очекуваме?

Траен мир и сигурност. „Кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11).

Изобилство здрава храна. „На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“ (Псалм 72:16).

Удобен дом и работа која ќе нѐ исполнува. „Тие ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот род... Моите избраници ќе уживаат во плодовите на своите раце“ (Исаија 65:21, 22).

Дали би сакал да живееш во такви услови? Наскоро тие ќе станат реалност за секого.

ЌЕ ГИ ОТСТРАНИ БОЛЕСТИТЕ И СМРТТА

Денес сите се разболуваме и на крајот умираме. Но, уште малку тоа ќе биде минато. Наскоро Бог ќе ги излее врз луѓето благословите од откупната жртва на Исус. На тој начин, секој што верува во Исус нема да биде уништен (Јован 3:16). Кои се некои од тие благослови?

Болестите ќе бидат искоренети. „Никој од жителите нема да рече: ’Болен сум‘. На народот што живее таму ќе му биде простен неговиот престап“ (Исаија 33:24).

Смртта повеќе нема да постои. „Ќе ја уништи смртта засекогаш и Севишниот Господар Јехова ќе ги избрише солзите од секое лице“ (Исаија 25:8).

Луѓето ќе живеат засекогаш. „Дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господар“ (Римјаните 6:23).

Оние што се починати ќе воскреснат. „Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15). Ова ќе биде возможно благодарение на откупната жртва на Исус.

Како Бог ќе го постигне сето ова?

ЌЕ ВОСПОСТАВИ СОВРШЕНА ВЛАДА

Бог ќе ја исполни својата намера во врска со луѓето и Земјата преку една небесна влада, со која ќе владее Исус Христос (Псалм 110:1, 2). Исус ги поучил своите следбеници да се молат за таа влада, односно Царство. Во молитвата Оченаш, тој рекол: „Татко наш, кој си на небесата... да дојде царството твое“ (Матеј 6:9, 10).

Божјето Царство ќе владее над Земјата и ќе им стави крај на сите страдања. Ова Царство е најдобрата можна влада за луѓето! Токму затоа, додека ја вршел својата служба на Земјата, Исус давал сѐ од себе за да ја објави „добрата вест за царството“. Тој им рекол и на своите ученици да го прават тоа (Матеј 4:23; 24:14).

Поради својата огромна љубов кон луѓето, Јехова Бог ветил дека ќе ги направи сите овие прекрасни работи за нив. Зарем ова не те поттикнува да го запознаеш и да се зближиш со него? Како ќе ти користи тоа? Одговорот се наоѓа во следната статија.

ШТО ЌЕ НАПРАВИ БОГ? Бог ќе ги отстрани болестите и смртта, ќе ги обедини луѓето под власта на своето Царство и ќе ја претвори Земјата во рај