Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Навистина ВРЕДИ да се живее!

Навистина ВРЕДИ да се живее!

Фајзал морал да оди на тешка операција на срцето само една година по смртта на жена му. Тој вели: „Кога ја читам книгата Јов, знам дека Јехова имал причина што дозволил да биде запишана. Кога во Библијата читаме за некој што имал слични чувства како нашите, тоа ни ја ублажува болката во срцето“. Фајзал додава: „И покрај сѐ, навистина вреди да се живее“.

Тарша била млада кога умрела мајка ѝ. Таа вели: „Тоа што го познавам нашиот Творец ми дава смисла, надеж и радост во животот, и покрај сите проблеми со кои се соочувам. Воопшто не се сомневам дека Јехова може да нѐ поддржи и да ни помогне да се справиме со маките што ги носи секој нов ден“.

ВО ПРЕТХОДНИТЕ статии разгледавме разни лоши околности поради кои животот може да ни изгледа неподнослив. Додека се трудиш да се задржиш на нозе под товарот на твоите лични проблеми, можеби се прашуваш дали навистина имаш причина да живееш и дали некој воопшто се грижи за тебе. Биди уверен дека на Бог не му е сеедно кога гледа низ што сѐ поминуваш. Ти си скапоцен за него.

Писателот на 86. Псалм ја изразил својата доверба во Бог, кога во молитва му рекол: „Ќе те повикам во денот на својата неволја, зашто ти ќе ме услишиш“ (Псалм 86:7). Но, можеби се прашуваш: „Како Бог ќе ме услиши во денот на мојата неволја?“

Иако можеби Бог нема веднаш да ги реши нашите проблеми, неговата Реч, Библијата, нѐ уверува дека ќе ни даде душевен мир за да ни помогне да се справиме со нив. Во неа пишува: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум“ (Филипјаните 4:6, 7). Размисли како следниве библиски стихови потврдуваат дека Бог со љубов се грижи за нас.

Бог навистина се грижи за тебе

„Ниту едно [врапче] не е заборавено пред Бог... [А] вие сте повредни од многу врапчиња!“ (Лука 12:6, 7).

РАЗМИСЛИ: Иако се безначајни за повеќето луѓе, врапчињата не се безначајни за Бог. Тој го забележува секое мало врапче бидејќи е скапоцено за него. А луѓето му се далеку поскапоцени од врапчињата. Како круна на неговото земно творештво, тие се создадени според неговиот „лик“, и затоа можат да ги развиваат и да ги покажуваат неговите возвишени особини (1. Мојсеева 1:26, 27).

„Јехова, ти проникна во мојата внатрешност и ме познаваш. Ти... ми ги распознаваш мислите... Испитај ме и запознај ги немирните мисли мои“ (Псалм 139:1, 2, 23).

РАЗМИСЛИ: Бог те познава многу добро. Тој ги знае твоите најдлабоки чувства и грижи. Иако другите можеби не сфаќаат во колку тешка ситуација се наоѓаш, Бог се грижи за тебе и сака да ти помогне. Затоа, вреди да живееш.

Твојот живот има смисла

„О Јехова, слушни ја мојата молитва, и мојот повик нека дојде кај тебе... Приклони го кон мене своето уво; во денот кога ќе те повикам, побрзај, услиши ме! [Бог] ќе обрне внимание на молитвата на оние што останаа без ништо“ (Псалм 102:1, 2, 17).

РАЗМИСЛИ: Според овој стих, Јехова како да ги собира и памти сите солзи што луѓето ги пролеале од самиот почеток на човечкото страдање (Псалм 56:8). Тоа значи дека не ги заборавил ни твоите солзи. Тој се сеќава на сите твои неволји и маки бидејќи си драгоцен за него.

„Не плаши се... зашто јас сум твојот Бог! Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам... Јас, Јехова, твојот Бог... ти велам: ’Не плаши се! Јас ќе ти помогнам‘“ (Исаија 41:10, 13).

РАЗМИСЛИ: Бог е спремен да ти помогне. Ако паднеш, тој ќе те подигне.

Има надеж за подобра иднина

„Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16).

РАЗМИСЛИ: Бог толку многу те сака што спремно го дал својот Син, Исус, како жртва за тебе. Благодарение на таа жртва, имаш можност да водиш среќен и исполнет живот засекогаш. a

Иако можеби имаш проблеми поради кои не гледаш никаква светла точка во животот, внимателно истражи ја Божјата Реч за да стекнеш надеж и вера во Божјите ветувања. Така ќе можеш да бидеш вистински среќен и ќе се увериш дека навистина вреди да се живее.

a Нешто повеќе за тоа како може да ти користи жртвата на Исус можеш да дознаеш од видеоклипот Сеќавај се на смртта на Исус Христос, кој се наоѓа на www.pr418.com/mk. Оди на ЗА НАС > СПОМЕН-СВЕЧЕНОСТ.