Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 2

Фали го Јехова во собранието

Фали го Јехова во собранието

Ќе те фалам среде насобраното мноштво (ПС. 22:22)

ПЕСНА 59 Фали го со мене Јах!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што чувствувал Давид кон Јехова, и на што го поттикнало тоа?

ЦАР ДАВИД напишал: „Велик е Јехова и достоен за најголемата фалба“ (Пс. 145:3). Тој го сакал Јехова и таа љубов го поттикнала да го слави „среде насобраното мноштво“ (Пс. 22:22; 40:5). Без сомнение, и ти го сакаш Јехова и се согласуваш со следниве зборови на Давид: „Благословен да си, о Јехова, Боже Израелов, татко наш, од век и до век!“ (1. Лет. 29:10-13).

2. а) Како може да го фалиме Јехова? б) Што им е предизвик на некои од нас, и што ќе разгледаме сега?

2 Еден начин на кој го фалиме Јехова денес е така што коментираме на нашите состаноци. Сепак, за многу наши браќа и сестри тоа е вистински предизвик. Тие имаат желба да коментираат, но стравот ги спречува во тоа. Како можат да го надминат таквиот страв? И кои практични совети можат да ни помогнат на сите да даваме охрабрувачки коментари? Пред да одговориме на овие прашања, да разгледаме четири важни причини зошто коментираме на состаноците.

ЗОШТО КОМЕНТИРАМЕ НА СОСТАНОЦИТЕ

3-5. а) Според Евреите 13:15, зошто коментираме на состаноците? б) Дали мора сите да даваме ист вид „жртви“, односно коментари? Објасни.

3 Јехова ни ја дал на сите честа да го фалиме (Пс. 119:108). Коментарите што ги даваме на состаноците се дел од нашата „жртва на фалба“, која никој друг не може да ја принесе наместо нас. (Прочитај Евреите 13:15.) Дали Јехова бара секој од нас да дава ист вид „жртви“, односно коментари? Воопшто не!

4 Јехова е свесен дека сите ние имаме различни способности и околности, и многу ги цени жртвите што можеме да му ги дадеме. Размисли какви жртви очекувал тој од Израелците. Некои од нив биле во можност да му принесат јагне или јаре. Но, ако некој бил сиромашен, можел да принесе „две грлици или два млади гулаба“. А ако не можел да си дозволи ни две птици, Јехова прифаќал да му принесе како жртва и само една „десеттина ефа фино брашно“ (3. Мој. 5:7, 11). Иако брашното не било толку скапо, Јехова го прифаќал како жртва под услов да било „фино брашно“.

5 Нашиот милостив Бог и денес гледа на нашите жртви на ист начин. Кога даваме коментари, тој не бара сите да бидеме речовити како Аполо или уверливи како Павле (Дела 18:24; 26:28). Јехова едноставно очекува секој од нас да се труди да коментира најдобро што може. Сети се на вдовицата која дала две парички. Таа била скапоцена за Јехова бидејќи го дала најдоброто што можела да го даде (Лука 21:1-4).

Нашите коментари ни користат и нам и на другите (Види во пасуси 6-7) *

6. а) Според Евреите 10:24, 25, како можат одговорите на другите да влијаат врз нас? б) Како можеш да покажеш дека ги цениш коментарите што те охрабриле?

6 Со нашите коментари се храбриме еден со друг. (Прочитај Евреите 10:24, 25.) На сите ни е убаво кога слушаме најразлични коментари на состаноците. Мило ни е кога некое детенце ќе коментира со неколку едноставни и искрени зборови. Нѐ допираат до срце коментарите кои со жар ги кажува некој кој штотуку разбрал некоја библиска вистина. А се восхитуваме и на оние што собираат смелост да коментираат иако се срамежливи или само што почнале да го учат нашиот јазик (1. Сол. 2:2). Како може да покажеме дека го цениме нивниот труд? Откако ќе заврши состанокот, можеме да им се заблагодариме за нивниот охрабрувачки коментар. Друг начин е ако и самите коментираме. Тогаш не само што добиваме охрабрување туку и ние ги охрабруваме другите (Рим. 1:11, 12).

7. Како ни користат нашите коментари?

7 Нашите коментари ни користат и нам лично (Иса. 48:17). На кој начин? Прво, ако си поставиме цел да коментираме, имаме додатни причини добро да се подготвиме за состанокот. А ако се подготвуваме темелно, уште подобро ќе ја разбереме Божјата Реч и ќе знаеме како да го применуваме она што го учиме. Второ, веројатно уште повеќе ќе уживаме во состанокот затоа што учествуваме во дискусијата. И трето, кога вложуваме поголем труд за да коментираме, обично подолго се сеќаваме на мислите што сме ги кажале.

8-9. а) На темел на Малахија 3:16, како гледа Јехова на нашите напори да коментираме? б) Што сепак може да биде предизвик за некои од нас?

8 Го радуваме Јехова кога зборуваме за својата вера. Може да бидеме уверени дека Јехова нѐ слуша и дека многу ги цени напорите што ги вложуваме за да коментираме на состаноците. (Прочитај Малахија 3:16.) Тој го покажува тоа така што нѐ благословува кога гледа колку многу се трудиме да му угодиме (Мал. 3:10).

9 Навистина имаме добри причини да коментираме на состаноците. И покрај тоа, некои можеби се плашат да кренат рака. Ако и ти се чувствуваш така, не се обесхрабрувај. Да разгледаме некои библиски начела и неколку примери, како и некои практични совети што можат да ни помогнат на сите уште повеќе да коментираме на состаноците.

КАКО ДА ГО НАДМИНЕМЕ СТРАВОТ

10. а) Зошто некои се плашат да коментираат? б) Зошто тоа што се плашиш да коментираш може да биде добар знак?

10 Дали ти се пресекуваат нозете дури и при самата помисла да кренеш рака? Ако да, тогаш не си единствениот. Всушност, повеќето од нас донекаде чувствуваат страв кога коментираат. За да можеш да се справиш со ова обесхрабрувачко чувство, најпрво мора да утврдиш која е причината за твојот страв. Дали се плашиш дека ќе заборавиш што сакаш да кажеш или дека нема да дадеш точен одговор? Дали си мислиш дека твојот коментар нема да биде толку добар како коментарите на другите? Таквиот страв може да биде и добар знак, бидејќи покажува дека си понизен и дека ги сметаш другите за поголеми од себе. Јехова многу ја цени таа особина (Пс. 138:6; Фил. 2:3). Но, исто така, тој сака да го фалиш и да ги храбриш твоите браќа и сестри на состаноците (1. Сол. 5:11). Тој те сака и ќе ти ја даде потребната храброст.

11. Кои мисли од Библијата можат да ни помогнат?

11 Размисли за следниве неколку работи на кои нѐ потсетува Библијата. Таа вели дека сите ние грешиме. Понекогаш ќе кажеме нешто што не треба или ќе кажеме нешто на неубав начин (Јак. 3:2). Ниту Јехова ниту нашите браќа и сестри не очекуваат да бидеме совршени (Пс. 103:12-14). Тие се дел од нашето духовно семејство и навистина нѐ сакаат (Мар. 10:29, 30; Јован 13:35). Сфаќаат дека, кога коментираме, нема секогаш да се изразиме така како што сме сакале.

12-13. Што учиме од Неемија и од Јона?

12 Размисли за некои библиски примери што можат да ти помогнат да ги надминеш своите стравови. Сети се на Неемија. Тој служел во палатата на еден моќен цар. Неемија бил тажен бидејќи чул дека ѕидините на Ерусалим лежат во урнатини и дека портите се изгорени (Неем. 1:1-4). Сигурно му се пресекле нозете кога царот го прашал зошто е толку потиштен! Неемија брзо се помолил, и потоа му одговорил на царот. Откако дознал за што се работи, царот презел нешто и многу му помогнал на Божјиот народ (Неем. 2:1-8). Размисли и за Јона. Кога Јехова му рекол да оди кај жителите на Ниневија, Јона толку се уплашил што избегал во спротивен правец! (Јона 1:1-3). Но, со Јеховина помош, успеал да ја изврши својата задача. Пораката што им ја објавил на Ниневијците била за нивно добро (Јона 3:5-10). Од Неемија учиме дека е важно да се молиме пред да дадеме одговор. А од Јона учиме дека Јехова ќе ни помогне да му служиме сеедно со какви стравови се бориме. Впрочем, ниту едно собрание не е пострашно од Ниневијците!

13 А кои практични совети ќе ти помогнат да даваш охрабрувачки коментари на состаноците? Да разгледаме неколку предлози.

14. Зошто треба добро да се подготвуваме за состаноците, и кога може да го правиме тоа?

14 Подготви се за секој состанок. Ако однапред планираш и добро се подготвуваш, ќе се чувствуваш посигурно кога ќе сакаш да коментираш (Изр. 21:5). Се разбира, сите се подготвуваме за состанок во различно време. Елоиз, вдовица која има повеќе од 80 години, почнува да се подготвува за Стражарска кула уште во почетокот на седмицата. Таа вели: „Повеќе уживам во состанокот ако доволно однапред го проучувам материјалот“. Џој, која работи со полно работно време, си ја подготвува статијата од Стражарска кула во сабота. „Сакам материјалот да ми биде свеж во мислите“, вели таа. Ајк, еден старешина кој е доста зафатен и служи како пионер, вели: „Сфатив дека ми е подобро да проучувам во текот на неколку пократки периоди во седмицата наместо да го поминам целиот материјал наеднаш“.

15. На кој начин можеш добро да се подготвиш за состаноците?

15 Како можеш добро да се подготвиш за состаноците? Пред да почнеш да проучуваш, моли го Јехова да ти даде свет дух (Лука 11:13; 1. Јов. 5:14). Потоа одвој неколку минути да ја разгледаш статијата — насловот, поднасловите, сликите и рамките. Додека го проучуваш секој пасус, прочитај колку што е можно повеќе од наведените стихови. Длабоко размислувај за информациите и обрни посебно внимание на мислите за кои би сакал да коментираш. Ако добро се подготвуваш, ќе извлечеш поголема корист и ќе ти биде полесно да даваш коментари (2. Кор. 9:6).

16. Кои електронски апликации и програми ти се достапни, и како ги користиш?

16 Ако си во можност, користи ги електронските апликации и програми кои се достапни на јазик што го разбираш. Преку својата организација, Јехова ни ги обезбедува овие работи за да ни помогне да се подготвиме за состаноците. На нашиот мобилен уред, во апликацијата JW Library® можеме да ги преземеме публикациите што се разгледуваат на состаноците. Потоа може да ги проучуваме — или барем да ги читаме или слушаме — во кое и да било време и на кое и да било место. Некои ја користат оваа апликација за да проучуваат кога имаат пауза на работното место, кога се на голем одмор на училиште или, пак, кога патуваат. Во компјутерската програма Watchtower Library или во ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКАТА Watchtower може многу лесно да најдеме материјал за некои мисли од статијата што сакаме подлабоко да ги истражуваме.

Кога одвојуваш време за да се подготвиш за состаноците? (Види во пасуси 14-16) *

17. а) Зошто е добро да подготвиш неколку коментари? б) Што научи од видеоклипот Биди пријател со Јехова — подготви коментар?

17 Ако е можно, подготви неколку коментари за секоја статија. Зошто? Бидејќи водителот можеби нема да те крене кога ќе дигнеш рака. Со оглед на тоа што во исто време веројатно ќе сакаат да коментираат и други, водителот можеби ќе избере некој друг да одговори. Можеби тој ќе мора да ограничи колку коментари ќе има за одреден пасус за да може состанокот да заврши навреме. Затоа, немој да се лутиш или да се обесхрабриш ако не коментираш уште во почетокот. Ако си подготвил неколку одговори, ќе имаш повеќе прилики да учествуваш во дискусијата. На пример, би можел да се јавиш да прочиташ некој стих. Сепак, ако си во можност, подготви се и да дадеш коментар со свои зборови. *

18. Зошто треба да даваме кратки коментари?

18 Давај кратки коментари. Најчесто, најохрабрувачките коментари се кратки и едноставни. Затоа постави си за цел да даваш кратки одговори. Потруди се твоите коментари да не траат подолго од 30-ина секунди (Изр. 10:19; 15:23). Ако веќе со години редовно коментираш на состаноците, важно е твоите одговори да бидат кратки за да им дадеш добар пример на другите. Доколку даваш сеопфатни коментари кои траат по неколку минути, другите можеби ќе се обесхрабрат бидејќи ќе се плашат дека нема да можат да одговараат како тебе. Освен тоа, ако коментарите ни се кратки, ќе има време повеќемина да учествуваат на состанокот. Особено ако одговараш прв на некое прашање, потруди се твојот одговор да биде едноставен и директен. Немој да го раскажеш целиот пасус. Откако ќе се дискутира за главната мисла, можеш да коментираш и за додатни работи. (Види ја рамката „ За што можам да коментирам?“)

19. Како може водителот да ти помогне да коментираш, но што треба да направиш ти?

19 Кажи му на водителот дека сакаш да коментираш за одреден пасус. Добро е да му го кажеш тоа уште пред да почне состанокот. Кога ќе дојде време да се коментира за тој пасус, крени ја раката брзо и доволно високо за да те види.

20. Во која смисла состаноците се како ручек со добри пријатели?

20 Гледај на состаноците како на ручек со добри пријатели. Да речеме дека со некои браќа од собранието сте се договориле да јадете заедно и секој да донесе по нешто. Можеби ќе бидеш малку под стрес, но сигурно ќе направиш некое јадење што ќе им се допадне на сите. На состаноците, нашиот Домаќин, Јехова, ни подготвува богата трпеза со вкусна духовна храна (Пс. 23:5; Мат. 24:45). Тој се радува кога и ние ќе донесеме едноставен дар, најдобриот што можеме да го дадеме. Затоа, добро подготви се и учествувај колку што можеш на состаноците. Тогаш не само што ќе се храниш на Јеховината трпеза туку ќе донесеш и дар кој ќе можеш да го споделиш со собранието.

ПЕСНА 2 Јехова е името твое

^ пас. 5 Исто како псалмистот Давид, сите ние го сакаме Јехова и се радуваме што може да го фалиме. Имаме посебна прилика да ја покажеме нашата љубов кон Бог кога присуствуваме на нашите состаноци. Но, на некои од нас им е тешко да коментираат на состаноците. Ако тоа е случај и со тебе, оваа статија ќе ти помогне да сфатиш зошто се плашиш и како можеш да го надминеш тој страв.

^ пас. 17 На jw.org, гледај го видеоклипот Биди пријател со Јехова — подготви коментар. Оди на БИБЛИСКИ УЧЕЊА > ДЕЦА.

^ пас. 63 ОПИС НА СЛИКАТА: Браќата и сестрите во едно собрание радосно учествуваат во разгледувањето на статија од Стражарска кула.

^ пас. 65 ОПИС НА СЛИКАТА: Некои браќа и сестри од истото собрание. Иако имаат различни околности, сите одвојуваат време да се подготват за статијата што ќе се проучува на состанокот.