Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 7

Биди кроток и радувај го Јехова

Биди кроток и радувај го Јехова

Барајте го Јехова, сите кротки на земјата. Барајте ја кроткоста (СОФ. 2:3)

ПЕСНА 80 „Вкусете и видете колку е добар Јехова!“

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. а) Каков човек бил Мојсеј, и кои работи ги направил тој? б) Која причина ја имаме да бидеме кротки?

БИБЛИЈАТА за Мојсеј вели дека бил „најкроткиот од сите луѓе на земјата“ (4. Мој. 12:3). Дали ова значи дека тој бил слабак, неодлучен и дека се плашел да заземе цврст став кога другите му се противеле? Токму така некои би ги опишале кротките луѓе. Но, таквото гледиште е далеку од вистината. Мојсеј бил цврст, одлучен и храбар Божји слуга. Со помошта од Јехова, Мојсеј му се спротивставил на моќниот владетел на Египет, водел околу три милиони луѓе низ пустината и им помогнал на Израелците да ги победат своите непријатели.

2 Ние не се соочуваме со тешкотиите што ги имал Мојсеј, но честопати мора да се соочуваме со луѓе или со ситуации кои ни отежнуваат да бидеме кротки. Меѓутоа, имаме силна причина да ја развиеме оваа особина. Јехова ветува дека „кротките ќе ја поседуваат земјата“ (Пс. 37:11). Дали би се опишал себеси како кроток? Дали другите би те опишале на тој начин? Пред да одговориме на овие важни прашања, најпрво да видиме што значи да се биде кроток.

ШТО Е КРОТКОСТ?

3-4. а) Со што можеме да ја споредиме кроткоста? б) Кои четири особини ни се потребни за да бидеме кротки, и зошто?

3 Кроткоста * може да ја споредиме со убава уметничка слика. Во која смисла? Исто како што на еден уметник му се потребни повеќе бои за да наслика една убава слика, така и нам ни се потребни повеќе убави особини за да бидеме кротки. Некои од нив се понизноста, послушноста, благоста и храброста. Ако сакаме да го радуваме Јехова, треба да ги имаме тие особини. Зошто?

4 Само понизните луѓе се послушни на она што Бог го бара од нив. А Бог бара да бидеме благи (Мат. 5:5, фус.; Гал. 5:23). Кога ја вршиме Божјата волја, Сатана е бесен на нас. Според тоа, иако сме понизни и благи, многу луѓе кои се дел од светот на Сатана нѐ мразат (Јован 15:18, 19). Затоа, ако сакаме да му се спротивставиме на Сатана, потребна ни е храброст.

5-6. а) Зошто Сатана ги мрази кротките луѓе? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

5 Сатана е горд, покажува неконтролиран гнев и не му е послушен на Јехова. Сатана е сушта спротивност на една кротка личност. Затоа не нѐ чуди што тој ги мрази кротките луѓе! Тие со своите убави особини разоткриваат колку злобна личност е тој. А што е уште пострашно за Сатана, докажуваат дека е лажливец. Како го прават тоа? Така што, без разлика што вели или прави Сатана, кротките луѓе продолжуваат да му служат на Јехова (Јов 2:3-5).

6 Во кои ситуации може да ни биде тешко да бидеме кротки? И зошто треба да продолжиме да ја развиваме оваа особина? За да одговориме на тие прашања, ќе го разгледаме примерот на Мојсеј, тројцата Евреи кои биле во ропство во Вавилон, како и примерот на Исус.

ВО КОИ СИТУАЦИИ Е ТЕШКО ДА БИДЕМЕ КРОТКИ?

7-8. Како постапил Мојсеј кога не му била покажана почит?

7 Кога ќе ни биде даден поголем авторитет. На оние што имаат некаков авторитет може да им биде тешко да останат кротки, особено ако некој за кој имаат одговорност да се грижат не покажува почит кон нив или ги критикува нивните одлуки. Дали тоа некогаш ти се случило тебе? Што ако некој член на семејството постапува така со тебе? Како ќе реагираш? Да видиме како Мојсеј постапил во таква ситуација.

8 Јехова го поставил Мојсеј за водач на Израелците и му ја дал честа да ги запише законите според кои народот требало да живее. Било сосема јасно дека Јехова го поддржува Мојсеј. И покрај тоа, сестра му Маријам и брат му Арон го критикувале и зборувале дека донел погрешна одлука што се оженил со Хусанка. Кога некој друг би бил на местото на Мојсеј, можеби би се разгневил и би се обидел да се одмазди. Но Мојсеј не го сторил тоа. Тој не се навредувал лесно. Дури и го молел Јехова да ја излекува Маријам од лепрата со која ја казнил (4. Мој. 12:1-13). Зошто Мојсеј постапил така?

Мојсеј го моли Јехова да ја излекува Маријам од лепрата со која ја казнил (Види во пасус 8)

9-10. а) Каква поука му дал Јехова на Мојсеј? б) Што можат да научат од Мојсеј семејните поглавари и старешините?

9 Мојсеј дозволил Јехова да го обликува. Околу 40 години порано, кога бил член на египетското кралско семејство, Мојсеј не бил кроток. Всушност, тој бил толку избувлив што во една прилика дури и убил човек за кого проценил дека е неправеден. Мојсеј сметал дека Јехова ќе ја одобри оваа негова постапка. Јехова цели 40 години му помагал на Мојсеј да разбере дека, за да ги води Израелците, не му е потребна само храброст, туку и кроткост. Освен тоа, за да биде кроток, требало да биде и понизен, послушен и благ. Тој ги развил овие особини и станал извонреден водач (2. Мој. 2:11, 12; Дела 7:21-30, 36).

10 Денес, семејните поглавари и старешините треба да го следат примерот на Мојсеј. Затоа, кога некој ќе постапи без почит со тебе, немој брзо да се навредуваш. Понизно признавај ги своите грешки (Проп. 7:9, 20). Послушно следи ги упатствата од Јехова за тоа како да ги решаваш проблемите. И секогаш биди благ со другите (Изр. 15:1). Семејните поглавари и старешините кои постапуваат на таков начин го радуваат Јехова, придонесуваат да се зачува мирот и даваат убав пример за кроткост.

11-13. Каков пример ни оставиле тројцата Евреи?

11 Кога сме прогонувани. Низ историјата, некои човечки владетели го прогонувале Јеховиниот народ. Истото е случај и денес. Тие можеби нѐ обвинуваат дека правиме лоши работи, но она што навистина им пречи е тоа што сме цврсто решени „да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“ (Дела 5:29). Можеби нѐ исмеваат, нѐ затвораат, па дури и физички нѐ малтретираат. Но, со Јеховина помош, не им возвраќаме со иста мера, туку остануваме смирени.

12 Да видиме каков пример ни оставиле Ананиј, Мисаил и Азариј — тројцата Евреи кои биле во ропство во Вавилон. * Вавилонскиот цар им заповедал да му се поклонат на еден голем златен кип. Тие на благ начин му објасниле на царот зошто нема да го сторат тоа. Овие тројца Евреи му останале послушни на Бог и покрај тоа што царот им се заканил дека ќе ги фрли во вжарена печка. Иако имале доверба дека Јехова има моќ да ги спаси, тие не сметале дека е обврзан да го стори тоа. Напротив, тие биле спремни да се соочат со сѐ што Тој ќе дозволел да се случи. Сепак, Јехова одлучил веднаш да ги избави (Дан. 3:1, 8-28). Овие Божји слуги докажале дека кротките луѓе навистина се храбри. Ниеден владетел, ниедна закана и никаква казна не може да ја скрши нашата решеност да му бидеме оддадени само на Јехова (2. Мој. 20:4, 5).

13 Како можеме да го следиме примерот на тројцата Евреи ако верноста кон Бог ни е ставена на испит? Треба да бидеме понизни и да имаме доверба дека Јехова ќе се грижи за нас (Пс. 118:6, 7). Ако некој нѐ обвинува дека правиме нешто лошо, треба да му одговориме „благо и со длабока почит“ (1. Пет. 3:15). Освен тоа, цврсто сме решени да не направиме ништо што би можело да ни го загрози пријателството со нашиот грижлив Татко.

Кога другите ни се противат, ние одговараме со почит (Види во пасус 13)

14-15. а) Што може да се случи кога сме под стрес? б) Според Исаија 53:7, 10, зошто може да се каже дека Исус е најдобриот пример за тоа како да останеме кротки кога сме под стрес?

14 Кога сме под стрес. Сите понекогаш чувствуваме стрес. Ако си ученик, можеби си под стрес кога треба да правиш некој тест. Ако одиш на работа, можеби ти причинува стрес кога треба да завршиш некоја потешка задача. Ако те очекува некој лекарски преглед или операција, можеби и самата помисла на овие работи ти создава стрес. Кога сме под стрес, не е лесно да бидеме кротки. Некои работи кои обично не ни пречат може да почнат да нѐ нервираат. Во такви ситуации може да кажеме или да сториме нешто со што ќе ги повредиме другите. Кога се наоѓаш под стрес, примерот на Исус може многу да ти помогне.

15 Во текот на последните месеци од својот живот на Земјата, Исус бил под исклучително голем стрес. Тој знаел дека ќе биде погубен и дека многу ќе страда (Јован 3:14, 15; Гал. 3:13). Неколку месеци пред својата смрт, Исус рекол дека му е многу тешко (Лука 12:50). А неколку дена пред да биде погубен, тој рекол: „Душата ми е вознемирена“. Тогаш му се помолил на Бог со зборовите: „Татко, спаси ме од овој час! Но, затоа и дојдов до овој час. Татко, прослави го своето име!“ (Јован 12:27, 28). Од овие зборови јасно се гледа понизноста на Исус и неговата послушност кон Бог. Кога дошло времето, Исус храбро се предал во рацете на Божјите непријатели кои сурово го измачувале и го погубиле на крајно понижувачки начин. И покрај огромниот стрес, и покрај сите страдања, Исус кротко ја извршил Божјата волја. Нема сомнение, Исус ни оставил најдобар пример за тоа како да останеме кротки кога сме под стрес! (Прочитај Исаија 53:7, 10.)

Исус е најдобриот пример за кроткост (Види во пасуси 16-17) *

16-17. а) Како пријателите на Исус ја ставиле на испит неговата кроткост? б) Како можеме да го следиме примерот на Исус?

16 Вечерта пред да умре, најблиските пријатели на Исус со своите постапки ја ставиле на испит неговата кроткост. Замисли под колку силен стрес бил Исус таа вечер. Можеби размислувал дали ќе остане совршено верен сѐ до смрт. Од тоа зависел животот на милијарди луѓе (Рим. 5:18, 19). Што е уште поважно, во прашање бил угледот на неговиот Татко (Јов 2:4). Токму тогаш, за време на последната вечера, апостолите почнале да се расправаат за тоа „кој од нив би можел да биде најголем“. Исус веќе многу пати ги исправил во врска со таа работа. Всушност, тоа го сторил и малку претходно истата таа вечер со тоа што им ги измил нозете. Но, и покрај сѐ, Исус не се изнервирал, туку постапил благо со нив. Љубезно, но цврсто, повторно им објаснил каков став треба да имаат. А потоа ги пофалил за тоа што верно го поддржувале (Лука 22:24-28; Јован 13:1-5, 12-15).

17 Како би постапиле ние доколку би се нашле во слична ситуација? Дури и кога сме под стрес, треба да го следиме примерот на Исус и да останеме благи. Со цело срце да бидеме послушни на Јеховината заповед: „Поднесувајте се еден со друг“ (Кол. 3:13). Ќе ни биде полесно да ја послушаме оваа заповед ако имаме на ум дека и ние понекогаш ги нервираме другите со нашите зборови или постапки (Изр. 12:18; Јак. 3:2, 5). Освен тоа, секогаш да се трудиме да ги пофалуваме другите за нивните добри особини и постапки (Еф. 4:29).

ЗОШТО И ПОНАТАМУ ДА СЕ ТРУДИМЕ ДА БИДЕМЕ КРОТКИ?

18. Како Јехова им помага на кротките луѓе да носат добри одлуки, но што мора тие да прават?

18 Ќе носиме подобри одлуки. Кога треба да донесеме важни одлуки во животот, Јехова ќе ни помогне да знаеме како да постапиме — но само ако сме кротки. Тој ветува дека ќе ги сослуша „молбите на кротките“ (Пс. 10:17). Но ќе направи и нешто повеќе од тоа. Библијата ветува: „Кротките ќе ги упати за да живеат по неговиот закон, ќе ги учи кротките за својот пат“ (Пс. 25:9). Јехова ни го дава тоа водство преку Библијата и преку сѐ што добиваме од „верниот и разборит роб“ — публикациите *‚ видеоклиповите и собраниските состаноци (Мат. 24:45-47). Сепак, мора да си го направиме својот дел: понизно да признаеме дека ни е потребна помош, да го проучуваме материјалот што ни го дава Јехова и со цело срце да го применуваме она што го учиме.

19-21. Каква грешка направил Мојсеј кај Кадис, и што учиме од тоа?

19 Ќе правиме помалку грешки. Размисли повторно за Мојсеј. Тој со децении останал кроток и го радувал Јехова. Но, кон крајот на тешкото 40-годишно патување низ пустината, Мојсеј не покажал кроткост. Сестра му, која најверојатно во Египет му го спасила животот, само што починала и била погребана во Кадис. И токму во тој период, Израелците повторно се жалеле дека не добиваат соодветно водство. Овојпат се препирале со Мојсеј бидејќи немале вода. И покрај сите чуда што Јехова ги направил преку Мојсеј, и покрај тоа што Мојсеј долго време несебично ги водел, Израелците се жалеле. Тие не само што се жалеле за тоа што немале вода туку и го критикувале Мојсеј, како тој да бил виновен што се жедни (4. Мој. 20:1-5, 9-11).

20 Мојсеј многу се разгневил на Израелците и не постапил благо со нив. Наместо да го послуша Јехова и да ѝ рече на карпата да пушти вода, Мојсеј гневно зборувал со народот и рекол дека тој ќе им извади вода. Потоа двапати удрил во карпата и потекло многу вода. Гордоста и гневот го навеле Мојсеј да направи сериозна грешка (Пс. 106:32, 33). Поради тоа што не бил кроток во таа ситуација, Јехова не му дозволил да влезе во Ветената земја (4. Мој. 20:12).

21 Од овој настан можеме да извлечеме важна поука. Прво, мора постојано да се трудиме да останеме кротки. Ако не го правиме тоа, во нас може повторно да се појави гордост, која би можела да нѐ наведе да кажеме нешто непромислено или да постапиме неисправно. Второ, кога сме под стрес, може да ни биде тешко да останеме кротки. Затоа, особено е важно во такви ситуации да се трудиме да бидеме кротки.

22-23. а) Зошто треба и понатаму да се трудиме да бидеме кротки? б) На што укажуваат зборовите од Софонија 2:3?

22 Ќе бидеме заштитени во Јеховиниот ден. Наскоро, Јехова ќе ги отстрани сите злобни луѓе од Земјата, а ќе останат само кротките. Тогаш ќе има вистински мир (Пс. 37:10, 11). Дали ќе бидеш меѓу тие кротки луѓе? Можеш да бидеш, но само ако постапуваш во склад со поттикот што Јехова ни го дал преку пророкот Софонија. (Прочитај Софонија 2:3.)

23 Зошто во Софонија 2:3 пишува: „Веројатно ќе бидете заштитени“? Овој израз не значи дека Јехова нема моќ да ги заштити оние што ги сака, односно оние што ја вршат неговата волја. Напротив, тоа значи дека мора и ние да сториме нешто за да бидеме заштитени. Ние можеме да го преживееме „денот на Јеховиниот гнев“ и да живееме вечно ако уште сега се трудиме да бидеме кротки и да го радуваме Јехова.

ПЕСНА 120 Да бидеме благи како Исус

^ пас. 5 Никој од нас не се родил кроток. Затоа мора да ја развиваме оваа особина. Можеби ни е полесно да бидеме кротки кога сме меѓу мирољубиви луѓе, но можеби ни е тешко да ја покажуваме оваа особина кога сме во контакт со горделиви луѓе. Во оваа статија ќе видиме кои тешкотии можеби ќе мора да ги совладаме за да ја развиеме прекрасната особина — кроткост.

^ пас. 3 ПОЈАСНУВАЊЕ: Кроткост. Кротките луѓе постапуваат љубезно со другите и остануваат смирени дури и кога некој лошо постапува со нив. Понизност. Луѓето кои се понизни немаат превисоко мислење за себе и не се поставуваат над другите. Тие гледаат на другите како на поголеми од себе. Кога станува збор за Јехова, тој е понизен во таа смисла што, иако има најголем авторитет, со другите постапува љубезно и милосрдно.

^ пас. 12 Вавилонците им ги дале на овие тројца Евреи следниве имиња: Седрах, Мисах и Авденаго (Дан. 1:7).

^ пас. 18 На пример, види ја статијата „Донесувај одлуки со кои ќе го славиш Бог“, која излезе во Стражарска кула од 15 април 2011.

^ пас. 59 ОПИС НА СЛИКАТА: Исус останува смирен, и благо ги исправа своите ученици откако тие се расправале за тоа кој од нив е најголем.