Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 9

Мојсеевиот закон — одраз на Јеховината љубов и правда

Мојсеевиот закон — одраз на Јеховината љубов и правда

Ги сака праведноста и правдата. Земјата е полна со Јеховината лојална љубов (ПС. 33:5, фус.)

ПЕСНА 3 Нашата сила, надеж и доверба

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. а) Каква потреба имаме сите? б) Во што можеме да бидеме сигурни?

СИТЕ имаме потреба од љубов и сакаме со нас да се постапува праведно. Ако често доживуваме неправди и другите ретко ни покажуваат љубов, може да се чувствуваме безвредно и безнадежно.

2 Јехова знае дека копнееме по љубов и правда (Пс. 33:5). Можеме да бидеме сигурни дека нашиот Бог многу нѐ сака и дека не му е сеедно кога доживуваме неправди. Ова јасно се гледа од Законот што Јехова преку Мојсеј им го дал на Израелците. Ако се чувствуваш скршен од болка затоа што другите не ти покажуваат љубов или постапуваат неправедно со тебе, тогаш оваа статија може многу да те охрабри. Во неа ќе видиме како Мојсеевиот закон * покажува колку многу Јехова ги сака своите слуги.

3. а) Според Римјаните 13:8-10, што дознаваме за Јехова кога го проучуваме Мојсеевиот закон? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

3 Кога го проучуваме Мојсеевиот закон, дознаваме колку голема љубов има нашиот грижлив Бог, Јехова. (Прочитај Римјаните 13:8-10.) Во оваа статија ќе разгледаме само неколку од законите што им биле дадени на Израелците и ќе одговориме на следниве прашања: Зошто може да се каже дека Мојсеевиот закон се темелел на љубов? Зошто може да се каже дека Законот ги поттикнувал Израелците да бидат праведни? Како оние што имале одреден авторитет требало да го спроведуваат Законот? Кои групи луѓе биле особено заштитени со Законот? Одговорот на овие прашања може да ни даде утеха, да ни влее надеж и да нѐ зближи со нашиот грижлив Татко (Дела 17:27; Рим. 15:4).

МОЈСЕЕВИОТ ЗАКОН СЕ ТЕМЕЛЕЛ НА ЉУБОВ

4. а) Зошто може да се каже дека Мојсеевиот закон се темелел на љубов? б) Според Матеј 22:36-40, кои заповеди ги истакнал Исус?

4 Сѐ што прави Јехова е поттикнато од љубов (1. Јов. 4:8). Затоа може да кажеме дека и Мојсеевиот закон се темелел на љубов. Целиот овој Закон се засновал на две заповеди — сакај го Бог и сакај го ближниот (3. Мој. 19:18; 5. Мој. 6:5; прочитај Матеј 22:36-40). Од таа причина, не сме изненадени што секоја заповед од Законот ни открива по нешто за љубовта на Јехова. Да разгледаме неколку примери.

5-6. Како Јехова сака брачните другари да постапуваат еден со друг, и за што е свесен тој? Наведи пример.

5 Биди му верен на брачниот другар и грижи се за твоите деца. Јехова сака брачните другари да развијат силна љубов која ќе трае цел живот (1. Мој. 2:24; Мат. 19:3-6). Прељубата е една од најлошите работи што некој може да му ги направи на својот брачен другар. Затоа седмата од Десетте заповеди ја забранувала прељубата (5. Мој. 5:18). Тој чин е грев во Божји очи и тежок удар врз брачниот другар (1. Мој. 39:7-9). Оној што бил изневерен од својот брачен другар можеби ќе чувствува болка со години.

6 Јехова добро знае како постапуваат брачните другари еден со друг. Тоа било случај и во древниот Израел. На Јехова му било особено важно мажите добро да постапуваат со своите жени. Еден Израелец кој го почитувал Законот требало да ја сака својата жена и не требало да се разведе од неа за безначајни причини (5. Мој. 24:1-4; Мат. 19:3, 8). Но, ако се појавел некој голем проблем и се развел од неа, требало да подготви и да ѝ даде потврда за развод. Оваа потврда ја штитела жената од лажни обвиненија за неморал. Освен тоа, пред да ѝ ја даде потврдата на својата жена, мажот веројатно требало да се посоветува со градските старешини. На тој начин старешините би имале можност да се обидат да им помогнат на брачните другари да си го спасат бракот. Кога еден Израелец ќе се развел од жената поради себични причини, Јехова не се вмешувал секогаш за да го спречи тоа, на пример, преку старешините или пророците. Сепак, тој бил свесен колку многу солзи пролеала жената и колку голема болка чувствувала (Мал. 2:13-16).

Јехова сака децата да бидат среќни и безбедни. Исто така, Тој сака родителите убаво да се грижат за своите деца и да ги поучуваат со љубов (Види во пасуси 7-8) *

7-8. а) Што им заповедал Јехова на родителите? (Види ја сликата на насловната страница.) б) Која е поуката за нас?

7 Исто така, од Законот се гледа дека Јехова сака децата да бидат среќни и заштитени. Бог им заповедал на родителите да се грижат за физичките, но и за духовните потреби на своите деца. Родителите требало да ја користат секоја прилика за да им помогнат на децата да го разберат Јеховиниот закон и да го засакаат (5. Мој. 6:6-9; 7:13). Една од причините зошто Јехова ги казнил Израелците било тоа што крајно сурово постапувале со некои од своите деца (Ерем. 7:31, 33). Родителите не смееле лошо да постапуваат со децата ниту да ги занемаруваат. Напротив, тие требало да ги сметаат за наследство од Јехова, за подарок кој требало многу да го ценат (Пс. 127:3).

8 Поуки за нас: Јехова забележува како брачните другари постапуваат еден со друг. Исто така, тој сака родителите да покажуваат љубов кон своите деца. Родителите ќе одговараат пред Јехова за тоа како постапуваат со децата.

9-11. Зошто Јехова го дал законот што забранувал да се посакува туѓото?

9 Не посакувај ништо што е туѓо. Последната од Десетте заповеди им забранувала на Израелците да посакуваат нешто што припаѓало на некој друг (5. Мој. 5:21; Рим. 7:7). Преку овој закон, Јехова им дал на своите слуги една важна поука — дека мора да си го чуваат срцето, односно да внимаваат на своите мисли, чувства и ставови. Тој знае дека секоја неисправна постапка произлегува од неисправни мисли и чувства (Изр. 4:23). Ако еден Израелец дозволел во неговото срце да се развијат погрешни желби, постоела голема веројатност да ги повреди другите со своето однесување. На пример, цар Давид ја направил таа грешка. Општо гледано, тој бил добар човек. Но во една прилика ја посакал жената на друг маж. Таквата желба го водела до грев (Јак. 1:14, 15). Давид извршил прељуба, се обидел да го измами сопругот на таа жена и потоа наредил да биде убиен (2. Сам. 11:2-4; 12:7-11).

10 Кога еден Израелец ќе го прекршел законот кој му забранувал да посакува нешто што е туѓо, Јехова го забележувал тоа бидејќи може да ги чита срцата (1. Лет. 28:9). Преку овој закон, Јехова сакал да ги поттикне своите слуги да се борат против мислите што водат до лоши постапки. Тој навистина е мудар и грижлив Татко!

11 Поуки за нас: Јехова не ја гледа само нашата надворешност. Тој гледа во нашето срце, знае какви сме однатре (1. Сам. 16:7). Од Јехова не можеме да скриеме ништо — ни мислите, ни чувствата, ни постапките. Тој го бара доброто во нас и нѐ поттикнува и понатаму да постапуваме исправно. Но во исто време, сака да ги препознаеме и да ги отфрлиме погрешните мисли пред да пуштат корен во нас и да нѐ наведат на погрешни постапки (2. Лет. 16:9; Мат. 5:27-30).

ЗАКОНОТ ЈА ЗАСТАПУВАЛ ПРАВДАТА

12. Што друго учиме за Јехова од Мојсеевиот закон?

12 Од Мојсеевиот закон јасно се гледа и дека Јехова ја сака правдата (Пс. 37:28; Иса. 61:8). Бог е совршен пример за тоа што значи да се постапува праведно со другите. Кога Израелците биле послушни на неговите праведни закони, Јехова ги благословувал. А кога биле непослушни, трпеле последици. Да разгледаме уште две од Десетте заповеди.

13-14. Што се очекувало од Израелците според првите две од Десетте заповеди, и како им користеле овие закони кога се држеле за нив?

13 Биди му оддаден само на Јехова. Според првите две од Десетте заповеди, Израелците требало да му бидат оддадени само на Јехова и да не обожаваат идоли (2. Мој. 20:3-6). Јехова не ги дал овие заповеди затоа што тој имал некаква корист од нив, туку за доброто на Израелците. Кога тие му биле верни, имале успех во сѐ што правеле. А кога ги обожавале боговите на другите народи, трпеле лоши последици.

14 Размисли за Ханаанците. Тие не му служеле на вистинскиот и жив Бог, туку обожавале безживотни идоли (Пс. 115:4-8). Поради тоа, правеле одвратни работи и крајно се понижувале себеси. Во чест на лажните богови, тие учествувале во одвратни сексуални ритуали и ги жртвувале своите деца. Слично на тоа, кога Израелците му биле непослушни на Јехова и обожавале идоли, тие се понижувале себеси, а им нанесувале болка и на своите семејства (2. Лет. 28:1-4). Оние што имале одреден авторитет меѓу народот ги отфрлале Јеховините мерила за правда така што ја злоупотребувале својата моќ и ги угнетувале слабите и незаштитените (Езек. 34:1-4). Јехова ги предупредил Израелците дека ќе ги казни оние што лошо постапуваат со беспомошните жени и деца (5. Мој. 10:17, 18; 27:19). Од друга страна, Јехова ги благословувал своите слуги кога му биле верни и кога постапувале праведно еден со друг (1. Цар. 10:4-9).

Јехова нѐ сака и е свесен кога доживуваме неправди (Види во пасус 15)

15. Кои поуки ги учиме за Јехова?

15 Поуки за нас: Јехова не е виновен кога оние што тврдат дека му служат не се држат за неговите мерила и му нанесуваат болка на неговиот народ. Меѓутоа, Јехова нѐ сака и знае кога трпиме некоја неправда. Тој ја чувствува нашата болка повеќе отколку што една мајка ја чувствува болката на своето бебе (Иса. 49:15). Иако можеби нема веднаш да преземе нешто, Јехова во свое време ќе ги казни непокајничките грешници за начинот на кој постапувале со другите.

КАКО ТРЕБАЛО ДА СЕ СПРОВЕДУВА ЗАКОНОТ?

16-18. Што било опфатено со Мојсеевиот закон, и што учиме од тоа?

16 Со Мојсеевиот закон биле опфатени многу аспекти од животот на еден Израелец. Затоа било многу важно старешините праведно да го спроведуваат Законот. Тие имале одговорност не само да решаваат спорови поврзани со обожавањето на Јехова туку и несогласувања меѓу Израелците, како и случаи кога биле извршени злодела. Да ги разгледаме следниве примери.

17 Кога некој Израелец ќе убиел некого, не можело автоматски да биде осуден на смрт. Старешините од неговиот град требало да ги испитаат фактите пред да одлучат дали треба да се изврши смртна казна (5. Мој. 19:2-7, 11-13). Исто така, старешините решавале спорови од секојдневниот живот — од имотни спорови па сѐ до брачни несогласувања (2. Мој. 21:35; 5. Мој. 22:13-19). Кога старешините суделе праведно и кога Израелците биле послушни на Законот, сите имале корист, а народот му носел слава на Јехова (3. Мој. 20:7, 8; Иса. 48:17, 18).

18 Поуки за нас: На Јехова му е важен секој аспект од нашиот живот. Тој сака со другите да постапуваме праведно и со љубов. Исто така, тој забележува што кажуваме и што правиме, дури и кога сме сами (Евр. 4:13).

19-21. а) Како старешините и судиите требало да постапуваат со Божјиот народ? б) Какви закони дал Јехова за да го заштити својот народ, и што учиме од тоа?

19 Јехова сакал да ги заштити своите слуги од лошите влијанија на околните народи кај коишто имало многу неправди. Затоа барал од старешините и од судиите непристрасно да го спроведуваат Законот. Но во исто време, оние што биле поставени да судат не смееле да постапуваат сурово или круто со Божјиот народ. Напротив, тие требало да ја сакаат правдата (5. Мој. 1:13-17; 16:18-20).

20 Од сочувство кон својот народ, Јехова дал закони за да може секој поединец да биде заштитен од неправди. На пример, благодарение на Законот, постоела помала веројатност некој да биде лажно обвинет за злодело. Обвинетиот имал право да знае кој го обвинува (5. Мој. 19:16-19; 25:1). Исто така, пред да биде осуден, требало да има докази од најмалку двајца сведоци (5. Мој. 17:6; 19:15). А како било со некој Израелец кој извршил злодело што го видел само еден сведок? Не требало да си мисли дека може да помине неказнето. Јехова ја видел неговата постапка. Во семејството, на татковците им бил даден авторитет — но тој имал граници. Кога ќе се појавеле некои посериозни семејни несогласувања, старешините од градот имале одговорност да го разгледаат случајот и да донесат конечна пресуда (5. Мој. 21:18-21).

21 Поуки за нас: Јехова никогаш не постапува неправедно, и со тоа ни дава совршен пример (Пс. 92:15). Тој ги наградува оние што верно живеат според неговите мерила, а ги казнува оние што го злоупотребуваат својот авторитет (2. Сам. 22:21-23; Езек. 9:9, 10). Некои можеби постапуваат погрешно и навидум си поминуваат без казна. Но кога ќе процени дека дошло вистинското време, Јехова ќе се погрижи тие да бидат судени (Изр. 28:13). А доколку не се покаат, тие брзо ќе сфатат дека е „страшно... да се падне во рацете на живиот Бог“ (Евр. 10:30, 31).

КОИ ГРУПИ ЛУЃЕ БИЛЕ ОСОБЕНО ЗАШТИТЕНИ СО ЗАКОНОТ?

Кога решавале некакви спорови, старешините требало да ја одразуваат Јеховината љубов и правда (Види во пасус 22) *

22-24. а) Кои групи луѓе биле особено заштитени со Законот, и што учиме од тоа за Јехова? б) Какво предупредување е дадено во 2. Мојсеева 22:22-24?

22 Законот особено ги штител оние што не можеле сами да се заштитат како, на пример, сираците, вдовиците и дојденците. Јехова им го рекол следново на судиите во Израел: „Не извртувај ја правдата на дојденецот, ниту на детето без татко, и не земај ѝ ја во залог облеката на вдовицата“ (5. Мој. 24:17). Јехова покажувал голема грижа за оние што биле најранливи во општеството, и ги казнувал оние што ги угнетувале таквите поединци. (Прочитај 2. Мојсеева 22:22-24.)

23 Законот ги забранувал сите облици на инцест. На тој начин, членовите на семејствата биле заштитени и од сексуална злоупотреба (3. Мој. 18:6-30). Околните народи на Израел ги толерирале, па дури и ги одобрувале ваквите постапки. За разлика од нив, Божјите слуги требало да гледаат на овие злодела онака како што гледа Јехова — како на нешто одвратно!

24 Поуки за нас: Јехова сака оние на кои им дал одреден авторитет да покажуваат љубов и грижа кон сите што се под нивна надлежност. Тој ја мрази сексуалната злоупотреба и сака сите, особено најранливите, да бидат заштитени и да добијат правда.

МОЈСЕЕВИОТ ЗАКОН — „СЕНКА НА ИДНИТЕ БЛАГОСЛОВИ“

25-26. а) Зошто може да се каже дека љубовта и правдата се тесно поврзани? б) Што ќе разгледаме во следната статија од оваа серија?

25 Љубовта и правдата се тесно поврзани — нема љубов без правда, ниту правда без љубов. Колку повеќе се уверуваме дека Јехова постапува праведно со нас толку повеќе расте нашата љубов кон него. А кога го сакаме Бог и неговите праведни мерила, поттикнати сме да ги сакаме другите и да постапуваме праведно со нив.

26 Сојузот на Законот склучен преку Мојсеј им помогнал на Израелците да бидат поблиски со Јехова. Но откако Исус го исполнил овој Закон, тој престанал да важи за Божјиот народ и бил заменет со нешто подобро (Рим. 10:4). Апостол Павле го опишал Законот како „сенка на идните благослови“ (Евр. 10:1). Во следната статија од оваа серија ќе разгледаме некои од тие благослови и ќе видиме колку се важни љубовта и правдата во христијанското собрание.

ПЕСНА 109 Да се сакаме силно и од срце!

^ пас. 5 Оваа статија е прва од четирите статии во кои ќе видиме зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова нѐ сака. Другите три статии ќе излезат во Стражарска кула од мај 2019. Во нив ќе видиме како Јеховината љубов и правда се покажуваат во христијанското собрание, како овие особини се гледаат кога се решаваат случаи на сексуална злоупотреба и како можеме да им пружиме утеха на жртвите на злоупотреба.

^ пас. 2 ПОЈАСНУВАЊЕ: Законот што Јехова им го дал на Израелците преку Мојсеј содржел повеќе од 600 закони. Во Библијата тој е наречен „Законот“, „законот на Мојсеј“, „Мојсеевиот закон“ и „заповедите“. Исто така, првите пет книги во Библијата (од 1. Мојсеева до 5. Мојсеева) честопати се наречени Законот. А понекогаш, овој израз се користи за да се укаже на Хебрејските списи.

^ пас. 60 ОПИС НА СЛИКАТА: Додека подготвува јадење, една Израелка ужива во разговорот со своите ќерки. Во позадина, таткото го поучува својот син како да се грижи за овците.

^ пас. 64 ОПИС НА СЛИКАТА: Старешините на градската порта грижливо ѝ помагаат на една вдовица и на нејзиниот син што доживеале неправда од еден локален трговец.