Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Синагога од првиот век: На овој дигитален приказ се вклучени некои обележја на синагога од првиот век откриена во Гамла (Гамала), која се наоѓала на околу 10 километри североисточно од Галилејското Море. Овој приказ ни дава претстава за тоа како можеби изгледала една синагога од древно време

Како настанале синагогите?

ЗБОРОТ „синагога“ доаѓа од грчки збор што значи „собир“ или „собирање“. Името е соодветно бидејќи, уште од древни времиња, синагогите биле места каде што Евреите се собирале за да го слават Бог и да учат за него. Во Хебрејските списи не се спомнуваат синагогите, но од Христијанските грчки списи е јасно дека во првиот век од нашата ера таквите места за собирање веќе постоеле.

Повеќето изучувачи сметаат дека синагогите за првпат се појавиле во времето кога Евреите биле во заробеништво во Вавилон. Во една енциклопедија пишува: „Бидејќи биле без својот храм, во туѓа земја и имале потреба од утеха, [еврејските] изгнаници се собирале одвреме-навреме, веројатно на Сабат, и ја читале Божјата Реч“ (Encyclopaedia Judaica). Кога биле ослободени од ропството, по сѐ изгледа Евреите продолжиле да се собираат за да се молат и да ги читаат светите списи. Тие основале синагоги во сите места каде што се населиле.

До првиот век од нашата ера, синагогите веќе станале центар на религиозниот и општествениот живот за еврејските заедници кои биле распрснати околу Медитеранот, низ Блискиот Исток и во Израел. Во врска со синагогите, професорот Ли Левин од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим вели: „[Синагогите] се користеле како место за учење, за свечени и празнични оброци, за судски постапки, за чување на финансиски прилози и за политички и општествени настани“. Тој додава: „Се разбира, првенствено се користеле за религиозни цели“. Затоа, не изненадува тоа што Исус често одел во синагоги (Мар. 1:21; 6:2; Лука 4:16). Таму тој ги поучувал и ги охрабрувал присутните. Откако било основано христијанското собрание, апостол Павле исто така често проповедал во синагоги. Оние што сакале да учат за Бог редовно оделе во синагогите и затоа, кога ќе пристигнел во некој град, Павле најпрво одел во локалната синагога за да проповеда (Дела 17:1, 2; 18:4).