Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Доброта — како можеш да ја развиваш оваа особина?

Доброта — како можеш да ја развиваш оваа особина?

СИГУРНО сакаш другите да сметаат дека си добар човек. Но, во овој свет е тешко да се покажува добрина. Многу луѓе денес се „без љубов кон добротата“ (2. Тим. 3:3). Тие си имаат свои мерила за тоа што е добро, а што е лошо, и всушност „доброто го нарекуваат зло, а злото добро“ (Иса. 5:20). Исто така, поради нашата несовршеност или нешто што ни се случило во минатото, може да ни биде тешко да покажуваме добрина. Можеби и ти се чувствуваш како Ен, * која иако му служи на Јехова со децении, го вели следново: „Тешко ми е да се гледам себеси како добра личност“.

Сепак, сите ние можеме да покажуваме добрина. Оваа особина е плод на светиот дух. А тој е многу посилен од влијанието на овој свет и од нашата несовршеност, кои можат да ни отежнат да бидеме добри. Во оваа статија ќе разгледаме што е добрина и како можеме во поголема мера да ја покажуваме оваа особина.

ШТО Е ДОБРОТА?

Оној што ја има оваа особина има висок морал и нема злоба, ниту расипаност во себе. Добриот човек ја користи секоја прилика за да им помогне на другите и да направи нешто добро за нив.

Веројатно си видел дека некои луѓе им прават добро на членовите на своето семејство или на своите пријатели. Но дали ова е доволно за да бидеме добри во Јеховини очи? Се разбира, никој од нас не може совршено да ја покажува оваа особина. Библијата вели: „Нема праведен човек на земјата, кој прави само добро и никогаш не греши“ (Проп. 7:20). Апостол Павле искрено признал: „Знам дека во мене, односно во моето тело, не живее ништо добро“ (Рим. 7:18). Затоа, ако сакаме да ја развиваме оваа особина, треба да се угледаме на Јехова — изворот на добрина.

„ЈЕХОВА Е ДОБАР“

Јехова Бог го поставува мерилото за тоа што е добро. Во врска со него, во Библијата стои: „Ти си добар и правиш добро. Научи ме за своите уредби!“ (Пс. 119:68). Во овој стих се спомнати два аспекти на Јеховината добрина. Да ги разгледаме.

Јехова е добар. Добрината е нераздвоен дел од Јеховината личност. Забележи што се случило кога Јехова му рекол на Мојсеј: „Ќе направам сета моја добрина да помине пред твоето лице“. Додека Јехова му ја покажувал на Мојсеј својата слава — вклучувајќи ја и својата добрина — Мојсеј ги слушнал следниве зборови: „Јехова! Јехова! Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина, кој ја чува својата милост за илјадници, простува престап, вина и грев, но не ослободува од казна“ (2. Мој. 33:19; 34:6, 7). Од овие зборови гледаме дека добрината е проткаена во секој аспект од Јеховината личност. Кога бил на Земјата, Исус ја покажал оваа особина на совршен начин. И покрај тоа, рекол: „Никој не е добар, освен еден, Бог“ (Лука 18:19).

Јеховината добрина се гледа во сѐ што создал

Сѐ што прави Јехова е добро. Неговата добрина е видлива во сите негови дела. „Јехова е добар кон сите и неговото милосрдие почива над сите негови суштества“ (Пс. 145:9). Бог непристрасно ја покажува оваа особина — му дава живот на секој човек и дава сѐ што е потребно за да го оддржи животот на Земјата (Дела 14:17). Неговата добрина се гледа и од тоа што ни простува кога ќе му згрешиме. Еден псалмист го напишал следново: „Ти, Јехова, си добар и спремен да простиш“ (Пс. 86:5). Можеме да бидеме сигурни дека „Јехова нема да им скрати никакво добро на оние што живеат непорочно“ (Пс. 84:11).

„УЧЕТЕ СЕ ДА ПРАВИТЕ ДОБРО“

Ние сме создадени според Божјиот лик, што значи дека можеме да покажуваме добрина (1. Мој. 1:27). Но оваа особина нема да ја развиеме автоматски. Затоа, Божјата Реч нѐ поттикнува да се учиме да правиме добро (Иса. 1:17). Да разгледаме три работи кои ќе ни помогнат да ја развиваме оваа убава особина.

Прво, да се молиме за свет дух, кој може да ни помогне да бидеме добри во Божји очи (Гал. 5:22). Божјиот свет дух може да ни помогне да го сакаме она што е добро, а да го мразиме она што е зло (Рим. 12:9). Всушност, Библијата вели дека Јехова може да нѐ поттикне да бидеме уште порешени да правиме добро и со своите зборови и на дело (2. Сол. 2:16, 17).

Второ, да ја читаме Божјата Реч. Додека го правиме тоа, Јехова може да нѐ поучи за „сето она што е на патот на добротата“ и да нѐ подготви „за секое добро дело“ (Изр. 2:9; 2. Тим. 3:17). Кога ја читаме Библијата и длабоко размислуваме за неа, ја полниме нашата ризница, односно нашето срце, со добри работи кои можат многу да ни користат во иднина (Лука 6:45; Еф. 5:9).

Трето, да се угледаме на „она што е добро“ (3. Јов. 11). Во Библијата има многу примери на кои може да се угледаме. Се разбира, од Јехова и од Исус најмногу можеме да научиме за добрината. Но, можеме да учиме и од други личности кои биле познати по својата добрина. На пример, размисли за Тавита и Варнава (Дела 9:36; 11:22-24). Ако проучуваш за нив, можеш многу да научиш од нивниот прекрасен пример. Додека го правиш тоа, забележи како им помагале на другите. Потоа, размислувај како можеш да му помогнеш на некој во твоето семејство или во собранието. Исто така, размисли за благословите што ги добиле Тавита и Варнава затоа што им правеле добро на другите. И не заборавај дека и ти ќе добиеш благослови ако се трудиш да постапуваш како нив.

И денес има многу браќа и сестри кои се добар пример за тоа како да покажуваме добрина. На пример, во нашите собранија имаме трудољубиви старешини кои ја сакаат добротата. Не треба да ги заборавиме и нашите верни сестри кои и со збор и на дело „ги поучуваат другите за она што е добро“ (Тит 1:8; 2:3). Една сестра по име Розлин вели: „Една моја пријателка од собранието вложува многу труд за да им помага и да ги охрабрува браќата и сестрите. Таа размислува за нивната ситуација и честопати им дава мали подароци или прави нешто конкретно за нив. За мене таа навистина е добра личност“.

Јехова нѐ поттикнува да го бараме доброто (Амос 5:14). Ако го применуваме овој совет, ќе ги засакаме неговите начела, но и ќе ја зајакнеме нашата решеност да го правиме она што е добро.

Се трудиме да бидеме добри луѓе и да правиме добри дела

Да не мислиме дека за да покажуваме добрина треба да правиме големи работи за другите или да им даваме скапи подароци. Размисли за следнава споредба: Дали еден уметник може да наслика портрет само со еден или два потези со четката? Не! Тој мора да направи безброј мали потези за да успее во тоа. Исто е и со нас, ќе покажеме дека сме добри ако честопати правиме мали работи за другите.

Библијата нѐ поттикнува да бидеме „спремни“ да правиме добро (2. Тим. 2:21; Тит 3:1). Тоа што ќе размислуваме за потребите на другите ќе ни помогне да најдеме начини да му угодиме „на својот ближен во она што е добро за изградување“ (Рим. 15:2). Ова може да вклучува да го споделиме со другите она што го имаме (Изр. 3:27). На пример, можеме да поканиме некого на скромен ручек или на дружење. Ако некој е болен, може да му се јавиме или да го посетиме. Навистина има многу прилики со нашите добри зборови да ги изградуваме другите (Еф. 4:29).

Исто како Јехова, ние се трудиме да бидеме непристрасни и бараме начини да им правиме добро на сите луѓе. Еден извонреден начин на кој го правиме ова е така што им ја проповедаме добрата вест на сите луѓе. Исто така, се трудиме да ја примениме Исусовата заповед да им правиме добро дури и на оние што нѐ мразат (Лука 6:27). Никогаш нема да згрешиме ако сме љубезни и им правиме добро на другите бидејќи „против тоа нема закон“ (Гал. 5:22, 23). Со тоа што правиме добро дури и кога минуваме низ искушенија или се соочуваме со противење, му носиме слава на нашиот Бог, а можеби и ќе привлечеме некого кон вистината (1. Пет. 3:16, 17).

КАКО НИ КОРИСТИ ТОА ШТО ПОКАЖУВАМЕ ДОБРИНА

Библијата вели дека добриот човек се наситува „со плодовите на своите дела“ (Изр. 14:14). Кои се некои благослови што ги добива добриот човек? Ако сме добри кон другите, поверојатно е дека и тие ќе бидат добри кон нас (Изр. 14:22). Дури и другите да не се добри кон нас, ако продолжиме да им правиме добро, со текот на времето можеби ќе го сменат својот став (Рим. 12:20).

Многумина од свое лично искуство можат да кажат како им користи тоа што повеќе не го прават она што е зло, туку го прават она што е добро. Да го разгледаме примерот на Ненси. Таа признава: „Додека растев не ми беше гајле за ништо, водев неморален живот и немав почит кон никого. Но кога почнав да учам што е добро во Јеховини очи и да го применувам тоа, станав посреќна. Сега имам достоинство и самопочит“.

Најважната причина зошто треба да развиваме добрина е бидејќи така го радуваме Јехова. Дури и кога повеќето луѓе не ги гледаат нашите добри дела, Јехова ги гледа. Тој е свесен за секоја наша добра постапка и мисла (Еф. 6:7, 8). Како нѐ наградува поради тоа? „Добриот човек стекнува милост од Јехова“ (Изр. 12:2). Затоа да продолжиме да ја развиваме оваа особина. Јехова ветува: „Слава и чест и мир го чека секој што прави добро“ (Рим. 2:10).

^ пас. 2 Некои имиња се сменети.