Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 10

Што ме спречува да се крстам?

Што ме спречува да се крстам?

Филип и дворјанинот слегоа во водата. И Филип го крсти (ДЕЛА 8:38)

ПЕСНА 52 Нашиот завет кон Јехова

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Каква одлука донеле Адам и Ева, и кои биле последиците од тоа?

ШТО мислиш, кој треба да поставува мерила за тоа што е погрешно, а што исправно? Со тоа што Адам и Ева јаделе од дрвото на спознанието на доброто и злото, јасно покажале дека немаат доверба во Јехова и во неговите мерила. Тие одлучиле сами да си поставуваат мерила за исправно и погрешно (1. Мој. 3:22). Но размисли што сѐ изгубиле поради таа одлука. Го изгубиле пријателството со Јехова. Исто така, ја изгубиле можноста да живеат вечно, и на своите деца им пренеле грев кој води до смрт (Рим. 5:12). Одлуката на Адам и Ева донела ужасни последици.

Откако дознал дека Исус е Месијата, етиопскиот дворјанин сакал веднаш да се крсти (Види во пасуси 2-3)

2-3. а) Како реагирал етиопскиот дворјанин кога Филип му проповедал? б) Кои благослови ги добиваме со крштавањето, и кои прашања ќе ги разгледаме?

2 Спореди го начинот на кој постапиле Адам и Ева со начинот на кој постапил етиопскиот дворјанин, кому Филип му проповедал. Дворјанинот бил толку благодарен за она што го направиле Јехова и Исус за него што одлучил веднаш да се крсти (Дела 8:34-38). Слично како него, кога некој ќе му го заветува животот на Јехова и ќе се крсти, јасно покажува дека го цени сето она што Јехова и Исус го направиле за него. Освен тоа, покажува дека има доверба во Бог и дека прифаќа да живее според неговите мерила за исправно и погрешно.

3 Размисли за благословите што ги добиваме затоа што му служиме на Јехова. Еден благослов е тоа што имаме можност да го добиеме сето она што го изгубиле Адам и Ева, во што спаѓа и вечниот живот. Исто така, Јехова ни ги простува гревовите на темел на нашата вера во Исус, и поради тоа можеме да имаме чиста совест (Мат. 20:28; Дела 10:43). Освен тоа, ние сме станале дел од семејството на Божји слуги и сите имаме прекрасна надеж за иднината (Јован 10:14-16; Рим. 8:20, 21). И покрај тие убави благослови, некои што го познаваат Јехова се колебаат да го направат она што го направил етиопскиот дворјанин. Кои работи можеби ги спречуваат да се крстат? И како можат да ги надминат тие пречки?

ШТО ГИ СПРЕЧУВА НЕКОИ ДА СЕ КРСТАТ

Што ги спречува некои да се крстат?

Ниска самодоверба (Види во пасуси 4-5) *

4-5. Зошто Евер и Хана го одложувале своето крштавање?

4 Ниска самодоверба. Родителите на Евер се Јеховини сведоци. Неговиот татко е познат како грижлив човек и добар старешина. Сепак, Евер го одложувал своето крштавање. Зошто? Тој вели: „Сметав дека никогаш нема да бидам како мојот татко“. Евер мислел и дека нема да може да ги извршува одговорностите што можеби ќе му бидат дадени. Тој вели: „Се плашев дека можеби ќе треба да имам јавни молитви, да држам говори или да водам состанок за проповедање и да одам со мојата група во служба“.

5 Хана, која има 18 години, во минатото се борела со многу ниска самодоверба. Таа растела во вистината. Сепак, не била сигурна дали ќе може да живее онака како што сака Јехова. Зошто? Хана имала многу лошо гледиште за себе. Понекогаш толку лошо се чувствувала што намерно си нанесувала физички повреди. Ова само ги влошувало работите. Таа вели: „Никому немав кажано што правев, дури ни на моите родители. Мислев дека Јехова никогаш нема да ме прифати за свој слуга поради она што си го правев“.

Влијанието од пријателите (Види во пасус 6) *

6. Што ја спречувало Ванеса да се крсти?

6 Влијанието од пријателите. Ванеса, која има 22 години, вели: „Имав една многу блиска другарка со која се познававме со години“. Сепак, другарка ѝ не се интересирала за вистината и ја одвраќала Ванеса од целта да се крсти. Поради тоа, на Ванеса ѝ било многу тешко. Таа вели: „Не ми е лесно да се спријателувам. Затоа се плашев дека, ако ставам крај на ова пријателство, никогаш нема да си најдам блиска другарка“.

Страв од неуспех (Види во пасус 7) *

7. Од што се плашела Микејла, и зошто?

7 Страв од неуспех. Микејла имала пет години кога нејзиниот брат бил исклучен од собранието. Како што растела, гледала колку тежок удар било ова за нејзините родители. Таа вели: „Се плашев дека, ако се крстам и ако згрешам нешто, ќе бидам исклучена и ќе им нанесам уште поголема болка на моите родители“.

Страв од противење (Види во пасус 8) *

8. Од што се плашел Мајлс?

8 Страв од противење. Таткото и маќеата на Мајлс му служат на Јехова, но неговата мајка не е Сведок. Мајлс вели: „Со мајка ми живеев 18 години. Се плашев да ѝ кажам дека сакам да се крстам. Кога татко ми стана Јеховин сведок, таа многу лошо реагираше. Затоа ми беше страв дека и мене ќе ми прави проблеми“.

КАКО ДА СЕ НАДМИНАТ ПРЕЧКИТЕ

9. Што ќе се случи ако сѐ повеќе го запознаваш Јехова?

9 Адам и Ева одлучиле да не му служат на Јехова бидејќи не развиле силна љубов кон него. И покрај тоа, Јехова им дозволил да живеат доволно долго за да имаат деца и им дозволил да ги воспитуваат во склад со своите мерила. За кратко време, последиците од одлуката на Адам и Ева да бидат независни од Бог јасно покажале колку безумен бил нивниот избор. Нивниот најстар син го убил својот брат, а со текот на времето Земјата се исполнила со насилни и себични луѓе (1. Мој. 4:8; 6:11-13). Сепак, Јехова осмислил како да ги спаси потомците на Адам и Ева кои ќе одлучат да му служат (Јован 6:38-40, 57, 58). Што ќе ти помогне да не ја направиш грешката што ја направиле Адам и Ева? Тоа што ќе продолжиш да учиш за стрпливоста и љубовта на Јехова. Колку повеќе го запознаваш Бог, толку повеќе ќе расте твојата љубов кон него, а ова ќе те поттикне да му го заветуваш својот живот.

Како да ги надминеш овие пречки?

(Види во пасуси 9-10) *

10. Како тоа што ќе размислуваш за Псалм 19:7 ќе ти помогне да му служиш на Јехова?

10 Продолжи да учиш за Јехова. Колку повеќе учиш за Јехова толку поуверен ќе бидеш дека можеш верно да му служиш. Евер, кој го спомнавме погоре, вели: „Стекнав самодоверба така што истражував и размислував за ветувањето запишано во Псалм 19:7“. (Прочитај.) Кога Евер на своја кожа почувствувал како Јехова го исполнува ова ветување, неговата љубов кон Бог станала посилна. Љубовта кон Јехова ни влева самодоверба дека можеме да му служиме, и ни помага да не правиме работи со кои би го повредиле. Хана, која ја спомнавме погоре, вели: „Преку читањето и проучувањето на Библијата сфатив дека, кога се повредувам себеси, го повредувам и Јехова“ (1. Пет. 5:7). Хана почнала да ја извршува Божјата Реч (Јак. 1:22). Со каков резултат? Таа вели: „Кога се уверив како ми користи тоа што сум му послушна на Јехова, мојата љубов кон него стана посилна. Сега сум сигурна дека Јехова е секогаш тука за мене“. Хана престанала да се самоповредува. Таа му го заветувала својот живот на Јехова и се крстила.

(Види во пасус 11) *

11. Што направила Ванеса за да стекне добри пријатели, и што учиме од тоа?

11 Мудро избирај ги своите пријатели. Ванеса, која ја спомнавме претходно, со текот на времето сфатила дека нејзината пријателка ја спречува да му служи на Јехова. Затоа престанала да се дружи со неа. Но Ванеса направила уште нешто. Таа вложила труд да си стекне нови пријатели, но овој пат од собранието. Таа вели дека многу ѝ помогнал примерот на Ное и неговото семејство. Ванеса вели: „Тие живееле меѓу луѓе кои не го сакале Јехова, и затоа поминувале време еден со друг“. Откако се крстила, Ванеса почнала со пионерска служба. Денес таа вели: „Ова ми помогна да најдам добри пријатели не само од моето собрание туку и од други собранија“. И ти можеш да стекнеш добри пријатели така што ќе учествуваш во службата колку што е можно повеќе (Мат. 24:14).

(Види во пасуси 12-15) *

12. Што немале Адам и Ева, и што им се случило поради тоа?

12 Победи ги своите стравови. Ако имаме стравопочит кон Јехова, нема да направиме ништо со што би го разочарале (Пс. 111:10). Доколку Адам и Ева развиеле таква почит кон Бог, немало да се побунат против него. Но тие се побуниле. Откако го направиле тоа, тие станале грешници и на своите деца можеле да им пренесат само грев и смрт. Тогаш нивните очи се отвориле, односно станале потполно свесни дека се грешни. Бидејќи станале свесни за својата состојба, се засрамиле поради својата голотија и се покриле (1. Мој. 3:7, 21).

13-14. а) Според 1. Петрово 3:21, зошто не треба да имаме морбиден страв од смртта? б) Зошто треба да го сакаме Јехова?

13 Не треба да имаме морбиден страв од смртта. Зошто? Јехова ни дал можност да добиеме вечен живот. Но што доколку направиме грев? Ако искрено се каеме, Јехова ќе ни прости на темел на нашата вера во откупната жртва на Исус. А главен начин на кој покажуваме вера во Бог е така што му го заветуваме својот живот и се крштаваме. (Прочитај 1. Петрово 3:21.)

14 Ние имаме многу причини да го сакаме Јехова. Тој ни дава сѐ што ни е потребно за живот и ни ја открива вистината за себе и својата намера (Јован 8:31, 32). Ни го дал христијанското собрание преку кое нѐ води и нѐ поддржува. Исто така, денес ни помага да се носиме со нашите проблеми, а ни дава и надеж дека во иднина ќе живееме вечно во совршени услови (Пс. 68:19; Отк. 21:3, 4). Кога размислуваме што сѐ направил Јехова за да ни покаже дека нѐ сака, нашата љубов кон него расте. Ако имаме силна љубов кон Јехова, ќе стекнеме стравопочит кон него и ќе внимаваме никогаш да не го повредиме.

15. Како Микејла го победила стравот од неуспех?

15 Микејла, која ја спомнавме претходно, го победила стравот од неуспех кога сфатила колку милостив е Јехова. Таа вели: „Сфатив дека сите сме несовршени и дека кога-тогаш ќе направиме некоја грешка. Но, научив и дека Јехова нѐ сака и дека ни простува на темел на откупната жртва“. Љубовта кон Јехова ја поттикнала Микејла да му го заветува својот живот и да се крсти.

(Види во пасус 16) *

16. Како Мајлс го победил стравот од противење?

16 Мајлс, кој се плашел дека мајка му ќе се противи на неговата одлука да се крсти, побарал помош од покраинскиот надгледник. Мајлс вели: „И тој пораснал во семејство во кое не биле сите Сведоци. Ми помогна да размислам што да ѝ кажам на мајка ми за да сфати дека тоа што сакам да се крстам е моја одлука, а не дека татко ми ме наговара на тоа“. Мајка му на Мајлс не реагирала позитивно. По некое време, тој морал да си замине од дома, но бил цврсто решен да се крсти. Мајлс вели: „Бев трогнат кога сфатив колку убави работи направил Јехова за мене. Кога подлабоко размислив за откупната жртва на Исус, се уверив колку Јехова ме сака. Ова ме поттикна да му го заветувам мојот живот и да се крстам“.

ДРЖИ СЕ ЗА СВОЈАТА ОДЛУКА

Покажи дека си благодарен за сето она што Бог го направил за тебе (Види во пасус 17)

17. Каква можност имаме?

17 Кога Ева каснала од плодот во градината Еден, таа го отфрлила својот Татко. Кога Адам го направил истото, покажал дека воопшто не го цени сето она што Јехова го направил за него. Сите ние имаме можност да покажеме дека не сме како Адам и Ева. Ние сме многу благодарни за сѐ што Јехова прави за нас. Со нашето крштавање, покажуваме дека Јехова има право да ни поставува мерила за исправно и погрешно. Исто така, докажуваме дека го сакаме нашиот Татко и дека имаме доверба во него.

18. Како можеш верно да му служиш на Јехова?

18 Откако ќе се крстиме, треба да се трудиме секој ден да живееме според мерилата на Јехова, а не според нашите. Милиони Божји слуги живеат на тој начин секој ден. И ти можеш да бидеш како нив ако продолжиш да учиш од Божјата Реч, ако редовно се дружиш со браќата и сестрите, и ако ревносно им зборуваш на другите за твојот небесен Татко (Евр. 10:24, 25). Кога донесуваш одлуки, следи го водството што Јехова ти го дава преку неговата Реч и преку неговата организација (Иса. 30:21). Тогаш, во сѐ што правиш ќе бидеш успешен (Изр. 16:3, 20).

19. Што треба постојано да имаш на ум, и зошто?

19 Ако постојано имаш на ум колку ти користи водството од Бог, твојата љубов кон него и кон неговите мерила ќе расте. Тогаш ништо од она што ти го нуди Сатана нема да те оддалечи од Јехова. Замисли се себеси по илјада години. Тогаш ќе бидеш потполно сигурен дека твојата одлука да се крстиш била најдобрата одлука што си ја донел.

ПЕСНА 28 Да бидеме пријатели со Јехова

^ пас. 5 Најважната одлука што човек може да ја донесе е дали да се крсти. Зошто оваа одлука е толку важна? Во оваа статија ќе добиеме одговор на ова прашање. Исто така, ќе разгледаме што може да им помогне на оние што размислуваат за крштавање да ги надминат пречките кои можеби ги кочат да го направат тој чекор.

^ пас. 56 ОПИС НА СЛИКАТА: Самодоверба: Еден млад брат има трема пред да коментира на состанок.

^ пас. 58 ОПИС НА СЛИКАТА: Пријатели: Една млада сестра која има другарка што лошо влијае врз неа се срами кога среќава други Сведоци.

^ пас. 60 ОПИС НА СЛИКАТА: Неуспех: Братот на едно девојче е исклучен и си оди од дома. Девојчето е загрижено дека можеби и тоа ќе му згреши на Јехова.

^ пас. 62 ОПИС НА СЛИКАТА: Противење: На едно момче му е незгодно да се моли пред мајка му, која не е Сведок.

^ пас. 65 ОПИС НА СЛИКАТА: Самодоверба: Еден млад брат се труди подлабоко да ја проучува Библијата.

^ пас. 67 ОПИС НА СЛИКАТА: Пријатели: Една млада сестра почнува да се гордее што е Сведок.

^ пас. 69 ОПИС НА СЛИКАТА: Неуспех: Едно девојче стекнува блиско пријателство со Јехова и се крштава.

^ пас. 71 ОПИС НА СЛИКАТА: Противење: Едно момче храбро ѝ ги објаснува своите верувања на мајка му, која не е Сведок.