Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова го цени твоето „амин“

Јехова го цени твоето „амин“

ЈЕХОВА ја цени нашата служба. Тој забележува сѐ што правиме за него, дури и малите работи (Мал. 3:16). На пример, размисли за еден збор кој веројатно сме го кажале безброј пати. Тоа е зборот „амин“. Како Јехова гледа на овој збор? Дали го цени? Апсолутно! За да сфатиме зошто е така, да видиме што значи овој збор и како се користи во Библијата.

„ЦЕЛИОТ НАРОД НЕКА РЕЧЕ: ’АМИН!‘“

Зборот „амин“ значи „навистина е така“ или „така нека биде“. Тој доаѓа од коренот на еден хебрејски збор кој значи „да се биде верен“, „да се биде веродостоен“. Во минатото, овој збор понекогаш се користел во правни случаи. На пример, откако некој ќе се заколнел за нешто, ќе речел „амин“ за да потврди дека неговите зборови се вистинити и дека ги прифаќа последиците од заклетвата (4. Мој. 5:22). Кога јавно ќе кажел „амин“, тој имал уште посилна причина да си го одржи зборот (Неем. 5:13).

Еден впечатлив пример за тоа како е употребен зборот „амин“ е запишан во 5. Мојсеева 27. поглавје. Откако Израелците влегле во Ветената земја, се собрале помеѓу планините Евал и Гаризим, каде што се читал Законот. Во таа прилика, Израелците не требало само да го слушаат Законот туку требало и да потврдат дека го прифаќаат. Кога се читале последиците од непослушноста, тие потврдувале дека ги прифаќаат така што кажувале „амин“ (5. Мој. 27:15-26). Замисли илјадници мажи, жени и деца како гласно го кажуваат овој збор! (Ис. Нав. 8:30-35). Тие сигурно никогаш не го заборавиле она што го кажале тој ден. И навистина си стоеле на зборот! За нив, во Библијата пишува: „Израел му служеше на Јехова во текот на целиот век на Исус Навин и во текот на целиот век на старешините што го надживеаја Исус Навин, кои ги знаеја сите дела што ги направи Јехова за Израел“ (Ис. Нав. 24:31).

И Исус Христос го користел зборот „амин“ за да потврди дека е вистина она што било кажано. Но Исус го користел овој збор на еден посебен начин. Наместо да го каже на крај на нечија изјава како потврда, тој велел „амин“ (преведено со „вистина“) на почеток од некоја своја изјава, за да потврди дека тоа што ќе го каже е вистина (Мат. 5:18). Понекогаш, двапати го повторувал зборот „амин“ (Јован 1:51). На тој начин, ги уверувал оние што го слушале дека неговите зборови се потполно вистинити. Исус можел да зборува со таква увереност бидејќи бил овластен да ги исполни сите Божји ветувања (2. Кор. 1:20; Отк. 3:14).

„СИОТ НАРОД РЕЧЕ: ’АМИН!‘ И ГО ФАЛЕШЕ ЈЕХОВА“

Израелците го користеле зборот „амин“ и кога му упатувале фалби и молитви на Јехова (Неем. 8:6; Пс. 41:13). Кога ќе рекле „амин“ на крајот на некоја јавна молитва, присутните покажувале дека се сложуваат со кажаното. На тој начин, сите можеле да учествуваат во молитвата, и така обединето да го слават Јехова. Токму тоа се случило кога Цар Давид го донел ковчегот на вистинскиот Бог во Ерусалим. Тогаш се организирала една голема прослава. Давид составил молитва во форма на песна, која била испеана во текот на таа прослава (1. Лет. 16:8-36). Присутните биле толку трогнати од неговите зборови што сите рекле „амин“, и го славеле Јехова. Тој ден, нивното еднодушно „амин“ придонело за уште поголема радост.

И христијаните од првиот век го користеле зборот „амин“ кога го фалеле Јехова. Библиските писатели честопати го користеле овој збор во своите писма (Рим. 1:25; 16:27; 1. Пет. 4:11). Книгата Откровение дури ги опишува духовните суштества на небото како го слават Јехова со следниве зборови: „Амин! Фалете го Јах!“ (Отк. 19:1, 4). Првите христијани велеле „амин“ на крајот на молитвите што се кажувале на нивните состаноци (1. Кор. 14:16). Сепак, тие не требало да го користат овој збор механички.

ЗОШТО Е ВАЖНО ТВОЕТО „АМИН“

Откако видовме како Божјите слуги во минатото го користеле зборот „амин“, можеме уште подобро да сфатиме зошто е важно да се каже „амин“ на крајот од една молитва. Кога ќе речеме „амин“ на крајот од нашата лична молитва, покажуваме дека навистина го мислиме она што сме го кажале. Кога гласно или во себе ќе кажеме „амин“ на крајот на една јавна молитва, покажуваме дека се согласуваме со она што е кажано. Но, има и други причини зошто е важно твоето „амин“. Да ги разгледаме.

Покажуваме дека внимателно слушаме. На Јехова му носиме слава со тоа што ќе се согласиме со она што е кажано во молитвата. Но слава му носиме и со нашето однесување за време на молитвата. Ние сакаме нашето „амин“ да биде искрено и од срце, а не механичко. Затоа се трудиме да се сконцентрираме на она што се кажува во текот на една јавна молитва. Исто така, сакаме да задржиме исправен став кон молитвата, која е дел од обожавањето на Јехова.

Обединети сме како слуги на Јехова. Јавната молитва нѐ обединува бидејќи сите го слушаме истото (Дела 1:14; 12:5). Но нѐ обединува и тоа што на крај од молитвата сите едногласно велиме „амин“. Без разлика дали ќе речеме „амин“ гласно или во себе, нашето „амин“ му дава на Јехова уште посилна причина да одговори на нашата заедничка молитва.

Со нашето „амин“ му носиме слава на Јехова

Го славиме Јехова. Јехова забележува сѐ што правиме во службата за него (Лука 21:2, 3). Исто така, тој гледа од кој мотив го правиме тоа и што имаме во срцето. Дури и ако го следиме состанокот преку телефон, Јехова ќе го забележи нашето „амин“. На тој начин и ние, заедно со оние што се на состанокот, го славиме Јехова.

Нашето „амин“ не е безначајно, туку има голема вредност. Во една библиска енциклопедија пишува: „Со само еден збор Божјите слуги ја изразуваат својата доверба, искрено одобрување и цврста надеж“. Наша искрена желба е секогаш кога ќе кажеме „амин“ да му биде по волја на Јехова (Пс. 19:14).