Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 20

Утеха за жртвите на злоупотреба

Утеха за жртвите на злоупотреба

Богот на секоја утеха нѐ теши во секоја наша неволја (2. КОР. 1:3, 4)

ПЕСНА 134 Децата се скапоцен дар од Бог

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. а) Кој пример покажува дека луѓето имаат вродена потреба од утеха и способност да ги тешат другите? б) На кој ужасен начин се повредени некои деца?

ЛУЃЕТО имаат вродена потреба од утеха, и извонредна способност да ги тешат другите. На пример, кога некое детенце играјќи ќе падне и ќе си го повреди коленото, обично ќе отрча плачејќи кај мама или тато. Родителите не можат да му ја излечат раната, но можат да го утешат. Можеби ќе го прашаат детето што му се случило, ќе му ги избришат солзите, ќе му кажат нешто утешно, ќе го земат во прегратка и ќе му ја преврзат раната. Детето за кратко време престанува да плаче и можеби ќе продолжи да си игра. Со текот на времето, коленото ќе му оздрави.

2 Но, некои деца се повредени на многу пострашни начини. На пример, некои се сексуално злоупотребени. Тоа може да се случи еднаш или може да се случува во период од многу години. И во двете ситуации, злоупотребата остава длабоки емоционални рани. Понекогаш, напасникот е уапсен и казнет, а во други случаи успева да помине неказнето. Но дури и ако правдата брзо се спроведе, детето што било злоупотребено ги чувствува последиците и кога ќе стане возрасна личност.

3. а) Според 2. Коринќаните 1:3, 4, што сака Јехова за своите овчички? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

3 Ако некој соверник бил злоупотребуван во детството и поради тоа сѐ уште чувствува емоционална болка, што може да му помогне? (Прочитај 2. Коринќаните 1:3, 4.) Јасно е дека Јехова сака неговите овчички да ја добијат потребната љубов и утеха. Затоа, да ги разгледаме следниве три прашања: 1) Зошто им е потребна утеха на оние што биле злоупотребени во детството? 2) Кој може да им ја даде потребната утеха? 3) Како можеме ние да им пружиме утеха?

ЗОШТО ИМ Е ПОТРЕБНА УТЕХА?

4-5. а) Зошто е важно да бидеме свесни дека децата се многу поинакви од возрасните? б) Како злоупотребата влијае врз довербата на децата во другите?

4 Некои што биле злоупотребувани во детството сѐ уште имаат потреба од утеха иако оттогаш поминале многу години. За да разбереме зошто, прво мора да го земеме предвид фактот дека децата многу се разликуваат од возрасните. Едно дете честопати многу поинаку доживува некој трауматичен настан отколку еден возрасен човек. Да видиме неколку причини.

5 Децата имаат потреба да им веруваат на оние што се грижат за нив и да бидат блиски со тие лица. Таквата блискост им овозможува на децата да се чувствуваат сигурно и да научат да имаат доверба во оние што ги сакаат (Пс. 22:9). За жал, злоупотребата на деца најчесто се случува во нивниот дом, и тоа обично од блиски членови на семејството или нивни пријатели. Ако довербата на едно дете е изневерена на ваков начин, тоа дури со години нема да може да има доверба во другите.

6. Зошто сексуалната злоупотреба е сурова и им нанесува голема штета на децата?

6 Децата се многу ранливи. Сексуалната злоупотреба е сурова и нанесува голема штета. На децата им се прави огромна штета доколку некој ги принудува на сексуални постапки многу години пред да бидат физички, емоционално и умствено зрели за да имаат сексуални односи во бракот. Злоупотребата може негативно да се одрази врз нивното гледиште за сексуалните односи. Може да ги натера да се чувствуваат безвредно и да немаат доверба во другите.

7. а) Зошто е лесно некој напасник да измами едно дете, и кои опасни лаги би можел да му ги кажува? б) Кои се последиците од таквите лаги?

7 Децата немаат потполно развиена способност да ги проценуваат работите, да носат одлуки и да препознаваат и избегнуваат опасности (1. Кор. 13:11). Затоа е многу лесно еден подмолен напасник да измами и потоа да злоупотреби едно дете. Напасниците им кажуваат на децата опасни лаги. На пример, тие ги лажат децата дека самите се виновни за злоупотребата, дека не смеат да кажат никому за тоа што се случило и дека никој нема да им верува ниту да им помогне ако кажат за злоупотребата. Освен тоа, напасниците ги лажат децата дека е сосема нормално едно возрасно лице да има сексуални односи со дете бидејќи така си покажуваат дека вистински се сакаат. Таквите лаги можат да го искриват размислувањето на детето. Поради тоа, на детето ќе му требаат многу години за да разбере дека тие работи што му ги кажувал напасникот се лаги. Детето може да порасне мислејќи за себе дека е валкано, безвредно и недостојно некој да го сака или да му дава утеха.

8. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова може да ги утеши оние што биле злоупотребени?

8 Ова јасно покажува зошто оние што биле сексуално злоупотребени трпат страшни последици со години. Ваквото злодело е навистина ужасно! Фактот дека во светот има сѐ повеќе случаи на злоупотреба на деца е силен доказ дека живееме во последните денови — период во кој многумина се „бесчувствителни кон другите“ и во кој „злите луѓе и измамниците ќе напредуваат од лошо на полошо“ (2. Тим. 3:1-5, 13). Сатана користи многу злобни тактики за да нѐ повреди. А многу е жално што и некои луѓе постапуваат онака како што сака Ѓаволот. Меѓутоа, Јехова е многу помоќен од Сатана и од неговите слуги. Тој секогаш знае што прави Сатана. Можеме да бидеме сигурни дека Јехова е потполно свесен за нашите страдања, и дека може да ни ја даде потребната утеха. За нас е голем благослов тоа што му служиме на „Богот на секоја утеха, кој нѐ теши во секоја наша неволја, за да можеме да ги тешиме оние што се во каква и да било неволја, со истата утеха со која Бог нѐ теши нас самите“ (2. Кор. 1:3, 4). Да видиме преку кого Јехова дава утеха.

КОЈ МОЖЕ ДА ГИ УТЕШИ ОНИЕ ШТО БИЛЕ ЗЛОУПОТРЕБЕНИ?

9. Според зборовите на цар Давид кои се запишани во Псалм 27:10, што ќе направи Јехова за оние што биле запоставени од своето семејство?

9 Оние што биле злоупотребени од некој близок или оние чии родители знаеле дека некој ги злоупотребува но не презеле ништо за да ги заштитат, имаат голема потреба од утеха. Псалмистот Давид бил уверен дека Јехова секогаш им ја дава потребната утеха на своите слуги. (Прочитај Псалм 27:10.) Давид имал вера дека Јехова ќе им биде Татко на оние што биле запоставени од семејството. Како ја покажува Јехова таквата грижа? Тој го прави тоа преку своите верни слуги на Земјата. Нашите соверници ни се како семејство. На пример, Исус рекол дека оние што заедно со него му служат на Јехова се негови браќа, сестри и мајка (Мат. 12:48-50).

10. Како апостол Павле ја опишал службата што ја вршел како старешина?

10 Во овој и во следниот пасус ќе видиме на кој начин собранието може да биде како семејство. Апостол Павле бил трудољубив, верен старешина. Тој оставил добар пример, и под водство на светиот дух ги поттикнал другите да се угледаат на него како што тој се угледал на Христос (1. Кор. 11:1). Забележи како Павле еднаш ја опишал својата служба како старешина: „Кон вас бевме благи, како мајка која ги храни и ги негува своите деца“ (1. Сол. 2:7). Слично на него, старешините кои со љубов се грижат за браќата користат нежни и љубезни зборови кога со помош на Библијата ги тешат оние што имаат потреба од утеха.

Зрелите христијанки честопати можат многу да ги утешат потиштените сестри (Види во пасус 11) *

11. Што покажува дека старешините не се единствените кои можат да пружат утеха?

11 Дали старешините се единствените што можат да им пружат утеха на жртвите на злоупотреба? Не. Сите имаме одговорност да се тешиме еден со друг (1. Сол. 4:18). Зрелите сестри во собранието можат многу да ги охрабрат сестрите што имаат потреба од утеха. Сосема е соодветно што Јехова се споредил себеси со мајка која го теши својот син (Иса. 66:13). Во Библијата се спомнати некои жени кои ги тешеле оние што биле потиштени (Јов 42:11). Јехова сигурно многу се радува што и денес некои христијанки ги тешат своите духовни сестри кои чувствуваат голема емоционална болка. Во некои случаи, старешините можат дискретно да прашаат некоја зрела сестра дали е во можност да ѝ пружи утеха на сестра која страда во емоционален поглед. *

КАКО МОЖЕМЕ ДА ГИ ТЕШИМЕ ДРУГИТЕ?

12. Што не треба да правиме додека се обидуваме да му помогнеме на некој соверник?

12 Се разбира, кога се обидуваме да му помогнеме на некој соверник, не треба да го прашуваме за работи за кои не сака да зборува (1. Сол. 4:11). Според тоа, што може да направиме за оние што имаат потреба од утеха и што сакаат да ја добијат? Да разгледаме од Библијата пет начини на кои можеме да им помогнеме на другите.

13. а) Според 1. Царевите 19:5-8, што направил еден ангел за Илија? б) Што учиме од примерот на тој ангел?

13 Пружи му практична помош. Во една прилика, кога му бил загрозен животот, пророкот Илија бил толку обесхрабрен што посакал да умре. Јехова испратил моќен ангел кај овој обесхрабрен човек. Ангелот му пружил практична помош. Тој му дал на Илија топло јадење и љубезно го поттикнал да јаде. (Прочитај 1. Царевите 19:5-8.) Од овој извештај учиме една важна вистина: понекогаш, со еден мал гест на добрина можеме многу да му помогнеме некому. На пример, со едно јадење, некој мал подарок или една картичка со охрабрувачки зборови можеме да му покажеме на некој потиштен соверник дека го сакаме и дека се грижиме за него. Ако не ни е лесно да зборуваме со некого за неговите чувства, би можеле да покажеме дека го сакаме така што ќе направиме некои од тие практични работи.

14. Што може да научиме од извештајот за Илија?

14 Помогни му на потиштениот соверник да се чувствува безбедно и пријатно. Од извештајот за Илија може да научиме уште нешто. Јехова преку чудо му дал сила за да може да го издржи долгиот пат до планината Хорив. Можеби на тоа далечно место, каде што векови претходно Јехова склучил сојуз со својот народ, Илија се чувствувал безбедно. Можеби таму почувствувал дека конечно е доволно далеку од луѓето што сакале да го убијат. Што учиме од овој пример? Ако сакаме да ги утешиме жртвите на злоупотреба, можеби прво ќе треба да им помогнеме да се чувствуваат безбедно. На пример, старешините треба да имаат на ум дека една сестра што страда во емоционален поглед можеби ќе се чувствува побезбедно и попријатно ако разговараат со неа во нејзиниот дом наместо во салата за состаноци. А на други можеби ќе им биде полесно да разговараат во салата за состаноци.

Ние можеме да ги тешиме потиштените така што внимателно ќе ги слушаме, сесрдно ќе се молиме за нив и ќе избираме утешни зборови (Види во пасуси 15-20) *

15-16. Што значи да слушаш внимателно?

15 Слушај внимателно. Библијата ни го дава следниов јасен совет: „Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување“ (Јак. 1:19). Дали ние внимателно ги слушаме другите? Можеби мислиме дека слушањето е пасивна постапка — дека е доволно само да гледаме во тоа лице и да не кажуваме ништо. Но потребно е нешто повеќе. На пример, Јехова внимателно слушал кога Илија му кажувал колку му е тешко. Илија бил исплашен, осамен и мислел дека сѐ што направил е залудно. Јехова бил свесен за тоа и со љубов му помогнал да ги победи таквите чувства. Со тоа покажал дека внимателно го слушал Илија (1. Цар. 19:9-11, 15-18).

16 Додека слушаме некој брат или сестра, како можеме да покажеме сочувство? Понекогаш, нашите чувства можеме да ги покажеме со неколку обѕирни, срдечни зборови. Би можел да кажеш: „Многу ми е жал за тоа што ти се случило! Ниту едно дете не треба да доживее такво нешто!“ Би можел да поставиш едно до две прашања за да бидеш сигурен дека си разбрал што точно ти кажува твојот пријател. Би можел да го прашаш: „Од она што ми го кажа сфатив дека... дали на тоа мислеше?“ Таквите грижливи прашања може да го уверат лицето дека внимателно го слушаш и дека се обидуваш добро да разбереш што ти кажува (1. Кор. 13:4, 7).

17. Зошто секој од нас треба да биде стрплив и „бавен на зборување“?

17 Сепак, труди се да бидеш „бавен на зборување“. Немој да го прекинуваш соверникот за да му дадеш совет или за да го исправиш неговото размислување. Многу е важно да бидеш стрплив! Кога конечно решил да му го излее срцето на Јехова, Илија бил вознемирен и зборувал со длабока тага. Подоцна, откако Јехова му ја зајакнал верата, Илија повторно ги искажал своите чувства со истите зборови (1. Цар. 19:9, 10, 13, 14). Што учиме од ова? Понекогаш потиштените имаат потреба да разговараат за своите чувства повеќе пати. Исто како Јехова, ние треба внимателно да слушаме. Наместо да се обидуваме да им кажуваме како да го решат својот проблем, треба да им покажеме сочувство (1. Пет. 3:8).

18. Како може со нашите молитви да ги утешиме оние што се потиштени?

18 Сесрдно моли се со потиштениот. Кога некој чувствува длабока емоционална болка, можеби не е во состојба да се моли. Можеби смета дека не е достоен да му се обрати на Јехова. Еден начин на кој можеме да утешиме таков соверник е така што ќе се молиме со него, при што ќе го спомнеме по име. Во молитвата би можеле да му кажеме на Јехова дека ние и собранието многу го цениме тој соверник. Можеме да го молиме Јехова да го зајакне и да го утеши овој негов скапоцен слуга. Таквите молитви можат да бидат многу утешни (Јак. 5:16).

19. Како можеме да се подготвиме за да утешиме некого?

19 Избери зборови што лекуваат и тешат. Добро размисли пред да кажеш нешто. Непромислените зборови можат многу да повредат. Обѕирните зборови можат да лекуваат (Изр. 12:18). Затоа моли го Јехова да ти помогне да користиш љубезни, утешни и пријатни зборови. Не заборавај дека, на некој што е потиштен, најмногу можат да му помогнат Јеховините зборови што се запишани во Библијата (Евр. 4:12).

20. Какво мислење за себе имаат некои браќа и сестри затоа што биле злоупотребени, и на што сакаме да ги потсетиме?

20 Некои браќа и сестри што биле злоупотребени се убедени дека се валкани, безвредни и дека никој не ги сака — дека дури и не заслужуваат некој да ги сака. Тоа е ужасна лага! Затоа користи ја Божјата Реч за да ги потсетиш дека Јехова многу ги сака. (Види ја рамката „ Утеха од Божјата Реч“.) Сети се на тоа како еден ангел го зајакнал пророкот Даниел кога тој се чувствувал исцрпено и потиштено. Јехова сакал неговиот верен и мил слуга да знае дека е скапоцен за него (Дан. 10:2, 11, 19). И нашите браќа и сестри кои чувствуваат емоционална болка се скапоцени за Јехова!

21. а) Што ги очекува сите оние што непокајнички прават зли дела? б) Во меѓувреме, што треба секој од нас да биде решен да прави?

21 Кога ги тешиме другите, ние ги потсетуваме дека Јехова ги сака. Исто така, никогаш не смееме да заборавиме дека Јехова е Бог на правдата. Ниту една злоупотреба не е скриена од Јехова. Тој гледа сѐ, и ќе се погрижи да бидат казнети сите напасници што не се каат (4. Мој. 14:18). Во меѓувреме, да направиме сѐ што можеме за да им покажеме љубов на оние што биле злоупотребени. Многу е утешно и тоа што знаеме дека Јехова трајно ќе ја отстрани болката на оние што доживеале разни неправди од Сатана и од неговиот свет! Наскоро, овие болни работи нема никогаш повеќе да доаѓаат во сеќавање, ниту ќе се јавуваат во срцето (Иса. 65:17).

ПЕСНА 109 Да се сакаме силно и од срце!

^ пас. 5 Оние што биле сексуално злоупотребени во детството може да страдаат поради тоа дури и со години. Оваа статија ќе ни помогне да разбереме која е причината за тоа. Исто така, ќе видиме кој може да ги утеши таквите лица. На крај ќе разгледаме неколку добри начини на кои можеме да ги утешиме.

^ пас. 11 Лична одлука е дали едно лице што било злоупотребено во детството ќе побара стручна помош.

^ пас. 76 ОПИС НА СЛИКАТА: Една зрела сестра теши друга сестра што страда во емоционален поглед.

^ пас. 78 ОПИС НА СЛИКАТА: Двајца старешини ја посетуваат потиштената сестра. Таа ја поканила да присуствува и зрелата сестра на која претходно ѝ се доверила.