Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 29

„Одете и правете ученици“

„Одете и правете ученици“

Одете и правете ученици од луѓето од сите народи (МАТ. 28:19)

ПЕСНА 60 Дело што живот значи

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. а) Според заповедта на Исус која е запишана во Матеј 28:18-20, која е главната задача на христијанското собрание? б) На кои прашања ќе добиеме одговор во оваа статија?

ПОЛНИ со исчекување, апостолите се упатиле кон една гора во Галилеја каде што требало да се сретнат со воскреснатиот Исус (Мат. 28:16). Можеби токму во таа прилика тој им се појавил на „повеќе од петстотини“ браќа (1. Кор. 15:6). Зошто Исус побарал од неговите ученици да се соберат таму? За да им даде една важна задача: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи“. (Прочитај Матеј 28:18-20.)

2 Учениците кои ги слушнале тие зборови на Исус подоцна станале дел од христијанските собранија во првиот век. Главната задача на собранијата била да им се помогне и на други луѓе да станат ученици на Христос. * Денес има преку 100.000 христијански собранија низ целиот свет, но главната задача не се променила. Во оваа статија ќе добиеме одговор на четири прашања: Зошто е важно да им помагаме на луѓето да станат ученици на Христос? Што сѐ е вклучено во тоа? Дали секој христијанин има удел? И зошто ни е потребна стрпливост додека го вршиме тоа дело?

ЗОШТО Е ВАЖНО ДА ИМ ПОМАГАМЕ НА ЛУЃЕТО ДА СТАНАТ УЧЕНИЦИ?

3. Според Јован 14:6 и 17:3, зошто е толку важно да им помагаме на луѓето да станат ученици на Христос?

3 Зошто е важно да им помагаме на луѓето да станат ученици на Христос? Бидејќи само тогаш ќе можат да бидат пријатели со Бог. Освен тоа, оние што го следат Христос водат еден подобар начин на живот уште денес и имаат надеж за вечен живот во иднина. (Прочитај Јован 14:6; 17:3.) Навистина, Исус ни доверил многу важна задача. Но, не сме оставени сами на себе. Апостол Павле напишал: „Ние сме Божји соработници“ (1. Кор. 3:9). Колку голема чест им укажале Јехова и Христос на несовршени луѓе!

4. Што учиме од искуството што го имале Иван и Матилде?

4 Тоа што им помагаме на луѓето да станат ученици на Христос ни носи голема радост. Размисли за искуството што го имале Иван и Матилде, брачен пар од Колумбија. Тие му сведочеле на еден млад човек по име Давиер, кој им рекол: „Сакам да се сменам, но не можам“. Давиер бил боксер, користел дрога, се опивал и живеел невенчано со својата девојка, Ерика. Иван објаснува: „Почнавме да ја проучуваме Библијата со него. Тој живееше во едно далечно село. За да стигнеме дотаму, моравме со часови да возиме со велосипедите, и тоа по калливи патишта. Откако Ерика забележа дека Давиер се менува на подобро, и таа почна да ја проучува Библијата“. Со текот на времето, Давиер престанал да користи дрога, да се опива и да се занимава со бокс. Исто така, се венчал со Ерика. Матилде вели: „Кога Давиер и Ерика се крстија во 2016 год., се потсетивме како тој велеше: ’Сакам да се сменам, но не можам‘. Плачевме од радост“. Кога им помагаме на луѓето да станат ученици на Христос, навистина чувствуваме голема радост.

ШТО СЀ Е ВКЛУЧЕНО ВО ТОА ВАЖНО ДЕЛО

5. Кој е првиот чекор за да им помогнеме на луѓето да станат ученици?

5 Првиот чекор што треба да го направиме за да им помогнеме на луѓето да станат ученици е да ги бараме оние што имаат срце за вистината (Мат. 10:11). Со тоа што се трудиме да даваме темелно сведоштво за Јехова, ние покажуваме дека во вистинска смисла на зборот сме негови сведоци. Исто така, бидејќи сме послушни на Христовата заповед да им проповедаме на сите луѓе од нашето подрачје, ние покажуваме дека сме вистински христијани.

6. Што ќе ни помогне добро да ја извршуваме нашата служба?

6 Понекогаш наидуваме на луѓе што сакаат да ги дознаат библиските вистини. Но, среќаваме и многумина кои на почетокот изгледаат незаинтересирано. Кај таквите лица, важно е да побудиме интерес за вистината. За да можеме добро да ја извршуваме нашата служба, треба убаво да се подготвиме. Најпрво, размисли кои теми најверојатно ќе ги интересираат луѓето на твоето подрачје. Потоа, смисли вовед кој ќе ти помогне да започнеш разговор на темата за која сакаш да зборуваш.

7. а) Како би можел да започнеш разговор со некого? б) Зошто сметаш дека е важно внимателно да ги слушаш луѓето и да покажеш почит кон нив?

7 На пример, би можел да го прашаш станарот: „Луѓето од целиот свет се соочуваат со исти проблеми — што мислите, дали решението за проблемите е да има една влада за сите луѓе?“ Потоа можеш да го продолжиш разговорот на темел на Даниел 2:44. Или, би можел да прашаш: „Според Вас, како можат родителите добро да ги воспитаат своите деца?“ Потоа зборувај на темел на 5. Мојсеева 6:6, 7. Сеедно на која тема ќе одлучиш да почнеш разговор, мисли на луѓето. Размислувај за тоа каква корист ќе имаат од поуките од Библијата. Но, важно е и ти внимателно да ги слушаш нив и да покажеш почит кон нивните гледишта. Така ќе можеш подобро да ги разбереш, а тие ќе бидат поспремни да те слушаат.

8. Зошто е важно да вложуваме време и труд за да правиме повторни посети?

8 Пред некој да одлучи да ја проучува Библијата, веројатно ќе треба да вложиш време и труд за редовно да го посетуваш. Зошто? Бидејќи можеби нема да биде дома кога повторно ќе навратиш. Освен тоа, можеби ќе треба неколку пати да го посетиш пред да се чувствува доволно слободен да прифати библиски курс. Не заборавај, за да расте, едно цвеќе мора редовно да се наводнува. Слично на тоа, ако редовно зборуваме со едно заинтересирано лице за Божјата Реч, поголеми се шансите во неговото срце да расте љубовта кон Јехова и кон Христос.

ДАЛИ СЕКОЈ ХРИСТИЈАНИН ИМА УДЕЛ

Во потрагата по искрените лица се вклучени Јеховините сведоци од целиот свет (Види во пасуси 9-10) *

9-10. Зошто може да кажеме дека секој објавител е вклучен во потрагата по искрените лица?

9 Секој објавител е вклучен во потрагата по искрените лица. Ова можеме да го споредиме со потрага по дете што се изгубило. Во која смисла? Размисли за една вистинска случка. Откако едно тригодишно детенце се изгубило, организирано го барале околу 500 луѓе. На крајот, 20-ина часа по исчезнувањето, еден од тие луѓе го пронашол детето во една нива со пченка. Но, овој човек не сметал дека тоа е лично негова заслуга. Тој рекол: „Стотици луѓе го баравме — затоа го најдовме“.

10 Многу луѓе се чувствуваат како тоа изгубено дете. Тие се без надеж, но потребна им е помош (Еф. 2:12). Во потрагата по нив се вклучени повеќе од осум милиони Јеховини сведоци. Можеби ти лично нема да најдеш некој со кого ќе ја проучуваш Библијата. Сепак, можеби другите објавители кои проповедаат на истото подрачје ќе најдат некој што ќе сака да ја дознае вистината од Божјата Реч. Кога еден брат или една сестра ќе најдат некој што ќе стане ученик на Христос, сите што учествувале во потрагата треба да се радуваат.

11. Дури и да не водиш библиски курс, на кои други начини можеш да им помагаш на луѓето да станат ученици на Христос?

11 Иако можеби во моментов не водиш библиски курс, сепак можеш на други начини да им помагаш на луѓето да станат ученици на Христос. На пример, можеш срдечно да ги поздравиш кога ќе дојдат на состанок. Тоа може да им помогне да се уверат дека ние сме вистински христијани поради љубовта што владее во собранието (Јован 13:34, 35). А преку твоите кратки коментари, новите учат како да ги изразат своите верувања на искрен и достоинствен начин. Освен тоа, можеш да одиш во служба со некој нов објавител и да му помогнеш да ја користи Библијата за да ги поучува луѓето. Ако го правиш тоа, му помагаш да го следи примерот на Христос (Лука 10:25-28).

12. Дали треба да имаме посебни способности за да ги поучуваме другите? Објасни.

12 Никој од нас не треба да мисли дека ни се потребни некои посебни способности за да можеме да ги поучуваме луѓето да станат ученици на Исус. Зошто? Размисли за Фаустина, која живее во Боливија. Кога првпат ги сретнала Јеховините сведоци, таа не знаела да чита. Сега може да чита, иако не толку добро. Фаустина се крстила, и многу сака да ги поучува другите. Обично, секоја седмица ја проучува Библијата со пет лица. Иако повеќето од оние со кои проучува читаат подобро од неа, таа им помогнала на шест луѓе да се крстат (Лука 10:21).

13. Дури и ако сме презафатени, кои благослови може да ги имаме ако им помагаме на луѓето да станат Христови ученици?

13 Многу христијани се доста зафатени бидејќи имаат важни одговорности. Сепак, тие одвојуваат време за да водат библиски курсеви, и тоа им носи голема радост. Добар пример е Мелани од Аљаска. Таа била самохрана мајка која се грижела за својата осумгодишна ќеркичка. Освен тоа, имала полно работно време и се грижела за татко ѝ кој бил болен од рак. Мелани била единствениот Јеховин сведок во едно гратче кое било доста оддалечено од другите населени места. Таа редовно го молела Јехова да ѝ дава сила да оди во служба и покрај студот, бидејќи сакала да пронајде некој со кого ќе може да ја проучува Библијата. И така ја сретнала Сара, која била воодушевена кога дознала дека Бог има лично име. По некое време, Сара се согласила да ја проучува Библијата. Мелани вели: „Во петок навечер обично бев преморена, но сепак со ќерка ми редовно одевме кај Сара за да ја поучуваме за Библијата. Тоа многу ни користеше и нам. Уживавме да истражуваме за да најдеме одговор на нејзините прашања, и бевме многу радосни што и таа стана Јеховин пријател“. Сара храбро се соочила со притисокот од семејството и од пријателите, ја напуштила својата црква и се крстила.

ЗОШТО НИ Е ПОТРЕБНА СТРПЛИВОСТ

14. а) Зошто службата може да се спореди со рибарење? б) На што те поттикнуваат зборовите од 2. Тимотеј 4:1, 2?

14 Ако сѐ уште не си нашол некој кој сака да стане ученик на Христос, немој да губиш надеж. Исус рекол дека оние што им помагаат на луѓето да станат негови ученици се како рибари. Рибарите може со часови да се трудат да уловат риба. Тие честопати ловат доцна во ноќта или рано наутро, а понекогаш пловејќи поминуваат долги растојанија (Лука 5:5). Слично на тоа, некои објавители стрпливо проповедаат со часови во различно време од денот и на различни места. Зошто? За да сретнат што е можно повеќе луѓе. Оние што вложуваат голем труд честопати успеваат да најдат луѓе кои сакаат да ја слушаат пораката за Царството. Дали би можел да се обидеш да проповедаш во време или на место каде што има поголеми шанси да ги најдеш луѓето? (Прочитај 2. Тимотеј 4:1, 2.)

Стрпливо помагај им на интересентите да напредуваат во духовен поглед (Види во пасуси 15-16) *

15. Зошто мора да бидеме стрпливи додека водиме библиски курсеви?

15 Зошто е потребно да бидеме стрпливи додека водиме библиски курсеви? Па, нашата задача не е само да му помогнеме на интересентот да ги дознае и да ги засака библиските учења. Треба да му помогнеме да го запознае и да го засака Авторот на Библијата, Јехова. Освен што сакаме да му помогнеме на интересентот да дознае што им заповедал Исус на своите ученици, треба и да го поучиме како да ги применува тие заповеди во својот живот. Мора стрпливо да му помагаме додека се труди да ги примени библиските начела. Некои успеваат да го променат својот начин на размислување и своите навики за само неколку месеци. Но, на други им е потребно повеќе време.

16. Што научи од она што се случило со Раул?

16 Еден мисионер во Перу имал добри резултати благодарение на тоа што бил стрплив. Тој рекол: „Проучував со еден интересент по име Раул. Завршивме со проучувањето на две книги, но тој сѐ уште имаше големи проблеми. Бракот му беше во хаос, многу пцуеше, а децата не го почитуваа поради неговото лошо однесување. Сепак, редовно доаѓаше на состаноците, па затоа продолжив да го посетувам и да им помагам и нему и на неговото семејство. Нешто повеќе од три години откако првпат го сретнав, тој се крсти“.

17. Што ќе разгледаме во следната статија?

17 Исус ни заповедал да одиме и да правиме „ученици од луѓето од сите народи“. За да ја извршиме таа задача, честопати мора да зборуваме со луѓе кои гледаат на работите сосема поинаку од нас. Некои не припаѓаат на ниту една религија или воопшто не веруваат дека Бог постои. Во следната статија ќе видиме како можеме да им ја пренесеме добрата вест на таквите лица.

ПЕСНА 68 Да го сееме семето — веста за Царството

^ пас. 5 Главната задача на христијанското собрание е да им помогне на луѓето да станат ученици на Христос. Во оваа статија има корисни предлози кои можат да ни помогнат да ја постигнеме таа цел.

^ пас. 2 ПОЈАСНУВАЊЕ: Учениците на Христос се трудат не само да дознаат за што поучувал тој туку и да ги применуваат неговите поуки во својот живот. Тие даваат сѐ од себе да одат по неговите стапки, односно да го следат неговиот пример колку што е можно повеќе (1. Пет. 2:21).

^ пас. 52 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден човек кој оди на одмор зема литература од Јеховини сведоци на аеродром. Подоцна, додека е на одмор, гледа други Јеховини сведоци како сведочат на јавно место. Откако се враќа дома, двајца објавители доаѓаат на неговата врата.

^ пас. 54 ОПИС НА СЛИКАТА: Истиот човек почнува да ја проучува Библијата. На крајот, се крштава.