Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 34

Како да се приспособиш на новите околности

Како да се приспособиш на новите околности

Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име (ЕВР. 6:10)

ПЕСНА 38 Тој ќе те зајакне

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-3. Зошто некои полновремени слуги морале да прекинат со задачата што ја вршеле?

ОТКАКО поминале 21 година во мисионерската служба, Роберт и неговата сопруга Мери се соочиле со голема промена во животот. Тие морале да прекинат со својата задача за да можат да се грижат за нивните остарени родители на кои им се нарушило здравјето. Роберт и Мери велат: „Иако уживавме во мисионерската служба, спремно прифативме да се грижиме за нашите родители. Сепак, бидејќи многу го засакавме местото каде што служевме, ни беше тешко што моравме да си одиме“.

2 Вилијам и Тереза велат: „Плачевме кога дознавме дека поради нашите здравствени проблеми нема да можеме да продолжиме со нашата задача. Со тоа заврши нашиот сон да му служиме на Јехова во друга земја“.

3 Алексеј вели: „Знаевме дека властите сакаат да ја затворат подружницата каде што служев. Сепак бевме вознемирени кога тоа навистина се случи и кога моравме да го напуштиме Бетел“.

4. Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

4 Освен овие примери, многу полновремени слуги, вклучувајќи ги и оние што служеле во Бетел, добиле нови задачи. * На овие верни Божји слуги не им е лесно што морале да прекинат со задачата која многу ја сакаат. Што може да им помогне да се приспособат на новите околности? Како би можел да им помогнеш? Одговорите на овие прашања ќе ни помогнат на сите доколку се соочиме со нови околности во животот.

КАКО ДА СЕ СПРАВИШ СО ПРОМЕНАТА

Зошто на полновремените слуги може да им биде тешко да ја напуштат задачата што ја извршуваат? (Види во пасус 5) *

5. Ако од некоја причина мора да прекинеме со задачата, како може да влијае таквата промена врз нас?

5 Без разлика дали сме во Бетел или во друг вид полновремена служба, може многу да се приврземе за луѓето, па дури и за местото каде што служиме. Затоа, ако од некоја причина мора да прекинеме со задачата, чувствуваме голема болка во срцето. Многу ни недостигаат браќата и сестрите, и загрижени сме за нив, особено ако сме морале да си заминеме поради прогонство (Мат. 10:23; 2. Кор. 11:28, 29). Исто така, преселбата на друго место може да ни биде многу тешка бидејќи можеби треба да се навикнеме на поинаква култура. Така може да се чувствуваме дури и ако треба да се вратиме во родниот крај. Роберт и Мери велат: „Бидејќи долго време служевме на друго место, се чувствувавме како странци во сопствената земја“. Некои што мора да прекинат со својата задача можеби одеднаш ќе се соочат со неочекувани финансиски тешкотии. Можеби ќе се чувствуваат несигурно и обесхрабрено. Што може да им помогне во таа ситуација?

Многу е важно да останеме блиски со Јехова и да имаме доверба во него (Види во пасуси 6-7) *

6. Како можеме да останеме блиски со Јехова?

6 Остани близок со Јехова (Јак. 4:8). Како можеш да успееш во тоа? Така што ќе имаш доверба дека тој ги слуша твоите молитви (Пс. 65:2). Во Псалм 62:8 пишува: „Излевајте го срцето пред него!“ Јехова може да направи „неизмерно повеќе од сѐ што молиме или што ќе го замислиме“ (Еф. 3:20). Тој не само што ни го дава она за кое го молиме, туку може и да ги реши нашите проблеми на начин што не можеме ни да си го замислиме.

7. а) Што ќе ни помогне да останеме блиски со Јехова? б) Според Евреите 6:10-12, каков ќе биде резултатот ако продолжиме верно да му служиме на Јехова?

7 За да останеш близок со Јехова, читај ја Библијата секој ден и длабоко размислувај за неа. Еден поранешен мисионер вели: „Редовно одржувај ја Семејната вечер и подготвувај се за состаноците, исто како што си правел додека си бил на поранешната задача“. Исто така, и понатаму прави сѐ што можеш за ја проповедаш добрата вест на подрачјето на новото собрание. Јехова не ги заборава оние кои верно му служат, дури и кога не можат да прават во службата онолку колку што правеле порано. (Прочитај Евреите 6:10-12.)

8. Како можат зборовите од 1. Јованово 2:15-17 да ни помогнат да водиме едноставен живот?

8 Води едноставен живот. Не дозволувај грижите што ги носи животот во светот на Сатана да те спречат да му служиш на Јехова (Мат. 13:22). Спротивстави се на притисокот од светот или од добронамерните пријатели и роднини кои те советуваат да заработуваш повеќе пари за да имаш поудобен живот. (Прочитај 1. Јованово 2:15-17.) Имај доверба во Јехова, кој ветува дека ќе ни даде сѐ што ни треба во вистинско време. Тој ќе ни помогне да останеме цврсти во верата, да имаме внатрешен мир и ќе ни ги даде неопходните материјални работи (Евр. 4:16; 13:5, 6).

9. а) Според Изреки 22:3, 7, зошто е важно да не се задолжуваме непотребно? б) Што може да ни помогне да носиме мудри одлуки?

9 Немој непотребно да се задолжуваш. (Прочитај Изреки 22:3, 7.) Бидејќи преселбата може скапо да чини, многу е лесно да западнеш во долгови. Затоа не земај кредит или пари на заем за да купиш работи што не ти се вистински потребни. Кога сме во стресна ситуација како, на пример, кога се грижиме за некој близок кој е болен, може да ни биде тешко да процениме колку пари да позајмиме. Во такви ситуации, треба да имаме на ум дека нашите молитви можат да ни помогнат да донесеме мудри одлуки. Јехова може да ни одговори на молитвите така што ќе ни помогне да задржиме внатрешен мир за да можеме да ја донесеме најдобрата можна одлука (Фил. 4:6, 7; 1. Пет. 5:7).

10. Како можеме да стекнеме нови пријатели?

10 Остани близок со пријателите и со семејството. На твоите блиски пријатели, особено на оние што биле во слична ситуација, кажи им како се чувствуваш и со какви тешкотии се соочуваш. Тоа може да ти помогне да се чувствуваш подобро (Проп. 4:9, 10). Пријателите што си ги стекнал во местото каде што претходно си служел ќе ти останат пријатели. А сега, во новите околности, треба да стекнеш нови пријатели. Не заборавај дека, за да имаш пријатели, и ти треба да бидеш пријателски настроен. Како можеш да стекнеш нови пријатели? Раскажи им на другите некои убави искуства што си ги доживеал на претходната задача, бидејќи така ќе видат колкава радост ти носи службата за Јехова. Дури и ако некои од собранието не разбираат зошто толку ја сакаш полновремената служба, други можеби ќе сакаат да го следат твојот пример и ќе ти станат добри пријатели. Сепак, биди обѕирен и немој премногу да зборуваш за себе и за тоа што сѐ си направил во службата за Јехова или, пак, за негативните чувства што можеби ги имаш.

11. Како можете да ја зачувате радоста во бракот?

11 Ако си морал да ја напуштиш својата задача поради нарушено здравје на брачниот другар, немој да го обвинуваш за тоа. Од друга страна, ако сте го направиле тоа поради твои здравствени проблеми, немој да се чувствуваш виновен и да си мислиш дека си го разочарал сопружникот. Не заборавај — вие сте „едно тело“ и пред Јехова сте ветиле дека ќе се грижите еден за друг во секакви околности (Мат. 19:5, 6). Ако сте прекинале со полновремената служба поради непланирана бременост, погрижете се вашето дете да знае дека тоа ви е многу поважно од задачата што сте ја извршувале. Често кажувајте му на детето дека на него гледате како на награда од Бог (Пс. 127:3-5). Освен тоа, раскажувајте му убави искуства што сте ги имале во полновремената служба. На тој начин ќе го поттикнете детето да го следи вашиот пример и да му служи на Јехова полновремено.

КАКО МОЖАТ ДА ПОМОГНАТ ДРУГИТЕ

12. а) Како можеме да им помогнеме на полновремените слуги да продолжат со нивната служба? б) Како можеме да им помогнеме полесно да се приспособат на новите околности?

12 Убаво е што многу собранија и поединци прават сѐ што можат за да им помогнат на соверниците кои се во полновремена служба да останат на својата задача. Тоа го прават така што ги охрабруваат да продолжат со својата служба, така што им помагаат во материјален поглед, или така што им помагаат околу грижата за членовите на семејството кои живеат далеку од нив (Гал. 6:2). Ако некој полновремен слуга добие нова задача и е префрлен во твоето собрание, немој да мислиш дека тоа се случило затоа што не ја вршел добро службата или затоа што направил некоја грешка. * Наместо тоа, помогни му полесно да се приспособи на новите околности. Помогни му да се чувствува добредојден и пофали го за неговата служба, дури и ако поради здравствени проблеми сега не може да прави многу. Запознај се подобро со него. Труди се да учиш од неговото огромно знаење, обука и искуство.

13. Како можеме да им помогнеме на оние на кои им се смениле околностите?

13 На оние на кои им се смениле околностите, во почетокот можеби ќе им треба твојата помош за да најдат место за живеење, работа или за други неопходни нешта. Освен тоа, можеби ќе им требаат најнови информации за секојдневни работи како, на пример, за плаќањето даноци и за некои видови осигурувања. Но најмногу од сѐ им треба разбирање. Можеби тие или некој од нивното семејство има здравствени проблеми. Можеби им починал некој од најблиските. * Исто така, иако не зборуваат за тоа, можеби се тажни бидејќи им недостасуваат пријателите од местото каде што претходно служеле. Потребно е време за да се справат со тие силни и честопати измешани чувства.

14. Како локалните објавители ѝ помогнале на една сестра да се приспособи на новите околности?

14 Во меѓувреме, можеш да им помогнеш да се приспособат на новите околности така што ќе проповедаш со нив и ќе ги охрабруваш со својот пример. Една сестра која служела многу години во друга земја вели: „Во местото каде што служев претходно, секој ден водев библиски курсеви. А сега во служба едвај успевам да прочитам еден библиски стих или да покажам некој видеоклип. Но, браќата и сестрите од моето ново собрание ме канат да одам со нив на нивните повторни посети. Кога гледам како тие ревносни и храбри браќа и сестри водат библиски курсеви, тоа ми помага да имам попозитивен став за подрачјето. Научив како да почнувам разговори со луѓето на ова подрачје. Сето ова ми помогна да си ја вратам радоста“.

ПРОДОЛЖИ ДА ГО ДАВАШ НАЈДОБРОТО ОД СЕБЕ!

Размислувај на кои начини би можел да си ја зголемиш службата на подрачјето на твоето собрание (Види пасуси 15-16) *

15. Што ќе ти помогне успешно да ја извршуваш службата во новите околности?

15 Ти можеш успешно да ја извршуваш службата во новите околности. Немој да мислиш дека лошо си ја извршувал претходната задача или дека сега не си толку корисен. Размисли за тоа на колку многу начини ти помага Јехова сега и продолжи да проповедаш. Следи го примерот на верните христијани од првиот век. За нив во Библијата пишува: „Учениците што се распрснаа, ја објавуваа добрата вест, речта Божја, каде и да поминеа“ (Дела 8:1, 4). Ако продолжиш да проповедаш, можеш да доживееш убави искуства. На пример, една група пионери кои биле протерани од земјата во која служеле се преселиле во една соседна земја во која исто така имало голема потреба од објавители на јазик што го зборувале. За само неколку месеци биле формирани нови групи на тој јазик кои многу брзо растеле.

16. Како можеш да најдеш радост во службата што ја вршиш во новите околности?

16 Неемија им кажал на Евреите дека радоста што ја дава Јехова им била нивна тврдина, односно извор на сила (Неем. 8:10). Најголема радост треба да ни носи нашиот однос со Јехова, а не задачата што ја извршуваме, без разлика колку многу ја сакаме. Според тоа, ако сакаме да бидеме радосни, треба да останеме блиски со Јехова и да продолжиме да го молиме да ни дава мудрост, водство и поддршка. Не заборавај дека поранешната задача си ја засакал бидејќи си давал сѐ од себе за да им помогнеш на луѓето во тоа место. Ако со цело срце му служиш на Јехова и во новите околности, ќе видиш како тој ти помага да ја засакаш и задачата што сега ја извршуваш (Проп. 7:10).

17. Што мора да задржиме на ум во врска со задачите што сега ги извршуваме?

17 Мора да задржиме на ум дека на Јехова ќе му служиме во сета вечност, но задачите што сега ги извршуваме се привремени. Во новиот свет можеби сите ќе добиеме нови задачи. Алексеј, кого го спомнавме претходно, верува дека промените што ги доживеал во службата за Јехова му помагаат да се подготви за идните промени. Тој вели: „Јехова и новиот свет отсекогаш ми биле реални. Но сега сум уште поблизок со Јехова, а на новиот свет гледам како на следната станица од моето патување“ (Дела 2:25). Според тоа, без разлика каква задача извршуваме сега, да се трудиме да останеме блиски со Јехова. Тој никогаш нема да нѐ остави и ќе ни помогне да најдеме радост во службата, без оглед на нашите околности (Иса. 41:13).

ПЕСНА 90 Да се храбриме едни со други!

^ пас. 5 Понекогаш, браќата и сестрите кои се во полновремена служба мораат да прекинат со својата задача затоа што им се смениле околностите или затоа што добиле нова задача. Во оваа статија ќе видиме со какви тешкотии се соочуваат тие соверници и што може да им помогне полесно да се приспособат на новите околности. Ќе разгледаме и како можат другите да ги охрабрат и да им помогнат. Освен тоа, ќе видиме кои начела можат да ни помогнат на сите нас да се справиме со промените во животот.

^ пас. 4 Слично на тоа, откако достигнале одредена возраст, многу браќа кои имале големи одговорности во организацијата им ги предале своите задачи на помлади браќа. Види ја статијата „Постари браќа — Јехова ја цени вашата верност“, која излезе во Стражарска кула од септември 2018, и статијата „Зачувај го својот душевен мир и покрај промените“, која излезе во Стражарска кула од октомври 2018.

^ пас. 12 Старешините од претходното собрание треба што е можно побрзо да испратат писмена препорака, за да можат овие браќа и сестри што поскоро да продолжат да служат како пионери, старешини или слуга-помошници.

^ пас. 13 Види во Разбудете се! бр. 3 од 2018, со наслов „Помош за ужалените“.

^ пас. 57 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брачен пар мисионери, кои мора да ја прекинат својата задача во земјата во која служат, со солзи во очите се поздравуваат со нивното собрание.

^ пас. 59 ОПИС НА СЛИКАТА: Откако се вратиле во својата земја, тие непрестајно му се молат на Јехова да им помогне да се справат со тешкотиите со кои се соочуваат.

^ пас. 61 ОПИС НА СЛИКАТА: Со помош од Јехова, тие повторно почнуваат со полновремена служба. Додека се во служба на подрачјето на новото собрание, тие им ја проповедаат добрата вест на доселеници кои го зборуваат јазикот што го научиле во земјата во која претходно служеле.