Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 44

Гради цврсти пријателства пред да дојде крајот

Гради цврсти пријателства пред да дојде крајот

Вистинскиот пријател сака во секое време (ИЗР. 17:17)

ПЕСНА 101 Да бидеме сложни и единствени

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

Во текот на „големата неволја“ ќе ни требаат добри пријатели (Види во пасус 2) *

1-2. Според 1. Петрово 4:7, 8, што ќе ни помогне да се справиме со неволјите?

ДОДЕКА наближува крајот на „последните денови“, можно е да се соочиме со сѐ потешки неволји (2. Тим. 3:1). На пример, откако поминале политичките избори во една земја во западна Африка, дошло до немири и вооружени судири. Повеќе од шест месеци, нашите браќа и сестри не можеле слободно да се движат бидејќи насекаде имало престрелки. Што им помогнало да се справат со тие тешкотии? Некои нашле закрила во домовите на нашите браќа кои живееле на побезбедно подрачје. Еден брат рекол: „Во таа ситуација, бев многу среќен што бев опкружен со пријатели бидејќи така можевме да се храбриме едни со други“.

2 Кога ќе започне „големата неволја“, ќе ни биде многу мило што имаме добри пријатели кои нѐ сакаат (Отк. 7:14). Затоа е важно уште сега да ги зацврстуваме пријателствата со нашите браќа. (Прочитај 1. Петрово 4:7, 8.) Можеме да научиме многу од Еремија. Тој имал добри пријатели што му помогнале да го преживее периодот пред уништувањето на Ерусалим. * Како може да го следиме неговиот пример?

УЧИ ОД ПРИМЕРОТ НА ЕРЕМИЈА

3. а) Што можело да го наведе Еремија да се повлече од другите? б) Кои работи ги споделил Еремија со својот писар Варух, и каков бил исходот од тоа?

3 Најмалку 40 години, Еремија бил опкружен со луѓе кои не му биле верни на Јехова. Во нив спаѓале некои негови соседи, а веројатно и некои роднини во неговиот роден град Анатот (Ерем. 11:21; 12:6). Сепак, тој не се повлекол од другите. Еремија ги споделил своите чувства со својот верен писар Варух, а ние дознаваме како се чувствувал кога ја читаме Библијата (Ерем. 8:21; 9:1; 20:14-18; 45:1). Додека Варух пишувал за сето она што му се случувало на пророкот Еремија, тие сигурно многу се зближиле и развиле уште поголемо ценење еден за друг (Ерем. 20:1, 2; 26:7-11).

4. Што побарал Јехова од Еремија, и како оваа задача им помогнала на Еремија и Варух да станат уште поблиски пријатели?

4 Еремија со години смело ги предупредувал Израелците за она што го очекувало Ерусалим (Ерем. 25:3). За да му даде уште поголем поттик на народот да се покае, Јехова побарал од Еремија да ги запише неговите предупредувања во еден свиток (Ерем. 36:1-4). Додека Еремија и Варух тесно соработувале на оваа задача што им ја доверил Бог, која веројатно траела неколку месеци, сигурно воделе разговори со кои меѓусебно си ја зајакнувале верата.

5. Како Варух докажал дека му е близок пријател на Еремија?

5 Кога свитокот бил завршен, Еремија морал да се потпре на својот пријател. Тој морал да има целосна доверба дека Варух ќе им ја пренесе Божјата порака на другите (Ерем. 36:5, 6). Иако било опасно, Варух храбро ја извршил својата задача. Можеш ли да си замислиш колку му било мило на Еремија кога Варух отишол во храмскиот двор и го направил она што се барало од него? (Ерем. 36:8-10). Кнезовите на Јуда слушнале за она што го направил Варух, и го викнале да им го прочита свитокот (Ерем. 36:14, 15). Тие решиле да му кажат на цар Јоаким за пораката од Еремија. Сепак, покажале обѕир кон Варух и му рекле: „Оди и скриј се, и ти и Еремија, за никој да не знае каде сте“ (Ерем. 36:16-19). Тоа навистина бил добар совет!

6. Што направиле Еремија и Варух кога се соочиле со противење?

6 Кога ги чул зборовите кои ги кажал Еремија, цар Јоаким толку се разгневил што го изгорел свитокот и наредил да ги фатат и Еремија и Варух. Меѓутоа, Еремија не се исплашил. Зел друг свиток, му го дал на Варух и повторно му ја издиктирал Јеховината порака. Варух ги запишал „сите оние зборови“ кои биле во првиот свиток што го изгорел цар Јоаким (Ерем. 36:26-28, 32).

7. Што најверојатно се случило додека Еремија и Варух заедно соработувале?

7 Оние што заедно минуваат низ тешки моменти обично стануваат многу блиски. Веројатно истото се случило со Еремија и Варух. Тие требало да земат друг свиток и да ја запишат истата порака што била на свитокот кој го изгорел злобниот цар Јоаким. Додека заедно соработувале, сигурно имале можност уште подобро да се запознаат и да развијат поголемо ценење за убавите особини што ги имал секој од нив. Што можеме да научиме од овој извештај?

РАЗГОВАРАЈ ИСКРЕНО И ОТВОРЕНО

8. Што може да нѐ спречи да бидеме блиски пријатели со некого, и зошто не треба брзо да се откажуваме?

8 Можеби ни е тешко отворено да зборуваме за некои лични работи со другите затоа што во минатото некој нѐ повредил (Изр. 18:19, 24). Или, пак, можеби си мислиме дека немаме ни време ни сила за да бидеме блиски пријатели со некого. Сепак, не треба брзо да се откажуваме. Ако сакаме браќата да бидат покрај нас кога ќе дојдат тешки времиња, мора уште сега да научиме со доверба да ги споделуваме нашите мисли и чувства со нив. Тоа е многу важен чекор за да се изгради едно вистинско пријателство (1. Пет. 1:22).

9. а) Како Исус покажал дека има доверба во своите пријатели? б) Како може искрената и отворена комуникација со другите да ти помогне да стекнеш блиски пријатели? Наведи пример.

9 Исус покажал дека има доверба во своите пријатели со тоа што искрено и отворено разговарал со нив (Јован 15:15). Можеме да го следиме неговиот пример така што ќе ја споделуваме со другите нашата радост, како и нашите грижи и разочарувања. Ако слушаш внимателно кога некој зборува со тебе, можеби ќе сфатиш дека имате многу заеднички работи. Можеби имате слични размислувања, ставови, чувства и цели. Размисли за Синди, една сестра која има 29 години. Таа се спријателила со Мари-Луиз, пионерка која има 67 години. Секој четврток наутро, тие одат заедно во служба и отворено си разговараат за разни работи. Синди вели: „Уживам кога зборувам со пријателите за длабоки и важни работи. Тоа ми помага подобро да ги запознаам и да имам поголемо разбирање за нив“. Што може да научиш од Синди? Ако искрено и отворено ги споделуваш своите мисли и чувства со пријателите, и ако спремно ги сослушуваш, твоите пријателства ќе цветаат (Изр. 27:9).

СОРАБОТУВАЈ СО ДРУГИТЕ

Добрите пријатели соработуваат во службата (Види во пасус 10)

10. Според Изреки 27:17, како ни помага тоа што соработуваме со нашите браќа и сестри во службата?

10 Еремија и Варух се убав пример за меѓусебна соработка. Кога и ние соработуваме со нашите браќа и сестри, и кога од прва рака ги гледаме нивните убави особини, учиме од нив и стануваме уште поблиски. (Прочитај Изреки 27:17.) На пример, како се чувствуваш додека си во служба со некој сохристијанин и гледаш како тој смело ја брани својата вера или зборува со цврста увереност за Јехова и за неговите намери? Веројатно ќе го сакаш уште повеќе.

11-12. Како соработката во службата може да го зајакне нашето пријателство со другите? Наведи пример.

11 Да разгледаме два примера што покажуваат како соработката во службата може да нѐ зближи. Една сестра која се вика Аделин и има 23 години, ја викнала својата пријателка Кендис да проповедаат на ретко обработувано подрачје. Таа вели: „Сакавме да си го разгориме жарот за службата за да уживаме уште повеќе во неа. И на двете ни требаше охрабрување за да продолжиме да му го даваме нашето најдобро на Јехова“. Како им користело тоа што соработувале? Аделин вели: „Секоја вечер зборувавме за тоа како си поминавме тој ден во службата и како го чувствувавме Јеховиното водство. Освен тоа, си споделувавме охрабрувачки мисли од разговорите со луѓето. И двете уживавме во овие меѓусебни разговори, и така се запознавме уште подобро“.

12 Лејла и Мариен, две немажени сестри од Франција, отишле да проповедаат пет седмици во Банги, главниот град на Централноафриканската Република. Лејла вели: „Понекогаш имавме несогласувања, но благодарение на добрата комуникација и искрената љубов меѓу нас, станавме уште поблиски. Гледав колку Мариен е приспособлива, колку ги сака луѓето на кои им проповедавме и колку е ревносна во службата. Тоа ми помогна да ја ценам уште повеќе“. Не мора да се преселиш во друга земја за да станеш поблизок со некого. Секогаш кога проповедаш на твоето подрачје со некој брат или сестра, имаш можност подобро да ги запознаеш и да го зацврстиш своето пријателство со нив.

ГЛЕДАЈ ГО ДОБРОТО КАЈ ДРУГИТЕ, И СПРЕМНО ПРОСТУВАЈ

13. Што може да се случи кога тесно соработуваме со нашите браќа и сестри?

13 Кога тесно соработуваме со нашите браќа и сестри, ги гледаме нивните добри страни, но и нивните слабости. Што ќе ни помогне да останеме блиски со нив иако можеби понекогаш ќе ни згрешат? Па, што му помогнало на Еремија да го гледа доброто кај другите и да премине преку нивните грешки и маани?

14. Што научил Еремија за Јехова, и како тоа му помогнало?

14 Еремија ја напишал книгата што го носи неговото име, а веројатно ги напишал и библиските книги 1. и 2. Царевите. Без сомнение, таа задача му помогнала да сфати колкава милост покажува Јехова кон несовршените луѓе. На пример, знаел дека, кога цар Ахав се покајал за злото што го направил, Јехова му се смилувал и не дозволил целото негово семејство да доживее трагичен крај за време на неговиот животен век (1. Цар. 21:27-29). Освен тоа, Еремија знаел дека Манасија правел работи со кои го навредил Јехова уште повеќе од Ахав. И покрај тоа, кога Манасија се покајал, Бог му простил (2. Цар. 21:16, 17; 2. Лет. 33:10-13). Тие извештаи сигурно му помогнале на Еремија да го следи примерот на Јехова, и да постапува стрпливо и милосрдно со своите блиски пријатели (Пс. 103:8, 9).

15. На кој начин Еремија покажал стрпливост како Јехова кога неговиот пријател Варух имал потреба од помош?

15 Да видиме како постапил Еремија кога Варух дозволил накратко да му биде одвлечено вниманието од задачата што ја извршувал. Наместо брзо да крене раце од својот пријател, Еремија му помогнал на Варух. Како? Така што му го пренел директниот совет кој Јехова му го дал за негово добро (Ерем. 45:1-5). Што може да научиме од овој извештај?

Добрите пријатели спремно си простуваат (Види во пасус 16)

16. Според Изреки 17:9, што треба да правиме за да ги зачуваме нашите пријателства?

16 Факт е дека не можеме да очекуваме совршенство од нашите браќа и сестри. Затоа, кога ќе склопиме блиски пријателства, мора многу да се трудиме да ги зачуваме. Ако нашите пријатели направат некоја грешка, можеби ќе треба љубезно, но сепак отворено да им дадеме совет на темел на Божјата Реч (Пс. 141:5). Ако нѐ повредат, треба да им простиме. А штом ќе им простиме не треба повторно да им ја спомнуваме грешката и не треба да зборуваме за тоа со другите. (Прочитај Изреки 17:9.) Во овие тешки времиња, многу е важно да размислуваме за добрите страни на нашите браќа и сестри наместо за нивните слабости. Ако го правиме тоа, ќе станеме уште поблиски со нив. Во текот на големата неволја ќе ни бидат потребни такви вистински пријатели.

ПОКАЖУВАЈ ВЕРНА ЉУБОВ

17. Како Еремија покажал дека е вистински пријател во време на неволја?

17 Пророкот Еремија покажал дека е вистински пријател во време на неволја. Да видиме како постапил кога дворјанинот Авде-Мелех бил во опасност. Авде-Мелех се исплашил дека кнезовите ќе го убијат затоа што го спасил Еремија од сигурна смрт во една јама полна со тиња. Кога дознал за ова, Еремија не си молчел надевајќи се дека неговиот пријател ќе може сам да се справи со нив. Иако бил затворен, тој направил нешто за Авде-Мелех — му го пренел утешното ветување што го дал Јехова (Ерем. 38:7-13; 39:15-18).

Добрите пријатели и им помагаат на своите браќа и сестри кои се во неволја (Види во пасус 18)

18. Според Изреки 17:17, што треба да правиме кога некој соверник минува низ неволја?

18 Денес нашите браќа и сестри минуваат низ најразлични тешкотии. На пример, многумина страдаат бидејќи доживеале катастрофи или војни. Кога ќе се случи вакво нешто, некои од нас ќе бидат во можност да ги примат таквите браќа и сестри во своите домови. Други можат да им помогнат во материјален поглед. Но, сите можеме да го молиме Јехова да им помага на нашите соверници. Ако гледаме дека некој наш брат е обесхрабрен, можеби не знаеме што да му кажеме или што да правиме. Сепак, секој од нас може да стори нешто. На пример, може да одвоиме време за да бидеме со тој брат. Би можеле сочувствително да го ислушаме ако сака да зборува со нас. И можеме да споделиме со него некој наш омилен стих што ќе го утеши (Иса. 50:4). Најважно од сѐ е да бидеме покрај нашите браќа и сестри кога им е најтешко. (Прочитај Изреки 17:17.)

19. На кој начин цврстите пријателства што ги градиме уште денес ќе ни помогнат во иднина?

19 Мора да бидеме решени уште сега да станеме и да останеме блиски пријатели со нашите соверници. Зошто? Затоа што непријателите ќе се обидат да нѐ разделат така што ќе шират лаги и дезинформации за нас. Ќе пробаат да нѐ свртат едни против други. Но, нивните напори ќе бидат залудни. Тие нема да можат да ја раскинат врската на љубов што постои меѓу нас. Нема да можат со ништо да ги уништат пријателствата што сме ги стекнале. Всушност, таквите пријателства ќе траат не само до крајот на овој поредок туку во сета вечност!

ПЕСНА 24 Дојдете на Јеховината гора!

^ пас. 5 Додека се приближува крајот, треба да стануваме уште поблиски со нашите браќа и сестри. Во оваа статија ќе видиме што можеме да научиме од примерот на Еремија. Освен тоа, ќе разгледаме како блиските пријателства што ги градиме денес ќе ни помогнат во време на неволја.

^ пас. 2 Настаните во книгата Еремија не се наведени по хронолошки редослед.

^ пас. 57 ОПИС НА СЛИКИТЕ: На оваа слика се гледа што може да се случи во иднина во текот на „големата неволја“. Неколку браќа и сестри се состануваат на еден таван. Бидејќи се блиски пријатели, можат да се храбрат и да се тешат едни со други во тоа тешко време. На следниве три слики се прикажани истите браќа и сестри кои станале блиски пријатели долго пред да почне големата неволја.