Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 47

Поуки од библиската книга Трета Мојсеева

Поуки од библиската книга Трета Мојсеева

Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно (2. ТИМ. 3:16)

ПЕСНА 98 Светото писмо е вдахновено од Бог

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Зошто треба христијаните да се интересираат за она што го пишува во книгата 3. Мојсеева?

АПОСТОЛ Павле го потсетил својот млад пријател Тимотеј дека „целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно“ (2. Тим. 3:16). Во него спаѓа и книгата 3. Мојсеева. Што мислиш ти за оваа книга? Некои мислат дека таа содржи само список со правила кои не важат за нашево време. Но, вистинските христијани знаат дека не е така.

2 Иако книгата 3. Мојсеева била напишана пред околу 3.500 години, Јехова ја зачувал „за наша поука“ (Рим. 15:4). Бидејќи таа ни помага да разбереме како размислува Јехова, добро е да ја истражиме малку потемелно. Всушност, оваа книга која била напишана под водство на Божјиот дух содржи многу поуки. Да разгледаме четири од нив.

ШТО ТРЕБА ДА ПРАВИМЕ ЗА ДА МУ УГОДИМЕ НА ЈЕХОВА

3. Зошто свештеникот секоја година принесувал жртви на денот на очистувањето?

3 Прва поука: Ако сакаме Јехова да ги прифати нашите жртви, мора да живееме во склад со неговата волја. Секоја година, на денот на очистувањето, израелскиот народ се собирал и првосвештеникот принесувал жртви. Тие жртви ги потсетувале Израелците дека имаат потреба да бидат очистени од грев. Но, пред да ја принесе крвта од жртвите во Светињата над светињите, првосвештеникот морал да направи нешто друго — нешто што било многу поважно од простувањето на гревовите на народот.

(Види во пасус 4) *

4. Според 3. Мојсеева 16:12, 13, што правел првосвештеникот на денот на очистувањето кога влегувал првиот пат во Светињата над светињите? (Види ја сликата на насловната страница.)

4 Прочитај 3. Мојсеева 16:12, 13. На денот на очистувањето, првосвештеникот требало да влезе трипати во Светињата над светињите. Замисли си го како влегува во светиот шатор првиот пат. Во едната рака држи сад во кој има мирислив темјан, а во другата носи златна кадилница полна со вжарени јаглења. За миг застанува пред завесата на влезот од Светињата над светињите, а потоа со длабока почит влегува внатре и застанува пред ковчегот на сојузот. Во симболична смисла, тој е во самото присуство на Јехова Бог! Првосвештеникот внимателно го истура светиот темјан врз вжарените јаглења, и просторијата се исполнува со пријатен мирис. * Подоцна тој влегува уште двапати во Светињата над светињите за да ја принесе крвта од жртвите за грев. Но, забележи дека Јехова барал да запали темјан пред да ја принесе крвта од жртвите за грев.

5. Што можеме да научиме од тоа што на денот на очистувањето се користел темјан?

5 Што учиме од тоа што на денот на очистувањето се користел темјан? Библијата покажува дека молитвите на верните Јеховини слуги се како темјан (Пс. 141:2; Отк. 5:8). Кога влегувал да застане пред Јехова со запален темјан, првосвештеникот го правел тоа со голема почит. Кога му пристапуваме на Јехова во молитва, и ние го правиме тоа со длабока почит. Многу сме благодарни што Творецот на вселената ни дозволува да му пристапиме и да бидеме блиски со него како што едно дете е блиско со својот татко (Јак. 4:8). Тој нѐ прифаќа како свои пријатели! (Пс. 25:14). Толку ја цениме таа чест што никогаш не би сакале да направиме нешто со што ќе го разочараме.

6. Што учиме за Исус од тоа што првосвештеникот го палел темјанот пред да ги принесе жртвите?

6 Сети се дека првосвештеникот морал да го запали темјанот пред да ја принесе крвта од жртвите. Тој морал да го направи тоа за да му угоди на Јехова и жртвите да бидат прифатливи за Него. Што можеме да научиме од ова? Пред да го даде својот живот, Исус требало да направи нешто важно — нешто што било далеку поважно од тоа да обезбеди спасение за луѓето. Што било тоа? Морал да остане верен и послушен во текот на целиот свој живот на Земјата за да може Јехова да ја прифати неговата жртва. Со тоа што останал верен до крај, Исус докажал дека единствениот исправен начин на живот е живот во склад со Јеховината волја. Тој докажал дека само Бог има право да владее бидејќи неговиот начин на владеење е исправен и праведен.

7. Зошто Јехова бил задоволен со сѐ што правел Исус додека бил на Земјата?

7 Во текот на целиот свој живот на Земјата, Исус бил совршено послушен на Јеховините праведни мерила. Иако минал низ најразлични искушенија и тешкотии и знаел дека ќе претрпи страшна смрт, тој бил решен да докаже дека неговиот Татко владее на најдобриот можен начин (Фил. 2:8). Кога бил во мака, Исус се молел „со силни извици и солзи“ (Евр. 5:7). Неговите сесрдни молитви извирале од верно срце, и уште повеќе ја зајакнале неговата решеност да биде послушен до крај. За Јехова, молитвите на неговиот Син биле како пријатен мирис од темјан. Со сѐ што правел во животот, Исус многу го израдувал својот Татко и докажал дека Бог е најдобриот можен Владетел.

8. На кој начин можеме да живееме како Исус?

8 Можеме да го следиме примерот на Исус така што ќе даваме сѐ од себе за да му останеме верни на Јехова и да бидеме послушни на неговите закони и начела. Кога се соочуваме со испити, сесрдно го молиме Бог за помош бидејќи сакаме да постапиме како што сака тој и да го израдуваме. Така покажуваме дека и за нас неговиот начин на владеење е најдобар. Свесни сме дека Јехова нема да ги слуша нашите молитви ако правиме работи што тој ги осудува. Сепак, ако живееме според неговите мерила, може да бидеме сигурни дека нашите сесрдни молитви ќе бидат пријатни за Јехова како мирислив темјан. Освен тоа, може да бидеме уверени дека со својата верност, беспрекорност и послушност многу го радуваме нашиот небесен Татко (Изр. 27:11).

МУ СЛУЖИМЕ НА ЈЕХОВА ОД БЛАГОДАРНОСТ И ЉУБОВ

(Види во пасус 9) *

9. Зошто Израелците принесувале жртви на заедништвото?

9 Втора поука: Му служиме на Јехова затоа што сме му благодарни. За да видиме колку е важно ова, да ги разгледаме жртвите на заедништвото кои се принесувале во древниот Израел. * Од книгата 3. Мојсеева дознаваме дека еден Израелец можел да принесе жртва на заедништвото „како израз на благодарност“ (3. Мој. 7:11-13, 16-18). Тој принесувал ваква жртва не затоа што морал, туку затоа што сакал. Со други зборови, тоа била доброволна жртва која поединецот спремно ја давал затоа што го сакал својот Бог, Јехова. Тој што ја принесувал, неговото семејство, како и свештениците, го јаделе месото од жртвуваното животно. Но, некои делови од животинската жртва не смееле да се јадат — тие му биле принесувани само на Јехова. Кои биле тие делови?

(Види во пасус 10) *

10. Како жртвите на заедништвото опишани во 3. Мој. 3:6, 12, 14-16 ни помагаат да сфатиме од кој мотив Исус ја вршел волјата на својот Татко?

10 Трета поука: Му го даваме на Јехова нашето најдобро затоа што го сакаме. За Бог, лојот бил најдобриот дел од животното. Освен тоа, тој јасно кажал дека некои внатрешни органи, во кои спаѓале и бубрезите, за него биле особено важни. (Прочитај 3. Мојсеева 3:6, 12, 14-16.) Затоа бил многу задоволен кога некој Израелец доброволно ќе му ги принел тие органи и лојот од животното. Оној што го правел тоа покажувал дека сака да му го даде своето најдобро на Бог. На сличен начин, Исус спремно му го дал своето најдобро на Јехова така што од љубов му служел со сета душа (Јован 14:31). За него било задоволство да ја врши Божјата волја, и тој многу го сакал Божјиот закон (Пс. 40:8). Јехова сигурно многу се радувал кога гледал со колкава спремност му служи неговиот Син!

Љубовта кон Јехова нѐ поттикнува да му го даваме нашето најдобро (Види во пасуси 11-12) *

11. Во кој поглед нашата служба е слична на жртвите на заедништвото, и зошто тоа е утешно?

11 Нашата служба е слична на жртвите на заедништвото бидејќи со неа му покажуваме на Јехова што чувствуваме кон него. Ние му го даваме своето најдобро, и го правиме тоа бидејќи го сакаме со сето срце. Јехова сигурно многу се радува кога гледа како милиони негови слуги спремно му служат затоа што го сакаат и него и неговите мерила! Утешно е што знаеме дека Јехова ги гледа и ги цени не само нашите дела, туку и мотивите од кои му служиме. На пример, ако си постар и не можеш да правиш за Бог толку колку што би сакал, биди уверен дека тој има разбирање за твоите ограничувања. Можеби мислиш дека не можеш да правиш многу за Јехова, но тој ја гледа искрената љубов што те поттикнува да го правиш она што можеш. Тој со радост го прифаќа твоето најдобро.

12. Како гледал Јехова на жртвите на заедништвото, и како тоа нѐ охрабрува?

12 Што може да научиме од жртвите на заедништвото? Додека најдобрите делови од животното гореле на жртвеникот, од нив се кревал пријатен мирис кој му бил угоден на Јехова. Биди уверен дека на Бог му е угодна и твојата служба која ја извршуваш спремно и со сета душа (Кол. 3:23). Замисли колку тој се радува кога гледа како му служиш! За Јехова е скапоцен сиот труд што со љубов го вложуваш, без разлика дали можеш да правиш малку или многу. Тој никогаш нема да го заборави, и ќе го цени во сета вечност (Мат. 6:20; Евр. 6:10).

ЈЕХОВА ЈА БЛАГОСЛОВУВА СВОЈАТА ОРГАНИЗАЦИЈА

13. Според 3. Мојсеева 9:23, 24, како Јехова покажал дека ги одобрува свештениците?

13 Четврта поука: Јехова го благословува земниот дел од својата организација. Да разгледаме што се случило во 1512 год. пр.н.е, кога бил подигнат светиот шатор во подножјето на планината Синај (2. Мој. 40:17). На денот кога Мојсеј требало да ги постави за свештеници Арон и неговите синови, Израелците се собрале за да гледаат како тие ги принесуваат своите први животински жртви (3. Мој. 9:1-5). Како Јехова покажал дека ги одобрува новите свештеници? Додека Арон и Мојсеј го благословувале народот, Јехова пуштил оган од небото кој целосно ја изгорел жртвата што била принесена на жртвеникот. (Прочитај 3. Мојсеева 9:23, 24.)

14. Зошто за нас е важно тоа што Јехова ги одобрил Арон и неговите синови како свештеници?

14 Што покажал Јехова со тоа што пуштил оган од небото кога Арон бил поставен да служи како првосвештеник? Тоа било знак дека Бог ги одобрува и целосно ги поддржува Арон и неговите синови во таа нова служба. Кога Израелците го виделе овој силен доказ, им било јасно дека и тие треба да им дадат целосна поддршка на свештениците. Дали ова има некое значење за нас? Да. Свештенството во Израел било само сенка на едно далеку подобро свештенство. Христос е поголемиот Првосвештеник, кој ќе служи од небото заедно со 144.000 свештеници и цареви (Евр. 4:14; 8:3-5; 10:1).

Јехова ја благословува и ја води својата организација. Ние ја поддржуваме со сето срце (Види во пасуси 15-17) *

15-16. Како Јехова покажал дека го одобрува „верниот и разборит роб“?

15 Во 1919 год., Исус поставил една мала група помазани браќа да служат како „верен и разборит роб“. Овој „роб“ предводи во проповедничкото дело и им дава на Христовите следбеници „храна во вистинско време“ (Мат. 24:45). Дали гледаме јасни докази дека Бог го одобрува „верниот и разборит роб“?

16 Сатана и неговиот свет се обидуваат на секој можен начин да го спречат „верниот роб“ да си ја извршува својата задача. Ако Јехова не го поддржува, би било невозможно да го изврши ова дело. Сепак, и покрај двете светски војни, непопустливото прогонство, светските економски кризи и неправедното постапување, „верниот и разборит роб“ и понатаму обезбедува духовна храна за Христовите следбеници на Земјата. Размисли за многуте публикации кои денес се достапни бесплатно на повеќе од 900 јазици! Тоа е непобитен доказ дека Јехова го поддржува овој „роб“. Самото проповедничко дело е уште еден доказ за Јеховиниот благослов. Добрата вест навистина се проповеда „по целиот свет“ (Мат. 24:14). Без сомнение, денес Јехова ја води и богато ја благословува својата организација.

17. Како може да ја поддржуваме организацијата што ја користи Јехова?

17 Добро е да се прашаме: „Дали сум благодарен што припаѓам на земниот дел од Јеховината организација?“ Јехова ни дава јасни докази кои се исто толку непобитни како што бил дословниот оган од небото во времето на Мојсеј и Арон. Навистина треба да сме многу благодарни! (1. Сол. 5:18). Како може да ја поддржуваме организацијата што ја користи Јехова? Така што ќе бидеме послушни на библиските упатства кои ги добиваме преку нашите публикации, на состаноците, на собирите и на конгресите. Освен тоа, ја покажуваме својата поддршка со тоа што даваме сѐ од себе за да проповедаме и да ги поучуваме другите (1. Кор. 15:58).

18. Што си решен да правиш?

18 Да бидеме решени да ги применуваме поуките од книгата 3. Мојсеева што ги разгледавме во оваа статија. Да правиме сѐ што е потребно за нашите жртви да му бидат прифатливи на Јехова. Да му служиме од благодарност и да продолжиме да му го даваме нашето најдобро затоа што го сакаме со сето срце. И да правиме сѐ што можеме за да ја поддржуваме организацијата што тој ја благословува денес. Така ќе му покажеме на Јехова дека сме пресреќни што имаме чест да му служиме како негови Сведоци!

ПЕСНА 96 Божјата сопствена книга — богатство

^ пас. 5 Книгата 3. Мојсеева содржи закони што Јехова им ги дал на Израелците во минатото. Иако овие закони не важат за нас како христијани, сепак можат да ни користат. Во оваа статија ќе разгледаме некои скапоцени поуки од книгата 3. Мојсеева.

^ пас. 4 Темјанот што се палел во светиот шатор бил свет, и во древниот Израел се користел само во службата што се извршувала таму (2. Мој. 30:34-38). Не постои запис дека христијаните во првиот век гореле темјан од религиозни причини.

^ пас. 9 Нешто повеќе за жртвите на заедништвото можеш да прочиташ во Стражарска кула од 15 јануари 2012, стр. 19, пас. 11.

^ пас. 54 ОПИС НА СЛИКАТА: На денот на очистувањето, кога првосвештеникот влегувал во Светињата над светињите со темјан и со вжарени јаглења, просторијата се исполнувала со пријатен мирис. Подоцна тој повторно влегувал таму со крвта од жртвите за грев.

^ пас. 56 ОПИС НА СЛИКАТА: За да ја покаже благодарноста на своето семејство кон Јехова, еден Израелец носи кај свештеникот овца која сака да ја принесе како жртва на заедништвото.

^ пас. 58 ОПИС НА СЛИКАТА: Во текот на својата служба на Земјата, Исус покажал колку многу го сака Јехова со тоа што ги држел Божјите заповеди и им помагал и на своите следбеници да го прават тоа.

^ пас. 60 ОПИС НА СЛИКАТА: И покрај своите физички ограничувања, една постара сестра му го дава своето најдобро на Јехова така што сведочи преку писма.

^ пас. 62 ОПИС НА СЛИКИТЕ: Во февруари 2019 год., брат Герит Леш од Водечкото тело го објави излегувањето на ревидираниот Превод Нов свет на германски јазик. Денес објавителите во Германија, како овие две сестри, радосно ја користат новата Библија во службата.