Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поддржувај го Божјето Царство уште сега!

Поддржувај го Божјето Царство уште сега!

Замисли си дека кон твоето место се приближува една страшна бура. Медиумите ги пренесуваат овие предупредувања: „НАПУШТЕТЕ ГИ СВОИТЕ ДОМОВИ! НАЈДЕТЕ БЕЗБЕДНО ЗАСОЛНИШТЕ!“ Што е мудро да направиш? Се разбира, да побегнеш на безбедно место.

На некој начин, сите ние наскоро ќе се соочиме со една страшна „бура“, која Исус ја нарекол „голема неволја“ (Матеј 24:21). Не можеме да го избегнеме овој настан. Но, што можеме да направиме за да се заштитиме?

Во својата Проповед на гората, Исус Христос го дал следниов совет: „Барајте ги најнапред царството и Божјата праведност“ (Матеј 6:33). Како може да го правиме тоа?

Барајте го најнапред Божјето Царство. Ова значи дека Божјето Царство треба да ни биде поважно од сѐ друго (Матеј 6:25, 32, 33). Зошто? Затоа што луѓето не се способни да ги решат проблемите со кои се соочува човештвото. Тоа може да го постигне само Божјето Царство.

Барајте ја Божјата праведност. Треба да се трудиме да живееме според Божјите праведни закони и начела. Зошто? Ако сами одлучуваме што е исправно, а што погрешно, ќе имаме лоши последици (Изреки 16:25). Од друга страна, ако живееме во склад со Божјите мерила, не само што ќе го радуваме Бог туку тоа ќе биде и за наше добро (Исаија 48:17, 18).

Зошто е важно постојано да ги бараме Царството и Божјата праведност? Исус предупредил дека некои би можеле да изгубат од вид што е најважно, мислејќи дека ќе бидат посигурни ако стекнат многу пари. Други би можеле толку многу да се преокупираат со животните грижи што ќе немаат време да го бараат Божјето Царство (Матеј 6:19-21, 25-32).

Меѓутоа, Исус ни ветил дека, ако го поддржуваме Божјето Царство, ќе го имаме она што ни е потребно денес, а во иднина ќе уживаме во бескрајни благослови (Матеј 6:33).

Учениците на Исус во првиот век ги барале најнапред Царството и Божјата праведност, но не дочекале да го видат крајот на сите страдања. Сепак, тие биле заштитени. На кој начин?

Тоа што живееле според Божјите праведни мерила ги заштитило од лошите последици со кои се соочиле оние што не му биле послушни на Бог. Тие имале цврста вера дека Царството ќе дојде, а тоа им помогнало да се соочат дури и со најтешките проблеми. Исто така, Бог им давал „сила, која ја надминува нормалната“ за да можат да ги издржат тешкотиите (2. Коринќаните 4:7-9).

ЌЕ ГО БАРАШ ЛИ НАЈНАПРЕД ЦАРСТВОТО?

Христијаните од првиот век ја послушале заповедта на Исус да го бараат најнапред Божјето Царство. Тие насекаде ја проповедале добрата вест за Царството (Колошаните 1:23). Но, дали некој го врши тоа проповедничко дело денес?

Да! Јеховините сведоци се свесни дека преостанува уште малку време пред Божјето Царство да го уништи овој злобен свет. Затоа прават сѐ што можат за да бидат послушни на зборовите на Исус: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).

Дали ќе ја прифатиш добрата вест? Следи го примерот на жителите на древниот град Верија. Кога апостол Павле им ја пренел добрата вест за Божјето Царство, тие спремно ја прифатиле. Внимателно ги истражувале Писмата за да видат дали е точно она што го чуле и потоа постапувале во склад со она што го дознале (Дела 17:11, 12).

И ти можеш да го направиш истото. Ако ги бараш најнапред Царството и Божјата праведност, ќе бидеш заштитен уште сега, а во иднина ќе можеш да живееш во мир и сигурност.