Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 6

Јехова, нашиот Татко, многу нѐ сака!

Јехова, нашиот Татко, многу нѐ сака!

Значи, молете се вака: „Татко наш“ (МАТ. 6:9)

ПЕСНА 135 „Биди мудар, сине мој“

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што требало да направи некој што сакал да појде да зборува со царот на Персија?

ЗАМИСЛИ да си живеел пред околу 2.500 години во Персија. Ако си сакал да појдеш кај царот за да зборуваш со него за нешто, си морал да патуваш до царската престолнина Суза. Но, сигурно не би ти паднало на ум да се појавиш пред царот без дозвола. Кога би пробал неповикан да влезеш кај него, најверојатно би те чекала смртна казна! (Ест. 4:11).

2. Како сака Јехова да гледаме на него и на можноста да му пристапиме?

2 Колку сме благодарни што Бог не е како тој персиски цар! Иако Јехова е далеку повозвишен од кој и да е човечки владетел, можеме да му пристапиме во секое време. Тој секогаш е спремен да нѐ прими. На пример, иако Јехова има возвишени титули како што се Величествен Творец, Семоќен и Севишен Господар, тој сите нѐ повикува да му се обраќаме со „Татко“ (Мат. 6:9). Колку сме среќни што тој сака да се чувствуваме толку блиски со него!

3. Зошто може да му се обраќаме на Јехова со „Татко“, и што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Ние со право може да му се обраќаме на Јехова со „Татко“ бидејќи тој е изворот на нашиот живот (Пс. 36:9). Затоа што ни е Татко, должни сме да му бидеме послушни. Ако го правиме она што тој го очекува од нас, ќе имаме многу благослови (Евр. 12:9). Меѓу другото, ќе можеме да живееме вечно, сеедно дали на небото или на Земјата. Но, Бог и денес ни дава убави работи. Во оваа статија ќе видиме на кои начини Јехова уште сега покажува дека е наш грижлив Татко, и зошто може да бидеме сигурни дека нема никогаш да нѐ остави. Но, најпрво да разгледаме зошто може да бидеме уверени дека нашиот небесен Татко многу нѐ сака и дека се грижи за нас.

ЈЕХОВА Е ГРИЖЛИВ ТАТКО КОЈ МНОГУ НЀ САКА

Јехова сака да биде близок со нас исто како што еден грижлив татко сака да биде близок со своите деца (Види во пасус 4)

4. Зошто на некои им е тешко да размислуваат за Јехова како за свој Татко?

4 Дали ти е тешко да размислуваш за Бог како за свој Татко? Некои се чувствуваат мали и безначајни во споредба со Јехова. Тешко им е да веруваат дека Семоќниот Бог е заинтересиран за нив лично. Сепак, нашиот грижлив Татко не сака да размислуваме така. Тој ни дал живот и сака да бидеме блиски со него. Откако зборувал за ова, апостол Павле им објаснил на Атињаните што го слушале дека Јехова „не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:24-29). Бог сака секој од нас да се чувствува слободно да му пристапи исто како што едно дете без страв му пристапува на својот добар и грижлив родител.

5. Што учиме од она што го кажала една наша сестра?

5 На други можеби не им е лесно да го гледаат Јехова како Татко затоа што нивниот сопствен татко не им покажувал речиси никаква љубов и внимание. На пример, една наша сестра рекла: „Татко ми многу ме навредуваше. Кога почнав да ја проучувам Библијата, ми беше тешко да си го замислам Бог како небесен Татко. Но, откако го запознав Јехова, сето тоа се смени“. Дали и ти имаш слични чувства? Ако да, биди уверен дека Јехова и тебе може да ти биде најдобриот Татко што постои.

6. Според Матеј 11:27, на кој начин Јехова ни помогнал да го гледаме како Татко полн со љубов?

6 Јехова ни помогнал да го гледаме како наш Татко полн со љубов така што дал во Библијата да се запишат зборовите и постапките на Исус. (Прочитај Матеј 11:27.) Исус толку совршено ги одразувал Божјите особини што можел да рече: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:9). Тој често зборувал за Јехова како за Татко. Во четирите евангелија, Исус го нарекол „Татко“ околу 165 пати. Зошто го правел тоа? За да им помогне на луѓето да сфатат дека Јехова навистина е Татко што многу нѐ сака (Јован 17:25, 26).

7. Што учиме за Јехова од начинот на кој постапувал со својот Син?

7 Размисли што учиме за Јехова од начинот на кој постапувал со својот Син. Јехова секогаш ги слушал молитвите на Исус. И не само што ги слушал туку и одговарал на нив (Јован 11:41, 42). Без разлика со какви тешкотии се соочувал, Исус секогаш ја чувствувал љубовта и поддршката на својот Татко (Лука 22:42, 43).

8. На кои начини Јехова се грижел за Исус?

8 Исус признал дека неговиот Татко го создал и дека од Јехова зависи неговиот живот. Во една прилика тој рекол: „Јас живеам преку Таткото“ (Јован 6:57). Исус имал потполна доверба во својот Татко, и Јехова се грижел за неговите телесни потреби. Но, најважно од сѐ, Бог се грижел за неговите духовни потреби (Мат. 4:4).

9. Како Јехова му покажал на Исус дека е грижлив Татко кој многу го сака?

9 Како Татко полн со љубов, Јехова сакал Исус да биде потполно сигурен во неговата поддршка (Мат. 26:53; Јован 8:16). Иако не го заштитил од секоја болка, Бог му помогнал да ги издржи неволјите. Исус бил уверен дека секое страдање што можеби ќе го претрпи е привремено (Евр. 12:2). Јехова му покажал дека го сака со тоа што го слушал, му го давал она што му било потребно, го поучувал и му помагал (Јован 5:20; 8:28). Да видиме сега како нашиот небесен Татко се грижи на сличен начин и за нас.

КАКО ЈЕХОВА ПОКАЖУВА ДЕКА Е НАШ ГРИЖЛИВ ТАТКО

Еден татко кој ги сака своите деца 1) ги слуша, 2) се грижи за нивните потреби, 3) ги поучува и 4) ги штити. Нашиот небесен Татко, кој е полн со љубов, се грижи за нас на сличен начин (Види во пасуси 10-15) *

10. Според Псалм 66:19, 20, како Јехова ни покажува дека нѐ сака?

10 Јехова ги слуша нашите молитви. (Прочитај Псалм 66:19, 20.) Тој не сака да си поставуваме ограничувања во однос на молитвите. Напротив, нѐ поттикнува постојано да му се молиме (1. Сол. 5:17). Можеме да му се обратиме во секое време, сеедно каде сме. Бог никогаш не е презафатен за да нѐ сослуша, и секогаш посветува внимание на она што му го кажуваме. Тоа што сфаќаме дека Јехова ги слуша нашите молитви, уште повеќе нѐ зближува со него. Псалмистот рекол: „Љубов се буди во мене, зашто Јехова го слуша мојот глас“ (Пс. 116:1).

11. Како Јехова одговара на нашите молитви?

11 Нашиот Татко не само што ни ги слуша молитвите туку и одговара на нив. Апостол Јован нѐ уверува: „Што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. Јов. 5:14, 15). Се разбира, Јехова можеби нема да ни одговори така како што сме очекувале. Бидејќи знае што е најдобро за нас, тој понекогаш не ни го дава она што го бараме или, пак, не ни го дава веднаш (2. Кор. 12:7-9).

12-13. На кои начини нашиот небесен Татко се грижи за нашите потреби?

12 Јехова се грижи за нас. Тој и самиот го прави она што го очекува од сите татковци (1. Тим. 5:8). Бог го обезбедува сето она што им е потребно на неговите деца во материјален поглед. Тој не сака претерано да се грижиме за тоа што ќе јадеме, што ќе облечеме и дали ќе имаме покрив над главата (Мат. 6:32, 33; 7:11). Како родител полн со љубов, Јехова направил сѐ што е потребно за да бидат задоволени сите наши потреби и во иднина.

13 Што е најважно од сѐ, Јехова се грижи за нашите духовни потреби. Преку својата Реч, ни ја открил вистината за себе, за својата намера, за смислата на животот и за она што ни го носи иднината. Уште од самиот почеток, тој покажал личен интерес за нас така што ни помогнал да го запознаеме или преку нашите родители или преку некој друг. Освен тоа, Јехова и понатаму ни помага преку нашите грижливи старешини и други зрели браќа и сестри во собранието. Исто така, како членови на неговото духовно семејство, добиваме поуки преку собраниските состаноци. На овие и на други начини, тој покажува татковска грижа кон сите нас (Пс. 32:8).

14. Зошто Јехова нѐ поучува, и како го прави тоа?

14 Јехова нѐ поучува. За разлика од Исус, ние сме несовршени. Затоа, освен што нѐ поучува, нашиот небесен Татко и нѐ укорува кога е потребно. Неговата Реч нѐ потсетува: „Кого Јехова го сака, него и го укорува“ (Евр. 12:6, 7). Бог нѐ исправа на многу начини. На пример, кога ќе прочитаме нешто во Библијата или ќе слушнеме нешто на состанок, можеби ќе сфатиме дека треба да направиме некоја промена во нашето размислување или постапување. А понекогаш ја добиваме потребната помош и од старешините. Без оглед на кој начин Јехова ќе ни даде исправка, да имаме на ум дека секогаш го прави тоа од љубов (Ерем. 30:11).

15. На кои начини нѐ штити Јехова?

15 Јехова ни помага да истраеме во неволјите. Исто како што еден грижлив татко им помага на своите деца кога им е тешко, нашиот небесен Татко ни помага кога се соочуваме со проблеми. Тој ни го дава својот свет дух за да нѐ заштити во духовен поглед (Лука 11:13). Јехова ни помага и кога сме обесхрабрени. На пример, ни дал прекрасна надеж за иднината која ни помага да ги поднесеме неволјите. Не заборавај, сеедно какви лоши работи ќе ни се случат, нашиот грижлив Татко ќе ја поправи секоја штета која сме ја претрпеле. Секое страдање што го доживуваме е само привремено, но благословите што ги дава Јехова се вечни (2. Кор. 4:16-18).

НАШИОТ ТАТКО НИКОГАШ НЕМА ДА НЀ НАПУШТИ

16. Какви биле последиците од тоа што Адам му бил непослушен на својот грижлив Татко?

16 Доказ дека Јехова нѐ сака е и начинот на кој постапил кога за првпат се појавиле проблеми во неговото семејство на Земјата. Со тоа што му бил непослушен на својот небесен Татко, Адам го изгубил правото да биде дел од Јеховиното среќно семејство, а им го одзел тоа право и на своите потомци (Рим. 5:12; 7:14). Но, Јехова презел чекори за да им помогне на луѓето.

17. Што направил Јехова веднаш откако се побунил Адам?

17 Јехова го казнил Адам, но не ги оставил неговите идни потомци без надеж. Бог веднаш ветил дека послушните луѓе еден ден повторно ќе бидат дел од неговото семејство (1. Мој. 3:15; Рим. 8:20, 21). Тој го овозможил ова преку откупната жртва на својот сакан Син, Исус. Со тоа што го дал својот Син за нас, Јехова докажал колку многу нѐ сака (Јован 3:16).

Ако сме се оддалечиле од Јехова, но се каеме, нашиот Татко кој е полн со љубов ќе нѐ пречека со раширени раце (Види во пасус 18)

18. Зошто може да бидеме сигурни дека Јехова не се откажува од нас како свои деца иако можеби сме се оддалечиле од него?

18 Иако сме несовршени, Јехова сака да бидеме дел од неговото семејство, и не нѐ смета за товар. Понекогаш можеби ќе го разочараме или ќе се оддалечиме од него, но тој не се откажува од нас. Исус покажал колку многу нашиот небесен Татко ги сака своите деца кога ја раскажал споредбата за синот што го напуштил својот дом (Лука 15:11-32). Таткото во таа споредба никогаш не изгубил надеж дека синот ќе се врати. Кога го здогледал како се враќа, брзо му притрчал во пресрет и срдечно го пречекал. Ако сме се оддалечиле од Јехова, но се каеме, може да бидеме сигурни дека нашиот Татко, кој е полн со љубов, ќе нѐ пречека со раширени раце.

19. Како Јехова ќе ја поправи штетата што била предизвикана од Адам?

19 Нашиот Татко ќе ја поправи сета штета што била предизвикана од Адам. Откако тој се побунил, Јехова решил да усвои 144.000 луѓе од Земјата за да служат како цареви и свештеници на небото заедно со неговиот Син. Исус и неговите совладетели ќе им помогнат на послушните луѓе да станат совршени во новиот свет. Откако тие ќе го поминат последниот испит на послушноста, Бог ќе им даде вечен живот. Тогаш нашиот Татко ќе се радува што целата Земја ќе биде полна со негови совршени синови и ќерки. Тоа навистина ќе биде величествено време!

20. На кои начини Јехова покажал дека многу нѐ сака, и што ќе разгледаме во следната статија?

20 Јехова покажал дека многу нѐ сака. Тој е најдобриот можен Татко. Ги слуша нашите молитви и ни го дава она што ни е потребно, и во материјален и во духовен поглед. Јехова нѐ поучува и нѐ поддржува. Освен тоа, ќе ни излее прекрасни благослови во иднина. Многу сме среќни што знаеме дека нашиот Татко нѐ сака и се грижи за нас! Во следната статија ќе разгледаме на кои начини можеме, како негови деца, да покажеме дека сме благодарни за неговата љубов.

ПЕСНА 108 Божјата верна љубов

^ пас. 5 Ние честопати размислуваме за Јехова како за наш Творец и Севишен Владетел. Но, имаме добри причини да го гледаме и како наш грижлив Татко полн со љубов. Во оваа статија ќе ги разгледаме тие причини. Освен тоа, ќе видиме зошто може да бидеме уверени дека Јехова никогаш нема да нѐ напушти.

^ пас. 59 ОПИС НА СЛИКИТЕ: На секоја слика се гледа татко со дете: 1) таткото внимателно го слуша својот син, 2) таткото се грижи за потребите на својата ќерка, 3) таткото го поучува својот син и 4) таткото го теши своето синче. Нацртаната рака на Јехова зад овие четири слики нѐ потсетува дека тој се грижи за нас на сличен начин.