Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 8

Бори се со зависта и придонесувај за мир!

Бори се со зависта и придонесувај за мир!

Да се стремиме кон она што придонесува за мир и меѓусебно да се изградуваме (РИМ. 14:19)

ПЕСНА 113 Мирот — Божји дар

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што се случило во семејството на Јосиф затоа што браќата му завидувале?

ЈАКОВ ги сакал сите свои синови. Сепак, најмил му бил Јосиф. Како реагирале на ова другите синови? Кај нив се родила завист, која водела до огорченост и омраза. Но, Јосиф не направил ништо за да го мразат. И покрај тоа, кога имал 17 години, тие го продале во ропство и го излажале татко им дека некој ѕвер го убил неговиот најсакан син. Затоа што дозволиле да ги обземе завист, тие го нарушиле мирот во семејството и му го скршиле срцето на својот татко (1. Мој. 37:3, 4, 27-34).

2. Според Галатите 5:19-21, зошто зависта е толку опасна?

2 Во Библијата, зависта * е вброена меѓу смртоносните дела на телото поради кои постои опасност некој да не го наследи Божјето Царство. (Прочитај Галатите 5:19-21.) Зависта обично лежи во коренот на други лоши постапки, како што се непријателства, караници и изливи на гнев.

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Од примерот со браќата на Јосиф гледаме дека зависта може да ги уништи меѓучовечките односи и да го наруши мирот во семејството. Иако никогаш не би постапиле како нив, сите имаме несовршено и измамливо срце (Ерем. 17:9). Затоа не е чудо што понекогаш се бориме со чувства на завист. Да разгледаме некои предупредувачки примери од Библијата што ќе ни помогнат да сфатиме од кои причини во нашето срце може да се роди завист. Потоа ќе видиме што може да правиме за да се бориме со оваа лоша особина и да придонесуваме меѓу нас да владее мир.

ШТО МОЖЕ ДА БИДЕ ПРИЧИНА ЗА ЗАВИСТ?

4. Зошто Филистејците му завидувале на Исак?

4 Ако некој стои добро во материјален поглед. Исак бил богат човек, и Филистејците му завидувале поради тоа (1. Мој. 26:12-14). Дури и ги затрупале сите бунари од кои Исак ги напојувал своите стада (1. Мој. 26:15, 16, 27). Слично на Филистејците, некои луѓе денес почнуваат да им завидуваат на оние што се побогати од нив. Тие не само што ги посакуваат работите кои ги имаат другите туку и сакаат другите да ги немаат тие работи.

5. Зошто верските водачи му завидувале на Исус?

5 Ако некој е сакан и ценет. Еврејските верски водачи му завидувале на Исус затоа што многу луѓе му се восхитувале (Мат. 7:28, 29). Исус бил застапник на Бог и ги поучувал другите за вистината. И покрај тоа, тие верски водачи ширеле лаги и клевети за него за да му го уништат доброто име (Мар. 15:10; Јован 11:47, 48; 12:12, 13, 19). Какво предупредување содржи овој извештај? Не смееме да им завидуваме на оние што имаат убави особини, и поради тоа им се мили на браќата и сестрите во собранието. Наместо тоа, треба да се трудиме и ние да развиваме такви особини (1. Кор. 11:1; 3. Јов. 11).

6. Како Диотреф покажал дека им завидува на другите?

6 Ако некој има теократски одговорности. Во првиот век, Диотреф им завидувал на оние што предводеле во христијанското собрание. Тој сакал „да биде прв меѓу“ соверниците, и зборувал злобно за да им го наруши угледот на апостол Јован и на другите одговорни браќа (3. Јов. 9, 10). Иако никогаш не би постапувале како Диотреф, можно е и кај нас да се роди завист кога некој соверник ќе добие одговорност што самите сме ја посакувале — особено ако си мислиме дека и ние сме исто толку способни да ја извршуваме.

Нашето срце е како почва, а нашите убави особини се како прекрасни цвеќиња. Но, зависта е како отровен плевел. Зависта може да го задуши растот на убавите особини, како што се љубовта, сочувството и добротата (Види во пасус 7)

7. Како може зависта да влијае врз нас?

7 Зависта е како отровен плевел. Штом нејзиното семе ќе пушти корен во нашето срце, може да биде тешко да го уништиме. Зависта се храни со други негативни чувства, како што се љубомората, гордоста и себичноста. Таа може да го задуши растот на други убави особини, како што се љубовта, сочувството и добротата. Штом ќе забележиме дека зависта почнува да ’рти во нашето срце, треба веднаш да ја искорениме. Како може да се бориме со оваа особина?

ПОКАЖУВАЈ ПОНИЗНОСТ И БИДИ ЗАДОВОЛЕН СО ОНА ШТО ГО ИМАШ

Како може да се бориме со зависта? Божјиот свет дух може да ни помогне да ја искорениме оваа особина, и наместо тоа да покажуваме понизност и да бидеме задоволни со она што го имаме (Види во пасуси 8-9)

8. Кои особини можат да ни помогнат да се бориме со зависта?

8 Ако се трудиме да бидеме понизни и ако сме задоволни со она што го имаме, ќе можеме да се бориме со зависта. Кога ги развиваме овие убави особини во нашето срце, во него ќе нема место за завист. Понизниот човек нема превисоко мислење за себеси и не мисли дека е позаслужен од сите други (Гал. 6:3, 4). Оној што е задоволен со она што го има не се споредува со другите (1. Тим. 6:7, 8). Ако ги имаме овие особини, ќе се радуваме кога некој друг добива нешто убаво.

9. Според Галатите 5:16 и Филипјаните 2:3, 4, во што може да ни помогне светиот дух?

9 За да не паднеме во замката на зависта, и за да бидеме понизни и задоволни со она што го имаме, ни треба помошта од Божјиот свет дух. (Прочитај Галатите 5:16; Филипјаните 2:3, 4.) Со својот свет дух, Јехова може да ни помогне да ги преиспитаме нашите најдлабоки мисли и мотиви. Со Божја помош, можеме да ги отфрлиме лошите мисли и чувства и да ги замениме со позитивни (Пс. 26:2; 51:10). Да го разгледаме примерот на Мојсеј и на Павле, кои не дозволиле да паднат во замката на зависта.

Еден млад Израелец дотрчува кај Мојсеј и кај Исус Навин за да им каже дека двајца мажи во логорот се однесуваат како пророци. Исус Навин бара од Мојсеј да ги спречи во тоа, но Мојсеј одбива. Наместо тоа, тој му вели на Исус Навин дека му е мило што Јехова и ним им дал од својот дух. (Види во пасус 10.)

10. Која ситуација можела да претставува испит за Мојсеј? (Види ја сликата на насловната страница.)

10 Мојсеј имал голем авторитет над Божјиот народ, но не ја чувал љубоморно таа чест само за себе. На пример, во една прилика Јехова зел дел од светиот дух што бил врз Мојсеј и им го дал на група израелски старешини кои стоеле во близина на светиот шатор. Кратко потоа, на Мојсеј му јавиле дека двајца старешини кои не биле кај шаторот исто така добиле свет дух и почнале да се однесуваат како пророци. Како реагирал тој кога Исус Навин му рекол да ги спречи во тоа? Мојсеј не им завидувал на тие двајца старешини поради честа што им ја укажал Јехова. Наместо тоа, бил понизен и се радувал што и тие можат да пророкуваат (4. Мој. 11:24-29). Што може да научиме од Мојсеј?

Како можат старешините да бидат понизни како Мојсеј? (Види во пасуси 11-12) *

11. Како можат старешините да го следат примерот на Мојсеј?

11 Ако си старешина, дали некогаш си бил замолен да обучуваш некого за некоја собраниска одговорност која тебе многу ти значи? На пример, можеби секоја седмица со задоволство го водиш Проучувањето на Стражарска кула. Ако си понизен како Мојсеј, нема да се чувствуваш загрозен кога ќе треба да обучуваш некој друг брат за да може и тој, со текот на времето, да ја извршува таа задача. Напротив, ќе се радуваш што можеш да му помогнеш во тоа.

12. Како многу христијани денес покажуваат дека се понизни и дека се задоволни со она што го имаат?

12 Да разгледаме и една друга ситуација со која се соочуваат голем број постари браќа. Некои од нив со децении служеле како координатори на старешинството. Но, кога ќе наполнат 80 години, тие спремно се откажуваат од таа одговорност. Покраинските надгледници кои ќе наполнат 70 години престануваат да служат во тоа својство и понизно прифаќаат друга задача во службата. А во последниве неколку години, многу членови на бетелските семејства беа испратени да служат на подрачјето. Таквите верни браќа и сестри не чувствуваат огорченост кон оние што можеби сега ги извршуваат задачите кои порано ги вршеле тие.

13. Зошто Павле можел да падне во замка да им завидува на 12-те апостоли?

13 Апостол Павле е уште еден добар пример за христијанин кој покажал понизност и бил задоволен со она што го има. Тој не дозволил кај него да се развие завист. Иако вложувал голем труд во службата, понизно рекол: „Јас сум најмал од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол“ (1. Кор. 15:9, 10). Дванаесетте апостоли биле заедно со Исус додека тој ја извршувал својата служба на Земјата, но Павле станал христијанин дури откако Христос умрел и бил воскреснат. Иако подоцна добил задача да служи како апостол „кај другите народи“, Павле никогаш ја немал таа посебна чест да биде вброен во 12-те апостоли (Рим. 11:13; Дела 1:21-26). Наместо да им завидува на тие 12 браќа и на блискоста што ја имале со Исус, Павле останал задоволен со тоа што самиот го имал.

14. Што ќе правиме ако сме понизни и задоволни со она што го имаме?

14 Ако сме понизни и задоволни со она што го имаме, ќе бидеме како Павле и ќе покажуваме почит кон авторитетот што Јехова им го дава на другите (Дела 21:20-26). Бог се погрижил во христијанското собрание да има именувани браќа кои ќе предводат. Иако се несовршени луѓе, тој ги смета за дарови (Еф. 4:8, 11). Кога ги почитуваме и понизно го следиме нивното водство, остануваме блиски со Јехова и имаме мирољубиви односи со нашите браќа и сестри.

„ДА СЕ СТРЕМИМЕ КОН ОНА ШТО ПРИДОНЕСУВА ЗА МИР“

15. Што треба да правиме?

15 Таму каде што има завист не може да има мир. Треба да ја искорениме зависта од нашето срце и да внимаваме да не посееме чувства на завист кај другите. Мора да ги преземеме тие два важни чекора за да го послушаме Јехова, кој ни заповеда „да се стремиме кон она што придонесува за мир и меѓусебно да се изградуваме“ (Рим. 14:19). Што конкретно може да направиме за да им помогнеме на другите да се борат со зависта, и како може самите да придонесуваме за мирот во собранието?

16. Како може да им помогнеме на другите да се борат со зависта?

16 Нашиот став и нашите постапки може да имаат силно влијание врз другите. Светот сака да се истакнуваме со она што го поседуваме (1. Јов. 2:16). Но, таквиот став може кај некого да разгори завист. За да не дојде до тоа, добро е да не зборуваме постојано за работите што ги имаме или што сакаме да ги купиме. Нема да потхрануваме завист кај другите ако сме скромни и ако не се истакнуваме со нашите одговорности во собранието. Ако постојано се фалиме со нив, ќе создадеме плодна почва на која зависта ќе може да расте. Спротивно на тоа, ако покажуваме искрен интерес за другите и ако ги пофалуваме за добрите работи што ги прават, ќе им помогнеме да се радуваат на она што го имаат и ќе придонесеме во собранието да владеат единство и мир.

17. Што успеале да направат браќата на Јосиф, и зошто?

17 Можеме да ја победиме зависта! Да се вратиме на примерот со браќата на Јосиф. По многу години откако го продале како роб, тие се сретнале со него во Египет. Пред да им открие кој е, Јосиф ги ставил своите браќа на испит за да види дали се смениле. Тој ги викнал сите на ручек кај него, но во таа прилика му обрнал многу поголемо внимание на својот најмлад брат Венијамин (1. Мој. 43:33, 34). Сепак, ништо не покажува дека другите браќа му завидувале на Венијамин поради тоа. Напротив, покажале дека се искрено заинтересирани и за него и за татко им, Јаков (1. Мој. 44:30-34). Бидејќи расчистиле со чувствата на завист, тие придонеле да се врати мирот во семејството (1. Мој. 45:4, 15). Ако и ние ги искорениме сите чувства на завист од нашето срце, ќе помогнеме да владее мир и во семејство и во собранието.

18. Според Јаков 3:17, 18, каков ќе биде резултатот ако твориме мир?

18 Јехова сака да се бориме со зависта и да бидеме миротворци. За да го постигнеме тоа, мора да вложиме голем труд. Како што видовме во оваа статија, кај сите нас може да се јави завист (Јак. 4:5). Освен тоа, живееме во свет што разгорува такви чувства. Но, ако сме понизни и задоволни со она што го имаме, и ако срцето ни е полно со благодарност, во него ќе нема место за завист. Меѓу нас ќе владее мирољубива атмосфера, и сите ќе можеме да развиваме и да покажуваме убави особини. (Прочитај Јаков 3:17, 18.)

ПЕСНА 130 Спремно да простуваме

^ пас. 5 Во Јеховината организација владее мир. Но, овој мир може да се наруши ако дозволиме кај нас да се развие завист. Во оваа статија ќе разгледаме кои работи можат да родат завист кај некого. Освен тоа, ќе видиме како може да се бориме со оваа лоша особина и да придонесуваме меѓу нас да владее мир.

^ пас. 2 ПОЈАСНУВАЊЕ: Библијата покажува дека оној што чувствува завист не само што ги посакува работите кои ги има некој друг туку и сака другиот да ги нема тие работи.

^ пас. 61 ОПИС НА СЛИКАТА: На еден старешински состанок, постариот брат кој го води Проучувањето на Стражарска кула е замолен да обучува еден помлад старешина за да може тој да се грижи за таа одговорност. Иако многу си ја сака задачата, постариот брат со сето срце ја поддржува оваа одлука на старешините така што му дава на младиот брат практични предлози и искрена пофалба.