Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 9

Дозволи му на Јехова да те утеши

Дозволи му на Јехова да те утеши

Кога во мене се намножија немирни мисли, утехите од тебе ми ја милуваа душата (ПС. 94:19)

ПЕСНА 44 Молитва на потиштениот

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што може да ни причинува загриженост, и како тоа може да влијае врз нас?

ДАЛИ некогаш те притискаат многу грижи? * Можеби ти е тешко затоа што некој рекол или направил нешто со кое те повредил или, пак, затоа што ти си рекол или си направил нешто погрешно. На пример, ако сериозно си му згрешил на Јехова, можеби се плашиш дека никогаш нема да ти прости. Згора на тоа, можеби си мислиш дека, штом си толку загрижен и вознемирен, сигурно ти недостига вера и дека си лоша личност. Но, дали навистина е така?

2. Кои библиски примери покажуваат дека тоа што сме загрижени не значи дека ни недостига вера?

2 Да разгледаме неколку библиски примери. Ана, мајката на пророкот Самоил, имала голема вера. Сепак, ѝ било многу тешко затоа што Фенина, другата жена на маж ѝ, се однесувала лошо со неа (1. Сам. 1:7). Апостол Павле, кој исто така имал силна вера, го притискала „грижата за сите собранија“ (2. Кор. 11:28). Цар Давид имал толку цврста вера што Јехова многу го сакал (Дела 13:22). И покрај тоа, Давид направил гревови поради кои го измачувала совеста (Пс. 38:4). Јехова го утешил и го смирил секого од нив. Да видиме што може да научиме од овие Божји слуги.

ШТО УЧИМЕ ОД АНА

3. Зошто би можеле да се чувствуваме вознемирени и повредени од нечии зборови?

3 Кога другите зборуваат грубо или постапуваат лошо со нас, тоа може да ни предизвика болка. Особено може да боли ако нѐ повреди близок пријател или некој од семејството. Можеби се плашиме дека никогаш повеќе нема да бидеме блиски со него. Понекогаш некој може непромислено да каже нешто со кое ќе нѐ прободе како со меч! (Изр. 12:18). А понекогаш некој може дури и намерно да го направи тоа. Такво нешто ѝ се случило на една млада сестра. Таа вели: „Пред неколку години, една девојка за која мислев дека ми е добра пријателка почна да шири гласини за мене на социјалните мрежи. Тоа многу ме повреди и ме вознемири. Едноставно не можев да сфатам како некој може да ми забие нож во грб на таков начин!“ Ако и тебе те повредил близок пријател или некој од семејството, можеш да научиш многу од Ана.

4. Со какви тешки проблеми се соочила Ана?

4 Ана се соочила со тешки проблеми. Со години не можела да има деца (1. Сам. 1:2). Во древниот Израел, се сметало дека неротките се казнети од Бог. Поради тоа, Ана се чувствувала понижено и посрамено (1. Мој. 30:1, 2). Уште пострашно било тоа што нејзиниот маж имал и друга жена, Фенина, која му родила деца. Бидејќи ја сметала Ана за соперничка, таа постојано ја предизвикувала и ја вознемирувала (1. Сам. 1:6). Во почетокот, на Ана ѝ било многу тешко да се справи со тоа. Таа била толку вознемирена што плачела и не сакала да јаде. Ана се чувствувала „огорчена во душата“ (1. Сам. 1:7, 10). Каде нашла утеха?

5. Како молитвата ѝ помогнала на Ана?

5 Ана му го излеала своето срце во молитва на Јехова. Откако се помолила, таа му ја објаснила својата ситуација на првосвештеникот Илиј. А тој ѝ рекол: „Оди си во мир! И Богот на Израел нека ти ја услиши молитвата“. Како влијаело тоа врз Ана? Библијата вели: „[Таа] си отиде по својот пат, па јадеше и лицето повеќе не ѝ беше тажно“ (1. Сам. 1:17, 18). Молитвата ѝ помогнала да најде душевен мир.

Исто како Ана во минатото, како можеме и ние денес да стекнеме и да зачуваме душевен мир? (Види во пасуси 6-10)

6. Што можеме да научиме за молитвата од Ана и од она што го кажал Павле во Филипјаните 4:6, 7?

6 Може да си го зачуваме душевниот мир ако постојано се молиме. Ана долго разговарала со својот небесен Татко (1. Сам. 1:12). И ние можеме долго да му се молиме на Јехова во врска со нашите грижи, стравови и слабости. Во нашите молитви не мора да се изразуваме поетски или со некој висок стил. Можеби додека се молиме ќе зборуваме огорчено и ќе плачеме. И покрај сѐ, на Јехова никогаш нема да му здодее да ги слуша нашите молитви. Освен што го молиме во врска со нашите проблеми, не треба да го заборавиме советот што ни е даден во Филипјаните 4:6, 7. (Прочитај.) Таму Павле конкретно навел дека треба и да му благодариме на Бог во молитва. Имаме многу причини да го правиме тоа. На пример, може да му благодариме за животот што ни го дал, за убавите работи што ги создал, за неговата верна љубов и за прекрасната надеж што ја имаме. Што друго може да научиме од Ана?

7. Што правеле секоја година Ана и нејзиниот маж?

7 Иако имала проблеми, Ана секоја година одела со својот маж во светиот шатор во Сило (1. Сам. 1:1-5). Токму во една таква прилика првосвештеникот Илиј ја охрабрил изразувајќи надеж дека Јехова ќе ѝ ја услиши молитвата (1. Сам. 1:9, 17).

8. Како можат да ни помогнат состаноците?

8 Можеме да си го зачуваме душевниот мир ако одиме на состаноци. Кога започнува состанокот, братот што се моли обично бара од Јехова да ни даде свет дух во таа прилика. Мирот е еден од плодовите на Божјиот дух (Гал. 5:22). Кога одиме на нашите состаноци, дури и ако имаме проблеми, им даваме можност на Јехова и на нашите соверници да нѐ охрабрат и да ни помогнат повторно да стекнеме душевен мир. Молитвата и состаноците се главни начини на кои Јехова нѐ теши и нѐ смирува (Евр. 10:24, 25). Да видиме што друго може да научиме од она што ѝ се случило на Ана.

9. Што се сменило кај Ана иако нејзиниот проблем не се решил веднаш?

9 Проблемот што ја измачувал Ана не се решил веднаш. Кога се вратила од светиот шатор, таа продолжила да живее во истата куќа со Фенина. Освен тоа, Библијата не кажува дека ставот на Фенина се сменил. Ана веројатно морала и понатаму да ги трпи нејзините зајадливи и понижувачки зборови. Сепак, успеала да си го врати и да си го зачува душевниот мир. Откако ги оставила работите во Јеховини раце, таа престанала да се грижи за својот проблем. Ана дозволила Јехова да ја утеши и да ја смири. Подоцна тој ја услишил нејзината молитва, и таа родила деца (1. Сам. 1:19, 20; 2:21).

10. Што учиме од примерот на Ана?

10 Иако нашиот проблем можеби нема да се реши, можеме повторно да стекнеме душевен мир. И покрај тоа што сесрдно ќе се молиме и редовно ќе одиме на состаноците, некои проблеми можеби ќе си останат. Сепак, од примерот на Ана учиме дека ништо не може да го спречи Јехова да го утеши и да го смири нашето вознемирено срце. Тој никогаш нема да нѐ заборави и, порано или подоцна, ќе ја награди нашата верност (Евр. 11:6).

ШТО УЧИМЕ ОД АПОСТОЛ ПАВЛЕ

11. Какви причини за загриженост имал Павле?

11 Павле имал многу причини за загриженост. На пример, бидејќи ги сакал браќата и сестрите, му било многу тешко кога тие се соочувале со проблеми (2. Кор. 2:4; 11:28). Додека проповедал, Павле морал да се справува со противници кои го тепале и повеќе пати го фрлиле в затвор. Освен тоа, честопати бил „во немаштија“ (Фил. 4:12). А со оглед на тоа што најмалку трипати претрпел бродолом, може да си замислиме колку се плашел да патува со брод (2. Кор. 11:23-27). Како успеал да се справи со сите тие грижи и стравови?

12. Што му помогнало на Павле да има помалку грижи?

12 Иако бил загрижен кога браќата и сестрите се соочувале со тешкотии, Павле не се обидел сам да ги реши сите нивни проблеми. Тој бил скромен. Замолил и некои други да им помагаат на соверниците. На пример, им доделил одредени одговорности на некои браќа достојни за доверба, како што биле Тимотеј и Тит. Без сомнение, благодарение на помошта што ја добил од нив, имал помалку грижи (Фил. 2:19, 20; Тит 1:1, 4, 5).

Во склад со примерот на апостол Павле, што ќе ни помогне да не бидеме претерано загрижени? (Види во пасуси 13-15)

13. Како старешините можат да го следат примерот на Павле?

13 Побарај помош од другите. Исто како Павле, денес голем број сочувствителни старешини се загрижени за браќата кои минуваат низ неволји. Но, колку и да сака, еден старешина не може да им помогне на сите во собранието. Скромноста ќе го поттикне да го сподели товарот со други зрели браќа и да ги обучува помладите за да можат да му помагаат во грижата за Божјето стадо (2. Тим. 2:2).

14. Од што не се плашел Павле, и што може да научиме од неговиот пример?

14 Признај си дека имаш потреба од охрабрување. Бидејќи бил понизен, Павле барал и добивал охрабрување од своите пријатели. Очигледно не се плашел дека другите ќе го сметаат за човек со слаб карактер ако дознаат за тоа. Во своето писмо до Филимон, Павле напишал: „Многу ме израдува и ме утеши со твојата љубов“ (Филим. 7). Павле спомнал по име и некои други свои соработници кои многу го зајакнале кога му било тешко (Кол. 4:7-11). Ако понизно си признаеме дека имаме потреба од охрабрување, нашите браќа и сестри со радост ќе ни помогнат.

15. Што го утешило Павле кога бил во многу тешки околности?

15 Потпирај се на Божјата Реч. Павле знаел дека може да најде утеха во светите списи (Рим. 15:4). Исто така, знаел дека од нив може да црпи мудрост за да се соочи со секаква неволја (2. Тим. 3:15, 16). Кога по вторпат бил затворен во Рим, Павле бил свесен дека наскоро го чека смрт. Што направил во тој многу тежок период од својот живот? Го замолил Тимотеј да дојде кај него што е можно поскоро и да му ги донесе свитоците (2. Тим. 4:6, 7, 9, 13). Зошто? Затоа што тие свитоци веројатно биле делови од Хебрејските списи кои можел да ги проучува. Слично на Павле, ако и ние редовно ја проучуваме Божјата Реч, Јехова ќе нѐ утеши преку неа сеедно низ какви тешкотии и неволји поминуваме.

ШТО УЧИМЕ ОД ЦАР ДАВИД

Исто како на Давид, што може да ни помогне и нам ако направиме грев? (Види во пасуси 16-19)

16. Како се чувствувал Давид кога направил грев?

16 Давид го измачувала нечиста совест. Тој направил прељуба со Витсавеа, средил да биде убиен нејзиниот маж и некое време го криел сето тоа (2. Сам. 12:9). Во почетокот, Давид се обидувал да го замолкне гласот на совеста. Поради тоа, не само што си го нарушил односот со Јехова туку страдал емоционално, па дури и се разболел (Пс. 32:3, 4). Што му помогнало на Давид да се справи со чувствата кои го измачувале поради неговите гревови, и што ќе ни помогне и нам ако му згрешиме на Јехова?

17. Како зборовите на Давид запишани во Псалм 51:1-4 покажуваат дека искрено се каел за она што го сторил?

17 Моли го Јехова да ти прости. На крајот, Давид му се помолил на Јехова. Тој искрено се каел и му ги признал своите гревови. (Прочитај Псалм 51:1-4.) Тоа навистина му донело огромно олеснување! (Пс. 32:1, 2, 4, 5). Ако направиш тежок грев, немој да се обидуваш да го скриеш. Наместо тоа, отворено признај му го на Јехова во молитва. Тоа ќе ти донесе олеснување, и нема толку да се измачуваш поради нечистата совест. Но, ако сакаш повторно да бидеш близок со Јехова, не е доволно само да му се молиш — треба да направиш уште нешто.

18. Како реагирал Давид кога добил укор?

18 Прифати го укорот. Кога Јехова го испратил пророкот Натан за да го разоткрие гревот на Давид, Давид не се обидувал да си бара изговори ниту, пак, рекол дека она што го направил не е толку страшно. Тој веднаш признал дека не му згрешил само на мажот на Витсавеа туку, пред сѐ, на Бог. Давид го прифатил укорот од Јехова, и затоа тој му простил (2. Сам. 12:10-14). Ако направиме тежок грев, треба да разговараме со старешините, кои Бог ги поставил да се грижат за нас (Јак. 5:14, 15). И во никој случај не треба да се правдаме и да си бараме изговори. Колку побрзо ќе го прифатиме и ќе го примениме советот што ќе го добиеме, толку побрзо ќе ни се вратат мирот и радоста.

19. На што треба да бидеме решени?

19 Биди решен да не ги правиш истите грешки. Цар Давид знаел дека му треба помош од Јехова за да не ги повторува истите гревови (Пс. 51:7, 10, 12). Откако Јехова му простил, Давид бил решен да не дозволи кај него да тлеат погрешни желби. Како резултат на тоа, тој повторно стекнал душевен мир.

20. Како може да покажеме дека сме благодарни за Јеховината спремност да прости?

20 Покажуваме дека сме благодарни за Јеховината спремност да прости кога се молиме за простување, кога го прифаќаме укорот и кога се трудиме со сите сили да не ги повторуваме истите грешки. Ако ги правиме овие работи, ќе си го зачуваме душевниот мир. Џејмс, еден брат кој направил тежок грев, го почувствувал ова на своја кожа. Тој вели: „Кога им го признав гревот на старешините, како да ми падна тежок товар од плеќите. Мирот постепено ми се врати“. Многу е утешно што знаеме дека „Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух“ (Пс. 34:18).

21. Како може да му дозволиме на Јехова да нѐ утеши?

21 Додека се ближи крајот на овие последни денови, веројатно ќе имаме сѐ повеќе причини за загриженост. Кога ќе почнат да те измачуваат грижи, веднаш моли го Јехова за помош. Темелно проучувај ја Библијата. Учи од примерот на Ана, на Павле и на Давид. Моли го нашиот небесен Татко да ти помогне да сфатиш зошто си толку загрижен (Пс. 139:23). Дозволи му да го носи товарот за тебе, особено ако станува збор за нешто над кое немаш речиси никаква контрола. Ако го правиш тоа, и ти ќе можеш да му го кажеш на Јехова она што му го кажал псалмистот: „Кога во мене се намножија немирни мисли, утехите од тебе ми ја милуваа душата“ (Пс. 94:19).

ПЕСНА 4 „Јехова е мојот Пастир“

^ пас. 5 Понекогаш сите сме загрижени кога се соочуваме со проблеми. Во оваа статија ќе го разгледаме примерот на тројца Божји слуги во библиски времиња кои исто така се измачувале со грижи и стравови. Освен тоа, ќе видиме како Јехова го смирил и го утешил секого од нив.

^ пас. 1 ПОЈАСНУВАЊЕ: Може да чувствуваме загриженост ако се соочуваме со финансиски, здравствени, семејни или други проблеми. Можеби нѐ измачуваат грижи поради некои грешки што сме ги направиле во минатото или, пак, се плашиме дека би можеле да ни се случат лоши работи во иднина.