Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 23

„Да се свети името твое“

„Да се свети името твое“

Јехова, името твое останува довека (ПС. 135:13)

ПЕСНА 10 Славен е Јехова Бог!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Кои прашања се од голем интерес за нас како Јеховини сведоци?

НИЕ сме вклучени во важни спорни прашања поврзани со правото на Јехова да биде Севишен Владетел и со посветувањето на неговото име. Овие прашања се од голем интерес за нас како Јеховини сведоци.

2 Јасно ни е дека Божјето име мора да се исчисти од срамот што му е нанесен и мора да се докаже дека Јехова владее на најдобар можен начин. И двете работи заслужуваат да им посветиме целосно внимание. Но, дали станува збор за две различни работи? Не. Јеховиното право да владее и посветувањето на неговото име се тесно поврзани.

3. На што се однесува името Јехова?

3 Името Јехова се однесува на сѐ што е поврзано со нашиот Бог, вклучувајќи го и неговиот начин на владеење. Затоа, кога велиме дека најважно од сѐ е името на Бог да биде исчистено од секаков срам, во исто време велиме дека мора да се докаже дека тој е најдобриот можен Владетел. Името Јехова е тесно поврзано со начинот на кој тој владее како Семоќен и Севишен Бог. (Види ја рамката „ Што е вклучено во едно важно спорно прашање“.)

4. Што пишува за Божјето име во Псалм 135:13, и кои прашања ќе бидат одговорени во оваа статија?

4 Името Јехова е посебно. (Прочитај Псалм 135:13.) Зошто Божјето име е толку важно? Како било оцрнето? Како Бог го посветува? И како ние може да застанеме во одбрана на тоа име? Да видиме.

ЗОШТО ИМЕТО Е ВАЖНО

5. Што би можел да си помисли некој кога ќе слушне дека Божјето име мора да се свети?

5 „Да се свети името твое“ (Мат. 6:9). Исус рекол дека ова е една од најважните работи за кои треба да се молиме. Но, што сакал да каже со тие зборови? Да се свети нешто значи да стане свето, чисто или неизвалкано. Но, некој би можел да си помисли: „Зошто треба да се свети Божјето име ако тоа веќе е свето, чисто и неизвалкано?“ За да го добиеме одговорот, треба да размислиме за тоа што, всушност, претставува едно име.

6. Зошто името е толку важно?

6 Името не е само збор што може да се напише или да се изговори. Забележи што вели Библијата: „Подобро е да избереш добро име отколку големо богатство“ (Изр. 22:1; Проп. 7:1). Името е многу важно бидејќи е поврзано со угледот на оној што го носи, односно со тоа што мислат другите за него. Значи, не е најважно како нечие име се пишува или изговара, туку што помислуваат другите кога ќе го слушнат или видат тоа име и какви чувства се будат кај нив.

7. Како луѓето му нанесуваат срам на Божјето име?

7 Кога кажуваат лаги за Јехова, луѓето се обидуваат да го нарушат неговиот углед и да му нанесат срам на неговото име. Божјето име и неговиот углед првпат се нашле на удар на самиот почеток од човечката историја. Да видиме што може да научиме од ова.

КАКО ПРВПАТ БИЛО ОЦРНЕТО БОЖЈЕТО ИМЕ

8. Што знаеле Адам и Ева, и кои прашања се поставуваат?

8 Адам и Ева знаеле дека Бог се вика Јехова, а знаеле и некои важни работи за оној што го носи тоа име. Знаеле дека тој е Творецот, кој им дал живот, прекрасен рајски дом и совршен животен сопатник (1. Мој. 1:26-28; 2:18). Но, дали продолжиле да го користат својот совршен ум за да размислуваат за сето она што Јехова го направил за нив? Дали ја продлабочувале својата љубов и своето ценење за личноста што стоела зад тоа име? Одговорот на овие прашања станал јасен кога еден Божји непријател ги ставил на испит.

9. Според 1. Мојсеева 2:16, 17 и 3:1-5, што ѝ рекол Јехова на првата брачна двојка, и како Сатана ја извртел вистината?

9 Прочитај 1. Мојсеева 2:16, 17 и 3:1-5. Зборувајќи преку една змија, Сатана ја прашал Ева: „Навистина ли рекол Бог дека не смеете да јадете од секое дрво во градината?“ Тоа прашање содржело една подмолна лага која била како скриен отров. Што, всушност, кажал Бог? Тој рекол дека можат да јадат од секое дрво, освен од едно. Адам и Ева можеле да се насладуваат од плодовите на најразлични видови дрвја (1. Мој. 2:9). Јехова навистина е дарежлив Бог. Сепак, тој им рекол дека не смеат да јадат само од едно дрво. Според тоа, со своето прашање Сатана ја извртел вистината, наведувајќи ја Ева да си помисли дека Бог не е дарежлив. Можеби таа почнала да се прашува: „Дали Бог ни скратува нешто добро?“

10. Како Сатана директно го наклеветил Бог, и какви биле последиците?

10 Во тој момент, Ева сѐ уште го сметала Јехова за свој Владетел. Таа му одговорила на Сатана така што го повторила јасното упатство кое го дал Бог, и додала дека не смеат дури ни да го допрат дрвото. Ева добро знаела какви ќе бидат последиците ако не послушаат — Јехова ги предупредил дека ќе умрат. Но, Сатана ѝ рекол: „Не, вие нема да умрете“ (1. Мој. 3:2-4). Тој повеќе не заобиколувал, туку директно го наклеветил Бог. Кога ѝ рекол на Ева дека нема да умрат, тој, всушност, ѝ рекол дека Јехова е лажливец. Така Сатана станал клеветник, или Ѓавол. Ева била потполно измамена (1. Тим. 2:14). Повеќе му верувала на Сатана отколку на Јехова. Од таа причина, ја донела најлошата можна одлука. Решила да не го послуша Јехова, и каснала од плодот што им го забранил. А подоцна му дала и на Адам да касне од него (1. Мој. 3:6).

11. Што пропуштиле да направат нашите прародители?

11 Размисли за миг на кој друг начин можела да постапи Ева. Таа можела да му рече на Сатана: „Не знам кој си ти, но добро знам кој е мојот Татко, Јехова. Јас многу го сакам и имам доверба во него. Тој ни даде сѐ што имаме. Како не ти е срам да зборуваш лошо за него?! Бегај одовде!“ Колку ќе се радувал Јехова да можел да слушне како неговата мила ќерка лојално го брани! (Изр. 27:11). Но, Ева не чувствувала вистинска и длабока љубов кон Јехова а, за жал, не чувствувал ни Адам. Бидејќи немале таква љубов кон својот Татко, тие не го одбраниле неговото име кога непријателот го наклеветил.

12. Како Сатана посеал сомнежи во умот на Ева, и што не направиле Адам и Ева?

12 Како што видовме, Сатана посеал сомнежи во умот на Ева. Тој ја навел да почне да се прашува дали Јехова навистина е добар Татко. Адам и Ева не застанале во одбрана на Јеховиното име и углед. Тие потпаднале под влијание на Сатана и се побуниле против својот Татко. Сатана користи слични тактики и денес. Тој го напаѓа Јехова така што го оцрнува неговото име. Луѓето што веруваат во неговите клевети многу лесно го отфрлаат Божјето праведно владеење.

ЈЕХОВА ГО ПОСВЕТУВА СВОЕТО ИМЕ

13. Како е истакната главната порака на Библијата во Езекиел 36:23?

13 Дали Јехова ги трпи таквите клевети без да се брани? Не! Низ целата Библија се зборува за тоа што направил и што прави за да го исчисти своето име од срамот што му бил нанесен во рајската градина (1. Мој. 3:15). Всушност, може да се каже дека главната порака на Библијата е: Јехова ќе го посвети своето име и ќе воспостави правда и мир на Земјата преку Царството со кое владее неговиот Син. Божјата Реч ни помага да сфатиме како Јехова го посветува своето име. (Прочитај Езекиел 36:23.)

14. Како Јехова го посветувал своето име после побуната во рајската градина?

14 Уште од самиот почеток, Сатана правел сѐ што можел за да го спречи Јехова да ја исполни својата намера. Но, никако не успевал во тоа. Библијата ни открива како постапувал Јехова, докажувајќи дека навистина е грижлив Татко и најдобар можен Владетел. Точно е дека побуната на Сатана и на сите оние што застанале на негова страна му причинила голема болка на Јехова (Пс. 78:40). Сепак, тој се справил со оваа побуна постапувајќи мудро, стрпливо и праведно. Освен тоа, покажал дека е Семоќен на безброј начини. Но, најважно од сѐ, никогаш не престанал да покажува љубов (1. Јов. 4:8). Јехова продолжил да прави сѐ за да го посвети своето име.

Сатана ја излажал Ева, и низ вековите продолжил да го клевети Јехова (Види во пасуси 9-10, 15) *

15. Како Сатана го оцрнува Божјето име денес, и какви се последиците од тоа?

15 Сатана го оцрнува Божјето име до ден-денес. Тој ги наведува луѓето да мислат дека Бог не е моќен, праведен и мудар, и дека не ги сака. На пример, Сатана настојува да ги убеди дека Јехова не е Творецот. А ако некои веруваат дека Бог постои, Ѓаволот се обидува да ги натера да мислат дека е неправеден и дека ни поставува мерила што нѐ ограничуваат. Дури и шири лаги дека Јехова е немилосрден и суров Бог кој ги гори луѓето во пекол. Кога некој ќе поверува во тие ужасни клевети, многу полесно е да го отфрли Јеховиното праведно владеење. Сѐ додека не биде уништен, Сатана ќе продолжи да го клевети Јехова. Освен тоа, ќе се обидува да те наведе и тебе да му свртиш грб. Дали ќе успее во тоа?

ТВОЈОТ УДЕЛ ВО СПОРНОТО ПРАШАЊЕ

16. Како можеш да го направиш она што пропуштиле да го сторат Адам и Ева?

16 Јехова ни дозволува нам како несовршени луѓе да имаме удел во посветувањето на неговото име. Всушност, ти можеш да го направиш она што пропуштиле да го сторат Адам и Ева. Иако живееме во свет кој е исполнет со луѓе што го оцрнуваат и валкаат Јеховиното име, ти имаш можност храбро да застанеш во одбрана на вистината. Можеш да го одбраниш Божјето име така што ќе им кажуваш на другите дека Јехова е свет, праведен, добар и полн со љубов (Иса. 29:23). Можеш да покажеш дека го поддржуваш како свој Владетел. Освен тоа, можеш да им помогнеш на луѓето да сфатат дека единствено Јеховиното владеење е праведно, и дека само тоа ќе им донесе вистински мир и среќа на сите созданија (Пс. 37:9, 37; 146:5, 6, 10).

17. Како Исус го објавувал Јеховиното име?

17 Кога застануваме во одбрана на Јеховиното име, ние го следиме примерот на Исус Христос (Јован 17:26). Тој го објавувал името на својот Татко. Како? Така што го користел името Јехова и им кажувал на другите каков Бог навистина е Тој. На пример, Исус ги побивал учењата на фарисеите, кои го претставувале Јехова како суров, ладен и немилосрден Бог што има премногу барања. Тој им помогнал на луѓето да сфатат дека неговиот Татко е стрплив, разумен, полн со љубов и спремен да прости. Освен тоа, им помогнал да го запознаат Јехова така што совршено ги одразувал неговите особини во сѐ што правел (Јован 14:9).

18. Како можеме да ги побиеме лагите и клеветите кои противниците ги шират за Јехова?

18 Исто како Исус, и ние можеме да им го кажуваме на другите она што го знаеме за Јехова, и на тој начин да им помогнеме да имаат стравопочит кон неговото име. Можеме да им кажеме колку добар Бог е тој и колку многу нѐ сака. Така ќе ги побиеме лагите и клеветите кои противниците ги шират за него. Освен тоа, и ние можеме да ги одразуваме особините на Јехова. Ова е возможно и покрај тоа што сме несовршени (Еф. 5:1, 2). Кога со своите зборови и постапки им покажуваме на другите каков навистина е Јехова, ние придонесуваме да се свети неговото име. Го посветуваме тоа име така што им помагаме да ги отфрлат лагите за Бог. Исто така, докажуваме дека несовршени луѓе можат да му останат верни на Јехова (Јов 27:5).

Сакаме да им помогнеме на интересентите да сфатат дека Јехова е добар и дека многу нѐ сака (Види во пасуси 18-19) *

19. Како Исаија 63:7 ни помага да сфатиме што треба да ни биде главна цел кога ги поучуваме другите?

19 Можеме да го светиме Јеховиното име на уште еден начин. Кога ги поучуваме другите за библиските вистини, честопати нагласуваме дека Јехова има право да владее над сѐ. Сепак, иако е важно да ги поучуваме за Божјите закони, главна цел ни е да им помогнеме да го засакаат нашиот Татко, Јехова, и да му бидат верни. Од таа причина, треба да им ги посочиме неговите прекрасни особини, односно да им помогнеме да ја видат личноста што стои зад името Јехова. (Прочитај Исаија 63:7.) Ако ги поучуваме другите на ваков начин, ќе им помогнеме да развијат љубов кон Јехова и да му бидат послушни затоа што сакаат да му бидат верни.

20. Што ќе разгледаме во следната статија?

20 Како можеме со нашето поучување и однесување да им помогнеме на другите да имаат убаво мислење за Јехова и да сакаат да се зближат со него? Ова прашање ќе биде разгледано во следната статија.

ПЕСНА 2 Јехова е името твое

^ пас. 5 Кое спорно прашање ги засега сите суштества обдарени со разум? Зошто тоа е толку важно, и каков удел има секој од нас во неговото разрешување? Ако го разбереме одговорот на овие прашања, ќе можеме уште повеќе да си го зацврстиме пријателството со Јехова.

^ пас. 61 ОПИС НА СЛИКАТА: Ѓаволот го наклеветил Бог така што ѝ кажал на Ева дека Тој е лажливец. Низ вековите, Сатана ширел лажни учења како, на пример, дека Бог е суров и дека не ги создал луѓето.

^ пас. 63 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат ги истакнува Божјите особини додека проучува со интересентот.