Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Самосовладување — неопходно за да ја зачуваме Јеховината милост

Самосовладување — неопходно за да ја зачуваме Јеховината милост

„Кога братучед ми почна да се расправа со мене, го фатив за врат и почнав да го давам. Ми идеше да го убијам“ (Пол).

„Дома ми се случуваше да избувнам и за најмала работа. Кршев мебел, играчки, сѐ што ќе ми дојдеше под рака“ (Марко).

Можеби ние не одиме во такви крајности. Сепак, понекогаш сите имаме проблем да се контролираме. Главната причина за ова е гревот што сме го наследиле од првиот човек, Адам (Рим. 5:12). На некои, како Пол и Марко, им е тешко да си го контролираат гневот. На други не им е лесно да си ги контролираат мислите. Можеби постојано размислуваат за работи што ги плашат или, пак, се измачуваат со негативни мисли. А има и такви на кои им е тешко да ѝ одолеат на желбата да направат неморал, да се опиваат или да земаат дрога.

Оние што не си ги контролираат мислите, желбите и постапките можат да си го уништат животот. Но, не мора да биде така и со нас. Што може да ни помогне? Самосовладувањето. За да ја развиеме и покажуваме оваа особина, да разгледаме три прашања: 1) Што е самосовладувањето? 2) Зошто е толку важно? 3) Како може да ја развиваме оваа особина која е плод на светиот дух? (Гал. 5:22, 23). А потоа ќе видиме што може да стори секој од нас ако понекогаш ни е тешко да покажуваме самосовладување.

ШТО Е САМОСОВЛАДУВАЊЕТО?

Оној што има самосовладување не реагира на секоја провокација и не ѝ подлегнува на секоја желба или нагон. Наместо тоа, внимава да не зборува и да не постапува на начин кој не му се допаѓа на Бог.

Исус покажал извонредно самосовладување

Од примерот на Исус учиме што значи да се покажува самосовладување. Библијата вели: „Кога го навредуваа, не враќаше со навреди. Кога страдаше, не се закануваше, туку му се препушти на оној што праведно суди“ (1. Пет. 2:23). Исус покажал такво самосовладување кога непријателите го исмејувале додека бил прикован на маченичкиот столб (Мат. 27:39-44). Тој покажал извонредна самоконтрола кога верските водачи се обидувале „да го фатат за збор“ (Мат. 22:15-22). И каков само пример ни дал кога некои разгневени Евреи сакале да го каменуваат! Наместо да им врати, Исус се скрил и излегол од храмот (Јован 8:57-59).

Можеме ли и ние да постапуваме како Исус? Да, во одредена мера. Апостол Петар напишал: „Христос страдаше за вас и ви даде пример во сѐ да одите по неговите стапки“ (1. Пет. 2:21). Според тоа, иако сме несовршени, можеме да го следиме неговиот пример и да покажуваме самосовладување. Зошто ова е многу важно?

ЗОШТО Е МНОГУ ВАЖНО ДА ПОКАЖУВАМЕ САМОСОВЛАДУВАЊЕ?

Мора да имаме самосовладување ако сакаме да ја зачуваме Јеховината милост. Дури и ако со години верно му служиме на Бог, би можеле да го изгубиме нашето пријателство со него ако не ги контролираме нашите зборови и постапки.

Размисли за Мојсеј, кој во тоа време бил „најкроткиот од сите луѓе на земјата“ (4. Мој. 12:3). Откако со децении стрпливо го поднесувал негодувањето на Израелците, во една прилика тој пропуштил да покаже самосовладување. Се разгневил кога тие повторно се жалеле дека немаат доволно вода. Тој му се обратил на народот со остри зборови, велејќи: „Чујте сега, бунтовници! Треба ли од оваа карпа да ви извадиме вода?“ (4. Мој. 20:2-11).

Мојсеј не покажал самосовладување. Не му ја припишал на Јехова заслугата за тоа што со чудо им обезбедил вода (Пс. 106:32, 33). Поради тоа, Бог не му дозволил да влезе во Ветената земја (4. Мој. 20:12). До крајот на својот живот, Мојсеј веројатно се каел што не покажал самосовладување (5. Мој. 3:23-27).

Што учиме од ова? Дури и ако сме во вистината долго време, никогаш не треба да зборуваме без почит со оние што нѐ нервираат или имаат потреба од исправка (Еф. 4:32; Кол. 3:12). Точно е дека, како што старееме, може да ни биде сѐ потешко да покажуваме стрпливост. Но, сети се на Мојсеј. Не би сакале да си го уништиме доброто име кај Јехова така што ќе пропуштиме да покажеме самосовладување. Што ќе ни помогне да ја развиеме оваа многу важна особина?

КАКО ДА РАЗВИЕМЕ САМОСОВЛАДУВАЊЕ

Моли се за свет дух. Зошто? Затоа што самосовладувањето е плод на Божјиот дух, кој Јехова им го дава на оние што го бараат од него (Лука 11:13). Преку својот дух, тој ни ја дава потребната сила (Фил. 4:13). Јехова може да ни помогне да ги развиваме и другите плодови на духот како, на пример, љубовта, која ќе ни олесни да покажуваме самосовладување (1. Кор. 13:5).

Не се изложувај на ништо што ќе ти отежне да покажуваш самосовладување

Немој да се изложуваш на работи што ќе ти отежнат да покажуваш самосовладување. На пример, немој да одиш на интернет-страници или да избираш каква и да било забава во која се прикажува неисправно однесување (Еф. 5:3, 4). Всушност, мора да се чуваме од сето она што може да нѐ наведе да постапиме погрешно (Изр. 22:3; 1. Кор. 6:12). Ако некому не му е лесно да си ги контролира сексуалните желби, не треба воопшто да чита љубовни романи или да гледа љубовни филмови.

Можеби ни е тешко да го примениме овој совет. Сепак, ако вложиме труд, Јехова ќе ни даде сила да се совладуваме (2. Пет. 1:5-8). Тој ќе ни помогне да си ги контролираме мислите, зборовите и постапките. Доказ за ова се Пол и Марко, кои беа спомнати на почетокот. Секој од нив научил да се контролира и да не избувнува. Размисли и за еден брат кој често избувнувал додека возел, па дури и се расправал со другите возачи. Што направил во врска со тоа? Тој вели: „Секој ден се молев сесрдно. Проучував статии за самосовладување и учев напамет библиски стихови што можат да ми помогнат. Иако со години работам на оваа особина, секое утро се потсетувам колку е важно да бидам смирен. Освен тоа, се трудам да излегувам порано од дома за да не морам да брзам“.

АКО ПРОПУШТИМЕ ДА ПОКАЖЕМЕ САМОСОВЛАДУВАЊЕ

Понекогаш нема да покажеме самосовладување. Кога ќе се случи такво нешто, можеби ќе ни биде срам да му се обратиме на Јехова во молитва. Но, всушност, тогаш молитвата ни е најпотребна. Затоа, веднаш помоли му се на Бог. Моли го да ти прости, побарај од него да ти помогне, и биди решен да не ја направиш истата грешка (Пс. 51:9-11). Јехова сигурно нема да ја презре твојата молитва ако искрено го молиш за милост (Пс. 102:17). Апостол Јован нѐ потсетува дека крвта на Божјиот Син „нѐ исчистува од секаков грев“ (1. Јов. 1:7; 2:1; Пс. 86:5). Не заборавај дека Јехова очекува од своите слуги на Земјата секогаш одново да им простуваат на другите. Затоа, може да бидеме уверени дека тој ќе го стори истото и за нас (Мат. 18:21, 22; Кол. 3:13).

На Јехова не му било мило кога Мојсеј за момент изгубил самоконтрола во пустината. Сепак му простил. Божјата Реч вели дека Мојсеј бил човек со извонредна вера, и дека е пример за нас денес (5. Мој. 34:10; Евр. 11:24-28). Јехова не му дозволил да влезе во Ветената земја, но ќе му дозволи да живее вечно во рајот на Земјата. И ние ќе можеме да живееме засекогаш ако се трудиме да ја развиваме и да ја покажуваме оваа многу важна особина — самосовладувањето (1. Кор. 9:25).