Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Дали особините наведени во Галатите 5:22, 23 се единствените плодови на духот?

Во овие стихови се наведени девет христијански особини: „Плодовите на духот се: љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување“. Но, не треба да заклучиме дека тоа се единствените убави особини што можеме да ги развиеме со помош на светиот дух.

Забележи што напишал апостол Павле во претходните неколку стихови: „Делата на телото се... блуд, нечистотија, бесрамност, идолопоклонство, гатање, непријателства, караници, љубомора, изливи на гнев, судири, поделби, секти, завист, пијанки, разуздани гозби и други слични работи“ (Гал. 5:19-21). Павле можел да наброи и други работи кои спаѓаат во „делата на телото“ како, на пример, оние што се спомнати во Колошаните 3:5. На сличен начин, откако навел девет убави особини, тој рекол: „Нема закон против вакви нешта“ (Гал. 5:23, Превод од д-р Душан Х. Константинов). Очигледно, Павле немал намера да ги наброи сите убави особини што можеме да ги развиваме и покажуваме со помош на светиот дух.

Ова може да се види и од неговото послание до собранието во Ефес, во кое напишал: „Плодот на светлината се состои од секаква доброта и праведност и вистина“ (Еф. 5:8, 9). Овде, покрај добротата, која е плод на духот, Павле ги спомнал праведноста и вистината. Значи, тој можел да ги наведе и овие две убави особини кога ги набројал плодовите на духот во Галатите 5:22, 23.

На сличен начин, Павле го поттикнал Тимотеј да се стреми „кон праведност, оддаденост на Бог, вера, љубов, истрајност, благост“ — шест убави особини (1. Тим. 6:11). Само три од нив (верата, љубовта и благоста) се спомнати како плодови на духот. Но, се разбира, на Тимотеј му бил потребен свет дух да ги развие и другите особини што ги спомнал Павле: праведност, оддаденост на Бог и истрајност. (Спореди со Колошаните 3:12; 2. Петрово 1:5-7.)

Значи, можеме да заклучиме дека во Галатите 5:22, 23 не е наведен целосен список на особините што треба да ги имаат христијаните. Точно, Божјиот дух може да ни помогне да ги стекнеме и да ги покажуваме деветте особини што се набројани како плодови на духот. Но, треба да развиваме и други особини ако сакаме да станеме зрели христијани и да ја облечеме „новата личност, која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и верност“ (Еф. 4:24).