Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 29

„Кога сум слаб, тогаш сум силен“

„Кога сум слаб, тогаш сум силен“

Уживам во слабостите, во навредите, во немаштиите, во прогонствата и во тешкотиите за Христос (2. КОР. 12:10)

ПЕСНА 38 Тој ќе те зајакне

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што признал апостол Павле во врска со себеси?

АПОСТОЛ Павле признал дека понекогаш се чувствувал слаб. * Тој бил свесен дека полека ја губи физичката сила (2. Кор. 4:16). Освен тоа, отворено кажал дека мора да се бори за да постапува исправно и дека Јехова не му одговарал секогаш на молитвите онака како што очекувал (2. Кор. 12:7-9; Рим. 7:21-23). Исто така, Павле признал дека неговите противници го сметале за безначаен. Сепак, тој не дозволил ниту негативното мислење на другите ниту личните слабости да влијаат врз него и да го наведат да се чувствува безвредно (2. Кор. 10:10-12, 17, 18).

2. Според 2. Коринќаните 12:9, 10, која скапоцена поука ја извлекол Павле?

2 Павле извлекол една скапоцена поука. Тој сфатил дека човек може да биде силен дури и кога си мисли дека е слаб. (Прочитај 2. Коринќаните 12:9, 10.) Јехова му рекол: „Мојата сила се покажува во потполност кога си слаб“. Со тоа, всушност, му кажал дека Тој ќе му ја даде силата што му недостигала. Да видиме најпрво зошто не треба да се вознемируваме кога нашите противници нѐ навредуваат.

„УЖИВАМ... ВО НАВРЕДИТЕ“

3. Што ќе ни помогне да имаме ист став кон навредите како апостол Павле?

3 Никој од нас не сака да биде мета на навреди. Што може да се случи ако непријателите нѐ навредуваат и ако тоа многу нѐ вознемирува? Би можеле да се обесхрабриме (Изр. 24:10). Тогаш, како треба да гледаме на таквите навреди? Добро е да имаме ист став како апостол Павле, кој рекол: „Уживам... во навредите“ (2. Кор. 12:10). Всушност, навредите и противењето се доказ дека сме вистински ученици на Христос (1. Пет. 4:14). Исус рекол дека неговите следбеници ќе бидат прогонувани (Јован 15:18-20). Ова било случај во првиот век. Во тоа време, оние што биле под влијание на грчката култура ги сметале христијаните за прости и безначајни. Слично гледиште имале и Евреите. На пример, некои од нив ги сметале апостолите Петар и Јован за „неуки и обични“ (Дела 4:13). Бидејќи немале никакво политичко влијание врз властите и никаква воена моќ, христијаните изгледале слаби и биле ставени на маргините на општеството.

4. Како влијаел врз првите христијани негативниот став на нивните противници?

4 Дали првите христијани дозволиле негативниот став на нивните противници да ги спречи да му служат на Бог? Не. На пример, апостолите Петар и Јован сметале дека е чест да бидат прогонувани поради тоа што биле ученици на Исус и ги поучувале другите за него (Дела 4:18-21; 5:27-29, 40-42). Христијаните немале никаква причина да се срамат. Всушност, историјата сведочи дека тие понизни Христови ученици од првиот век направиле далеку повеќе за доброто на човештвото отколку кој и да било од нивните противници. На пример, библиските книги што некои од тие христијани ги напишале под водство на Божјиот дух, до ден-денес им помагаат и им влеваат надеж на милиони луѓе. Исто така, Царството за кое зборувале веќе постои и наскоро ќе завладее над целата Земја (Мат. 24:14). А што се случило со моќната политичка империја што ги прогонувала? Таа потонала во заборав — од неа не останала ни трага. Освен тоа, тие верни ученици сега се небесни цареви. Но, оние што им се противеле се мртви. А ако еден ден воскреснат, ќе бидат поданици на Царството што го објавувале христијаните кои тие ги мразеле (Отк. 5:10).

5. Според Јован 15:19, зошто луѓето од светот гледаат со презир на Јеховиниот народ?

5 И денес некои луѓе гледаат со презир на нас и нѐ исмејуваат. Тие сметаат дека сме прости и безначајни. Зошто? Затоа што немаме исти ставови како нив. Се трудиме да бидеме понизни, кротки и послушни. Од друга страна, луѓето од светот им се восхитуваат на оние што се горди, вообразени и бунтовни. Освен тоа, ние не се мешаме во политика и не одиме во војска. Бидејќи не дозволуваме светот да нѐ втисне во својот калап, многу луѓе сметаат дека сме никој и ништо. (Прочитај Јован 15:19; Рим. 12:2.)

6. Што постигнува Јехова преку својот народ?

6 Без разлика како нѐ гледа светот, Јехова прави моќни дела преку нас. Под негово водство, се извршува најголемото проповедничко дело во човечката историја. Денес неговите слуги ги издаваат најпреведуваните и најтиражните списанија во светот, и ја користат Библијата за да им помогнат на милиони луѓе да водат подобар живот. Сета заслуга за ова му припаѓа на Јехова, кој користи навидум слаба и безначајна група луѓе да прави моќни дела. Но, дали Јехова може да ти даде сила и да те зајакне и тебе лично? Ако да, што мора да направиш за да ја добиеш потребната помош од него? Да разгледаме три работи што може да ги научиме од апостол Павле.

НЕ ПОТПИРАЈ СЕ НА СОПСТВЕНАТА СИЛА

7. Што учиме од примерот на Павле?

7 Една работа што ја учиме од Павле е да не се потпираме на сопствената сила или способности додека му служиме на Јехова. Од човечка гледна точка, Павле имал добри причини да биде горд и самоуверен. Тој пораснал во Тарс, главниот град на Киликија, провинција во Римското Царство. Тарс бил богат град кој бил познат по своите школи. Павле имал високо образование — тој бил поучен од Гамалиел, еден од најпочитуваните еврејски водачи во првиот век (Дела 5:34; 22:3). Некое време и самиот Павле бил влијателен човек во еврејското општество. Тој рекол: „Напредував во јудејството повеќе од многумина мои врсници во мојот народ“ (Гал. 1:13, 14; Дела 26:4). Сепак, Павле не се потпирал на себеси.

Павле сметал дека работите на кои светот им придава голема важност се обично ѓубре во споредба со честа да биде Христов ученик (Види во пасус 8) *

8. Според Филипјаните 3:8, како гледал Павле на она што го оставил зад себе, и во која смисла уживал во слабостите?

8 Павле спремно се откажал од работите на кои тогашниот свет им придавал голема важност. Всушност, тој сфатил дека она што го имал порано било обичен „смет“, односно ѓубре. (Прочитај Филипјаните 3:8.) Павле скапо платил затоа што станал следбеник на Христос. Неговиот сопствен народ го мразел (Дела 23:12-14). А неговите сограѓани, Римјаните, го тепале и повеќе пати го ставиле в затвор (Дела 16:19-24, 37). Освен тоа, Павле бил длабоко свесен за сопствените слабости и ограничувања (Рим. 7:21-25). Но, не дозволил овие работи да го разочараат и да го обесхрабрат. Напротив, тој рекол: „Уживам во слабостите“. Зошто имал таков став? Бидејќи кога се чувствувал слаб, можел јасно да види дека силата што ја има не е негова, туку „потекнува од Бог“ (2. Кор. 4:7; 12:10).

9. Што ќе можеме да почувствуваме ако немаме некои работи на кои светот им придава голема важност?

9 Ако сакаме Јехова да ни помага, не смееме да мислиме дека нашата вредност зависи од нашата физичка сила, образование, потекло или богатството што го поседуваме. Нема потреба да ги имаме овие работи за тој да може да нѐ користи. Всушност, меѓу Божјите слуги „нема мнозина мудри според човечките мерила, ниту мнозина моќни, ниту мнозина со благородничко потекло“. Наместо тоа, Јехова избрал да го користи „она што светот го смета за слабо“ (1. Кор. 1:26, 27). Затоа, немој да мислиш дека таквите наводни неповолности се пречка да му служиш на Јехова. Напротив, токму тие ти даваат можност да ја почувствуваш неговата моќна рака во твојот живот. На пример, ако се плашиш од оние што ги напаѓаат твоите верувања, моли го Јехова да ти помогне смело да ја браниш својата вера (Еф. 6:19, 20). Ако се бориш со хронична болест, моли го Јехова да ти ја даде потребната сила за да му служиш најдобро што можеш. Секогаш кога ќе почувствуваш дека Јехова ти помага, твојата вера се зајакнува и добиваш нова сила.

УЧИ ОД БИБЛИСКИТЕ ПРИМЕРИ

10. Зошто треба да го проучуваме примерот на верните Божји слуги од минатото, како оние што се спомнати во Евреите 11:32-34?

10 Павле длабоко ги истражувал светите списи. Тој знаел многу факти, но исто така учел од примерот на верните Божји слуги кои се спомнати во Библијата. Павле ги поттикнал и еврејските христијани да размислуваат за она што им се случувало на тие луѓе. (Прочитај Евреите 11:32-34.) Еден од овие Божји слуги бил цар Давид. Тој морал да се справи со противење не само од своите непријатели туку и од оние што некогаш му биле пријатели. Веројатно Павле црпел голема сила од тоа што размислувал за животот на овој цар. Да видиме како и ние, слично на Павле, може да размислуваме и да црпиме сила од примерот на Давид.

Кога се соочил со Голијат, Давид изгледал слаб и немоќен. Но, бидејќи не се потпрел на себе туку на Јехова, тој го победил својот непријател. (Види во пасус 11)

11. Зошто изгледало дека Давид е слаб и немоќен? (Види ја сликата на насловната страница.)

11 Голијат, кој бил силен воин, го сметал Давид за слаб и немоќен, и го гледал со презир. Овој обучен војник бил многу поголем и подобро вооружен. За разлика од него, Давид бил само еден неискусен младич кој изгледал неподготвен за битка. Но, всушност, тогаш кога изгледал најслаб, Давид бил најсилен. Бидејќи не се потпрел на себе туку на Јехова, тој го победил својот непријател (1. Сам. 17:41-45, 50).

12. Со кој друг проблем морал да се справи Давид?

12 Давид морал да се справи со уште еден проблем поради кој можел да се чувствува немоќно. Тој верно му служел на Саул, кого Јехова го поставил за цар над Израел. Во почетокот, цар Саул го почитувал Давид. Но подоцна, поради својата гордост, му станал љубоморен. Саул постапувал многу лошо со Давид, па дури и се обидел да го убие (1. Сам. 18:6-9, 29; 19:9-11).

13. Каков став имал Давид и покрај тоа што цар Саул постапувал неправедно со него?

13 И покрај тоа што Саул постапувал неправедно со него, Давид и понатаму покажувал почит кон овој цар што бил поставен од Јехова (1. Сам. 24:6). Тој не го обвинувал Бог за лошите постапки на Саул. Наместо тоа, Давид имал доверба дека Јехова ќе му ја даде потребната сила за да се справи со овој тежок испит (Пс. 18:1, натпис).

14. Слично на Давид, со какви тешкотии се соочил апостол Павле?

14 И апостол Павле се нашол во слични околности како Давид. Неговите непријатели биле далеку помоќни од него. Многу влијателни верски и политички водачи во негово време го мразеле. Павле честопати бил тепан и ставан во затвор. Освен тоа, оние што требало да му бидат пријатели се однесувале лошо со него, исто како што било случај и со Давид. Некои во христијанското собрание дури и отворено му се противеле (2. Кор. 12:11; Фил. 3:18). Но, Павле успеал да ги надвладее сите што биле против него. Како? Тој продолжил да проповеда и покрај противењето. Им останал верен на своите браќа и сестри дури и кога тие го разочарувале. И, што е најважно од сѐ, му бил верен на својот Бог до крајот на животот (2. Тим. 4:8). Успеал да ги преброди сите овие тешкотии затоа што се потпирал на Јехова, а не на својата сила и способности.

Разговарај љубезно и со почит со оние што ги доведуваат во прашање твоите христијански верувања (Види во пасус 15) *

15. Која е нашата цел, и како може да ја постигнеме?

15 Дали и ти си изложен на навреди и исмејување од страна на твоите соученици, колеги или роднини што не се Јеховини сведоци? Дали некој во собранието се однесува лошо со тебе? Ако да, сети се на Давид и на Павле. И ти можеш да го надвладееш „злото со добро“ (Рим. 12:21). Твојата цел не е да ги поразиш своите непријатели како што Давид го поразил Голијат, туку да ја всадиш Божјата Реч во умот и срцето на луѓето. Можеш да го постигнеш тоа ако одговараш на нивните прашања со помош на Библијата, ако постапуваш љубезно и со почит кон оние што се однесуваат лошо со тебе, и ако им правиш добро на сите, дури и на своите непријатели (Мат. 5:44; 1. Пет. 3:15-17).

ПРИФАТИ ПОМОШ ОД ДРУГИТЕ

16-17. Што не заборавил Павле?

16 Пред да стане ученик на Исус, апостол Павле бил дрзок млад човек кој ги прогонувал Христовите следбеници (Дела 7:58; 1. Тим. 1:13). Самиот Исус го спречил Павле — кој тогаш бил познат како Савле — да го напаѓа христијанското собрание. Тој му зборувал од небото и го ослепел. За повторно да прогледа, Павле бил принуден да бара помош токму од оние што ги прогонувал. Тој понизно прифатил помош од еден ученик по име Ананија, кој му го вратил видот (Дела 9:3-9, 17, 18).

17 Иако подоцна имал истакната улога во христијанското собрание, Павле никогаш не ја заборавил поуката што му ја дал Исус на патот за Дамаск. Тој останал понизен, и спремно прифаќал помош од своите браќа и сестри. Павле отворено кажал дека тие му помагале и го зајакнувале (Кол. 4:10, 11).

18. Зошто понекогаш не сме спремни да прифаќаме помош од другите?

18 Што учиме од Павле? Кога за првпат сме почнале да се дружиме со Јеховините сведоци, можеби спремно сме прифаќале помош од другите. Сме биле свесни дека во духовен поглед сме како „мали деца“ и дека има многу да учиме (1. Кор. 3:1, 2). Но, како е сега? Ако веќе со години му служиме на Јехова и сме стекнале поголемо искуство, можеби не сме баш спремни да прифаќаме помош, особено од оние што не се толку долго во вистината. Сепак, не смееме да заборавиме дека Јехова честопати ги користи нашите браќа и сестри за да нѐ зајакне (Рим. 1:11, 12). Ако сакаме тој да ни ја даде потребната сила, треба да ја прифатиме нивната помош.

19. Зошто Павле постигнал многу?

19 Откако станал христијанин, Павле постигнал многу. Зошто? Затоа што сфатил дека успехот не зависи од нечија физичка сила, образование, богатство, потекло или положба во општеството. Напротив, тој сфатил дека, ако некој е понизен и се потпира на Јехова, може да прави големи дела. Да го следиме сите примерот на Павле така што 1) ќе се потпираме на Јехова, 2) ќе учиме од верните слуги спомнати во Библијата и 3) ќе прифаќаме помош од нашите браќа и сестри. Тогаш, колку и да мислиме дека сме слаби и немоќни, Јехова ќе ни помогне да бидеме силни!

ПЕСНА 71 Ние сме Јеховината војска!

^ пас. 5 Во оваа статија ќе го разгледаме примерот на апостол Павле. Ќе видиме дека, ако сме понизни, Јехова ќе ни ја даде потребната сила за да го поднесеме исмејувањето и да истраеме дури и кога мислиме дека сме слаби.

^ пас. 1 ПОЈАСНУВАЊЕ: Може да се чувствуваме слаби и безначајни од разни причини — затоа што сме несовршени, сиромашни, болни или, пак, не сме многу образовани. Освен тоа, и нашите непријатели сакаат да нѐ наведат да се чувствуваме безвредно така што нѐ напаѓаат вербално, па дури и физички.

^ пас. 57 ОПИС НА СЛИКАТА: Кога почнал да проповеда за Христос, Павле го оставил сето она што било дел од неговиот живот како фарисеј. Во тие работи можеби спаѓале филактериите и некои свитоци со световна мудрост.

^ пас. 61 ОПИС НА СЛИКАТА: Колегите се обидуваат да наведат еден наш брат да учествува во роденденска забава за некој од вработените.