Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 32

Биди понизен и скромен додека му служиш на Бог

Биди понизен и скромен додека му служиш на Бог

Оди скромно со твојот Бог (МИХ. 6:8)

ПЕСНА 31 Да одиме со Бог!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што кажал Давид за понизноста на Јехова?

ДАЛИ навистина може да се каже дека Јехова е понизен? Да. Во врска со Бог, цар Давид напишал: „Ти ми го даваш својот штит на спасението, твојата понизност ме прави голем“ (2. Сам. 22:36; Пс. 18:35). Кога ги напишал овие зборови, тој можеби мислел на денот кога Самоил дошол во домот на неговиот татко за да го помаза идниот цар на Израел. Иако Давид имал седум постари браќа, Јехова го избрал токму него за да биде цар наместо Саул (1. Сам. 16:1, 10-13).

2. Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Давид сигурно би се согласил со зборовите на еден друг псалмист, кој во врска со Јехова рекол: „Тој се наведнува за да ги погледне небото и земјата, од правот го подига бедниот... Го воздига сиромавиот за да го седне со достоинственици“ (Пс. 113:6-8). Во оваа статија, најпрво ќе разгледаме некои важни поуки за понизноста така што ќе се потсетиме на неколку ситуации во кои Јехова ја покажал оваа особина. Потоа ќе видиме што може да научиме за скромноста од цар Саул, од пророкот Даниел и од Исус.

ШТО МОЖЕ ДА НАУЧИМЕ ОД ПРИМЕРОТ НА ЈЕХОВА?

3. Како постапува Јехова со нас, и што покажува тоа?

3 Јехова покажува дека е понизен со начинот на кој постапува со своите несовршени слуги на Земјата. Тој не само што нѐ прифаќа како свои слуги, туку и нѐ смета за блиски пријатели (Пс. 25:14). За да ни овозможи да бидеме негови пријатели, Јехова прв презел чекор така што го дал својот Син како жртва за нашите гревови. Со тоа навистина покажал огромна милост и сочувство кон нас!

4. Што ни дал Јехова, и зошто?

4 Размисли за уште еден начин на кој Јехова покажува понизност. Како наш Творец, тој можел да нѐ создаде без способност сами да одлучуваме како ќе живееме. Но, не го направил тоа. Нѐ создал според својот лик и ни дал слободна волја. Иако сме ситни и безначајни во споредба со него, нему му се важни нашите одлуки. Тој сака да му служиме од срце затоа што го сакаме и затоа што сфаќаме дека е за наше добро да му бидеме послушни (5. Мој. 10:12; Иса. 48:17, 18). Ние сме многу благодарни што Јехова е толку понизен.

Исус е на небото заедно со некои од своите совладетели. Тие гледаат во голем број ангели. Некои од ангелите тргнуваат кон Земјата за да ги извршуваат своите задачи. Јехова им дал одредени овластувања на сите што се гледаат на оваа слика. (Види во пасус 5)

5. Како Јехова нѐ учи да бидеме понизни? (Види ја сликата на насловната страница.)

5 Јехова нѐ учи да бидеме понизни со начинот на кој постапува со нас. Тој е најмудрата личност во вселената. И покрај тоа, спремно прифаќа предлози од другите. На пример, Јехова дозволил неговиот Син да има удел во создавањето на сите други творби (Изр. 8:27-30; Кол. 1:15, 16). Иако е Семоќен, Јехова им дава одговорности и на другите. Тој го поставил Исус за Цар на неговото Царство, а ќе им даде одредена власт и на 144.000 луѓе кои ќе владеат заедно со неговиот Син (Лука 12:32). Се разбира, Јехова го оспособил Исус за да биде Цар и Првосвештеник (Евр. 5:8, 9). Тој ги оспособува и оние што ќе владеат заедно со неговиот Син. Сепак, откако ќе им ја довери таа задача, Јехова нема да ги проверува цело време како ја извршуваат. Наместо тоа, тој има доверба дека ќе го направат она што го очекува од нив (Отк. 5:10).

Го следиме примерот на Јехова кога ги обучуваме другите и им доверуваме одговорности (Види во пасуси 6-7) *

6-7. Што учиме од нашиот небесен Татко во врска со доверувањето одговорности на другите?

6 Ако нашиот небесен Татко — кој нема никаква потреба од помош — им доверува одговорности на другите, колку повеќе тоа треба да го правиме ние! На пример, дали си глава на семејството? Дали можеби служиш како собраниски старешина? Следи го примерот на Јехова така што ќе им доверуваш задачи на другите и нема постојано да им стоиш над глава за да проверуваш како ги извршуваат. Ако постапуваш како што постапува Бог, не само што ќе се заврши работата, туку и ќе можеш да ги оспособиш другите и да им помогнеш да стекнат поголема самодоверба (Иса. 41:10). Што друго можат да научат од Јехова оние кои имаат одредени одговорности?

7 Библијата покажува дека на Јехова му е важно што мислат неговите небесни синови (1. Цар. 22:19-22). Родители, како може да го следите неговиот пример? Кога е соодветно, замолете ги децата да предложат како да се направи одредена работа. И, кога е можно, применете ги нивните предлози.

8. Како Јехова покажал стрпливост кон Авраам и кон Сара?

8 Јехова покажува дека е понизен и со својата стрпливост. На пример, тој е стрплив кога некој негов слуга со почит ќе изрази сомневање во неговите одлуки. Јехова го сослушал Авраам кој изразил загриженост кога чул дека Содом и Гомор ќе бидат уништени (1. Мој. 18:22-33). Освен тоа, сети се како постапил Бог и со жена му на Авраам, Сара. Јехова не се навредил и не се налутил затоа што таа се насмеала кога ѝ ветил дека ќе забремени на стари години (1. Мој. 18:10-14). Напротив, го почитувал нејзиното достоинство.

9. Што можат родителите и старешините да научат од Јехова?

9 Родители и старешини, што може да научите од Јехова? Како реагирате кога вашите деца или некои браќа во собранието не се согласуваат со вашите одлуки? Дали веднаш се браните и им кажувате дека не се во право? Или, пак, се трудите да разберете зошто размислуваат така? Кога оние што имаат одредени одговорности го следат примерот на Јехова, тоа влијае добро врз семејствата и собранијата. Досега разгледавме што може да научиме за понизноста од Јехова. Сега ќе видиме што може да научиме за скромноста од некои Божји слуги кои се спомнати во Библијата.

ШТО МОЖЕ ДА НАУЧИМЕ ОД ПРИМЕРОТ НА ДРУГИТЕ?

10. Како Јехова нѐ поучува преку примерот на другите?

10 Јехова, нашиот „Најголем Учител“, ни дал примери во својата Реч за да нѐ поучи (Иса. 30:20, 21). Можеме да научиме многу од библиските извештаи каде што се спомнуваат личности кои покажувале особини што му се допаѓаат на Бог, во кои спаѓа и скромноста. А може да извлечеме поука и од она што им се случило на оние кои не покажувале такви убави особини (Пс. 37:37; 1. Кор. 10:11).

11. Што учиме од лошиот пример на Саул?

11 Размисли за она што се случило со цар Саул. Тој во почетокот бил скромен млад човек. Бил свесен за своите ограничувања, па дури и не сакал да прифати поголеми одговорности (1. Сам. 9:21; 10:20-22). Но, со текот на времето Саул станал вообразен и дрзок. Тој почнал да се однесува на ваков начин набрзо откако бил поставен за цар. Наместо да покаже доверба дека Јехова ќе се погрижи за народот, Саул принел жртва паленица иако немал такво овластување. Како последица на тоа, ја изгубил Јеховината милост, а на крајот го изгубил и царството (1. Сам. 13:8-14). Ќе бидеме мудри ако извлечеме поука од овој предупредувачки пример, и ако не постапуваме дрско и вообразено.

12. Како Даниел покажал скромност?

12 За разлика од Саул, пророкот Даниел ни оставил добар пример. Во текот на целиот свој живот, тој понизно и скромно му служел на Јехова, и секогаш барал водство од него. На пример, кога Јехова го употребил за да му го протолкува сонот на Навуходоносор, Даниел не си ја припишал себеси заслугата за тоа. Напротив, тој скромно му ја припишал сета заслуга и чест на Јехова (Дан. 2:26-28). Што учиме од ова? Ако на браќата им се допаѓаат нашите говори или ако имаме убави искуства во службата, за сето тоа треба да му оддадеме слава на Јехова. Треба скромно да признаеме дека без негова помош не би можеле да ги правиме овие работи (Фил. 4:13). Ако имаме ваков став, ние го следиме и убавиот пример на Исус. Како?

13. Што учиме за скромноста од зборовите на Исус кои се запишани во Јован 5:19, 30?

13 Иако бил совршен Божји Син, Исус бил свесен дека не може да направи ништо без Јехова. (Прочитај Јован 5:19, 30.) Тој никогаш не се обидел да ја приграби власта од својот небесен Татко. Во Филипјаните 2:6 пишува: „[Исус] не помислуваше да се граба — да биде еднаков со Бог“. Како послушен Син, тој бил свесен за своите граници и го почитувал авторитетот на својот Татко.

Исус бил свесен за своите граници и не ги пречекорувал (Види во пасус 14)

14. Како постапил Исус кога Јаков и Јован побарале од него нешто што не бил овластен да им го даде?

14 Размисли како постапил Исус кога неговите ученици Јаков и Јован му пристапиле заедно со мајка им и побарале од него нешто што не бил овластен да им го даде. Без двоумење, тој веднаш им кажал дека неговиот небесен Татко е тој што одлучува кој ќе седи од неговата десна и лева страна во Царството (Мат. 20:20-23). Исус никогаш не ги пречекорувал своите граници. Тој бил скромен. Никогаш не направил нешто за кое Јехова не го овластил (Јован 12:49). Како може да го следиме добриот пример на Исус?

Како може да бидеме скромни како Исус? (Види во пасуси 15-16) *

15-16. Како може да го примениме библискиот совет од 1. Коринќаните 4:6?

15 Може да бидеме скромни како Исус ако го примениме библискиот совет запишан во 1. Коринќаните 4:6. Таму стои: „Не одете преку она што е напишано“. Затоа, кога некој ќе побара совет од нас, не сакаме да му го наметнуваме нашето лично мислење ниту да го кажеме првото нешто што ќе ни падне на памет. Наместо тоа, треба да му укажеме на советите што се наоѓаат во Библијата и во нашите публикации. Така ќе покажеме дека сме свесни за своите граници. Со други зборови, скромно ќе признаеме дека не знаеме сѐ и дека советите на Семоќниот — неговите праведни одредби — се секогаш подобри од нашите (Отк. 15:3, 4).

16 Значи, кога покажуваме скромност, му оддаваме чест на Јехова. Но, добро е да бидеме скромни и од други причини. Сега ќе разгледаме како понизноста и скромноста можат да ни донесат радост и да ни помогнат да бидеме во добри односи со другите.

ЗОШТО Е ДОБРО ДА БИДЕМЕ ПОНИЗНИ И СКРОМНИ?

17. Зошто понизните и скромни луѓе се радосни?

17 Ако сме понизни и скромни, ќе бидеме порадосни. Зошто? Ако сме свесни за своите ограничувања, ќе бидеме благодарни и среќни за секоја помош што ја добиваме од другите. На пример, размисли што се случило откако Исус излекувал десет лепрозни луѓе. Само еден од нив се вратил за да му се заблагодари затоа што го излекувал од таа страшна болест. Бидејќи бил свесен дека не може да се излекува сам, овој понизен и скромен човек бил благодарен за помошта што ја добил од Исус, и му оддал слава на Бог (Лука 17:11-19).

18. Како понизноста и скромноста ни помагаат да имаме добри односи со другите? (Римјаните 12:10).

18 Оние што се понизни и скромни обично имаат добри односи со другите и имаат повеќе блиски пријатели. Зошто? Тие брзо ги забележуваат убавите особини кај другите и имаат доверба во нив. Понизните и скромните лица се радуваат кога другите успешно ги извршуваат своите задачи, и ја користат секоја прилика да ги пофалат и да им искажат почит. (Прочитај Римјаните 12:10.)

19. Зошто не треба да бидеме горделиви?

19 За разлика од нив, на горделивите луѓе им е тешко да ги пофалуваат другите. Тие повеќе сакаат да добиваат пофалби. Имаат навика да се споредуваат со другите и сакаат по секоја цена да бидат подобри од нив. Наместо да обучуваат други и да им доверуваат одговорности, горделивите луѓе сметаат дека самите треба да ги завршат работите бидејќи, според нив, никој друг не може да ги заврши како што треба. Тие обично се амбициозни и завидливи (Гал. 5:26). Таквите луѓе ретко имаат трајни пријателства. Ако забележиме дека имаме проблем со горделивоста, треба искрено да го молиме Јехова да го смениме таквиот начин на размислување за да не дозволиме таа лоша особина да се вкорени во нашата личност (Рим. 12:2).

20. Зошто треба да бидеме понизни и скромни?

20 Колку сме благодарни што Јехова ни дал извонреден пример за понизност! Гледаме дека тој е понизен од начинот на кој постапува со своите слуги, и сакаме и ние да бидеме како него. Освен тоа, сакаме да го следиме примерот на скромните слуги на Јехова кои понизно му служеле. Секогаш да му ги оддаваме на Бог славата и честа што ги заслужува (Отк. 4:11). Ако го правиме сето тоа, ќе можеме засекогаш да бидеме пријатели со нашиот небесен Татко, кој ги сака понизните и скромните луѓе.

ПЕСНА 123 Верно се држиме за теократскиот ред

^ пас. 5 Понизната личност е милосрдна и сочувствителна. Бидејќи Јехова покажува сочувство, со право може да кажеме дека е понизен. Во оваа статија ќе разгледаме како неговиот пример може да ни помогне да покажуваме уште поголема понизност. Исто така, ќе видиме што може да научиме за скромноста од цар Саул, од пророкот Даниел и од Исус.

^ пас. 58 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден старешина одвојува време за да обучи помлад брат да се грижи за собраниските подрачја за проповедање. Потоа го остава помладиот брат сам да ја извршува таа задача без постојано да го проверува.

^ пас. 62 ОПИС НА СЛИКАТА: Една сестра прашува еден старешина дали е во ред да оди на венчавка што ќе се одржи во црква. Тој не ѝ кажува свое мислење, туку ѝ посочува неколку библиски начела.