Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 36

Дали си спремен да станеш рибар на луѓе?

Дали си спремен да станеш рибар на луѓе?

„Не плаши се! Отсега ќе ловиш луѓе“ (ЛУКА 5:10)

ПЕСНА 73 Дај ни храброст!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Каква покана им упатил Исус на четворица рибари, и што направиле тие?

УЧЕНИЦИТЕ Петар, Андреј, Јаков и Јован биле рибари. Замисли колку се изненадиле кога Исус им рекол: „Тргнете по мене, и ќе ве направам рибари на луѓе!“ * Што направиле кога ја добиле таа покана? Библијата вели: „Веднаш ги оставија мрежите и појдоа по него“ (Мат. 4:18-22). Таа одлука била пресвртница во нивниот живот. Наместо да ловат риби, оттогаш тие требало да „ловат“ луѓе (Лука 5:10). Денес Исус им ја упатува истата покана на искрените лица кои ја сакаат вистината (Мат. 28:19, 20). Дали си ја прифатил неговата покана да станеш „рибар на луѓе“?

2. Зошто не треба избрзано да ја прифатиш поканата на Исус, и што треба да направиш пред да донесеш таква одлука?

2 Можеби ја проучуваш Библијата веќе некое време и си направил промени во својот живот. Сега стоиш пред одлука дали да станеш објавител на добрата вест. Ако се двоумиш дали да ја прифатиш поканата на Исус, не се обесхрабрувај. Тоа покажува дека веројатно си свесен колку е важна таа одлука. Иако Библијата вели дека Петар и неговите пријатели „веднаш“ ги оставиле своите рибарски мрежи, нивната одлука не била избрзана. Петар и брат му го запознале Исус и го прифатиле како Месија повеќе од шест месеци пред тоа (Јован 1:35-42). Сигурно и ти си научил многу работи за Јехова и за Исус, и сакаш да напредуваш во духовен поглед. Но, пред да донесеш одлука да станеш објавител, мора внимателно да размислиш. Што им помогнало на Петар, на Андреј и на другите да ја прифатат поканата на Исус?

3. Што ќе ти помогне да ја прифатиш поканата на Исус?

3 Првите ученици на Исус го сакале риболовот, добро си ја знаеле работата, биле храбри и самодисциплинирани. Без сомнение, тоа им помогнало успешно да ја проповедаат добрата вест. Во оваа статија ќе разгледаме како истите тие работи можат да ти помогнат и тебе добро да проповедаш и да ги поучуваш другите.

РАЗГОРИ КАЈ СЕБЕ ЖЕЛБА ДА ПРОПОВЕДАШ

Петар и некои други станале „рибари на луѓе“. Ова важно дело се извршува и денес (Види во пасуси 4-5)

4. Зошто Петар ловел риби?

4 Петар ловел риби за да си го издржува семејството. Но, за него тоа не било само работа. Очигледно тој многу го сакал риболовот (Јован 21:3, 9-15). А го засакал и проповедањето. Со Јеховина помош, Петар станал многу добар проповедник (Дела 2:14, 41).

5. Според Лука 5:8-11, зошто Петар се исплашил, и што ќе ни помогне нам да не се плашиме?

5 Ние проповедаме затоа што го сакаме Јехова. Тоа е најважната причина зошто го извршуваме ова дело. Нашата љубов кон Јехова ќе ни помогне да проповедаме дури и ако си мислиме дека не сме доволно способни да го правиме тоа. Кога го повикал Петар да стане рибар на луѓе, Исус му рекол: „Не плаши се!“ (Прочитај Лука 5:8-11.) Петар не се плашел од она што можело да му се случи ако станел ученик на Исус. Напротив, бил толку запрепастен кога со чудо уловиле многу риби, што сметал дека не е достоен за честа да соработува со Исус. А како е со тебе? Можеби ти се плашиш кога размислуваш што сѐ се очекува од еден Христов ученик. Ако е така, труди се твојата љубов кон Јехова, кон Исус и кон луѓето сѐ повеќе да расте. Тоа ќе те поттикне да ја прифатиш поканата на Исус да станеш рибар на луѓе (Мат. 22:37, 39; Јован 14:15).

6. Кои други причини нѐ поттикнуваат да проповедаме?

6 Да разгледаме и други причини што нѐ поттикнуваат да проповедаме. Сакаме да ја послушаме следнава заповед на Исус: „Одете и правете ученици“ (Мат. 28:19, 20). Освен тоа, проповедаме затоа што луѓето се „измачени и расеани“, и имаат очајна потреба да ја дознаат вистината за Царството (Мат. 9:36). Јехова сака најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината (1. Тим. 2:4).

7. Како во Римјаните 10:13-15 е нагласено колку е важно да проповедаме?

7 Ќе сакаме да учествуваме во проповедничкото дело ако размислуваме дека така се спасуваат животи. Рибарите ги ловат рибите за да ги продаваат или да ги јадат. А ние ги „ловиме“ луѓето — односно им помагаме да станат Христови ученици — за да можат да се спасат. (Прочитај Римјаните 10:13-15; 1. Тим. 4:16).

НАУЧИ КАКО ДА ПРОПОВЕДАШ

8-9. Што мора да знаат рибарите, и зошто?

8 Во времето на Исус, рибарите во Израел морале да знаат какви риби би можеле да уловат (3. Мој. 11:9-12). Освен тоа, требало да знаат каде точно можат да ги најдат. Рибите најчесто се задржуваат на места каде што условите во водата им се погодни и каде што има многу храна. Дали е важно кога рибарот оди да лови? Еден мисионер кој служи на остров во Тихиот Океан сфатил дека има одредено време кога е најдобро да се ловат риби. Кога еден тамошен Јеховин сведок го викнал да одат заедно по риба, мисионерот му рекол: „Ќе се најдеме утре во девет наутро“. А братот му одговорил: „Очигледно не ме разбра. Одиме по риба кога е најдобро време да се лови, а не кога нам најмногу ни одговара“.

9 Слично на рибарите, и учениците на Исус во првиот век оделе на места каде што имало луѓе, и тоа во време кога постоела најголема веројатност да ги најдат таму. На пример, тие проповедале во храмот и во синагогите, од куќа до куќа и на плоштадите (Дела 5:42; 17:17; 18:4). И ние треба да знаеме каде и кога најчесто можеме да ги најдеме луѓето на нашето подрачје. Важно е да бидеме приспособливи и да проповедаме кога е најповолно време, а не кога нам најмногу ни одговара (1. Кор. 9:19-23).

ДОБРИТЕ РИБАРИ... 1. ловат онаму каде што знаат дека има риба и кога е најдоброто време да се лови (Види во пасуси 8-9)

10. Какви публикации ни обезбедува Јеховината организација?

10 Рибарите треба да имаат соодветна опрема и мора да знаат како да ја користат. И ние треба да бидеме соодветно опремени за да проповедаме, и треба да знаеме како да ја користиме нашата опрема. Исус им дал јасни упатства на своите ученици за тоа како да ја објавуваат добрата вест. Им кажал што да земат со себе, каде да проповедаат и што да кажат (Мат. 10:5-7; Лука 10:1-11). Денес Јеховината организација добро нѐ опремува за да го извршуваме делото што ни е доверено. Меѓу другото, таа ни обезбедила главни публикации за служба кои се многу корисни. * Исто така, нѐ поучува како да се служиме со нив. Ова ни помага да се чувствуваме сигурно и да ги развиеме вештините кои ни се потребни за добро да ги поучуваме другите (2. Тим. 2:15).

ДОБРИТЕ РИБАРИ... 2. имаат соодветна опрема и знаат како да ја користат (Види во пасус 10)

БИДИ ХРАБАР

11. Зошто мора да бидеме храбри за да проповедаме?

11 Рибарите треба да бидат храбри. Понекогаш се соочуваат со непредвидливи околности додека се на море бидејќи времето може ненадејно да се смени. Освен тоа, честопати ловат ноќе, кога е темно. И нам ни е потребна слична храброст. Кога ќе почнеме да проповедаме и да им кажуваме на другите дека сме Јеховини сведоци, може да наидеме на симболични бури. Можеби ќе се соочиме со противење од семејството и со исмевање од пријателите. Исто така, некои нема да сакаат да ја слушаат нашата порака. Но, ова не нѐ изненадува. Исус предупредил дека неговите следбеници ќе им проповедаат на луѓе кои ќе им се противат (Мат. 10:16).

12. Според Исус Навин 1:7-9, што може да ни помогне да бидеме уште похрабри?

12 Што ќе ти помогне да бидеш уште похрабар? Прво, мора да се увериш дека Исус и понатаму го води ова дело од небото (Јован 16:33; Отк. 14:14-16). Второ, зајакни си ја верата во Јеховиното ветување дека ќе се грижи за тебе (Мат. 6:32-34). Колку е поцврста твојата вера, толку поголема ќе биде и твојата храброст. Петар и неговите пријатели покажале голема вера кога ги оставиле мрежите — односно работата со која се издржувале — за да го следат Исус. На сличен начин, и ти си покажал голема вера кога си им кажал на пријателите и на семејството дека ја проучуваш Библијата со Јеховините сведоци и дека одиш на нивните состаноци. Без сомнение, си направил многу промени во своето однесување и во начинот на живот за да постапуваш според Јеховините праведни мерила. И за тоа ти биле потребни вера и храброст. Како што ќе расте твојата храброст, ќе бидеш сѐ посигурен дека „со тебе е Јехова, твојот Бог, каде и да појдеш!“ (Прочитај Исус Навин 1:7-9.)

ДОБРИТЕ РИБАРИ... 3. храбро ловат и покрај променливите околности (Види во пасуси 11-12)

13. Како размислувањето и молитвата можат да ти влеат поголема храброст?

13 Што друго може да ти влее поголема храброст? Моли се да бидеш храбар и смел (Дела 4:29, 31). Јехова ќе одговори на твоите молитви и никогаш нема да те напушти. Тој секогаш ќе ти помага. Освен тоа, можеш да размислуваш како Бог ги штител своите слуги во минатото. Размислувај и за тоа како ти помагал тебе лично кога си имал проблеми, и како ти давал сила за да направиш промени во својот живот. Нема никаков сомнеж дека оној што го избавил својот народ отворајќи го Црвеното Море може да ти помогне и тебе да бидеш Христов ученик (2. Мој. 14:13). Можеш да имаш иста вера како и псалмистот кој рекол: „Јехова е на мојата страна; нема да се плашам. Што може да ми направи земен човек?“ (Пс. 118:6).

14. Што учиш од примерот на двете сестри?

14 Друго нешто што може да ни влее храброст е тоа што ќе дознаеме како Јехова им помагал на други кои по природа се срамежливи, но научиле да бидат смели. На пример, една сестра по име Масае, која била срамежлива, си мислела дека нема никогаш да може да проповеда. Самата помисла да зборува со непознати луѓе ѝ била застрашувачка. Ѝ се чинело дека тоа е висока препрека која никогаш нема да може да ја прескокне. Таа сфатила дека мора да си ја продлабочи љубовта кон Бог и кон луѓето. Почнала посериозно да размислува за тоа колку е важно да се проповеда сега, и го молела Јехова кај неа да се разгори желба да го прави тоа. Успеала да го совлада стравот, па дури и служела како општ пионер. Јехова може да им помогне и на новите објавители да бидат храбри. Кога една сестра по име Томојо почнала да проповеда од куќа до куќа, на првата врата излегла станарка која ѝ се развикала: „Не ме интересираат Јеховини сведоци!“, и ја треснала вратата. Тогаш Томојо храбро ѝ рекла на сестрата што била со неа: „Слушна ли што кажа жената? Без да изустам ни збор, таа веднаш знаеше дека сум Јеховин сведок. Колку сум среќна!“ Томојо сега служи како општ пионер.

БИДИ САМОДИСЦИПЛИНИРАН

15. Што е самодисциплина, и зошто е важно христијаните да ја имаат оваа особина?

15 Добрите рибари се самодисциплинирани. Самодисциплината се дефинира како „способност да се натераш да го правиш она што треба“. Рибарите мора да се натераат да станат рано, да останат додека не се заврши работата и да продолжат да ловат дури ако има невреме. И нам ни треба самодисциплина за да истраеме и да го завршиме нашето дело (Мат. 10:22).

16. Што ќе ни помогне да бидеме самодисциплинирани?

16 Самодисциплината не е наследна. Напротив, природна склоност на секој од нас е, ако можеме, да го избереме полесниот пат. За да бидеме самодисциплинирани, мора да имаме самоконтрола. Затоа ни е потребна помош да научиме да ги правиме работите што можеби не ни се лесни. Јехова ни ја дава таа помош преку својот свет дух (Гал. 5:22, 23).

17. Според 1. Коринќаните 9:25-27, што правел Павле за да биде самодисциплиниран?

17 Апостол Павле бил самодисциплиниран. Сепак, признал дека мора да го „тепа“ своето тело за да го прави она што е исправно. (Прочитај 1. Коринќаните 9:25-27.) Тој ги поттикнал и другите да бидат самодисциплинирани и да ги прават работите „пристојно и така како што е редот“ (1. Кор. 14:40). Мора да вложиме многу труд за да ги извршуваме редовно нашите христијански активности, во кои спаѓа и проповедањето на добрата вест (Дела 2:46).

НЕМОЈ ДА ОДОЛГОВЛЕКУВАШ

18. Што треба да правиме за да бидеме успешни во Јеховини очи?

18 Рибарите го проценуваат својот успех по бројот на рибите што ќе ги уловат. За разлика од нив, ние не го мериме успехот по бројот на луѓе на кои ќе им помогнеме да станат Јеховини сведоци (Лука 8:11-15). Ако истрајно ја објавуваме добрата вест и ги поучуваме другите, ќе бидеме успешни во Јеховини очи. Зошто? Затоа што сме му послушни нему и на неговиот Син (Мар. 13:10; Дела 5:28, 29).

19-20. Од која многу важна причина треба да проповедаме денес?

19 Во некои земји е дозволено да се лови риба само во одредени месеци. Додека наближува крајот на риболовната сезона, рибарите се свесни дека мора да го искористат времето што им останува најдобро што можат. Бидејќи крајот на овој свет брзо се ближи, и ние денес — како „рибари на луѓе“ — имаме додатна причина да проповедаме. Преостанува уште многу малку време за да имаме удел во ова животоспасувачко дело! Затоа, немој да одолговлекуваш или да мислиш дека треба да имаш совршени околности за да почнеш со службата на проповедање (Проп. 11:4).

20 Веднаш преземи нешто за да си ја засилиш желбата да проповедаш, да го продлабочиш своето познавање на Библијата, да станеш похрабар и да бидеш самодисциплиниран. Придружи им се на речиси деветте милиони лица кои ја проповедаат добрата вест низ целиот свет, и ќе ја почувствуваш радоста што ја дава Јехова (Неем. 8:10). Биди решен да правиш сѐ што можеш во ова дело, и да истраеш додека Бог не рече дека е завршено. Во следната статија ќе разгледаме на кои три начини може да ја зацврстиме нашата решеност да продолжиме да проповедаме како „рибари на луѓе“.

ПЕСНА 66 Да ја објавуваме добрата вест!

^ пас. 5 Исус поканил неколку понизни и трудољубиви рибари да станат негови ученици. Тој и денес им ја упатува оваа покана на луѓето што имаат такви особини. Во оваа статија ќе видиме што треба да направат оние кои се двоумат дали да ја прифатат неговата покана.

^ пас. 1 ПОЈАСНУВАЊЕ: Изразот „рибари на луѓе“ се однесува на сите што ја проповедаат добрата вест и им помагаат на другите да станат ученици на Христос.

^ пас. 10 Види ја статијата „Поучувај ги другите за вистината“, која излезе во Стражарска кула од октомври 2018, стр. 11-16.