Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 39

Давај им поддршка на сестрите во собранието

Давај им поддршка на сестрите во собранието

Жените што ја објавуваат добрата вест се голема војска (ПС. 68:11)

ПЕСНА 137 Жените верно му служат на Бог

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

Нашите вредни и ревносни сестри учествуваат на состаноците и во служба, помагаат во одржувањето на салите за состаноци и се грижат за соверниците. (Види во пасус 1)

1. Што прават нашите сестри во организацијата, и со какви предизвици се соочуваат? (Види ја сликата на насловната страница.)

КОЛКУ сме благодарни за трудот што го вложуваат нашите сестри! На пример, тие учествуваат на состаноците и во службата. Некои помагаат околу одржувањето на салите за состаноци. Освен тоа, покажуваат дека се заинтересирани за потребите на соверниците. Се разбира, сестрите се соочуваат и со разни притисоци. Некои се грижат за своите остарени родители. Други трпат противење од најблиските. А некои се самохрани мајки кои прават сѐ што можат за да ги издржуваат своите деца.

2. Зошто треба да им даваме поддршка на сестрите?

2 Зошто треба да им даваме поддршка на нашите сестри? Затоа што светот не им ја укажува секогаш почитта што ја заслужуваат. Освен тоа, Библијата нѐ поттикнува да им помагаме. На пример, апостол Павле ги замолил браќата во собранието во Рим да ѝ изразат срдечно добредојде на Фива и да ѝ помогнат „во сѐ што ќе ѝ затреба“ (Рим. 16:1, 2). Пред да стане следбеник на Христос, Павле бил фарисеј. Фарисеите гледале со потценување на жените бидејќи сметале дека вредат помалку од мажите. Но, откако станал христијанин, Павле го следел примерот на Исус, и се однесувал со жените љубезно и со почит (1. Кор. 11:1).

3. Како постапувал Исус со жените, и каков став имал кон оние жени што ја вршеле Божјата волја?

3 Исус покажувал почит кон сите жени (Јован 4:27). Неговиот став кон жените се разликувал од ставот на еврејските верски водачи во негово време. Во еден библиски прирачник пишува: „Исус со ниту еден збор не го понижил и не го омаловажил женскиот род“. Тој особено ги ценел жените што ја вршеле волјата на неговиот Татко. Исус рекол дека тие, исто како и мажите кои биле негови ученици, се дел од неговото духовно семејство (Мат. 12:50).

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Исус секогаш бил спремен да им помага на жените кои сакале да му служат на Бог. Тој ги ценел и застанувал во нивна одбрана. Да видиме како можеме да го следиме неговиот пример и да се грижиме за нашите сестри.

РАЗМИСЛУВАЈ ЗА НАШИТЕ СКАПОЦЕНИ СЕСТРИ

5. Зошто на некои сестри можеби им е тешко да си најдат пријатели во собранието?

5 Сите ние, сеедно дали сме браќа или сестри, имаме потреба од добро друштво. Но, на некои сестри понекогаш им е тешко да си најдат пријатели. Зошто? Забележи што рекле некои. Една немажена сестра по име Џоана * вели: „Тешко ми е да се вклопам во собранието, и имам чувство дека од мене нема некоја голема корист“. Кристина, пионерка која се преселила за да служи во поголема мера, вели: „Кога ќе дојдеш во ново собрание, би можел да се чувствуваш осамено“. На некој што живее во семејство во кое другите не се Јеховини сведоци, можеби му е тешко да биде близок со нив, а истовремено можеби не се чувствува толку приврзан ни со браќата и сестрите од собранието. Некои сестри можеби се чувствуваат осамено затоа што се болни и не можат да излегуваат од дома или, пак, затоа што се грижат за некој болен член на семејството. Анета вели: „Не можев да одам кога ме викаа на дружење затоа што главно јас се грижев за мајка ми“.

Исто како Исус, може да покажеме љубов и грижа за нашите верни сестри (Види во пасуси 6-9) *

6. Според Лука 10:38-42, како Исус им помогнал на Марта и на Марија?

6 Исус поминувал време со оние што ги сметал за свои духовни сестри и им бил вистински пријател. На пример, тој бил пријател со Марија и со Марта, кои очигледно не биле мажени. (Прочитај Лука 10:38-42.) Со своите зборови и постапки, Исус им помогнал да се чувствуваат пријатно. Марија се чувствувала слободна да седи крај неговите нозе како што имале обичај да седат учениците. * А Марта, која се налутила затоа што Марија не ѝ помагала, не се плашела да му каже на Исус што мисли за тоа. Во таа прилика, тој им помогнал и на двете да извлечат скапоцени поуки. Исто така, со тоа што одел на гости кај нив и во други прилики, покажал дека тие и нивниот брат Лазар многу му значат (Јован 12:1-3). Затоа, не е ни чудо што Марта и Марија знаеле дека можат да му се обратат на Исус за помош кога нивниот брат тешко се разболел (Јован 11:3, 5).

7. На кој начин може да ги охрабриме сестрите?

7 За некои сестри, состаноците се единствената прилика во која можат да бидат заедно со соверниците. Затоа, сакаме тогаш да им помогнеме да се чувствуваат пријатно, да разговараме со нив и да им покажеме колку многу ни значат. Џоана, која беше спомната погоре, вели: „Се радувам кога другите ќе ме пофалат за коментарите, кога ќе ме викнат да одиме заедно во служба или кога на некој друг начин покажуваат дека се грижат за мене“. Мора да им покажеме на нашите сестри дека ни се важни. Киа вели: „Ако не дојдам на состанок, знам дека некој ќе ми пише порака за да ме праша како сум. Тоа ми покажува дека моите браќа и сестри се грижат за мене“.

8. На кои други начини може да го следиме примерот на Исус?

8 Исто како Исус, и ние може да одвоиме време за да се дружиме со сестрите. Би можеле да ги поканиме на гости или да се прошетаме некаде. Кога ќе бидеме заедно, сакаме да зборуваме за работи што можат да ги охрабрат и зајакнат (Рим. 1:11, 12). Старешините треба да имаат ист став како Исус. Иако знаел дека самештвото може да биде предизвик за некои, тој јасно ставил до знаење дека ни бракот ни децата не се клуч за трајна среќа (Лука 11:27, 28). Напротив, ќе бидеме вистински среќни ако службата за Јехова ни е на прво место во животот (Мат. 19:12).

9. Како можат старешините да им помагаат на сестрите?

9 Особено старешините треба да се однесуваат со христијанките како со свои духовни сестри и мајки (1. Тим. 5:1, 2). Добро е да одвојат време за да разговараат со сестрите пред или после состанокот. Кристина вели: „Со оглед на тоа што сум многу зафатена бидејќи одам на работа и истовремено служам како пионер, еден старешина сакаше да знае како успевам да постигнам сѐ. Многу ми значеше тоа што покажа таква искрена грижа“. Кога редовно разговараат со сестрите од собранието, старешините покажуваат дека се грижат за нив. * Анета, која беше спомната погоре, истакнува каква е користа од тоа што може често да зборува со старешините. Таа вели: „Тоа ми помогна подобро да ги запознаам, а и тие мене. Затоа, кога имам некој проблем, полесно ми е да побарам помош од нив“.

ЦЕНИ ГИ СЕСТРИТЕ И БИДИ БЛАГОДАРЕН ЗА НИВНИОТ ТРУД

10. Што може да им помогне на сестрите да се чувствуваат среќни?

10 Сите ние, сеедно дали сме мажи или жени, сме среќни кога другите ги забележуваат нашите способности и ни кажуваат дека го ценат она што го правиме. Но, ако никогаш не добиваме пофалба за начинот на кој ги користиме нашите таленти или за трудот што го вложуваме, тоа нѐ обесхрабрува. Една немажена сестра по име Абигејл признава дека понекогаш ѝ се чини дека никој не ја забележува: „Другите ме познаваат само како сестра на тој-и-тој или ќерка на тој-и-тој. Понекогаш се чувствувам како да сум невидлива“. Една немажена сестра по име Памела служела долги години како мисионер. На крајот, се вратила дома за да се грижи за своите родители. Иако сега има повеќе од 70 години, таа сѐ уште е пионер. Памела вели: „Најмногу се охрабрувам кога другите ќе ми кажат дека ме ценат и дека се благодарни за она што го правам“.

11. Како Исус покажал дека ги цени жените што го придружувале додека ја извршувал својата служба?

11 Исус ја ценел помошта што му ја пружале побожните жени, кои му служеле со она што го поседувале (Лука 8:1-3). Не само што им дозволил да имаат чест да му помагаат на овој начин туку ги поучил и за важни вистини во поврзаност со Божјата волја. На пример, им кажал дека ќе умре и дека ќе биде воскреснат (Лука 24:5-8). Исто како и своите апостоли, тој ги подготвил и овие жени за неволјите што ги очекувале (Мар. 9:30-32; 10:32-34). Вреди да се забележи дека, иако апостолите побегнале кога Исус бил уапсен, некои од жените биле покрај него додека умирал на маченичкиот столб (Мат. 26:56; Мар. 15:40, 41).

12. Какви задачи им доверил Исус на жените?

12 Исус им доверил важни задачи на жените. На пример, некои од тие побожни жени биле првите сведоци на неговото воскресение. Тој им кажал да им пренесат на апостолите дека воскреснал од мртвите (Мат. 28:5, 9, 10). Освен тоа, меѓу учениците што биле помазани со свет дух на Педесетница 33 год. од н.е. можеби имало и жени. Ако е така, тогаш е можно и тие, преку светиот дух, да добиле дар да зборуваат на разни јазици и да им ги објавуваат на другите „величествените Божји дела“ (Дела 1:14; 2:2-4, 11).

13. Што прават христијанките денес, и како може да покажеме дека ги цениме поради тоа?

13 Нашите сестри заслужуваат пофалба за сето она што го прават во службата за Јехова. Тие помагаат при изградбата и одржувањето на разни објекти, проповедаат во групи на други јазици и служат како доброволци во Бетел. Учествуваат во акции за помош при катастрофи, работат на превод на нашите публикации, и служат како пионери и мисионери. Исто како браќата, и сестрите присуствуваат на Школата за пионери, на Школата за полновремени објавители и на Школата Гилеад. Освен тоа, им даваат поддршка на своите сопрузи за тие да можат да ги исполнат своите одговорности во собранието и во организацијата. Јехова ги дал овие браќа „како дарови“ за да им помагаат на другите на многу начини (Еф. 4:8). Но, би им било потешко да го прават тоа без поддршката на своите сопруги. Како би можел да им помогнеш на овие сестри во она што го прават?

14. Што прават мудрите старешини кои ги земаат предвид зборовите од Псалм 68:11?

14 Мудрите старешини се свесни дека сестрите сочинуваат една „голема војска“ доброволци кои многу делотворно ја проповедаат добрата вест. (Прочитај Псалм 68:11.) Затоа старешините се трудат да учат од сестрите. Абигејл, која беше спомната погоре, се охрабрува кога браќата ја прашуваат кој пристап би било добро да го користат во службата на подрачјето. Таа вели: „Тоа ми помага да сфатам дека Јехова ми дал скапоцена улога во својата организација“. Исто така, старешините се свесни дека духовно зрелите сестри можат да им бидат од голема помош на помладите сестри кои се соочуваат со проблеми (Тит 2:3-5). Нашите сестри навистина заслужуваат да ги цениме и да ги сакаме!

ЗБОРУВАЈ ВО ОДБРАНА НА СЕСТРИТЕ

15. Во кои прилики можеби сестрите ќе имаат потреба некој да застане во нивна одбрана?

15 Понекогаш, кога се соочуваат со посебни предизвици, сестрите имаат потреба некој да зборува во нивна одбрана (Иса. 1:17). На пример, некоја вдовица или разведена сестра можеби има потреба некој да зборува во нејзино име или да ѝ помага околу некои работи за кои порано се грижел нејзиниот сопруг. На некоја постара сестра можеби ќе и биде потребна помош за да разговара со лекарите. А некоја сестра која служи како пионер и истовремено е вклучена во други теократски активности можеби има потреба некој да ја брани ако другите ја критикуваат бидејќи не поминува исто толку време во службата како другите пионери. На кој друг начин може да им помогнеме на нашите сестри? Да се вратиме на примерот на Исус.

16. Според Марко 14:3-9, како Исус ја одбранил Марија?

16 Исус спремно ги бранел своите духовни сестри кога некој не покажувал разбирање за нив. На пример, ја бранел Марија кога Марта ја искритикувала (Лука 10:38-42). А ја одбранил и во друга прилика, кога другите ѝ се налутиле бидејќи направила нешто што според нив не било во ред. (Прочитај Марко 14:3-9.) Исус сфатил зошто Марија постапила така, и ја пофалил велејќи: „Таа ми направи добро дело... Направи сѐ што можеше“. Тој дури и прорекол дека за нејзиното добро дело ќе се раскажува „секаде каде што ќе се проповеда добрата вест“, и токму тоа го правиме сега. Неговите зборови сигурно биле многу утешни за Марија. Навистина е впечатливо тоа што Исус ја поврзал нејзината несебична постапка со проповедничкото дело кое требало да се врши низ целиот свет!

17. Кога можеби ќе има потреба да одбраниме некоја сестра?

17 Дали и ти ги браниш сестрите во собранието кога имаат таква потреба? Размисли за следниов пример. Некои објавители гледаат дека една сестра чиј сопруг не е Јеховин сведок доаѓа доцна на состанок и си заминува веднаш штом ќе заврши програмата. Освен тоа, забележуваат дека многу ретко ги носи децата со себе. Затоа почнуваат да ја критикуваат бидејќи сметаат дека треба да заземе поцврст став и да биде поупорна во врска со децата. За жал, тие не сфаќаат дека оваа сестра прави сѐ што може. Таа не е во можност да си ги подреди работите како што сака, и не донесува конечна одлука во врска со своите деца. Што можеш да направиш кога ќе слушнеш дека некој ја критикува? Ако ја пофалиш сестрата за сето она што го прави и ако им посочиш на другите колку голем труд вложува за да му служи на Јехова, би можел да му ставиш крај на негативниот говор.

18. На кои други начини може да им помагаме на нашите сестри?

18 Можеме да им покажеме на сестрите дека ги сакаме и така што ќе им понудиме практична помош (1. Јов. 3:18). Анета, сестрата која се грижела за својата болна мајка, вели: „Некои браќа и сестри доаѓаа да ме заменат за да можам да завршам некоја работа или ни донесуваа храна. Тоа ме увери дека ме сакаат и дека сум дел од собранието“. И Џоана добила помош. Еден брат ѝ објаснил како да ја одржува својата кола. Таа вели: „Убаво ми е што знам дека браќата и сестрите се грижат за мојата безбедност“.

19. На кои други начини старешините можат да им помагаат на сестрите?

19 И старешините даваат сѐ од себе за да се грижат за потребите на сестрите во собранието. Тие знаат дека Јехова очекува од нив да постапуваат убаво со сестрите (Јак. 1:27). Затоа се трудат да бидат разумни како Исус така што не поставуваат правила таму каде што, всушност, има потреба да се направи исклучок (Мат. 15:22-28). Преку грижата што ја покажуваат, старешините им помагаат на сестрите да ја почувствуваат љубовта на Јехова и на неговата организација. Кога дознал дека Киа ќе се пресели во друга куќа, надгледникот на нејзината група за проповедање веднаш организирал да ѝ се помогне. Таа вели: „Тоа многу ми го намали стресот. Со своите охрабрувачки зборови и со практичната помош што ми ја дадоа, старешините јасно ми покажаа дека имам ценето место во собранието и дека нема да ме остават сама кога ќе се најдам во тешка ситуација“.

НА СИТЕ СЕСТРИ ВО СОБРАНИЕТО ИМ Е ПОТРЕБНА НАШАТА ПОДДРШКА

20-21. Како може да покажеме дека ги сакаме и цениме сите наши сестри?

20 Денес, во нашите собранија има безброј трудољубиви христијанки кои ја заслужуваат нашата поддршка. Како што видовме од примерот на Исус, може да им помагаме така што ќе поминуваме време со нив и подобро ќе ги запознаеме. Можеме да покажеме ценење и благодарност за она што го прават во службата за Бог. И, кога е потребно, може спремно да ги браниме.

21 Во заклучокот на своето послание до Римјаните, апостол Павле спомнал по име девет христијанки (Рим. 16:1, 3, 6, 12, 13, 15). Тие жени без сомнение биле многу охрабрени од неговиот поздрав и пофалба. Да им ја дадеме и ние потребната поддршка на сите сестри во нашето собрание. Така ќе им покажеме дека ги сакаме и дека ги сметаме за скапоцен дел од нашето духовно семејство.

ПЕСНА 136 Јехова ги наградува своите слуги

^ пас. 5 Христијанките се соочуваат со многу предизвици. Во оваа статија ќе видиме како можеме да им даваме поддршка, исто како што правел Исус. Тој поминувал време со нив, им покажувал дека ги цени и зборувал во нивна одбрана.

^ пас. 5 Некои имиња се сменети.

^ пас. 6 Во една библиска енциклопедија пишува: „Учениците седеле крај нозете на своите учители. Некои од нив се подготвувале и самите да станат учители. Но, вакво нешто не им било дозволено на жените. Затоа повеќето Евреи би се запрепастиле кога би ја виделе Марија како седи крај нозете на Исус и внимателно го слуша секој негов збор“.

^ пас. 9 Старешините се внимателни кога им помагаат на сестрите. На пример, еден старешина не треба да оди сам на посета кај некоја сестра.

^ пас. 65 ОПИС НА СЛИКАТА: Неколку браќа се трудат да го следат примерот на Исус, кој искрено се грижел за жените што верно му служеле на Бог. Еден брат им помага на две сестри да ја сменат гумата на својата кола, друг брат посетува една болна сестра, а трет брат оди со својата сопруга кај една сестра и нејзината ќерка за да имаат заедничко семејно проучување.