Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Џозеф Ратерфорд и некои други браќа во посета на Европа

1920 — пред сто години

1920 — пред сто години

ОД ПОЧЕТОКОТ на 1920-ите, Јеховините слуги биле полни со елан да го вршат делото што им претстоело. Тие ги избрале како годишен стих за 1920 год. зборовите од Псалм 118:14: „ГОСПОД е мојата сила и песна“ (King James Version).

Јехова им влеал сила на овие ревносни проповедници. Во текот на таа година, бројот на колпортери, односно пионери, пораснал од 225 на 350. Освен тоа, повеќе од 8.000 објавители за првпат испратиле извештај за служба во главното седиште. Јехова го благословил нивниот труд бидејќи луѓето покажале голем интерес за нивната порака.

ИЗВОНРЕДНА РЕВНОСТ

На 21 март 1920 год., Џозеф Ратерфорд, кој во тоа време предводел во делото на Истражувачите на Библијата, одржал говор со наслов „Милиони што живеат сега нема никогаш да умрат“. Истражувачите дале сѐ од себе за да поканат што е можно повеќе луѓе на овој настан. Театарот што го изнајмиле бил еден од најголемите во Њујорк Сити. Тие успеале да поделат околу 320.000 покани.

Реклама во весник за говорот „Милиони што живеат сега нема никогаш да умрат“

Одѕивот на јавноста ги надминал сите очекувања. Театарот, кој можел да прими над 5.000 луѓе, бил исполнет до последно место, а околу 7.000 посетители морале да бидат одбиени. Според Стражарска кула, ова бил „еден од најуспешните состаноци кој го одржале Истражувачите на Библијата“.

Истражувачите на Библијата биле познати како луѓе кои објавуваат дека „милиони што живеат сега нема никогаш да умрат“. Во тоа време, тие не сфаќале дека пораката за Царството ќе мора да се проповеда во далеку поголема мера. Сепак, покажале извонредна ревност. Ида Олмстед, која почнала да оди на состаноци од 1902 год., рекла: „Знаевме дека на човештвото му претстојат неописливи благослови, и никогаш не пропуштавме да им ја објавиме таа добра вест на оние што ги среќававме во службата“.

САМОСТОЈНО ПЕЧАТЕЊЕ

За постојано да има духовна храна, браќата во Бетел почнале самите да печатат дел од публикациите. Ја набавиле потребната опрема и ја поставиле во изнајмена зграда во Бруклин (Њујорк), која била во близина на Бетелот.

Лео Пел и Валтер Кеслер дошле да служат во Бетел во јануари 1920 год. Валтер рекол: „Кога пристигнавме, надгледникот на печатницата нѐ погледна и ни рече: ’Имате уште час и половина до ручек‘. А потоа ни даде задача да качуваме кутии со книги од подрумот“.

Лео раскажал што се случило следниот ден: „Нашата работа беше да ги исчистиме ѕидовите на првиот спрат во зградата. Тоа беше највалканата работа што некогаш сум ја имал. Но, бидејќи го правевме тоа за Јехова, не ни беше тешко“.

Печатарска преса на која се печатела Стражарска кула

За само неколку седмици, ревносни доброволци почнале со печатењето на Стражарска кула. На печатарската преса на првиот спрат биле отпечатени 60.000 примероци од изданието од 1 февруари 1920 год. Во меѓувреме, во подрумот на истата зграда, браќата поставиле уште една печатарска преса која ја нарекле „воен брод“. Кратко потоа почнало да се печати и списанието Златен век почнувајќи од изданието од 14 април 1920 год. Било јасно дека Јехова го благословува трудот на тие спремни доброволци.

„Бидејќи го правевме тоа за Јехова, не ни беше тешко“

„ДА ЖИВЕЕМЕ ВО МИР“

Јеховините слуги повторно биле обединети и проповедале со голема ревност. Но, некои Истражувачи на Библијата ја напуштиле организацијата во тешкиот период од 1917 до 1919 год. Како можело да им се помогне?

Во Стражарска кула од 1 април 1920 год., излегла статија со наслов „Да живееме во мир“. Во неа бил упатен следниов срдечен повик: „Уверени сме дека сите оние што сакаат да му бидат послушни на Јехова ќе ги заборават грешките од минатото и ќе се обединат со неговиот народ за да го вршат Божјето дело“.

Мнозина го прифатиле овој повик. На пример, оваа статија му помогнала на еден брачен пар Истражувачи на Библијата да сфатат дека направиле грешка затоа што не проповедале повеќе од една година. Тие биле решени повторно да почнат ревносно да му служат на Јехова. Всушност, сите објавители ги чекала огромна работа.

АКЦИЈА СО КНИГАТА ТАЈНАТА Е РАЗОТКРИЕНА

На 21 јуни 1920 год., Истражувачите на Библијата почнале акција во која требало да ја поделат книгата Тајната е разоткриена * на колку што е можно повеќе луѓе. Голем број примероци од оваа книга останале на залиха кога таа била забранета во 1918 год.

Сите собраниски објавители, а не само колпортерите, биле поканети да учествуваат во оваа акција. Во Билтенот * од јуни 1920 год. пишувало: „Сите крстени објавители од секое собрание кои се во можност да учествуваат, спремно нека го направат тоа. Секој нека си постави цел да подели што е можно повеќе примероци од книгата.“ Едмунд Хупер рекол дека во оваа акција многумина за првпат учествувале во службата од врата до врата. Тој додал: „Почнавме да сфаќаме што сѐ е вклучено во ова дело чиј обем ги надмина сите наши очекувања“.

ПОВТОРНО СЕ ОРГАНИЗИРА ДЕЛОТО ВО ЕВРОПА

Бидејќи во текот на Првата светска војна било многу тешко да се одржува контакт со другите Истражувачи на Библијата, брат Ратерфорд сакал да ги охрабри овие браќа и повторно да го организира проповедањето. Затоа, на 12 август 1920 год., заедно со четворица други браќа тргнал на подолг пат за да ја посети Британија, континенталниот дел на Европа и Блискиот Исток.

Брат Ратерфорд во Египет

Кога Ратерфорд ја посетил Британија, Истражувачите на Библијата одржале три конгреси и 12 состаноци за јавност. Се проценува дека на овие собири присуствувале околу 50.000 лица. Во врска со оваа посета, во Стражарска кула пишувало: „Браќата беа охрабрени и зајакнати. Беа многу среќни затоа што имаа можност да се дружат и да соработуваат“. Во Париз, брат Ратерфорд го одржал говорот „Милиони што живеат сега нема никогаш да умрат“. Кога почнал да зборува, салата била преполна. Откако завршил говорот, 300 луѓе побарале да дознаат нешто повеќе.

Плакат со кој се најавува говорот што бил одржан во Ројал Алберт Хол во Лондон

Во наредните седмици, Ратерфорд и неговите соработници ги посетиле Атина, Каиро и Ерусалим. За да може да се проследи интересот што бил покажан во тие места, брат Ратерфорд одлучил да има складиште за литература во градот Рамала, кој се наоѓа во близина на Ерусалим. Потоа се вратил во Европа, каде што ја основал Централно-европската подружница во која требало да се печати литература.

РАЗОТКРИВАЊЕ НА ЕДНА НЕПРАВДА

Есента 1920 год., Истражувачите на Библијата го издале Златен век бр. 27. Во тоа специјално издание било разоткриено прогонството што го доживеале во текот на 1918 год. Нивната печатарска преса работела дење и ноќе, и биле отпечатени над четири милиони примероци.

Фотографија на Ема Мартин направена во полиција

Читателите на ова списание имале можност да дознаат за необичниот случај со Ема Мартин. Сестра Мартин служела како колпортер во Сан Бернардино (Калифорнија). На 17 март 1918 год., таа присуствувала на еден мал состанок на Истражувачите на Библијата заедно со тројца браќа — Е. Хам, Е. Соненбург и Е. Стивенс.

Еден од присутните не бил дојден да учи за Библијата. Тој подоцна изјавил: „Бев испратен на тој состанок од јавниот обвинител. Требаше да најдам докази“. И, го нашол „доказот“ што го барал — еден примерок од книгата Тајната е разоткриена. По неколку дена, сестра Мартин и тројцата браќа биле уапсени. Биле обвинети дека го прекршиле Законот за шпионажа со тоа што им ја давале на луѓето таа забранета книга.

Ема и браќата биле прогласени за виновни и осудени на три години затвор. Откако сите жалби им биле одбиени, тие почнале да ја отслужуваат казната на 17 мај 1920 год. Но, наскоро работите се смениле на подобро.

На 20 јуни 1920 год., брат Ратерфорд го раскажал нивниот случај на еден конгрес во Сан Франциско. Присутните, кои биле згрозени од начинот на кој се постапило со овие христијани, испратиле телеграма до претседателот на САД. Во неа стоело: „Сметаме дека г-ѓа Мартин е неправедно обвинета за прекршување на Законот за шпионажа... Тоа што државните власти ја злоупотребиле својата положба за да ја фатат во стапица, и потоа лажно да ја обвинат со цел да ја стават во затвор е срамно и нечесно“.

Веднаш следниот ден, претседателот Вудро Вилсон им ја поништил казната на сестра Мартин и на браќата Хам, Соненбург и Стивенс. Така ѝ бил ставен крај на таа неправедна осуда.

До крајот на 1920 год., Истражувачите на Библијата имале многу причини да се радуваат. Во главното седиште се работело со полна пареа, а вистинските христијани, како никогаш порано, објавувале дека Божјето Царство е решение за човечките проблеми (Мат. 24:14). Следната година, 1921, вистината за Царството продолжила да се објавува во уште поголема мера.

^ пас. 18 Книгата Тајната е разоткриена е седмиот том од Студии на Светото писмо. Таа била отпечатена со меки корици како издание на Стражарска кула од 1 март 1918.

^ пас. 19 Наместо Билтенот, денес ја користиме публикацијата Нашиот живот и служба како христијани — работни листови.