Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 45

Како да им помагаме на другите да ги држат Христовите заповеди

Како да им помагаме на другите да ги држат Христовите заповеди

Одете и правете ученици... учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав (МАТ. 28:19, 20)

ПЕСНА 89 Применувај сѐ што учиш

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Според Матеј 28:18-20, каква заповед им дал Исус на своите ученици?

ОТКАКО бил воскреснат, Исус им се појавил на своите ученици кои биле собрани во Галилеја. Тој имал да им каже нешто многу важно. Што било тоа? Неговите зборови се запишани во Матеј 28:18-20. (Прочитај.)

2. Кои прашања ќе ги разгледаме?

2 Оваа заповед на Исус важи и за секој Божји слуга денес. Затоа, да разгледаме три прашања во врска со задачата што тој ни ја дал. Прво, што друго треба да правиме со новите ученици освен што ќе ги поучуваме за Божјите барања? Второ, како можат сите објавители во собранието да им помагаат на интересентите да напредуваат во духовен поглед? И трето, како може да им помогнеме на неактивните браќа и сестри повторно да ги поучуваат другите за Библијата?

ПОУЧУВАЈ ГИ ДА ГИ ДРЖАТ ХРИСТОВИТЕ ЗАПОВЕДИ

3. Кое конкретно упатство им го дал Исус на учениците?

3 Исус дал јасни упатства. Мора да ги поучуваме луѓето за неговите заповеди. Но, не треба да заборавиме една важна работа. Исус не рекол: „Учете ги за сето она што ви го заповедав“, туку рекол: „Учете ги да држат сѐ што ви заповедав“. За да го примениме ова конкретно упатство кога ги поучуваме другите, не треба само да им кажеме што да прават, туку и да им покажеме како да го прават тоа (Дела 8:31). Зошто?

4. Како можеш да помогнеш некому да ги држи Христовите заповеди? Наведи пример.

4 Како можеш да помогнеш некому да ги држи Христовите заповеди, односно да им биде послушен? Размисли за следниов пример. Како еден инструктор му помага на некој кандидат за возач да ги почитува сообраќајните правила? Дали е доволно тоа лице само да посетува теоретска настава во училница? Не. За да го научи да ги почитува сообраќајните правила, инструкторот мора да биде заедно со него додека вози и да му дава совети како да го примени во пракса она што го научил. Што учиме од овој пример?

5. а) Според Јован 14:15 и 1. Јованово 2:3, за што треба да ги поучиме интересентите со кои проучуваме? б) Како може да им помогнеме на интересентите да ги применат библиските начела?

5 Кога ја проучуваме Библијата со другите, ние ги поучуваме за Божјите барања. Но, тоа не е доволно. Мора да ги поучиме и како да го применат во секојдневниот живот она што го учат. (Прочитај Јован 14:15; 1. Јованово 2:3.) Со нашиот личен пример, може да им покажеме како да ги применат основните библиски начела на училиште, на работа или при изборот на забава. Може да им раскажеме како во некоја прилика сме се заштитиле или сме донеле мудра одлука затоа што сме примениле одредени библиски начела. Освен тоа, кога сме заедно, може да го молиме Јехова да им дава водство преку својот свет дух (Јован 16:13).

6. Што е потребно за да ги поучуваме другите да ги држат заповедите на Исус?

6 Што е потребно за да ги поучуваме другите да ги држат заповедите на Исус? Треба да им помогнеме и самите да развијат желба да ги поучуваат луѓето за Бог. Некои интересенти ги плаши и самата помисла да проповедаат. Затоа, треба стрпливо да им помагаме да си ја зајакнат верата така што подобро ќе ги разберат библиските вистини. Кога ќе ги засакаат со сето срце, ќе бидат поттикнати да проповедаат. На кои конкретни начини би можеле да го направиме ова?

7. Како можеме да му помогнеме на интересентот да развие желба да ја проповеда добрата вест?

7 Би можеле да го прашаме интересентот: „Како тоа што ја прифати пораката за Царството ти го промени животот на подобро? Што мислиш, дали и другите треба да ја слушнат оваа порака? Како би можел да им помогнеш?“ (Изр. 3:27; Мат. 9:37, 38). Покажи му ги на интересентот * трактатите кои спаѓаат во нашите главни публикации за служба, и нека ти каже кои од нив би можеле да им бидат интересни на некои негови роднини, пријатели или колеги. Дај му неколку трактати. Вежбајте заедно за да му покажеш како тактично да ги понуди некому. Се разбира, откако ќе стане некрстен објавител, треба да одиш во служба со него (Проп. 4:9, 10; Лука 6:40).

КАКО СОБРАНИЕТО ИМ ПОМАГА НА ИНТЕРЕСЕНТИТЕ ДА НАПРЕДУВААТ

8. Зошто е важно интересентите да развијат силна љубов кон Бог и кон ближниот? (Види ја и рамката „ Како да му помогнеш на интересентот да си ја продлабочи љубовта кон Бог“.)

8 Не заборавај, Исус ни дал задача да ги поучуваме другите да држат сѐ што ни заповедал. Во тоа спаѓаат и двете најголеми заповеди — да ги сакаме Бог и ближните (Мат. 22:37-39). Овие две заповеди се тесно поврзани со проповедањето и поучувањето. Зошто го велиме ова? Па, главниот мотив зошто проповедаме и поучуваме е љубовта — љубовта кон Бог и кон луѓето. Иако некои интересенти се плашат кога ќе помислат дека еден ден ќе треба да проповедаат, можеме да ги увериме дека, со Јеховина помош, постепено ќе успеат да го надвладеат стравот од човек (Пс. 18:1-3; Изр. 29:25). Во придружната рамка е објаснето кои чекори може да ги направиме за да им помогнеме уште повеќе да го засакаат Бог. Како целото собрание може да им помогне да покажуваат уште поголема љубов?

9. На кој начин кандидатот за возач може да извлече важни поуки?

9 Да се вратиме на споредбата со кандидатот за возач. На кој начин тој учи додека вози низ сообраќајот заедно со својот инструктор? Учи така што го слуша инструкторот и ги набљудува другите кои внимателно возат. На пример, кога некој возач љубезно ќе дозволи друго возило да се престрои пред него, инструкторот може да му го посочи тоа. Може да му го сврти вниманието и кон друг возач кој обѕирно ги исклучува долгите светла за да не ги заслепи другите возачи. Од овие примери, кандидатот ќе извлече важни поуки кои може да ги примени додека вози.

10. Што ќе му помогне на некој интересент духовно да напредува?

10 Слично на тоа, кога еден интересент зачекорува на патот што води до вечен живот, тој не учи само од оној што го поучува за Библијата туку и од убавиот пример на други слуги на Јехова. Што може да му биде од голема помош за духовно да напредува? Тоа што ќе присуствува на нашите состаноци. Библиските поуки што ќе ги слушне таму ќе го зголемат неговото знаење, ќе му ја зајакнат верата и ќе ја продлабочат неговата љубов кон Бог (Дела 15:30-32). Освен тоа, на состаноците ќе може да се запознае со браќа и сестри со кои можеби има многу заеднички работи. Ќе може да види како тие на дело покажуваат љубов. Да разгледаме неколку ситуации.

11. Што можат да забележат интересентите во собранието, и како може тоа да влијае врз нив?

11 Ако проучуваш со самохрана мајка, таа може да се запознае со некоја сестра која е во слична ситуација. Врз неа може многу силно да влијае тоа што ќе види колку труд вложува таа сестра за да доаѓа на состаноци заедно со своите дечиња. Или, пак, некој интересент на кој му е тешко да ги остави цигарите можеби ќе се запознае со некој брат кој водел слична борба, но успеал да престане да пуши. Тој брат би можел да му каже како љубовта кон Јехова го поттикнала да ги држи неговите заповеди (2. Кор. 7:1; Фил. 4:13). Тие зборови можат да му влеат сила на интересентот и да го поттикнат да си рече: „Ако можел тој, можам и јас“. Една девојка која ја проучува Библијата можеби ќе забележи дека некоја млада сестра во собранието секогаш е радосна. Ова би можело да ја поттикне да дознае зошто таа сестра е среќна што му служи на Јехова.

12. Зошто може да се каже дека секој во собранието може да придонесе за духовниот напредок на интересентите?

12 Кога интересентите ќе се запознаат со различни објавители кои верно му служат на Бог, можат да учат од нивниот пример што значи да ја држат Христовата заповед да го сакаат Бог и ближниот (Јован 13:35; 1. Тим. 4:12). Освен тоа, како што веќе видовме, тие можат да учат од објавителите кои се соочуваат со слични проблеми како нивните. Тоа им помага да сфатат дека и самите можат да ги направат промените кои се потребни за да станат ученици на Христос (5. Мој. 30:11). Секој во собранието може на некој начин да придонесе за духовниот напредок на оние што проучуваат (Мат. 5:16). Што правиш ти лично за да ги охрабриш интересентите кои присуствуваат на состаноците?

ПОМОГНИ ИМ НА НЕАКТИВНИТЕ ПОВТОРНО ДА ПРОПОВЕДААТ

13-14. Како постапил Исус со апостолите кога тие биле исплашени и обесхрабрени?

13 Ние сакаме да им помогнеме на неактивните браќа и сестри повторно да проповедаат и да ги поучуваат другите. Од начинот на кој Исус постапил со своите апостоли кога биле обесхрабрени се гледа што може да направиме ние денес.

14 На крајот на неговата служба на Земјата, ноќта пред да биде погубен, сите апостоли го напуштиле и побегнале (Мар. 14:50; Јован 16:32). Како постапил Исус со нив во оваа ситуација, кога биле исплашени и обесхрабрени? Кратко по своето воскресение, тој им рекол на некои од своите ученици: „Не плашете се! Одете, кажете им на моите браќа [дека воскреснав]“ (Мат. 28:10а). Исус не кренал раце од своите апостоли. Иако го напуштиле, тој сѐ уште ги сметал за свои браќа. Исто како Јехова, Исус бил милостив кон нив и бил спремен да им прости (2. Цар. 13:23).

15. Што чувствуваме кон оние што престанале да учествуваат во службата?

15 И нам многу ни значат оние што престанале да учествуваат во службата. Тие се наши браќа и сестри, и многу ги сакаме! Сѐ уште се сеќаваме на трудот што порано со љубов го вложувале — некои можеби и со децении (Евр. 6:10). Многу ни недостасуваат! (Лука 15:4-7). Како може да го следиме примерот на Исус и да им покажеме дека ги сакаме?

16. Како може да покажеме дека сме заинтересирани за нашите неактивни браќа и сестри?

16 Срдечно покани ги на состанок. Исус ги охрабрил своите потиштени апостоли така што ги поканил да се сретнат на едно место (Мат. 28:10б; 1. Кор. 15:6). На сличен начин, и денес може да ги поканиме неактивните браќа или сестри на состанок, ако веќе некое време не доаѓаат. Јасно ни е дека можеби ќе треба да го направиме тоа повеќе пати пред да одлучат да дојдат. Исус сигурно многу се радувал кога неговите ученици ја прифатиле неговата покана да се сретнат. (Спореди со Матеј 28:16 и Лука 15:6.)

17. Што треба да правиме кога некој неактивен соверник ќе дојде на состанок?

17 Изрази им срдечно добредојде. Исус постапил така со своите ученици кога се сретнале. Самиот им пристапил за да зборува со нив (Мат. 28:18). Како ќе постапиме кога некој неактивен соверник ќе дојде во салата за состаноци? Треба први да му пристапиме и срдечно да го поздравиме. Можеби нема веднаш да знаеме што да кажеме. Добро е да не го ставаме во непријатна ситуација, туку едноставно да му кажеме дека сме многу среќни што го гледаме.

18. Како може да ги охрабриме неактивните соверници?

18 Потруди се да ги охрабриш. Учениците на Исус веројатно си помислиле дека нема да успеат да проповедаат низ целиот свет. Исус ги охрабрил со следниве зборови: „Јас сум со вас во сите денови“ (Мат. 28:20). Дали ова им помогнало? Да. За кратко време, тие продолжиле без престан да поучуваат и да ја објавуваат добрата вест (Дела 5:42). И на неактивните соверници им е потребно охрабрување. Можеби ги плаши помислата дека повторно ќе треба да проповедаат. Може да ги увериме дека нема сами да го прават тоа. Кога ќе бидат спремни, можеме да одиме заедно во служба. Сигурно многу ќе ја ценат нашата помош кога ќе почнат пак да ја проповедаат добрата вест. Ако им покажуваме на нашите неактивни соверници дека ги сметаме за свои браќа и сестри, тоа може да има добри резултати и сите во собранието ќе се радуваат.

САКАМЕ ДА ГО ЗАВРШИМЕ ДЕЛОТО ШТО НИ Е ДОВЕРЕНО

19. Што посакуваме од срце, и зошто?

19 До кога треба да ги поучуваме луѓето? Сѐ до крајот на овој поредок (Мат. 28:20). Ќе можеме ли да ја исполниме оваа задача? Решени сме да го сториме тоа! Со радост го трошиме нашето време, сила и средства за да ги најдеме оние што исправно гледаат на вечниот живот (Дела 13:48). На тој начин го следиме примерот на Исус. Тој рекол: „Мојата храна е да ја вршам волјата на оној што ме испрати и да го довршам неговото дело“ (Јован 4:34; 17:4). И ние од срце го посакуваме тоа. Сакаме да го довршиме делото што ни е доверено (Јован 20:21). А сакаме и другите, во кои спаѓаат и неактивните соверници, истрајно да учествуваат во ова дело заедно со нас (Мат. 24:13).

20. Според Филипјаните 4:13, зошто сме сигурни дека може да го довршиме делото што ни го доверил Исус?

20 Точно, задачата што ни ја доверил Исус не е лесна. Но, не ја вршиме сами — Исус ветил дека ќе биде со нас. Бидејќи ја извршуваме нашата задача како „Божји соработници“ „во единство со Христос“, сигурно ќе ја завршиме (1. Кор. 3:9; 2. Кор. 2:17). За нас е огромна чест и задоволство да учествуваме во ова дело и да им помагаме и на другите во тоа! (Прочитај Филипјаните 4:13.)

ПЕСНА 79 Да ги учиме да бидат непоколебливи

^ пас. 5 Исус им дал задача на своите следбеници да ги поучуваат другите да го држат сето она што им го заповедал. Во оваа статија ќе видиме како може да ја извршиме оваа задача. Материјалот делумно се темели на една статија што излезе во Стражарска кула од 1 јули 2004 год., страници 14-19.

^ пас. 7 Зборот „интересент“ може да се однесува на лице од машки или од женски пол.

^ пас. 67 ОПИС НА СЛИКАТА: Една сестра и објаснува на интересентката со која проучува како може да ја продлабочи својата љубов кон Бог. Подоцна интересентката ги применува трите совети од сестрата.