Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Онисим и Жералдин

Богати благослови за оние што се враќаат во својата земја

Богати благослови за оние што се враќаат во својата земја

ГОЛЕМ број браќа и сестри кои од економски причини се преселиле во побогатите западни земји, решиле да се вратат во својата земја. Поттикнати од љубов кон Бог и кон луѓето, тие се вратиле онаму каде што има поголема потреба од објавители (Мат. 22:37-39). Какви жртви направиле, и како Јехова ги благословил? Да видиме што се случило во Камерун, во западна Африка.

„ВИСТИНСКОТО МЕСТО ЗА ’РИБАРЕЊЕ‘“

Во 1998 год., еден брат по име Онисим се преселил од родниот Камерун во друга земја, и останал таму 14 години. Еднаш, во текот на еден собраниски состанок, слушнал споредба за проповедањето. Говорникот рекол: „Ако двајца пријатели ловат риба на различни места, и едниот фати повеќе риби од другиот, зарем тој што фатил помалку нема да отиде онаму каде што може да улови повеќе?“

Оваа споредба го поттикнала Онисим да размислува да се врати во Камерун каде што многу луѓе сакале да ја проучуваат Библијата. Така ќе можел да им помогне на тамошните браќа. Но, се плашел дали ќе може повторно да се навикне на животот во Камерун откако толку долго време живеел во странство. За да види дали ќе успее во тоа, се вратил на шест месеци. А потоа, во 2012 год., решил да остане таму.

Онисим вели: „Морав да се приспособам на жешкото време и на овдешните услови за живот. Во салата за состаноци, морав пак да се навикнам да седам на дрвени клупи“. „Но, како што се концентрирав на програмата“, со насмевка вели тој, „удобните столчиња почнаа полека да ми избледуваат од сеќавањето“.

Во 2013 год., Онисим се оженил со Жералдин, која се вратила во Камерун откако девет години живеела во Франција. Какви благослови добиле затоа што одлучиле да ги стават духовните работи на прво место во животот? Онисим вели: „Заедно бевме на Школата за полновремени објавители и служевме во Бетел. Во последнава година, во нашето собрание се крстија 20 лица. Уверен сум дека го најдов вистинското место за ’рибарење‘“ (Мар. 1:17, 18). Жералдин додава: „Добив многу повеќе благослови отколку што можев да си замислам!“

РАДОСТА ШТО ЈА НОСАТ НОВИТЕ УЧЕНИЦИ

Џудит и Сем-Кастел

Џудит се преселила во САД, но сакала да прави повеќе во службата за Јехова. Таа вели: „Секогаш кога одев кај семејството во Камерун и се враќав назад, плачев затоа што морав да ги оставам неколкуте лица со кои имав почнато да ја проучувам Библијата“. Но, Џудит се колебала да се врати во својата земја. Таа имала добро платена работа со која можела да ги покрие медицинските трошоци за татко ѝ кој живеел во Камерун. Со доверба во Јехова, Џудит сепак одлучила да се врати таму. Таа признава дека во почетокот ѝ недостигале некои удобности кои ги имала додека живеела во САД. Го молела Јехова да ѝ помогне да се приспособи на новите околности, и ја добила потребната помош, меѓу другото и преку охрабрувањето што ѝ го дале покраинскиот надгледник и неговата жена.

Во врска со тој период, Џудит вели: „Во првите три години имав прилика да им помогнам на четири лица да се крстат“. Таа почнала да служи како специјален пионер. Денес служи заедно со својот сопруг, Сем-Кастел, во покраинското дело. Но, што се случило со татко ѝ? Таа и нејзиното семејство успеале да најдат болница во друга земја која била спремна бесплатно да го оперира. За среќа, операцијата била успешна.

ЈЕХОВА ИМ ДАВА ПОДДРШКА

Керолин и Виктор

Еден брат по име Виктор се преселил во Канада. Откако во Стражарска кула прочитал статија за високото образование, тој бил поттикнат да размисли за своето школување. Решил да го остави факултетот и да заврши курс за некој занает. Виктор вели: „Така успеав побрзо да најдам работа и да почнам со пионерска служба, нешто што отсекогаш го сакав“. Подоцна тој се оженил со Керолин, и заедно го посетиле Камерун. Додека биле на обиколка на тамошната поддружница, некои браќа ги поттикнале да размислат да служат во Камерун. Виктор вели: „Немавме никаква причина да одбиеме и, бидејќи веќе водевме едноставен живот, можевме да ја прифатиме поканата“. Иако Керолин имала некои здравствени проблеми, тие сепак решиле да се преселат.

Виктор и Керолин почнале да служат како општи пионери бидејќи имало голем интерес на подрачјето. Извесно време можеле да живеат од својата заштеда. Потоа работеле неколку месеци во Канада за да можат повторно да се вратат во Камерун и да продолжат со пионерската служба. Какви благослови добиле? Тие присуствувале на Школата за полновремени објавители, служеле како специјални пионери и сега се слуги за изградба. Виктор вели: „Бидејќи го оставивме удобниот живот, од прва рака ја почувствувавме Јеховината грижа“.

РАДОСТ КОГА НЕКОЈ ЌЕ МУ СЕ ЗАВЕТУВА НА ЈЕХОВА

Стефани и Ален

Во 2002 год., Ален, кој студирал на факултет во Германија, го прочитал трактатот Млади — што ќе правите со својот живот? Информациите го поттикнале да си постави нови цели. Во 2006 год., присуствувал на Школата за организациско оспособување и бил доделен да служи во Камерун, каде што бил роден.

Во Камерун нашол работа со скратено работно време. Подоцна му била понудена подобро платена работа, но се плашел дека, ако ја прифати, нема да има многу време да проповеда. Затоа, кога бил замолен да служи како специјален пионер, прифатил без колебање. Неговиот работодавач му понудил повисока плата, но Ален си стоел цврсто на одлуката. Подоцна се оженил со Стефани, која со години живеела во Франција. Со какви тешкотии се соочила таа откако се преселиле во Камерун?

Стефани вели: „Ми се појавија некои помали здравствени проблеми и алергии, но со помош на редовни терапии состојбата ми се подобри“. Истрајноста на овој брачен пар била наградена. Ален вели: „Кога проповедавме во едно зафрлено село, најдовме неколку лица кои сакаа да ја проучуваат Библијата. Подоцна продолживме да проучуваме со нив преку телефон. Двајца од нив се крстија, и беше основана група“. Стефани додава: „Ништо не носи поголема радост од тоа да им помагаш на луѓето да му се заветуваат на Јехова. Откако служиме овде, многу пати ја почувствувавме таа радост“. Денес, Ален и Стефани служат во покраинското дело.

„ГО НАПРАВИВМЕ ТОКМУ ТОА ШТО ТРЕБАШЕ“

Леонс и Жизел

Жизел се крстила додека била на медицински факултет во Италија. Таа била воодушевена од едноставниот живот кој го водел брачниот пар што проучувал со неа, и сакала да прави повеќе во службата. Затоа, додека привршувала со школувањето, почнала да служи како општ пионер.

Иако сакала да се врати во Камерун за да му служи на Јехова во поголема мера, Жизел била загрижена за некои работи. Таа вели: „Морав да се откажам од постојаниот престој во Италија, и да се разделам од пријателите и семејството кои останаа таму“. И покрај тоа, во мај 2016 год., Жизел се преселила во Камерун. Нешто подоцна, откако се омажила за Леонс, подружницата во Камерун им препорачала да се преселат во Ајос, град во кој имало голема потреба од објавители.

Каков бил животот таму? Жизел вели: „Се случуваше цели седмици да нема струја, и поради тоа не можевме да ги полниме мобилните телефони. Тие не работеа поголемиот дел од времето. Научив да готвам на дрва, а ноќе одевме со колички и батериски ламби за да нацрпиме вода бидејќи тогаш имаше помалку гужва на изворот“. Како се справиле со ваквите околности? Жизел вели: „Истрајавме со помош на Јеховиниот дух, со поддршката што си ја дававме меѓусебно, како и со охрабрувањето и повремената финансиска помош од семејството и пријателите“.

Дали Жизел е среќна затоа што се вратила во својата земја? Таа вели: „Да, апсолутно! Во почетокот имавме проблеми и се чувствувавме обесхрабрено, но штом помина тоа, јас и маж ми се уверивме дека го направивме токму тоа што требаше. Имаме доверба во Јехова и се чувствуваме поблиски со него“. Леонс и Жизел присуствувале на Школата за полновремени објавители, и сега служат како привремени специјални пионери.

Исто како рибарите кои храбро се справуваат со разни тешкотии за да фатат риба, оние што се враќаат во својата земја спремно прават жртви за да им помагаат на искрените лица кои ја прифаќаат библиската порака. Јехова во никој случај нема да ги заборави овие трудољубиви објавители и љубовта што ја покажуваат кон неговото име (Неем. 5:19; Евр. 6:10). Доколку живееш во друга земја, а има потреба од објавители во твојата земја, ќе можеш ли да се вратиш? Ако го направиш тоа, те очекуваат огромни благослови! (Изр. 10:22).