Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 46

Биди храбар — Јехова ќе ти помага!

Биди храбар — Јехова ќе ти помага!

Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам (ЕВР. 13:5)

ПЕСНА 55 Не плашете се!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што ќе нѐ утеши кога ќе се чувствуваме осамено или кога ќе нѐ притиснат проблеми? (Псалм 118:5-7).

ДАЛИ некогаш, кога си се соочувал со тежок проблем, си имал чувство дека си сосема сам и дека нема никој што би можел да ти помогне? Многумина се чувствувале така, дури и некои верни Божји слуги (1. Цар. 19:14). Ако и тебе ти се случи такво нешто, не заборавај што ветил Јехова. Тој рекол: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“. Затоа, можеме со доверба да кажеме: „Јехова е мојот помошник, нема да се плашам“ (Евр. 13:5, 6). Апостол Павле им ги напишал овие зборови на своите соверници во Јудеја околу 61 год. од н.е. Тие нѐ потсетуваат на она што стои во Псалм 118:5-7. (Прочитај.)

2. Што ќе разгледаме во оваа статија, и зошто?

2 Исто како псалмистот, Павле знаел од лично искуство дека Јехова му е помошник. На пример, нешто повеќе од две години пред да го напише своето послание до Евреите, тој се нашол во голема опасност кога бродот со кој патувал за Рим бил зафатен од силна бура (Дела 27:4, 15, 20). Во текот на ова патување, а и со години пред тоа, Јехова му помагал на Павле на многу начини. Ќе разгледаме три од нив. Јехова му пружил помош преку Исус и ангелите, преку лица што биле на одредена положба и преку соверниците. Тоа што ќе ги разгледаме овие настани од животот на Павле, уште повеќе ќе ни ја зајакне довербата во Бог, кој ветил дека ќе одговори и на нашите молитви за помош.

ПОМОШ ОД ИСУС И ОД АНГЕЛИТЕ

3. Што можеби се прашувал Павле, и зошто?

3 На Павле му била потребна помош. Околу 56 год. од н.е., една разбеснета толпа луѓе го извлекле надвор од храмот во Ерусалим за да го убијат. Следниот ден, кога бил изведен пред судскиот совет, речиси бил растргнат од своите непријатели (Дела 21:30-32; 22:30; 23:6-10). Во тој миг, Павле можеби се прашувал: „Уште колку долго ќе можам да го издржам ова?“

4. На кој начин Јехова му помогнал на Павле преку Исус?

4 Каква помош добил Павле? Ноќта пред да биде уапсен, Господарот Исус застанал покрај него и рекол: „Биди храбар! Зашто, како што во Ерусалим даваше темелно сведоштво за мене така треба да сведочиш и во Рим“ (Дела 23:11). Ова било охрабрување во право време! Исус го пофалил Павле затоа што дал темелно сведоштво во Ерусалим. А потоа му ветил дека ќе стигне безбедно во Рим, каде што исто така ќе имал прилика да сведочи. Откако го чул ова ветување, Павле сигурно се чувствувал безбедно како што се чувствува едно детенце во прегратката на својот татко.

Во текот на силна бура, еден ангел го уверува Павле дека сите кои се на бродот ќе го преживеат опасното патување. (Види во пасус 5)

5. На кој начин Јехова му помогнал на Павле преку еден ангел? (Види ја сликата на насловната страница.)

5 Со какви други неволји се соочил Павле? Две години по тие настани во Ерусалим, тој бил на брод кој пловел за Италија. Во текот на патувањето, наишле на толку силна бура што морнарите и патниците мислеле дека ќе загинат. Но, Павле не се исплашил. Зошто? Тој им кажал на сите што биле на бродот: „Ноќеска ми пристапи ангел на Богот кому му припаѓам и кому му служам и рече: ’Не плаши се, Павле! Ти треба да застанеш пред цезарот, и еве, Бог ти ги подари сите што пловат со тебе‘“. Јехова употребил ангел за да му го повтори ветувањето што пред тоа му го дал преку Исус. И навистина, Павле стигнал во Рим (Дела 27:20-25; 28:16).

6. Кое ветување на Исус може да ни влее сила, и зошто?

6 Каква помош добиваме ние? Исус ќе ни помага исто како што му помагал на Павле. На пример, тој им ветил на сите свои следбеници: „Јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:20). Овие зборови ни влеваат сила. Зошто? Бидејќи има денови кога ни е многу тешко. На пример, кога ќе ни почине некој од најмилите, ние чувствуваме болка не само неколку дена туку веројатно со години. Други се соочуваат со тешките денови што ги носи староста. А некои со денови се измачуваат со негативни чувства затоа што се во депресија. И покрај сѐ, наоѓаме сила да издржиме бидејќи знаеме дека Исус е со нас „во сите денови“ — дури и во најмрачните мигови од нашиот живот (Мат. 11:28-30).

Ангелите ни даваат поддршка и водство додека проповедаме (Види во пасус 7)

7. Според Откровение 14:6, како Јехова ни помага денес?

7 Божјата Реч нѐ уверува дека Јехова ни помага и преку ангелите (Евр. 1:7, 14). На пример, тие ни даваат поддршка и водство додека им ја проповедаме „добрата вест за Царството“ на луѓето „од секој народ и племе и јазик“ (Мат. 24:13, 14; прочитај Откровение 14:6).

ПОМОШ ОД ЛИЦА КОИ СЕ НА ПОЛОЖБА

8. Како Јехова му помогнал на Павле преку еден воен заповедник?

8 Каква помош добил Павле? Во 56 год. од н.е., Исус го уверил Павле дека ќе пристигне во Рим. Но, некои Евреи во Ерусалим планирале да му постават заседа и да го убијат. Кога дознал за нивниот план, римскиот воен заповедник Клавдиј Лисиј му пружил помош на Павле. Тој веднаш го испратил на пат со голема воена придружба во Цезареја, која била оддалечена околу 100 километри од Ерусалим. Во Цезареја, управителот Феликс заповедал „да го чуваат во Иродовата царска палата“. Евреите кои сакале да го убијат Павле не можеле да му направат ништо (Дела 23:12-35).

9. Како управителот Фест му помогнал на Павле?

9 Две години подоцна, Павле сѐ уште бил во затвор во Цезареја. Феликс бил заменет со нов управител кој се викал Фест. Евреите го молеле Фест да го испрати Павле во Ерусалим за да му судат, но тој одбил да го стори тоа. Можеби овој управител бил свесен дека Евреите подготвувале „заседа за да го убијат по патот“ (Дела 24:27 — 25:5).

10. Како одговорил управителот Фест кога Павле побарал да се жали пред цезарот?

10 Подоцна Павле бил изведен на суд во Цезареја. Бидејќи сакал „да им угоди на Евреите“, Фест го прашал: „Сакаш ли да одиш во Ерусалим за таму да ти се суди за тоа пред мене?“ Павле знаел дека веројатно ќе биде убиен во Ерусалим. Но, знаел и како може да си го спаси животот, да стигне до Рим и да продолжи да си ја извршува службата. Затоа рекол: „Ќе се жалам пред цезарот!“ Откако се посоветувал со своите советници, Фест одговорил: „Ако сакаш да се жалиш пред цезарот, ќе одиш пред цезарот!“ Со оваа одлука го избавил Павле од рацете на неговите непријатели. Наскоро овој апостол ќе бил во Рим, далеку од Евреите кои сакале да го убијат (Дела 25:6-12).

11. За кои охрабрувачки зборови на пророкот Исаија можеби размислувал Павле?

11 Додека чекал да тргне на пат за Италија, можно е Павле да размислувал за предупредувањето што пророкот Исаија им го дал на Божјите противници: „Кројте планови, но ќе пропаднат! Речете нешто, но нема да се оствари, зашто Бог е со нас!“ (Иса. 8:10). Павле знаел дека Јехова ќе му помага, и ова сигурно му влеало сила за да се соочи со неволјите кои му претстоеле.

Исто како во минатото, Јехова може и денес да ги заштити своите слуги преку лица кои се на положба (Види во пасус 12)

12. Како постапувал Јулиј со Павле, и што можеби сфатил Павле како резултат на тоа?

12 Во 58 год. од н.е., Павле тргнал на пат за Италија. Бидејќи бил затвореник, за него требало да се грижи еден римски стотник по име Јулиј. Од тој момент, Павле бил во негови раце — овој стотник имал моќ да му го загорчи животот или да му ги олесни маките. Како Јулиј ги искористил своите овластувања? Следниот ден, кога стигнале до првото пристаниште, тој постапил „човечки со Павле“ и му дозволил „да ги посети своите пријатели“. А подоцна дури му го спасил и животот. Како? Кога војниците сакале да ги убијат сите затвореници на бродот, Јулиј ги спречил во тоа. Зошто? Затоа што сакал „да го спаси Павле“. Веројатно Павле сфатил дека Јехова го користи овој добродушен заповедник за да му помага и да го штити (Дела 27:1-3, 42-44).

(Види во пасус 13)

13. Како Јехова може да употреби некои луѓе кои се на положба?

13 Каква помош добиваме ние? Кога е во склад со неговата намера, Јехова може да го употреби својот моќен свет дух и да влијае врз луѓе кои се на положба за да го извршат она што го сака тој. Цар Соломон напишал: „Срцето на царот е како вода што тече во раката на Јехова. Тој го насочува таму каде што сака“ (Изр. 21:1). Што значи оваа изрека? Луѓето можат да ископаат канал и да пренасочат дел од некоја река за да тече онаму каде што сакаат тие. На сличен начин, преку својот свет дух, Јехова може да ги насочи мислите на некои владетели за да постапат во склад со неговата намера. Кога Бог го прави тоа, некои луѓе кои се на положба се поттикнати да донесуваат одлуки кои се од корист за неговиот народ. (Спореди со Езра 7:21, 25, 26.)

14. Во склад со Дела 12:5, за кого може да се молиме?

14 Што може да правиме ние? Може да се молиме „за цареви и за сите што се на власт“ кога треба да носат одлуки кои ќе влијаат врз нашиот живот и служба (1. Тим. 2:1, 2; Неем. 1:11). Слично на христијаните во првиот век, и ние сесрдно му се молиме на Бог за нашите соверници кои се во затвор. (Прочитај Дела 12:5; Евр. 13:3.) Освен тоа, можеме да се молиме за чуварите во затворите каде што се нашите браќа и сестри. Добро е да го молиме Јехова да влијае врз мислите на тие поединци за да бидат поттикнати да постапуваат човечки со нашите затворени соверници исто како што постапувал Јулиј со Павле.

ПОМОШ ОД СОВЕРНИЦИТЕ

15-16. Како Јехова му помогнал на Павле преку Аристарх и Лука?

15 Каква помош добил Павле? Во текот на патувањето за Рим, Јехова секогаш одново му давал помош на Павле преку неговите соверници. Да разгледаме неколку примери.

16 Аристарх и Лука, кои му биле верни пријатели на Павле, решиле да отпатуваат заедно со него за Рим. * Тие спремно го ризикувале својот живот за да бидат заедно со Павле, иако никаде не пишува дека Исус им дал лично уверување дека безбедно ќе стигнат до Рим. Дури подоцна, во текот на опасната пловидба, дознале дека ќе останат живи. Затоа, кога Аристарх и Лука се качиле со Павле на бродот во Цезареја, тој сигурно од срце му се заблагодарил на Јехова за помошта што му ја дал преку овие двајца храбри соверници (Дела 27:1, 2, 20-25).

17. Како Јехова му помагал на Павле преку неговите соверници?

17 За време на патувањето, Павле неколку пати добил помош од своите соверници. На пример, кога стигнале во пристанишниот град Сидон, Јулиј му дозволил „да ги посети своите пријатели и тие да се грижат за него“. А подоцна, кога стигнале во градот Путеоли, Павле и неговите пријатели нашле некои браќа кои ги молеле да останат кај нив седум дена. Додека христијаните во тие места се грижеле за потребите на Павле и на неговите соработници, тој сигурно многу ги зајакнал домаќините така што им раскажувал охрабрувачки искуства. (Спореди со Дела 15:2, 3.) По таа посета, со која сите заемно се охрабриле, Павле и неговите пријатели продолжиле со патувањето (Дела 27:3; 28:13, 14).

Исто како на Павле, Јехова ни помага и нам преку нашите соверници (Види во пасуси 18)

18. Зошто Павле му се заблагодарил на Бог и се охрабрил?

18 Додека пешачел кон Рим, Павле сигурно размислувал за она што три години пред тоа им го напишал на браќата во тоа собрание: „Веќе неколку години копнеам да дојдам кај вас“ (Рим. 15:23). Сепак, не мислел дека ќе отиде таму како затвореник. Замисли колку мора да бил охрабрен кога ги видел браќата од Рим како го чекаат по патот за да му изразат срдечно добредојде! Библијата вели: „Кога ги здогледа, Павле му заблагодари на Бог и се охрабри“ (Дела 28:15). Забележи дека тој му се заблагодарил на Јехова затоа што браќата го пречекале. Зошто? Бидејќи сфатил дека Бог е тој што повторно му помогнал преку соверниците.

(Види во пасуси 19)

19. Според 1. Петрово 4:10, како може Јехова преку нас да им помогне на оние што имаат потреба?

19 Што може да направиме ние? Дали некои браќа и сестри во твоето собрание се болни или се соочуваат со други проблеми? Можеби некому од нив му починал некој близок. Ако слушнеме дека некому му треба помош, може да го молиме Јехова да ги најдеме вистинските зборови за да го зајакнеме. Она што со љубов ќе му го кажеме или ќе го направиме за него можеби ќе биде токму тоа што му е потребно за да се охрабри. (Прочитај 1. Петрово 4:10.) * На тој начин, може да ги увериме нашите браќа и сестри дека и за нив важи ветувањето што го дал Јехова, кога рекол: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“. Зарем тоа нема да ни причини радост?

20. Зошто може со увереност да кажеме: „Јехова е мојот помошник“?

20 Слично на Павле и на неговите пријатели, и ние може да наидеме на жестоки бури во животот. Сепак, може храбро да се соочиме со нив бидејќи знаеме дека Јехова е со нас. Тој ни помага преку Исус и ангелите. Исто така, ако е во склад со неговата намера, Јехова може да ни помогне преку луѓе кои се на положба. И, како што многумина од нас можат да потврдат од прва рака, преку светиот дух, Јехова ги поттикнува срцата на своите слуги за да им помагаат на соверниците. Затоа, исто како Павле, можеме со увереност да кажеме: „Јехова е мојот помошник, нема да се плашам. Што може да ми направи човек?“ (Евр. 13:6).

ПЕСНА 38 Тој ќе те зајакне

^ пас. 5 Во оваа статија ќе разгледаме три начини на кои Јехова му помогнал на апостол Павле да се справи со некои тешки проблеми. Тоа ќе ни ја зајакне довербата дека ќе ни помага и нам денес додека минуваме низ животните бури.

^ пас. 16 Аристарх и Лука патувале заедно со Павле и пред тоа. Овие негови верни пријатели останале заедно со него и додека бил затворен во Рим (Дела 16:10-12; 20:4; Кол. 4:10, 14).

^ пас. 19 Види во Стражарска кула од 15 јануари 2009, стр. 13-14, пас. 5-9.