Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 47

Дали и понатаму ќе прифаќаш совети?

Дали и понатаму ќе прифаќаш совети?

На крајот, браќа, радувајте се, исправајте се (2. КОР. 13:11)

ПЕСНА 54 „Тоа е патот“

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Според Матеј 7:13, 14, зошто може да се каже дека сме на едно симболично патување?

МОЖЕ да се каже дека сите ние сме на едно симболично патување. Нашата цел е да живееме во новиот свет под власта на нашиот грижлив Бог, Јехова. Секој ден се трудиме да одиме по патот што води во живот. Но, како што рекол Исус, тој пат е тесен и понекогаш е тешко да го следиме. (Прочитај Матеј 7:13, 14.) Бидејќи сме несовршени, лесно е да застраниме од него (Гал. 6:1).

2. Што ќе разгледаме во оваа статија? (Види ја и рамката „ Понизноста ни помага да останеме на тесниот пат“.)

2 Ако сакаме да останеме на тесниот пат што води во живот, мора да бидеме спремни да ги менуваме нашите ставови, размислувања и постапки. Апостол Павле ги поттикнал христијаните во Коринт да продолжат да се исправаат (2. Кор. 13:11). Овој совет важи и за нас. Во оваа статија ќе видиме како со помош на Библијата може да ги исправиме своите чекори, и како зрелите пријатели можат да ни помогнат да останеме на патот што води во живот. Освен тоа, ќе разгледаме кога може да ни биде тешко да го следиме водството што ни го дава Јеховината организација. Ќе видиме како понизноста може да ни помогне да ги направиме потребните промени без да ја изгубиме радоста додека му служиме на Јехова.

ДОЗВОЛИ БОЖЈАТА РЕЧ ДА ТЕ ИСПРАВА

3. Како може Божјата Реч да ти помогне?

3 Не е лесно да ги преиспитаме своите мисли и чувства. Бидејќи нашето срце е измамливо, може да ни биде тешко да препознаеме во кој правец нѐ води (Ерем. 17:9). Многу е лесно да се залажуваме самите себе (Јак. 1:22). Затоа, мора да ја користиме Божјата Реч за да се преиспитуваме. Таа ни открива какви сме однатре, односно ги открива нашите најдлабоки мисли и намерите на нашето срце (Евр. 4:12, 13). Во некоја смисла, Божјата Реч е слична на рендген апарат кој ни помага да видиме што има во нас. Но, мора да бидеме понизни за да извлечеме корист од советите што ги добиваме од Библијата и од оние преку кои Бог ја води својата организација.

4. Од каде знаеме дека цар Саул станал горделив?

4 Примерот на цар Саул покажува што може да се случи ако не сме понизни. Тој станал толку горделив што не сакал дури ни сам на себе да си признае дека треба да го смени своето размислување и постапување (Пс. 36:1, 2; Авак. 2:4). Ова станало јасно откако Јехова му дал конкретно упатство за тоа што треба да направи кога ќе ги порази Амаличаните. Саул не послушал. А кога пророкот Самоил зборувал за тоа со него, тој не признал дека згрешил. Наместо тоа, почнал да се оправдува тврдејќи дека не направил ништо лошо и ја префрлил вината врз другите (1. Сам. 15:13-24). Саул уште пред тоа покажал сличен став (1. Сам. 13:10-14). За жал, тој дозволил да се возгоредее во срцето и станал вообразен. Поради тоа што не го исправил своето размислување, Јехова го укорил и го отфрлил.

5. Каква поука може да извлечеме од лошиот пример на Саул?

5 Бидејќи не сакаме да бидеме како Саул, добро е да се прашаме: „Кога ќе прочитам некој совет од Божјата Реч, дали се обидувам да најдам оправдување за моето размислување? Дали мислам дека тоа што го правам и не е толку лошо? Дали ја префрлам вината за моето постапување врз некој друг?“ Ако одговориме потврдно на кое и да било од овие прашања, тогаш мора да го промениме нашиот став и размислување. Во спротивно, би можеле да станеме толку вообразени што Јехова повеќе нема да сака да му бидеме пријатели (Јак. 4:6).

6. Каква разлика имало меѓу цар Саул и цар Давид?

6 Забележи ја разликата меѓу цар Саул и следниот цар на Израел, Давид, кој го сакал „законот на Јехова“ (Пс. 1:1-3). Давид знаел дека Бог ги спасува понизните, а им се спротивставува на вообразените (2. Сам. 22:28). Затоа дозволил Божјиот закон да го промени неговиот начин на размислување. Тој напишал: „Ќе го благословувам Јехова, кој ме советува. Ноќе ме опоменуваат моите бубрези“ (Пс. 16:7).

БОЖЈАТА РЕЧ

Божјата Реч нѐ предупредува кога ќе скршнеме од патот. Ако сме понизни, ќе дозволиме Библијата да го исправи нашето погрешно размислување (Види во пасус 7)

7. Како ќе постапиме ако сме понизни?

7 Ако сме понизни, ќе дозволиме Божјата Реч да го исправи нашето погрешно размислување пред тоа да нѐ наведе на погрешни постапки. Библијата ќе ни биде како глас кој ни вели: „Тоа е патот, одете по него“. Таа ќе нѐ предупреди кога ќе скршнеме од патот, било надесно било налево (Иса. 30:21). Ако сме му послушни на Јехова, тоа ќе ни користи на многу начини (Иса. 48:17). На пример, нема да црвенееме од срам кога некој друг ќе мора да нѐ исправи. И ќе бидеме уште поблиски со Јехова затоа што сфаќаме дека тој се грижи за нас како за свои сакани деца (Евр. 12:7).

8. Според Јаков 1:22-25, во која смисла Божјата Реч може да ни биде како огледало?

8 Божјата Реч може да ни биде како огледало. (Прочитај Јаков 1:22-25.) Повеќето од нас се погледнуваат во огледало пред да излезат од дома. Така може да видиме дали треба да направиме некоја промена пред да нѐ видат другите. На сличен начин, кога ја читаме Библијата секој ден, ќе забележиме какви промени треба да направиме во нашиот став и размислување. На мнозина им користи тоа што секое утро го читаат дневниот стих пред да излезат од дома. Тие дозволуваат она што го читаат да влијае врз нивното размислување. А потоа, во текот на денот, се трудат да ги применат тие совети од Божјата Реч. Освен тоа, мора редовно да одвојуваме време за да ја проучуваме Библијата и да размислуваме за неа. Иако можеби звучи едноставно, тоа е една од најважните работи која ќе ни помогне да останеме на тесниот пат што води во живот.

СЛУШАЈ ГИ ЗРЕЛИТЕ ПРИЈАТЕЛИ

ДУХОВНО ЗРЕЛИ ПРИЈАТЕЛИ

Некој духовно зрел соверник може да ни даде љубезно предупредување. Дали сме благодарни што нашиот пријател имал храброст да зборува со нас? (Види во пасус 9)

9. Кога некој пријател можеби ќе мора да ти даде совет?

9 Дали некогаш ти се случило да тргнеш по пат кој можел да те оддалечи од Јехова? (Пс. 73:2, 3). Ако некој зрел пријател имал храброст да ти укаже на грешката, дали си го сослушал и дали си го применил неговиот совет? Ако да, тогаш си постапил исправно, и сигурно си му благодарен што те предупредил (Изр. 1:5).

10. Како треба да постапиш ако некој пријател те советува?

10 Божјата Реч вели: „Ударите на оној што те сака се израз на верност“ (Изр. 27:6). Што значи ова? Размисли за следнава споредба: Замисли си дека заедно со некој пријател чекаш да преминеш прометна улица и во тој миг ти ѕвони телефонот. Гледајќи во телефонот, тргнуваш да преминеш на другата страна. Во истиот момент, пријателот те зграпчува за рака и те повлекува назад на тротоарот. Толку цврсто ти ја стегнал раката што ти оставил модрица, но со тоа што веднаш реагирал спречил да те удри кола. Иако модрицата што ти ја направил ќе те боли неколку дена, дали ќе му се лутиш поради тоа? Во никој случај! Ќе му бидеш благодарен што те спасил. На сличен начин, ако некој пријател ти укаже дека си направил или си кажал нешто што не е во склад со Божјите праведни мерила, во почетокот тоа може да те боли. Сепак, немој да се лутиш или да се навредиш затоа што ти дал совет. Тоа би било неразумно (Проп. 7:9). Биди благодарен што твојот пријател имал храброст да ти укаже на грешката.

11. Зошто некој би можел да отфрли добар совет од близок пријател?

11 Што би можела да биде причината некој да одбие добар совет од близок пријател? Гордоста. Гордите луѓе сакаат да го слушаат „она што им годи на ушите“. Тие не сакаат некој да им ја каже вистината (2. Тим. 4:3, 4). Сметаат дека не им треба совет затоа што си мислат дека се нешто посебно и дека се попаметни од сите други. Но, апостол Павле напишал: „Ако некој мисли дека е нешто, а не е ништо, самиот себеси се залажува“ (Гал. 6:3). Цар Соломон добро го објаснил ова кога напишал: „Подобар е младич сиромав, ама мудар, отколку стар цар, ама безумен, кој повеќе не знае да прими совет“ (Проп. 4:13).

12. Според Галатите 2:11-14, што учиме од примерот на апостол Петар?

12 Забележи каков пример ни оставил апостол Петар кога апостол Павле го укорил пред другите. (Прочитај Галатите 2:11-14.) Ако се концентрирал на тоа како и каде Павле му го дал советот, Петар можел да му се налути. Но, тој бил мудар. Го прифатил укорот и не држел лутина. Напротив, подоцна се осврнал на Павле како на „сакан брат“ (2. Пет. 3:15).

13. Што треба да имаме на ум ако сакаме да дадеме совет некому?

13 Што треба да имаш на ум ако сметаш дека е потребно да му дадеш совет на некој пријател? Пред да разговараш со него, прашај се: „Дали можеби сум преправеден?“ (Проп. 7:16). Самоправедниот човек им суди на другите според свои мерила, а не според Јеховините, и обично не е многу милостив. Откако внимателно ќе размислиш зошто сакаш да му дадеш совет на својот пријател и сѐ уште сметаш дека треба да го сториш тоа, јасно кажи му што е проблемот и помогни му со неколку прашања самиот да сфати зошто она што го направил е погрешно. Кога даваш совет, тој треба да се темели на Библијата. Притоа мора да имаш на ум дека твојот пријател не одговара за своите постапки пред тебе, туку пред Јехова (Рим. 14:10). Потпирај се на мудроста од Божјата Реч и биди сочувствителен како Исус (Изр. 3:5; Мат. 12:20). Зошто? Затоа што Јехова ќе постапува со нас на ист начин како што ние постапуваме со другите (Јак. 2:13).

СЛЕДИ ГО ВОДСТВОТО ОД БОЖЈАТА ОРГАНИЗАЦИЈА

БОЖЈАТА ОРГАНИЗАЦИЈА

Божјата организација обезбедува публикации, видеоклипови и состаноци кои ни помагаат да ги примениме советите од Библијата. Понекогаш Водечкото тело прави промени во начинот на кој се организира делото (Види во пасус 14)

14. Што ни обезбедува Божјата организација?

14 Јехова нѐ води по патот на живот преку земниот дел од својата организација, која ни обезбедува публикации, видеоклипови и состаноци што ни помагаат да ги применуваме советите од Библијата. Можеме да имаме доверба во сите тие информации бидејќи цврсто се темелат на Божјата Реч. Водечкото тело се потпира на светиот дух кога одлучува кој е најдобриот начин да го извршуваме проповедничкото дело. Сепак, Водечкото тело редовно ги преиспитува своите одлуки за да види дали треба да се направи некоја промена. Зошто? Затоа што околностите во светот постојано се менуваат, и Божјата организација мора да се приспособи на нив (1. Кор. 7:31).

15. Што им паѓа тешко на некои објавители?

15 Кога Божјата организација ни дава појаснување на одредени библиски учења или упатства во однос на моралните мерила, спремно ги прифаќаме и применуваме. Но, како постапуваме кога таа прави промени што влијаат врз други полиња од нашиот живот? На пример, во последниве години многу се зголемија трошоците за изградба и за одржување на нашите објекти. Затоа, Водечкото тело одлучи колку што е можно повеќе собранија да користат иста сала за состаноци. Како резултат на оваа промена, некои собранија беа споени, и некои сали беа продадени. Тие средства се користат за да се изградат сали на места каде што има најголема потреба. Ако живееш во место каде што некоја сала била продадена и каде што некои собранија биле споени, можеби ти е тешко да се навикнеш на новите околности. Сега некои објавители мора да патуваат подалеку за да одат на состанок. Други кои работеле на изградбата или на одржувањето на некоја сала можеби се прашуваат зошто сега таа се продава. Можеби си мислат дека залудно трошеле време и труд. И покрај тоа, тие ги прифаќаат новите упатства и заслужуваат пофалба.

16. Како тоа што ќе го примениме советот од Колошаните 3:23, 24 ќе ни помогне да ја зачуваме радоста?

16 Ќе си ја зачуваме радоста ако постојано имаме на ум дека сѐ што правиме е за Јехова и дека тој ја води својата организација. (Прочитај Колошаните 3:23, 24.) Цар Давид дал добар пример кога приложил од своето богатство за да се изгради храмот. Тој рекол: „Кој сум јас и што е мојот народ за да можеме доброволно да ти го приложиме сето ова? Од тебе доаѓа сѐ и, откако го примивме од твоја рака, ти го дадовме тебе“ (1. Лет. 29:14). Кога приложуваме од нашите средства, и ние му го даваме на Јехова она што доаѓа од неговата рака. Сепак, Јехова многу ги цени времето, силата и прилозите што ги даваме за да се извршува неговото дело (2. Кор. 9:7).

ОСТАНИ НА ТЕСНИОТ ПАТ

17. Зошто не треба да се обесхрабриш ако сфатиш дека треба да направиш некои промени?

17 За да останеме на тесниот пат што води во живот, сите ние мора да одиме по Христовите стапки (1. Пет. 2:21). Ако сфатиш дека треба да направиш некои промени, не се обесхрабрувај. Тоа е добар знак бидејќи покажува дека сакаш да го следиш Јеховиното водство. Не заборавај дека Бог е свесен за нашата несовршеност, и затоа нѐ очекува совршено да го следиме примерот на Исус.

18. Што треба да правиме за да стигнеме до нашата цел?

18 Да го насочиме погледот кон иднината и да бидеме спремни да правиме промени во нашите ставови, размислувања и постапки (Изр. 4:25; Лука 9:62). Да останеме понизни, да се радуваме и да се исправаме (2. Кор. 13:11). Тогаш „Богот на љубовта и мирот ќе биде со [нас]“. На тој начин, не само што ќе стигнеме до целта туку и ќе уживаме во текот на целото патување.

ПЕСНА 34 Да живееме непорочно

^ пас. 5 На некои од нас им е тешко да ги сменат своите ставови, размислувања и постапки. Во оваа статија ќе видиме зошто треба сите да бидеме спремни да се менуваме, и како може да ја зачуваме радоста додека го правиме тоа.

^ пас. 76 ОПИС НА СЛИКАТА: Додека помладиот брат раскажува што му се случило затоа што донел лоша одлука, повозрасниот брат (од десно) слуша смирено за да види дали има потреба да даде совет.