Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

„Јехова не ме заборави“

„Јехова не ме заборави“

ЖИВЕАМ во Ореала, село со околу 2.000 жители во Гвајана (Јужна Америка). Селото е зафрлено, и до него се стигнува само со мал авион или со чамец.

Роден сум во 1983 год. Во првите години од животот имав нормално детство. Но, кога наполнив десет години, почнав да чувствувам силни болки низ целото тело. Околу две години подоцна, кога се разбудив едно утро, не можев да мрднам. Нозете ми беа потполно неподвижни. Од тој ден, повеќе не можев да одам. Освен тоа, поради болеста престанав да растам и останав со истата висина.

Неколку месеци откако се разболев и повеќе не излегував од дома, кај нас дојдоа две жени кои беа Јеховини сведоци. Обично, кога доаѓаше некој, не сакав да разговарам, но тој ден решив да слушнам што имаат да кажат. Додека ми зборуваа за рајот, се сетив на она што го имав слушано кога бев околу пет години. Во тоа време, еден мисионер по име Џетро, кој живееше во Суринам, доаѓаше во нашето село еднаш месечно и ја проучуваше Библијата со татко ми. Џетро беше многу добар со мене. Многу го сакав. Исто така, баба ми и дедо ми одеа на состаноците на Јеховините сведоци, кои се одржуваа во нашето село, и понекогаш ме земаа со себе. Затоа, кога Флоренс, една од жените што дојдоа кај нас, ме праша дали сакам да дознаам нешто повеќе, јас се согласив.

Таа се врати со својот сопруг, Џастас, и почнаа заедно да ја проучуваат Библијата со мене. Кога забележаа дека не знам да читам, тие ми помогнаа да научам, и по некое време можев да читам сам. Еден ден, ми кажаа дека добиле задача да служат во Суринам. За жал, во Ореала немаше никој што можеше да продолжи да проучува со мене. Сепак, Јехова не ме заборави.

Кратко потоа, еден пионер по име Флојд пристигна во Ореала, и се запознавме додека проповедаше од колиба до колиба. Кога ме праша дали сакам да ја проучувам Библијата, се насмевнав. Тој ме праша: „Зошто се смееш?“ Му кажав дека веќе ја проучував брошурата Што бара Бог од нас? и дека ја почнав книгата Спознание кое води до вечен живот. * Му објаснив зошто престанав да проучувам. Откако со Флојд ја завршив книгата Спознание, и тој беше испратен да служи на друго место. Повторно немаше кој да ме поучува за Библијата.

Во 2004 год., Гренвил и Џошуа, двајца специјални пионери, беа доделени да служат во Ореала. Додека проповедаа од колиба до колиба, дојдоа и кај мене. Кога ме прашаа дали сакам да проучувам, се насмевнав. Ги замолив повторно да ја проучуваме од почеток книгата Спознание. Сакав да видам дали ќе ме поучат за истите работи за кои ме поучуваа другите пред нив. Гренвил ми кажа дека во селото се одржуваат состаноци. Иако немав излезено од дома речиси десет години, сакав да појдам на состанок. Така Гренвил дојде по мене, ме стави во инвалидска количка и ме туркаше до салата за состаноци.

Со текот на времето, Гренвил ме поттикна да учествувам во Теократската школа за служба. Тој ми рече: „Иако не можеш да се движиш, можеш да зборуваш. Еден ден ќе држиш јавно предавање. Уверен сум во тоа!“ Неговите охрабрувачки зборови ми влеаја самодоверба.

Почнав да проповедам заедно со Гренвил. Но, бидејќи повеќето земјени патишта во селото беа нерамни, не беше лесно да ме турка со инвалидската количка. Затоа го замолив да ме стави во ѕидарска количка и да ме турка во неа. Ова беше многу подобро. Се крстив во април 2005 год. Набрзо потоа, браќата ме обучија да се грижам за собраниската литература и да помагам со озвучувањето во салата.

За жал, во 2007 год. татко ми загина во несреќа со чамецот. Моето семејство беше во шок. Гренвил се молеше со нас и нѐ тешеше со стихови од Библијата. Две години подоцна, се случи уште една трагедија — и Гренвил загина во слична несреќа.

Нашето мало собрание, во кое сите жалевме, остана без старешина. Имавме само еден слуга-помошник. Смртта на Гренвил многу ме погоди. Тој ми беше многу драг пријател. Секогаш се грижеше за мене и во духовен и во физички поглед. На состанокот што се одржа веднаш откако загина, требаше да ја читам статијата од Стражарска кула која се проучуваше таа седмица. Откако ги прочитав првите два пасуса, почнав да плачам и не можев да ги запрам солзите. Морав да слезам од бината.

Почнав да се чувствувам подобро кога во Ореала дојдоа да помагаат браќа од едно друго собрание. Освен тоа, подружницата ни испрати еден специјален пионер по име Коџо. Бев пресреќен кога мајка ми и еден од моите помлади браќа почнаа да проучуваат и се крстија. Потоа, во март 2015 год., бев именуван како слуга-помошник. По некое време, го одржав моето прво јавно предавање. Тој ден, со насмевка и со солзи во очите се присетив на она што ми го кажа Гренвил пред повеќе години: „Еден ден ќе држиш јавно предавање. Уверен сум во тоа!“

Од емисиите на JW Broadcasting® дознав дека има и други браќа и сестри кои се во слична ситуација како мене. Но, иако имаат ограничувања, сепак водат исполнет и среќен живот. И јас можам да правам некои работи. Бидејќи сакав да му служам на Јехова со сета моја сила, решив да започнам со пионерска служба. А во септември 2019 год. се случи нешто неочекувано! Бев именуван да служам како старешина во нашето собрание во кое има околу 40 објавители.

Многу сум им благодарен на драгите браќа и сестри кои проучуваа со мене и ми помагаа да ја извршувам службата. Но, најмногу од сѐ сум му благодарен на Јехова затоа што никогаш не ме заборави!

^ пас. 8 Издадена од Јеховините сведоци, но повеќе не се печати.