Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 3

Големото мноштво ги слави Бог и Христос

Големото мноштво ги слави Бог и Христос

Спасението му го должиме на својот Бог, кој седи на престолот, и на Јагнето (ОТК. 7:10)

ПЕСНА 14 Да го славиме новиот Цар на Земјата

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Како влијаел врз еден млад човек говорот со наслов „Големото мноштво“, кој бил одржан на еден конрес во 1935 год.?

ВО 1926 год., кога имал 18 години, еден млад човек се крстил. Неговите родители биле Истражувачи на Библијата, како што тогаш се нарекувале Јеховините сведоци. Тие имале три сина и две ќерки, кои ги воспитале да му служат на Јехова Бог и да го следат примерот на Исус Христос. Како и сите други Истражувачи на Библијата во тоа време, овој искрен млад човек секоја година земал од лебот и виното, кои се користат како симболи на Господаровата вечера. Но, неговата надеж за иднината потполно се сменила кога го слушнал незаборавниот говор со наслов „Големото мноштво“. Овој говор го одржал Џозеф Ратерфорд во 1935 год., на еден конгрес во градот Вашингтон (САД). Што дознале Јеховините сведоци на тој конгрес?

2. Какво објаснување дал брат Ратерфорд во својот говор за „големото мноштво“?

2 Во својот говор, брат Ратерфорд јасно кажал кој ќе го сочинува „големото мноштво“, спомнато во Откровение 7:9. Сѐ дотогаш Истражувачите на Библијата сметале дека оваа група се состои од луѓе кои ќе одат на небото, но нема да владеат со Исус затоа што не биле толку верни. Со помош на библиски стихови, брат Ратерфорд објаснил дека Бог не го избрал големото мноштво за да живее на небото туку, дека тие се „другите овци“ * на Христос кои ќе ја преживеат „големата неволја“ и ќе живеат вечно на Земјата (Отк. 7:14). Исус ветил: „И други овци имам, кои не се од ова трло. И нив морам да ги доведам, и тие ќе го слушаат мојот глас, па сите ќе бидат едно стадо со еден пастир“ (Јован 10:16). Според тоа, „другите овци“ се верни Сведоци на Јехова кои имаат надеж да живеат засекогаш во рајот на Земјата (Мат. 25:31-33, 46). Да видиме како ова ново обаснување им ги променило животите на многу Јеховини слуги, во кои спаѓал и младиот брат кој беше спомнат во почетокот (Пс. 97:11; Изр. 4:18).

НОВО ОБЈАСНУВАЊЕ КОЕ ВЛИЈАЕЛО ВРЗ ИЛЈАДНИЦИ ЖИВОТИ

3-4. На конгресот во 1935 год., што сфатиле илјадници лица во врска со својата надеж, и зошто?

3 Во текот на својот говор, во еден момент, брат Ратерфорд им се обратил на присутните кои броеле околу 20.000. Тој рекол: „Ве молам, станете сите вие што се надевате дека ќе живеете вечно на Земјата“. Според еден очевидец, станале повеќе од половина од присутните. Тогаш, брат Ратерфорд извикал: „Гледајте! Големото мноштво!“ Потоа следел громогласен аплауз. Оние што станале сфатиле дека Јехова не ги избрал да живеат на небото и дека не ги помазал со својот свет дух. Следниот ден се крстиле 840 лица, а повеќето од нив биле од „другите овци“.

4 По тој говор, младиот човек, кој беше спомнат во почетокот, како и илјадници други престанале да земаат од лебот и од виното на Господаровата вечера. Мнозина имале слични чувства како еден понизен брат, кој рекол: „На Спомен-свеченоста од 1935 год. за последен пат земав од симболите. Сфатив дека не сум еден од оние на кои Јехова преку својот свет дух им дал надеж за живот на небото. Напротив, мојата надеж беше дека ќе живеам на Земјата, и дека ќе бидам меѓу оние што ќе ја претворат во рај“ (Рим. 8:16, 17; 2. Кор. 1:21, 22). Оттогаш, бројот на оние што го сочинуваат големото мноштво продолжи да расте, и тие соработуваат со преостанатите помазаници.

5. Како гледа Јехова на оние што престануваат да земаат од симболите на Спомен-свеченоста?

5 Како гледа Јехова на оние што престанале да земаат од симболите по 1935 год.? И како гледа на некој крстен Сведок денес кој бил уверен дека е помазан, и затоа земал од лебот и од виното на Господаровата вечера, но потоа сфатил дека не е помазан со свет дух? (1. Кор. 11:28). Некои земале од симболите затоа што дошле до погрешен заклучок дека имаат небесна надеж. Но, ако искрено си ја признаат грешката, ако престанат да земаат од симболите и ако продолжат верно да му служат на Јехова, тој сигурно ќе ги прифати како дел од „другите овци“. Иако нема да земат од лебот и од виното, тие сепак можат да присуствуваат на Спомен-свеченоста бидејќи се многу благодарни за сето она Јехова и Исус го направиле за нив.

ПРЕКРАСНА НАДЕЖ

6. Што им заповедал Исус на ангелите?

6 Бидејќи големата неволја е на самиот праг, добро е да разгледаме што вели Откровение поглавје 7 за помазаните христијани и за големото мноштво од „другите овци“. Исус им заповеда на ангелите да ги задржуваат четирите ветрови на уништувањето. Тие не смеат да ги пуштат тие ветрови на Земјата сѐ додека сите помазани христијани не бидат обележани со печат, односно сѐ додека Јехова не потврди дека му останале верни до крај (Отк. 7:1-4). Христовите помазани браќа ќе бидат наградени за својата верност така што ќе служат заедно со Исус како цареви и свештеници од небото (Отк. 20:6). Сите што го сочинуваат небесниот дел од Божјето семејство едвај чекаат да видат како 144-те илјади помазаници ја добиваат својата небесна награда.

Големо мноштво луѓе облечени во долги бели облеки држат палмови гранки во рацете, и стојат пред блескавиот Божји престол и пред Јагнето. (Види во пасус 7)

7. Според Откровение 7:9, 10, кого го гледа Јован во видение, и што прават тие? (Види ја сликата на насловната страница.)

7 Откако ги спомнува овие 144.000 цареви и свештеници, Јован го гледа во видение големото мноштво кое го преживеало Армагедон. За разлика од првата група, која брои точно 144.000, оваа втора група е многу поголема и никој не може да ја изброи. (Прочитај Откровение 7:9, 10.) Оние што го сочинуваат големото мноштво се облечени во „бели долги облеки“, што покажува дека останале неизвалкани од светот на Сатана и дека им останале верни на Бог и на Христос (Јак. 1:27). Тие извикуваат на сет глас дека своето спасение им го должат на Јехова и на Исус, Божјето Јагне. Во рацете држат „палмови гранки“, што покажува дека со радост го признаваат Исус како Цар поставен од Јехова. (Спореди со Јован 12:12, 13.)

8. Што дознаваме од Откровение 7:11, 12 за Јеховиното семејство на небото?

8 Прочитај Откровение 7:11, 12. Кога се појавува ова големо мноштво кое го фали Бог, радоста на небото е огромна. Целото Јеховино семејство на небото со нетрпение очекува да се исполни ова видение, кога големото мноштво ќе ја преживее големата неволја.

9. Според Откровение 7:13-15, што прави големото мноштво денес?

9 Прочитај Откровение 7:13-15. Јован напишал дека оние што припаѓаат на големото мноштво ги испрале „своите долги облеки“ и ги обелиле „во крвта на Јагнето“. Ова покажува дека имаат чиста совест и дека Јехова ги смета за праведни (Иса. 1:18). Тие се крстени христијани кои имаат силна вера во жртвата на Исус и кои имаат добар однос со Јехова (Јован 3:36; 1. Пет. 3:21). Затоа смеат да стојат пред Божјиот престол и да „му служат ден и ноќ“ во земниот двор на неговиот духовен храм. Всушност, тие уште сега ревносно го извршуваат најголемиот дел од проповедањето и поучувањето така што го ставаат Божјето Царство пред сопствените интереси (Мат. 6:33; 24:14; 28:19, 20).

Припадниците на големото мноштво се радуваат што ја преживеале големата неволја (Види во пасус 10)

10. Во што се уверени припадниците на големото мноштво, и кое ветување ќе видат како се исполнува?

10 Припадниците на големото мноштво кои ќе ја преживеат големата неволја се уверени дека Бог и понатаму ќе се грижи за нив. Библијата вели: „Оној што седи на престолот ќе го распне својот шатор над нив“. „Другите овци“ конечно ќе го видат исполнувањето на долгоочекуваното ветување: „[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Отк. 21:3, 4).

11-12. а) Според Откровение 7:16, 17, какви благослови го очекуваат големото мноштво? б) Што можат да прават „другите овци“ на Спомен-свеченоста, и зошто?

11 Прочитај Откровение 7:16, 17. Денес некои Јеховини слуги дословно гладуваат поради тешките економски услови или како резултат на граѓански немири и војни. Други се наоѓаат во затвор поради својата вера. Сепак, оние што го сочинуваат големото мноштво се радуваат што знаат дека, откако ќе му биде ставен крај на овој злобен свет, тие секогаш ќе имаат изобилство од дословна и духовна храна. Кога ќе биде уништен светот на Сатана, големото мноштво ќе биде поштедено од распламтениот гнев на Јехова, кој тој ќе го излее врз народите. Откако ќе заврши големата неволја, Исус ќе ги води оние што ќе преживеат на „извори на води на животот“. Замисли си, големото мноштво има прекрасна надеж! Од милијардите луѓе што некогаш живееле на Земјата, тие ќе бидат единствените што нема да мораат никогаш да умрат (Јован 11:26).

12 „Другите овци“ ги очекуваат прекрасни благослови во иднина. За тоа, тие им се многу благодарни на Јехова и на Исус. Иако нема да живеат на небото, тие во никој случај не се помалку вредни или помалку скапоцени за Јехова. Членовите и на двете групи можат да ги фалат Бог и Христос. Еден начин на кој го прават тоа е така што присуствуваат на Господаровата вечера.

СО СВОЕТО ПРИСУСТВО ИМ ОДДАВАШ ЧЕСТ НА ЈЕХОВА И НА ИСУС

Лебот и виното што се подаваат на Спомен-свеченоста нѐ потсетуваат дека Исус умрел наместо нас за да можеме ние да имаме живот (Види во пасуси 13-15)

13-14. Зошто и „другите овци“ треба да присуствуваат на Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт?

13 Во последниве години, од лебот и од виното на Спомен-свеченоста земаше во просек 1 од 1000 присутни. Во повеќето собранија никој не земаше од симболите. Најголемиот дел од оние што присуствуваат на Спомен-свеченоста имаат надеж дека ќе живеат засекогаш на Земјата. Тогаш зошто присуствуваат на овој настан? Од истата причина од која би присуствувале на свадбата на некој пријател. Во таа прилика сакаат да бидат заедно со двојката која стапува во брак за да им покажат љубов и да им дадат поддршка. Слично на тоа, „другите овци“ присуствуваат на Спомен-свеченоста за да им ја покажат својата љубов и да им ја дадат својата поддршка на Христос и на помазаните христијани. Освен тоа, тие сакаат да покажат дека се благодарни за жртвата на Исус, која им овозможува да живеат засекогаш на Земјата.

14 „Другите овци“ присуствуваат на Спомен-свеченоста од уште една важна причина. Тие сакаат да бидат послушни на заповедта што ја дал Исус. Кога ја воспоставил Господаровата вечера со своите верни апостоли, тој им рекол: „Правете го ова за мој спомен“ (1. Кор. 11:23-26). Затоа тие ќе присуствуваат на Господаровата вечера сѐ додека има живи помазани христијани на Земјата. Всушност, „другите овци“ ги покануваат сите да присуствуваат на Спомен-свеченоста заедно со нив.

15. Како може секој од нас да ги слави Бог и Христос на Спомен-свеченоста?

15 На Спомен-свеченоста имаме можност да ги славиме Бог и Христос со песна и со молитва. Говорот што ќе биде оддржан оваа година е со наслов: „Биди благодарен за она што Бог и Христос го направиле за тебе“. Тој уште повеќе ќе го продлабочи нашето ценење за Јехова и за Христос. Додека се подаваат симболите, сите ние што ќе присуствуваме ќе се потсетиме на она што тие го претставуваат — телото и крвта на Исус. Ќе бидеме потсетени дека Јехова дозволил неговиот Син да умре наместо нас за да може ние да имаме живот (Мат. 20:28). Сите што ги сакаат нашиот небесен Татко и неговиот Син ќе присуствуваат на Спомен-свеченоста.

БИДИ МУ БЛАГОДАРЕН НА ЈЕХОВА ЗА НАДЕЖТА ШТО ТИ ЈА ДАЛ

16. Какви сличности има меѓу помазаните христијани и „другите овци“?

16 Помазаните христијани и „другите овци“ немаат различна вредност во Божји очи. И двете групи се еднакво скапоцени за него. Тој платил иста цена — го дал животот на својот најмил Син за да ги откупи и помазаните христијани и „другите овци“. Разликата меѓу овие две групи е во тоа што имаат различна надеж. И двете групи мора да им останат верни на Бог и на Христос (Пс. 31:23). И не заборавај дека Бог ни дава на сите свет дух во склад со нашите потреби, без оглед на тоа дали сме помазани или не.

17. Што очекуваат со нетрпение помазаните христијани кои сѐ уште се на Земјата?

17 Помазаните христијани не се раѓаат со небесна надеж. Бог им ја всадува во срцето. Тие размислуваат за својата надеж, се молат во врска со неа и едвај чекаат да ја добијат својата награда на небото. Помазаниците не можат воопшто да си замислат какво ќе биде нивното духовно тело (Фил. 3:20, 21; 1. Јов. 3:2). И покрај тоа, со нетрпение очекуваат да се сретнат со Јехова, со Исус, со ангелите и со останатите помазаници. Тие копнеат да бидат заедно со нив во небесното Царство.

18. Што очекуваат со нетрпение „другите овци“?

18 „Другите овци“ имаат надеж дека ќе живеат засекогаш на Земјата. Тоа е желба што ја има секој човек (Проп. 3:11). Тие со нетрпение го очекуваат денот кога ќе можат да ја претворат целата Земја во рај. Копнеат да дојде времето кога ќе можат да градат куќи, да садат градини и да имаат деца кои ќе бидат совршено здрави (Иса. 65:21-23). Со душа чекаат да ја истражуваат Земјата — планините, шумите и морињата — и да ги проучуваат сите Јеховини творби. Но, најмногу од сѐ се радуваат затоа што нивното пријателство со Јехова ќе станува сѐ поблиско и поцврсто.

19. Што може да прави секој од нас на Спомен-свеченоста, и кога ќе се одржи тој настан оваа година?

19 Јехова му дал на секој свој слуга прекрасна надеж за иднината (Ерем. 29:11). На Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт имаме посебна можност да ги славиме Бог и Христос за сето она што го направиле за нас за да имаме бескраен живот. Без сомнение, ова е најважниот настан на кој вистинските христијани присуствуваат секоја година. Во 2021 год. тој ќе се оддржи по зајдисонце во сабота, на 27 март. Многумина живеат во места каде што можат слободно да присуствуваат на овој настан. Други ќе го одбележат и покрај тоа што се соочуваат со противење. Некои ќе мораат да го оддржат во затвор. Како и да е, да имаме на ум дека Јехова, Исус и небесниот дел од Божјето семејство внимателно нѐ набљудуваат. Од сѐ срце посакуваме секое собрание, група и поединец во мир да ја одбележи Спомен-свеченоста.

ПЕСНА 150 Да го бараме Бог, нашиот моќен Спасител

^ пас. 5 Сабота 27 март 2021 год. ќе биде посебен ден за Јеховините сведоци. Таа вечер ќе ја одбележиме Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт. Повеќето од оние што ќе присуствуваат на овој настан се дел од групата која Исус ја нарекол „други овци“. Што сфатиле Јеховините сведоци во врска со таа група во 1935 год.? Каква прекрасна иднина ги чека „другите овци“ откако ќе помине големата неволја? И, додека присуствуваат на Спомен-свеченоста, како можат „другите овци“ да ги слават Бог и Христос?

^ пас. 2 ПОЈАСНУВАЊЕ: Во „другите овци“ спаѓаат оние што Бог ги собира во текот на последните денови. Тие го следат Христос и имаат надеж дека ќе живеат вечно на Земјата. Во големото мноштво спаѓаат оние од „другите овци“ кои ќе бидат живи кога Христос ќе им суди на луѓето во текот на големата неволја, и кои ќе го преживеат Армагедон.