Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Научивме да ги прифаќаме сите задачи од Јехова

Научивме да ги прифаќаме сите задачи од Јехова

ПО ЕДНО големо невреме, се наоѓавме пред една река која беше каллива и надојдена, и која влечеше големи камења. Требаше да преминеме од другата страна, но мостот беше срушен од разбеснетите води. Јас, маж ми Харви и нашиот преведувач на јазикот амис, бевме исплашени и се чувствувавме беспомошно. Со нашата мала кола се качивме на еден камион, кој не беше многу поголем од неа. Колата не беше прицврстена ниту со јажиња, ниту со ланци. Додека камионот полека навлегуваше во надојдената река, на брегот од другата страна браќата нѐ гледаа загрижено. Тие моменти ни изгледаа како цела вечност. Цело време сесрдно го молевме Јехова да ни помогне, и на крајот безбедно излеговме од другата страна. Ова се случи во 1971 год. на источниот брег на Тајван, илјадници километри од нашето родно место. Дозволете ми да ви ја раскажам нашата животна приказна.

ПОЧЕТОК НА НАШЕТО ПРИЈАТЕЛСТВО СО ЈЕХОВА

Семејството на Харви ја дознало вистината во Мидланд Џанкшн (Западна Австралија), во текот на големата економска криза која го зафати светот во 1930-тите. Харви беше најстариот од четворица браќа. Уште од мал го засакал Јехова и се крстил кога имал 14 години. Кратко потоа научил дека треба да ја прифаќа секоја задача што ќе му биде дадена. Во една прилика, кога еден брат го замолил да чита статија од Стражарска кула на состанок, тој одбил бидејќи мислел дека не може добро да го направи тоа. Но, братот му помогнал да размислува поинаку. Тој му рекол: „Кога некој во Јеховината организација ќе те замоли да направиш нешто, тој смета дека можеш да го направиш тоа“ (2. Кор. 3:5).

Јас ја дознав вистината во Англија, заедно со мајка ми и мојата најстара сестра. Се крстив кога имав само девет години и покрај тоа што татко ми не го одобруваше тоа. Во почетокот тој не ги сакаше Јеховините сведоци, но подоцна и самиот стана Сведок. Си поставив за цел да служам како пионер, а потоа и како мисионер. Но, татко ми не сакаше да ми дозволи да служам како пионер сѐ додека не наполнам 21 год. Јас немав намера да чекам толку долго. Затоа, кога имав само 16 год., со дозвола од татко ми, заминав за Австралија да живеам кај мојата најстара сестра, која веќе се имаше преселено таму. Конечно, кога наполнив 18 год., почнав да служам како пионер.

На денот на нашата венчавка во 1951 год.

Во Австралија се запознав со Харви. И двајцата сакавме да му служиме на Јехова како мисионери. Се венчавме во 1951 год. Откако бевме пионери две години, добивме задача да служиме во покраинското дело. Нашата покраина во Западна Австралија беше многу голема, и затоа моравме да возиме со часови низ сушни и ненаселени подрачја.

СЕ ИСПОЛНУВА НАШИОТ СОН

Нашето дипломирање на Школата Гилеад во 1955 год.

Во 1954 год., бевме поканети да присуствуваме на 25. клас на Школата Гилеад. Нашиот сон да станеме мисионери почна да се исполнува. До Њујорк патувавме со брод. Освен што длабоко ја проучувавме Библијата, на Школата моравме да учиме и шпански. На Харви му беше тешко да го учи тој јазик бидејќи не можеше лесно да ја изговара буквата „р“.

За време на Школата, инструкторите нѐ известија дека оние што сакаат да служат во Јапонија можат да се пријават на курс по јапонски јазик. Јас и Харви решивме Јеховината организација да одлучи каде ќе служиме. Кратко потоа, брат Алберт Шредер, еден од инструкторите на Гилеад, забележа дека не се пријавивме на курсот по јапонски јазик. Тој ни рече: „Размислете малку повеќе за тоа“. По некое време, бидејќи сѐ уште немавме одлучено што ќе правиме, брат Шредер ни рече: „Јас и другите инструктори ве пријавивме на курсот по јапонски. Пробајте да го научите тој јазик“. На Харви му беше полесно да ги изговара зборовите на јапонски.

Во Јапонија пристигнавме во 1955 год. Харви имаше 26, а јас 24 години. Тогаш во земјата имаше само 500 објавители. Бевме испратени да служиме во градот Кобе, каде што останавме четири години. Потоа многу се израдувавме кога нѐ замолија повторно да служиме во патувачкото дело, овој пат во близина на градот Нагоја. Уживавме во сѐ што беше поврзано со нашата задача — браќата, храната и природата. Но, кратко потоа имавме можност да прифатиме уште една задача од Јехова.

НОВА ЗАДАЧА СО НОВИ ПРЕДИЗВИЦИ

Јас и Харви, заедно со други мисионери во Кобе (Јапонија), во 1957 год.

Откако служевме три години во патувачкото дело, подружницата во Јапонија нѐ праша дали би сакале да одиме во Тајван за да им проповедаме на луѓето од племето Амис. Бидејќи некои од браќата во Тајван станале отпадници, на тамошната подружница ѝ беше потребен брат кој течно зборува јапонски и кој ќе помогне да се спречи ширењето на отпадништвото. * Тоа беше тешка одлука за нас, бидејќи многу ја сакавме службата во Јапонија. Но, Харви веќе имаше научено да не ги одбива теократските задачи, и затоа се согласивме да се преселиме на Тајван.

Во Тајван пристигнавме во ноември во 1962 год. Таму имаше 2.271 објавител, од кои повеќето беа од племето Амис. Сепак, требаше да научиме и кинески. Иако имавме само еден учебник и учител кој не зборуваше англиски, сепак успеавме да научиме кинески.

Кратко откако пристигнавме во Тајван, Харви доби задача да служи како надгледник на подружницата. Бидејќи подружницата беше мала, Харви успеваше да ја заврши сета канцелариска работа за една седмица. Така можеше останатите три седмици во месецот да оди во служба со браќата од племето Амис. Одвреме-навреме служеше и како областен надгледник, и често држеше говори на покраинските собири. Харви можеше да држи говори на јапонски, и браќата од племето Амис можеа да го разберат. Но, властите дозволуваа верските состаноци да се одржуваат само на кинески. Затоа Харви мораше да држи говори на кинески, иако сѐ уште не го зборуваше добро тој јазик, а еден брат преведуваше на јазикот Амис.

Бидејќи во тоа време Тајван беше во вонредна состојба, и браќата мораа да добијат дозвола од властите за да одржуваат собири. Воопшто не беше лесно да се добиваат вакви дозволи, и полицијата честопати го одложуваше нивното издавање. Доколку полицијата не ни имаше дадено дозвола до седмицата кога требаше да се одржи некој собир, Харви ќе седнеше во полициската станица и ќе чекаше додека не му ја дадеа. Оваа тактика успеваше бидејќи на полицијата ѝ беше срам еден странец да чека во станицата.

МОЕТО ПРВО ИСКАЧУВАЊЕ НА ПЛАНИНА

Преминуваме преку една плитка река во Тајван за да одиме во служба

Во текот на седмиците кога проповедавме со браќата, обично пешачевме со часови, при што се искачувавме на планини и преминувавме преку реки. Сѐ уште не можам да го заборавам моето прво искачување на планина. Тоа утро, откако набрзина појадувавме, се качивме на автобус, и во 5:30 часот тргнавме кон едно далечно село. Потоа, откако пешки преминавме преку една широка река, почнавме да се искачуваме по една стрмна планина. Планината беше толку стрмна што стапалата на братот кој одеше пред мене беа точно пред моите очи.

Цело претпладне Харви проповедаше заедно со некои локални браќа, а јас сведочев сама во едно селце во кое луѓето зборуваа јапонски. Некаде околу еден часот попладне се чувствував многу исцрпено бидејќи немав јадено веќе неколку часа. Кога конечно се сретнавме со Харви, со него повеќе немаше ниту еден брат. Претходно тој разменил неколку списанија за три јајца од кокошка. Харви направи дупче во едно јајце и ми покажа како можам да го испијам. Иако тоа не ми изгледаше многу примамливо, и јас испив едно. А кој го испи третото јајце? Харви ми го даде мене, бидејќи знаеше дека нема да може да ме носи надолу по планината доколку се онесвестам од глад.

КАПЕЊЕ ВО НЕОБИЧНИ ОКОЛНОСТИ

За време на еден покраински собир, доживеав едно необично искуство. Престојувавме во куќата на еден брат, која се наоѓаше веднаш до салата за состаноци. Бидејќи за луѓето од племето Амис капењето е особено важно, жената на покраинскиот надгледник ги подготви потребните работи за да се искапеме. Харви беше зафатен, и затоа ме замоли прво јас да се искапам. Бањата се состоеше од кофа со ладна вода, кофа со жешка вода и од едно празно корито. Многу се изненадив кога сестрата ги стави тие работи во дворот на куќата, бидејќи тоа место се гледаше од салата за состаноци во која браќата помагаа околу подготовките за собирот. Затоа ја замолив да ми даде некаква завеса, а таа ми донесе проѕирен најлон. Си мислев да отидам зад куќата, но таму имаше неколку гуски кои можеа да ме исколваат. Затоа си реков: „Браќата се премногу зафатени за да забележат дека се капам, а ако не го направам тоа, домаќините ќе се навредат“. Затоа решив да се искапам.

Јас и Харви во традиционална облека на племето Амис

ПУБЛИКАЦИИ НА ЈАЗИКОТ АМИС

Харви сфати дека на браќата од племето Амис им е тешко да изградат цврста вера бидејќи голем број од нив не знаеја да читаат и немаше публикации на нивниот јазик. Бидејќи јазикот Амис од неодамна имаше добиено пишан облик, сметавме дека е важно да им помогнеме на браќата да научат да читаат на својот јазик. За тоа беше потребен голем труд, но со текот на времето браќата можеа сами да проучуваат и да учат за Јехова. Првите публикации на јазикот Амис почнаа да излегуваат во 1966 год., а во 1968 год. почна да излегува и Стражарска кула.

Но, властите ни забранија да користиме публикации кои не се на кинески. За да избегнеме проблеми, Стражарска кула на јазикот Амис излегуваше во различни облици. На пример, некое време статиите во Стражарска кула беа напишани и на кинески и на јазикот Амис. Така изгледаше дека го користиме ова списание за да му помогнеме на локалното население да научи кинески. Оттогаш наваму, Јеховината организација издаде многу публикации на јазикот Амис за да им помогне на тие мили луѓе да ја дознаат библиската вистина (Дела 10:34, 35).

ПЕРИОД НА ПРЕЧИСТУВАЊЕ

Во текот на 1960-тите и 1970-тите многу браќа од племето Амис не живееја според Божјите мерила. Бидејќи не ги разбираа во потполност библиските начела, некои живееја неморално, пушеа, се опиваа или џвакаа бетелов орев. Додека ги посетуваше собранијата, Харви се трудеше да им помогне на браќата да разберат како гледа Јехова на овие работи. На едно такво патување го доживеавме она што го раскажав на почетокот.

Понизните браќа беа спремни да прават промени. За жал, многумина не сакаа да се менуваат, и затоа во период од 20 години бројот на објавители во Тајван се намали од преку 2.450 на околу 900. Ова беше многу обесхрабрувачки. Сепак, знаевме дека Јехова никогаш нема да благослови една нечиста организација (2. Кор. 7:1). По некое време, собранијата почнаа да му служат на Јехова на исправен начин. И, благодарение на неговиот благослов, сега во Тајван има повеќе од 11.000 објавители.

Некое време по 1980 год., можевме да видиме како се подобрува духовната состојба на браќата и сестрите од собранијата на јазикот Амис. Тоа му овозможи на Харви да минува повеќе време со Кинезите. Тој беше многу среќен што можеше да им помогне на сопрузите на неколку сестри да станат Јеховини сведоци. Еднаш ми кажа колку се израдувал кога еден од овие мажи за првпат му се молел на Јехова. И јас се радувам што можев да им помогнам на многу лица да го запознаат Бог. Дури имав можност да служам во подружницата на Тајван заедно со синот и ќерката на една од жените со кои ја проучував Библијата.

ГОЛЕМА ЗАГУБА

За жал, по речиси 59 години брак, останав без мојот брачен другар. Мојот драг Харви ја изгуби битката со ракот и почина на 1 јануари 2010 год. Во полновремена служба помина речиси 60 години. Сѐ уште многу ми недостига, но многу сум среќна што заедно со него можевме да служиме во две прекрасни земји уште од самите почетоци на делото. Научивме да зборуваме два тешки азиски јазика, а Харви научи и да пишува на нив.

По неколку години, Водечкото тело одлучи дека, поради мојата возраст, ќе биде најдобро да се вратам во Австралија. Прво си помислив: „Не сакам да си одам од Тајван“. Но, Харви ме научи секогаш да го прифаќам она што Јеховината организација го бара од мене, и затоа заминав. Подоцна сфатив колку беше мудра таа одлука.

Се радувам што можам да водам обиколки во Бетел на јапонски и на кинески јазик

Сега служам во подружницата Австралазија. Се радувам што можам во Бетел да водам обиколки на јапонски и на кинески јазик. За време на викендите проповедам заедно со браќата и сестрите од едно локално собрание. Со душа го чекам воскресението што го ветил Јехова. Уверена сум дека тој нема да го заборави Харви, кој секогаш ги прифаќаше задачите од Божјата организација (Јован 5:28, 29).

^ пас. 14 Иако сега на Тајван службен јазик е кинескиот, претходно со децении беше јапонскиот. Затоа многу племиња на Тајван зборуваа и јапонски.