Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 5

„Глава на секој маж е Христос“

„Глава на секој маж е Христос“

Глава на секој маж е Христос (1. КОР. 11:3)

ПЕСНА 12 Јехова е величествен Бог

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Кои работи можат да влијаат врз начинот на кој еден маж гледа на поглаварството?

ШТО помислуваш кога ќе го слушнеш зборот „поглаварство“? Некои мажи дозволуваат традицијата, културата или нивното домашно воспитание да влијаат врз начинот на кој постапуваат со жената и со децата. Забележи што вели Јанита, една сестра која живее во Европа: „Во мојот крај владее длабоко вкоренето гледиште дека жените се помалку вредни од мажите и дека на нив треба да се гледа како на обични слугинки“. А еден брат по име Лука, кој живее во САД, вели: „Некои татковци ги учат синовите дека жената треба да биде слика без тон и безгласна буква, односно дека нејзиното мислење не е важно“. Но, таквите ставови не го одразуваат Јеховиното гледиште за поглаварството. Бог не сака мажите да постапуваат на таков начин со своите жени. (Спореди со Марко 7:13.) Тогаш, како може еден маж добро да ја извршува својата улога како глава на семејството?

2. Што мора да знае еден маж кој е глава на семејството, и зошто?

2 За да може добро да си ја извршува својата улога како глава на семејството, мажот најпрво мора да сфати што очекува Јехова од него. Исто така, треба да знае зошто Бог го дал начелото за поглаварство. И, што е уште поважно, треба да научи да го следи примерот на Јехова и на Исус. Зошто мажот треба да ги знае овие работи? Затоа што Јехова му дал — како глава на семејството — одредени одговорности и овластувања, и очекува од него да ги извршува на исправен начин (Лука 12:48б).

ШТО Е ПОГЛАВАРСТВО?

3. Што учиме за поглаварството од она што е запишано во 1. Коринќаните 11:3?

3 Прочитај 1. Коринќаните 11:3. Овој стих објаснува на кој начин Јехова го организирал своето семејство на небото и на Земјата. Како „глава“ на тоа семејство, тој има апсолутна власт. Сепак, преку начелото за поглаварство, Јехова им доверил одредени овластувања и на други — на ангелите и на луѓето. Сите тие ќе одговараат пред него за начинот на кој ги спроведуваат доверените овластувања (Рим. 14:10; Еф. 3:14, 15). Јехова го овластил Исус да се грижи за собранието, но Исус ќе одговара пред Јехова за начинот на кој постапува со нас (1. Кор. 15:27). Бог го овластил и мажот да се грижи за својата жена и за своите деца, но тој ќе одговара и пред Јехова и пред Исус за начинот на кој постапува со своето семејство (1. Пет. 3:7).

4. Какво право имаат Јехова и Исус?

4 Како глава на своето семејство, Јехова има право да поставува правила за тоа како да се однесуваат неговите деца, и има право да се погрижи тие правила да се спроведат (Иса. 33:22). Исус како глава на христијанското собрание исто така има право да поставува и да спроведува правила (Гал. 6:2; Кол. 1:18-20).

5. Какво право, но и какви ограничувања има мажот кој е глава на едно христијанско семејство?

5 Исто како Јехова и Исус, мажот кој е глава на семејството има право да донесува одлуки за својата жена и своите деца (Рим. 7:2; Еф. 6:4). Сепак, тој има ограничени овластувања. На пример, правилата што ги поставува во својот дом треба да се темелат на начелата од Божјата Реч (Изр. 3:5, 6). И, мажот нема право да поставува правила за оние што не се дел од неговото семејство (Рим. 14:4). Освен тоа, кога ќе пораснат и кога ќе си заминат од дома, неговите синови или ќерки и понатаму го почитуваат, но тој повеќе не е глава над нив (Мат. 19:5).

ЗОШТО ЈЕХОВА ГО ДАЛ НАЧЕЛОТО ЗА ПОГЛАВАРСТВО?

6. Зошто Јехова го дал начелото за поглаварство?

6 Јехова го дал начелото за поглаварство од љубов кон своето семејство. Тоа е дар од него. Благодарение на ова начело, во неговото семејство владее ред и мир (1. Кор. 14:33, 40). Кога начелото за поглаварство не би било јасно дефинирано, Божјето семејство би било неорганизирано и несреќно. На пример, никој не би знаел кој треба да донесува конечни одлуки и кој треба да предводи во спроведувањето на тие одлуки.

7. Според Ефешаните 5:25, 28, дали Јехова имал намера мажите да господарат над жените?

7 Ако начелото за поглаварство кое го дал Бог е толку корисно, тогаш зошто многу жени имаат чувство дека нивните мажи постапуваат сурово со нив и дека господарат над нив? Причината е што многу мажи не постапуваат во склад со мерилата што Јехова ги дал за семејството, туку ги следат локалните обичаи или традиции. Исто така, можеби ги малтретираат своите жени од себични причини. На пример, еден маж може да господари над својата жена затоа што сака да се прави важен пред другите или сака да им докаже дека е „вистински маж“. Можеби е свесен дека не може да ја присили својата жена да го сака, но може да ја натера да се плаши од него. А потоа, може да го користи тој страв за да ја контролира. * Таквото размислување и постапување е сосема спротивно на она што Јехова го очекува од мажите, бидејќи на тој начин не ѝ ги искажуваат на жената честа и почитта што таа ги заслужува. (Прочитај Ефешаните 5:25, 28.)

КАКО МАЖОТ МОЖЕ ДА БИДЕ ДОБАР СОПРУГ И ТАТКО?

8. Како еден маж може да научи добро да ја извршува улогата на глава на семејството?

8 Еден маж може да научи добро да ја извршува својата улога како глава на семејството ако во овој поглед го следи примерот на Јехова и на Исус. Да разгледаме само две особини што тие ги покажуваат, и да видиме како еден сопруг и татко може да ги покажува овие особини во начинот на кој се однесува со жената и децата.

9. Како Јехова покажува понизност?

9 Понизност. Иако е најмудрата личност што постои, Јехова е спремен да го сослуша мислењето на своите слуги (1. Мој. 18:23, 24, 32). Тој им дозволува на оние што се под негова власт да даваат предлози (1. Цар. 22:19-22). Иако е совршен, Јехова не очекува совршенство од нас. Наместо тоа, тој им помага на несовршените луѓе да бидат успешни во она што го прават (Пс. 113:6, 7). Всушност, Библијата дури го опишува Јехова како „помошник“ (Пс. 30:10; Евр. 13:6). Цар Давид признал дека сето она што го постигнал било можно само благодарение на понизноста на Јехова (2. Сам. 22:36).

10. Како Исус покажал понизност?

10 Размисли за примерот на Исус. Иако им бил Господар на своите ученици, тој им ги измил нозете. Зошто Јехова дозволил овој извештај да се зачува во Библијата? Без сомнение, за да ни покаже на сите — вклучувајќи ги и главите на семејствата — на кој начин треба да постапуваме. Самиот Исус рекол: „Ви дадов пример и вие да правите така како што ви направив јас“ (Јован 13:12-17). Иако имал огромна власт, Исус не очекувал од другите да му служат. Наместо тоа, тој им служел на луѓето (Мат. 20:28)

Еден сопруг и татко може да покаже понизност и љубов така што ќе работи низ дома и ќе се грижи за духовните потреби на своето семејство (Види во пасуси 11, 13)

11. Што можат да научат главите на семејствата за понизноста од примерот на Јехова и на Исус?

11 Поуки за нас. Мажот кој е глава на семејството може да покажува понизност на многу начини. На пример, тој не очекува совршенство од жената и од децата. Спремен е да го сослуша нивното мислење дури и кога се разликува од неговото. Марли, која живее во САД, вели: „Јас и маж ми понекогаш имаме различно мислење. Но, знам дека ме цени и дека ме почитува затоа што ме прашува што мислам и внимателно размислува за тоа пред да донесе одлука“. Освен тоа, еден понизен сопруг е спремен да работи низ дома дури и кога другите во неговата средина сметаат дека тоа е женска работа. Ова не е секогаш лесно. Зошто? Една сестра по име Рејчел вели: „Во мојата култура, ако еден маж ѝ помага на својата жена да ги измие садовите или да чисти низ дома, соседите и роднините ќе мислат дека тој не е ’вистински маж‘ и дека жената ги држи конците во свои раце“. Ако ваквиот став преовладува и онаму каде што живееш ти, сети се дека Исус им ги измил нозете на учениците иако тоа се сметало за работа што треба да ја извршува еден роб. Наместо да му е најважно да остави убав впечаток кај другите, на еден добар сопруг и татко му е најважно неговата жена и неговите деца да се чувствуваат убаво. Освен понизноста, која друга особина мора да ја има еден добар сопруг и татко?

12. Што сѐ направиле Јехова и Исус поттикнати од љубов?

12 Љубов. Сѐ што прави Јехова е поттикнато од љубов (1. Јов. 4:7, 8). Тој со љубов се грижи за нашите духовни потреби преку својата пишана Реч, Библијата, и преку својата организација. Тој се грижи и за нашите емоционални потреби така што нѐ уверува дека нѐ сака. Дали се грижи и за нашите материјални потреби? Да. Библијата вели дека Јехова „богато ни дава сѐ за да уживаме во тоа“ (1. Тим. 6:17). Кога правиме грешки, тој нѐ исправа, но не престанува да нѐ сака. Од љубов Јехова ја обезбедил откупнината за нас. И Исус нѐ сака толку многу што го дал својот живот за нас (Јован 3:16; 15:13). Ништо не може да ја раскине врската на љубов што постои помеѓу Јехова и Исус, и сите оние што им се верни (Јован 13:1; Рим. 8:35, 38, 39).

13. Зошто е важно сопругот и таткото да покажува љубов кон своето семејство? (Види ја и рамката „ Како еден маж кој стапува во брак може да ја стекне почитта на својата жена?“)

13 Поуки за нас. Сѐ што прави мажот, кој е глава на семејството, треба да биде поттикнато од љубов. Зошто ова е толку важно? Апостол Јован го дава одговорот. Тој напишал: „Кој не го сака својот брат [или семејството], кого го гледа, не може да го сака Бог, кого не го гледа“ (1. Јов. 4:11, 20). Мажот кој си го сака своето семејство и кој сака да го следи примерот на Јехова и на Исус, ќе се грижи за духовните, емоционалните и материјалните потреби на своите домашни (1. Тим. 5:8). Тој ќе ги воспитува и ќе ги исправа своите деца. Освен тоа, ќе се труди и понатаму да донесува одлуки со кои ќе му носи чест на Јехова и кои ќе бидат за доброто на неговото семејство. Да го разгледаме секое од овие барања и да видиме како мажот, кој е глава на семејството, може да го следи примерот на Јехова и на Исус.

ШТО СЕ ОЧЕКУВА ОД ГЛАВАТА НА СЕМЕЈСТВОТО

14. Како главата на семејството се грижи за духовните потреби на своите домашни?

14 Треба да се грижи за духовните потреби на своето семејство. Исто како на неговиот Татко, и на Исус му било важно неговите ученици да бидат нахранети во духовен поглед (Мат. 5:3, 6; Мар. 6:34). Слично на тоа, главата на семејството пред сѐ треба да се грижи за духовните потреби на жената и децата (5. Мој. 6:6-9). Тој го прави ова така што се труди да ја чита и да ја проучува Библијата заедно со своето семејство, да присуствуваат на состаноците, да ја проповедаат добрата вест и да останат блиски пријатели со Јехова.

15. На кој начин главата на семејството треба да се грижи за емоционалните потреби на своите домашни?

15 Треба да се грижи за емоционалните потреби на своето семејство. Јехова отворено кажал дека го сака Исус (Мат. 3:17). И Исус покажувал дека ги сака своите ученици и со она што го правел и со она што го зборувал. Исто така, и неговите ученици му кажувале дека го сакаат (Јован 15:9, 12, 13; 21:16). Еден сопруг и татко може да им покаже на својата жена и на своите деца дека ги сака со она што го прави, на пример, така што ќе ја проучува Библијата со нив. Освен тоа, треба да им кажува дека ги сака и дека ги цени и, кога е соодветно, да ги пофалува пред другите (Изр. 31:28, 29).

За да му угоди на Јехова, сопругот и таткото мора да се грижи за материјалните потреби на своето семејство (Види во пасус 16)

16. Што друго мора да прави мажот како глава на семејството, и како може да остане урамнотежен?

16 Треба да се грижи за материјалните потреби на своето семејство. Јехова се грижел за основните потреби на Израелците дури и кога трпеле казна за својата непослушност (5. Мој. 2:7; 29:5). Тој се грижи и за нашите основни потреби денес (Мат. 6:31-33; 7:11). Слично на тоа, и Исус ги хранел оние што оделе по него (Мат. 14:17-20). Освен тоа, се грижел и за нивното физичко здравје (Мат. 4:24). За да му угоди на Јехова, мажот како глава на семејството мора да се грижи во материјален поглед за својата жена и за своите деца. Сепак, треба да биде урамнотежен. Не треба толку да се преокупира со световна работа за да го издржува семејството што ќе пропушти соодветно да се грижи за духовните и емоционалните потреби на своите домашни.

17. Како Јехова и Исус ни даваат водство и нѐ советуваат?

17 Треба со љубов да им дава водство и да ги советува. Јехова нѐ поучува и нѐ советува имајќи на ум што е најдобро за нас (Евр. 12:7-9). Исто како својот Татко, Исус со љубов ги поучува оние што му се доверени (Јован 15:14, 15). Иако понекогаш дава строг совет, тој е добар и љубезен (Мат. 20:24-28). Сфаќа дека сме несовршени и дека сме склони да правиме грешки (Мат. 26:41).

18. За што е свесен еден добар сопруг и татко?

18 Сопругот и таткото, кој го следи примерот на Јехова и на Исус, е свесен дека членовите на неговото семејство се несовршени. Тој не се гневи на жената и на децата (Кол. 3:19). Наместо тоа, го применува начелото запишано во Галатите 6:1 и се труди да ги исправа во „дух на благост“, имајќи на ум дека и самиот тој е несовршен. Исто како Исус, тој сфаќа дека најдобро може да ги поучи со својот личен пример (1. Пет. 2:21).

19-20. Како може еден маж да го следи примерот на Јехова и на Исус кога донесува одлуки?

19 Треба да донесува несебични одлуки. Јехова донесува одлуки кои се за доброто на другите. На пример, тој одлучил да го создаде животот не за своја корист туку затоа што сакал и ние да му се радуваме на животот. Никој не можел да го присили да го даде својот Син како откупнина за нашите гревови. Тој спремно одлучил да ја направи таа жртва за наше добро. И Исус донесувал одлуки кои главно биле за доброто на другите (Рим. 15:3). Во една прилика, кога бил уморен, тој решил да го жртвува својот одмор за да може да го поучува мноштвото (Мар. 6:31-34).

20 Еден добар сопруг и татко знае дека една од најтешките работи што мора да ги прави е да донесува мудри одлуки за своето семејство, и тој сериозно ја сфаќа оваа одговорност. Тој се труди да не донесува самоволни одлуки или, пак, одлуки според неговото моментално расположение. Наместо тоа, дозволува Јехова да го поучи како да донесува добри одлуки * (Изр. 2:6, 7). На тој начин покажува дека не се грижи само за себе туку и за другите (Фил. 2:4).

21. Што ќе разгледаме во следната статија?

21 Јехова им дал на мажите кои се глави на семејството една тешка задача. Тие ќе одговараат пред него за тоа како ја извршуваат. Но, ако сопругот се труди да го следи примерот на Јехова и на Исус, тој ќе го предводи своето семејство на добар начин. Ако и сопругата ја исполнува својата улога, тие ќе имаат среќен брак. Како треба жената да гледа на начелото за поглаварство, и кои работи можеби ќе бидат предизвик за неа? Овие прашања ќе бидат одговорени во следната статија.

ПЕСНА 16 Фалете го Бог за Исус, небесниот Цар

^ пас. 5 Кога еден маж ќе стапи во брак, тој станува глава на новото семејство. Во оваа статија ќе го разгледаме начелото за поглаварство, ќе видиме зошто Јехова го поставил, и што можат да научат мажите од примерот на Јехова и на Исус. Во втората статија ќе разгледаме што можат да научат мажот и жената од Исус, и од примерот на некои други личности во Библијата. Во третата статија ќе видиме како треба исправно да се применува начелото за поглаварство во собранието.

^ пас. 7 Ставот дека е прифатливо еден маж да ја малтретира својата жена, па дури и да ја тепа, понекогаш се прикажува како нешто најнормално во филмови, во театарски претстави, па дури и во стрипови. Од таа причина, некои луѓе мислат дека не е погрешно мажот да господари над својата жена.

^ пас. 20 Повеќе информации за тоа како да донесуваш добри одлуки има во статијата „Донесувај одлуки со кои ќе го славиш Бог“, која излезе во Стражарска кула од 15 април 2011, на страници 13-17.