Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 12

Љубовта ни помага да ја поднесеме омразата

Љубовта ни помага да ја поднесеме омразата

Ова ви го заповедам: сакајте се еден со друг! Ако светот ве мрази, знајте дека мене ме мразеше пред вас (ЈОВАН 15:17, 18)

ПЕСНА 129 Да истраеме до крајот

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Според Матеј 24:9, зошто не треба да бидеме изненадени ако светот нѐ мрази?

ЈЕХОВА нѐ создал за да сакаме и да бидеме сакани. Затоа, кога некој нѐ мрази чувствуваме болка, а можеби дури и страв. На пример, една сестра по име Џорџина која живее во Европа вели: „Кога имав 14 години мајка ми ме замрази затоа што сакав да му служам на Јехова. Се чувствував отфрлено и почнав да си мислам дека не сум добра личност“. * Еден брат по име Данило напишал: „Кога војниците ме удираа, ме навредуваа и ми се закануваа затоа што сум Јеховин сведок, се чувствував уплашено и понижено“. Кога некој покажува таква омраза кон нас, тоа ни причинува голема болка, но не нѐ изненадува. Исус прорекол дека луѓето ќе нѐ мразат. (Прочитај Матеј 24:9.)

2-3. Зошто луѓето ги мразат следбениците на Исус?

2 Светот ги мрази следбениците на Исус. Зошто? Затоа што, исто како него, ние не сме „дел од светот“ (Јован 15:17-19). Поради тоа, иако ги почитуваме човечките власти, ние сме политички неутрални, не го поздравуваме знамето и не ја пееме државната химна. Ние сме му оддадени само на Јехова. Сметаме дека единствено Бог има право да владее над човештвото — право кое Сатана и неговото потомство го оспоруваат со сите сили (1. Мој. 3:1-5, 15). Ние проповедаме дека Божјето Царство е единствена надеж за луѓето и дека тоа Царство наскоро ќе ги уништи сите оние што му се противат (Дан. 2:44; Отк. 19:19-21). Таа порака е добра вест за кротките, но лоша вест за злите (Пс. 37:10, 11).

3 Луѓето нѐ мразат и затоа што живееме според Божјите праведни мерила. Овие мерила се во остра спротивност со ниските морални вредности кои преовладуваат во светот. На пример, многу луѓе денес отворено одобруваат одвратни неморални постапки, какви што имало во Содом и Гомор, градови кои Бог ги уништил (Јуда 7). Бидејќи се држиме за библиските мерила во однос на моралот, многу луѓе нѐ исмејуваат и сметаат дека сме нетолерантни (1. Пет. 4:3, 4).

4. Кои особини ни помагаат кога луѓето нѐ мразат?

4 Што може да ни помогне да истраеме кога другите нѐ мразат и нѐ навредуваат? Треба да бидеме цврсто уверени дека Јехова ќе ни помогне. Со нашата вера, како со еден голем штит, може да ги изгаснеме „сите огнени стрели на Злобниот“ (Еф. 6:16). Но, верата сама по себе не е доволна. Мора да имаме и љубов. Зошто? Бидејќи Библијата вели дека љубовта „не се раздразнува“. Ако имаме таква љубов ќе можеме да поднесеме и да истрпиме сѐ (1. Кор. 13:4-7, 13). Да видиме сега како нашата љубов кон Јехова, кон браќата и сестрите, па дури и кон нашите непријатели ни помага да ја поднесеме омразата.

ЉУБОВТА КОН ЈЕХОВА НИ ПОМАГА ДА ЈА ПОДНЕСЕМЕ ОМРАЗАТА

5. Како Исус го зајакнала љубовта што ја чувствувал кон Таткото?

5 Ноќта пред да биде погубен од своите непријатели, Исус им рекол на своите верни следбеници: „Јас правам така како што ми заповеда Таткото [бидејќи] го сакам Таткото“ (Јован 14:31). Љубовта што Исус ја чувствувал кон Јехова го зајакнала за да се соочи со испитите што му претстоеле. Нашата љубов кон Јехова може да ни помогне на ист начин.

6. Според Римјаните 5:3-5, како Јеховините слуги гледаат на тоа што светот ги мрази?

6 Љубовта кон Бог отсекогаш им помагала на неговите слуги да истраат кога биле прогонувани. На пример, кога еврејскиот судски совет кој имал огромна моќ им заповедал на апостолите да престанат да проповедаат, љубовта кон Бог ги поттикнала да му се покоруваат нему, а не на луѓето (Дела 5:29; 1. Јов. 5:3). Таквата неизмерна љубов ги зајакнува и нашите браќа денес, кои се прогонувани од немилосрдни и моќни владетели. Иако светот нѐ мрази, ние не се обесхрабруваме. Напротив, тоа за нас е чест (Дела 5:41; прочитај Римјаните 5:3-5).

7. Како треба да постапуваме кога ни се противи некој од најблиските?

7 Можеби еден од најголемите испити е противењето од членовите на нашето семејство. Кога ќе се заинтересираме за вистината, некои од нив можеби ќе мислат дека сме заведени. Други можеби ќе мислат дека сме се мрднале од умот. (Спореди со Марко 3:21.) Некои може дури и жестоко да ни се противат. Овие негативни реакции не треба да нѐ изненадат. Исус рекол: „Непријатели на човекот ќе му бидат неговите домашни“ (Мат. 10:36). Се разбира, без разлика како нашите најблиски гледаат на нас, ние не постапуваме со нив како со непријатели. Напротив, како што расте нашата љубов кон Јехова така расте и нашата љубов кон луѓето (Мат. 22:37-39). Сепак, никогаш нема да ги прекршиме Божјите закони и начела само за да му угодиме на некој човек.

Можеби ќе страдаме некое време, но Јехова секогаш ќе биде покрај нас за да нѐ теши и за да нѐ зајакнува (Види во пасуси 8-10)

8-9. Што ѝ помогнало на една сестра да истрае и покрај жестокото противење?

8 Џорџина, која беше цитирана погоре, не се откажала од Јехова и покрај жестокото противење од мајка ѝ. Таа објаснува: „Јас и мајка ми почнавме да ја проучуваме Библијата со Јеховините сведоци. Но, шест месеци подоцна, кога изразив желба да одам на состаноци, мајка ми потполно се смени. Дознав дека почнала да контактира со отпадници, и ги повторуваше нивните лажни обвиненија кога зборуваше со мене. Освен тоа, ме навредуваше, физички ме малтретираше и ми ја фрли целата литература. Кога наполнив 15 години се крстив. Мајка ми се обиде да ме натера да престанам да му служам на Јехова така што ме стави во поправен дом во кој имаше тинејџери што земаа дрога или имаа направено некое кривично дело. Особено е тешко кога противењето доаѓа од некој кој треба да те сака и да се грижи за тебе“.

9 Што ѝ помогнало на Џорџина? Таа вели: „Истиот ден кога мајка ми почна да ми се противи, само што завршив со читањето на целата Библија. Во тој момент бев целосно уверена дека ја пронајдов вистината и се чувствував многу блиска со Јехова. Често му се молев и тој ме слушаше. Додека живеев во тој дом една сестра ме покани кај неа дома, каде што заедно ја проучувавме Библијата. Целиот тој период многу ме охрабруваа браќата и сестрите кога одев на состаноци во салата. Тие ме сметаа како дел од своето семејство. Сето ова ми покажа дека Јехова е посилен од нашите противници, без оглед кои се тие“.

10. Каква доверба може да имаме во нашиот Бог, Јехова?

10 Апостол Павле напишал дека ништо не може „да нѐ одвои од Божјата љубов, која е во Христос Исус, нашиот Господар“ (Рим. 8:38, 39). Иако можеби ќе дозволи да страдаме некое време, Јехова секогаш ќе биде покрај нас за да нѐ теши и зајакнува. Како што покажува она што ѝ се случило на Џорџина, Јехова исто така ни помага преку нашето скапоцено духовно семејство.

ЉУБОВТА КОН БРАЌАТА И СЕСТРИТЕ НИ ПОМАГА ДА ЈА ПОДНЕСЕМЕ ОМРАЗАТА 

11. Како љубовта за којашто зборувал Исус во Јован 15:12, 13 им помогнала на неговите ученици? Наведи пример.

11 Ноќта пред да умре, Исус ги потсетил своите ученици дека треба да се сакаат еден со друг. (Прочитај Јован 15:12, 13.) Тој знаел дека таквата самопожртвувана љубов ќе им помогне да останат обединети и да ја поднесат омразата на светот. Размисли за собранието во Солун. Уште од самиот почеток браќата и сестрите од ова собрание биле прогонувани. Сепак, тие оставиле извонреден пример на беспрекорност и љубов (1. Сол. 1:3, 6, 7). Павле ги охрабрил да продолжат да покажуваат љубов во уште поголема мера (1. Сол. 4:9, 10). Љубовта требало да ги поттикне да ги тешат потиштените и да им помагаат на слабите (1. Сол. 5:14). Тие го послушале овој совет на Павле бидејќи во своето второ послание, кое го напишал една година подоцна, тој им рекол: „Кај сите вас се продлабочува меѓусебната љубов“ (2. Сол. 1:3-5). Љубовта им помогнала да ги поднесат неволјите и прогонството.

Христијанската љубов може да ни помогне да ја поднесеме омразата (Види во пасус 12) *

12. Како браќата и сестрите си покажувале љубов кога нивната земја била зафатена од војна?

12 Размисли за она што му се случило на Данило, кој беше спомнат погоре, и на неговата жена. Кога нивниот град бил зафатен од војна, тие продолжиле да одат на состаноци, да проповедаат колку што можат и да ја делат храната што ја имале со другите браќа и сестри. Еден ден, вооружени војници дошле кај нив дома. Данило вели: „Тие ме тераа да се откажам од мојата вера. Кога одбив да го сторам тоа, почнаа да ме тепаат и да пукаат над мојата глава, како да сакаа да ме убијат. Пред да заминат, се заканија дека ќе се вратат и дека ќе ја силуваат жена ми. Но, нашите браќа веднаш нѐ качија на воз и нѐ испратија во друг град. Никогаш нема да ја заборавам љубовта што ни ја покажаа овие мили браќа. А кога стигнавме во другиот град, тамошните браќа ни дадоа храна и ми помогнаа да најдам работа и место за живеење. Како резултат на тоа, подоцна можевме и самите да земеме кај нас други Сведоци кои бегаа од завојуваното подрачје“. Ова покажува дека христијанската љубов може да ни помогне да ја поднесеме омразата.

ЉУБОВТА КОН НЕПРИЈАТЕЛИТЕ НИ ПОМАГА ДА ЈА ПОДНЕСЕМЕ ОМРАЗАТА

13. Како светиот дух ни помага да продолжиме да му служиме на Јехова дури и кога луѓето нѐ мразат?

13 Исус ги поучил своите следбеници да ги сакаат своите непријатели (Мат. 5:44, 45). Дали ова е лесно? Во никој случај! Сепак, тоа е можно со помош на Божјиот свет дух. Освен љубовта, во плодовите на Божјиот дух спаѓаат и стрпливоста, љубезноста, благоста и самосовладувањето (Гал. 5:22, 23). Овие особини ни помагаат да ја поднесеме омразата. Многу противници го смениле својот став затоа што сопругот, сопругата, детето или соседот кои биле Сведоци ги покажувале овие особини. Многу противници дури станале наши браќа и сестри. Ако ти е тешко да ги сакаш оние што те мразат само затоа што му служиш на Јехова, моли се за свет дух (Лука 11:13). И биди уверен дека секогаш е најдобро да постапиш како што бара Бог (Изр. 3:5-7).

14-15. Како зборовите од Римјаните 12:17-21 ѝ помогнале на Јасмина да покажува љубов кон својот сопруг и покрај тоа што жестоко ѝ се противел?

14 Размисли за Јасмина, која живее на Блискиот Исток. Кога станала Јеховин сведок, нејзиниот сопруг мислел дека е заведена и се обидел да ја спречи да му служи на Бог. Тој ја навредувал и ги поттикнувал роднините, како и еден свештеник и еден гатач, да ѝ се заканат и да ја обвинат дека си го растура семејството. На еден состанок нејзиниот маж дури им се развикал на браќата и ги навредувал. Јасмина често плачела затоа што постапувал толку грубо со неа.

15 Кога одела на состаноци, нејзиното духовно семејство ја тешело и ја зајакнувало. Старешините ја поттикнале да ги примени зборовите од Римјаните 12:17-21. (Прочитај.) Јасмина вели: „Воопшто не беше лесно. Но, го молев Јехова да ми помогне и давав сѐ од себе за да го применам она што стои во Библијата. Затоа, кога маж ми пакосно фрлаше кал во кујната, јас ја чистев. Кога ме навредуваше, му одговарав благо. И кога беше болен, се грижев за него“.

Кога покажуваме љубов кон оние што нѐ прогонуваат, можеби нивното срце ќе омекне (Види во пасуси 16-17) *

16-17. Што учиш од примерот на Јасмина?

16 Јасмина била благословена затоа што продолжила да покажува љубов кон својот сопруг. Таа вели: „Маж ми стекна поголема доверба во мене затоа што знаеше дека секогаш ја зборувам вистината. Почна да ме слуша со почит кога разговарав за религија и ми вети дека повеќе нема да ми прави проблеми. Сега ме поттикнува да одам на собраниските состаноци. Нашиот брак е многу посреќен, и во нашиот дом владее мир. Се надевам дека ќе ја прифати вистината за да можеме заедно да му служиме на Јехова“.

17 Примерот на Јасмина покажува дека љубовта „сѐ поднесува... на сѐ се надева, сѐ трпи“ (1. Кор. 13:4, 7). Таа е многу посилна од омразата. Љубовта може да ги промени срцата на луѓето. А кога истрајно ја покажуваме, го радуваме Јеховиното срце. Но, дури и ако противниците продолжат да нѐ мразат, сепак можеме да бидеме среќни. Зошто?

СРЕЌНИ И ПОКРАЈ ОМРАЗАТА

18. Зошто можеме да бидеме среќни и покрај омразата?

18 Исус рекол: „Среќни сте кога луѓето ве мразат“ (Лука 6:22). Се разбира, ние не сакаме другите да нѐ мразат и не се радуваме кога сме прогонувани поради нашата вера. Тогаш, зошто може да бидеме среќни и покрај омразата? Од најмалку три причини. Прво, кога истрајуваме, ние го радуваме Бог (1. Пет. 4:13, 14). Второ, нашата вера е испитана и станува уште поцврста (1. Пет. 1:7). И трето, ќе добиеме бесценета награда — вечен живот! (Рим. 2:6, 7).

19. Зошто апостолите се радувале откако биле истепани со стапови?

19 Кратко откако Исус воскреснал, апостолите ја почувствувале среќата за која им зборувал тој. Откако биле истепани со стапови и им било заповедано да престанат да проповедаат, тие се радувале. Зошто? Затоа што биле „достојни да поднесат срам поради неговото име“ (Дела 5:40-42). Нивната љубов кон господарот Исус била посилна од стравот од непријателите. И, тие ја покажале својата љубов така што ја објавувале добрата вест „без престан“. Многу наши браќа денес продолжуваат верно да му служат на Јехова и покрај неволјите. Тие знаат дека тој никогаш нема да го заборави нивното дело и љубовта што ја покажуваат кон неговото име (Евр. 6:10).

20. Што ќе разгледаме во следната статија?

20 Светот ќе нѐ мрази сѐ додека не му биде ставен крај (Јован 15:19). Но, не треба да се плашиме. Како што ќе видиме во следната статија, Јехова ќе ги зацврсти и ќе ги чува оние што му се верни (2. Сол. 3:3). Затоа, да продолжиме да го сакаме Јехова, да ги сакаме браќата и сестрите и да ги сакаме дури и нашите непријатели. Ако сме послушни на овој совет, ќе останеме обединети и духовно јаки. Ќе му оддаваме слава на Јехова и ќе докажеме дека љубовта е многу посилна од омразата.

ПЕСНА 106 Да развиваме љубов

^ пас. 5 Во оваа статија ќе видиме како љубовта кон Јехова, кон нашите браќа и сестри, па дури и кон нашите непријатели ни помага да ја поднесеме омразата на светот. Исто така, ќе видиме зошто Исус рекол дека можеме да бидеме среќни и кога луѓето нѐ мразат.

^ пас. 1 Имињата се сменети.

^ пас. 58 ОПИС НА СЛИКАТА: Откако војниците му се заканувале на Данило, браќата им помогнале нему и на неговата жена да заминат во друг град, каде што биле срдечно пречекани.

^ пас. 60 ОПИС НА СЛИКАТА: Кога сопругот ѝ се противел на Јасмина, старешините ѝ дале мудар совет. Таа се трудела да биде добра сопруга и се грижела за него кога бил болен.