Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Што мислел апостол Павле кога рекол: „Според прописите на законот, јас умрев за законот“? (Гал. 2:19).

Павле напишал: „Според прописите на законот, јас умрев за законот за да живеам за Бог“ (Гал. 2:19).

Овие зборови на Павле се поврзани со една важна мисла која што сакал да ја истакне кога им пишал на собранијата во римската провинција Галатија. Некои од тамошните христијани биле под влијание на лажни учители. Тие учители поучувале дека, за некој да добие спасение, мора да го држи Мојсеевиот закон, особено барањето за обрежување. Но, Павле знаел дека Бог повеќе не очекувал од своите слуги да се обрежуваат. Тој изнел убедливи докази со кои ги побил тие лажни учења и им ја зајакнал верата на браќата во откупната жртва на Исус Христос (Гал. 2:4; 5:2).

На што мислел Павле кога рекол: „Јас умрев за законот“? Библијата јасно вели дека, откако некој ќе умре, тој повеќе не е свесен за ништо, односно повеќе ништо не влијае врз него (Проп. 9:5). Значи, со овие зборови, Павле сакал да каже дека Мојсеевиот закон повеќе немал никакво влијание врз него. Тој повеќе не бил под Законот. Всушност, Павле бил сигурен дека поради својата вера во откупната жртва почнал да живее за Бог.

Состојбата на Павле се сменила благодарение на Законот. Во која смисла? Тој тукушто објаснил „дека човек не се прогласува за праведен поради вршење на делата пропишани со законот, туку поради верата во Христос Исус“ (Гал. 2:16). Се разбира, Законот одиграл една важна улога. Павле им објаснил на Галатите: „Тој беше додаден за да се направат очигледни престапите, додека не дојде потомството на кое му беше дадено ветувањето“ (Гал. 3:19). Законот придонел да стане очигледно дека несовршените, грешни луѓе не можат совршено да се држат за него и дека им е потребна една совршена жртва. Значи, Законот им помогнал на луѓето да сфатат дека Исус е „потомството“. Ако некој покажувал вера во Исус Христос, Бог можел да го прогласи за праведен (Гал. 3:24). Павле бил прогласен за праведен бидејќи со помош на Законот го прифатил Исус и почнал да покажува вера во него. Така Павле умрел за Законот и почнал да живее за Бог. Врз него повеќе немал влијание Законот, туку Бог.

Павле кажал нешто слично во своето писмо до Римјаните: „Браќа мои, преку Христовото тело умревте за Законот... А сега сме ослободени од Законот, бидејќи сме мртви за она што нѐ спречуваше“ (Рим. 7:4, 6). Во овие стихови и во Галатите 2:19, Павле не зборувал за себе како за грешник кој според Законот мора да умре. Наместо тоа, тој сакал да истакне дека е ослободен. Законот повеќе немал влијание врз него и врз другите христијани кои, како него, биле ослободени преку верата во Христовата откупна жртва.